Љубовнички
Љубовнички (германски: Die Liebhaberinnen) - роман на австриската писателка Елфриде Јелинек од 1975 година.
Содржина
уредиВо романот се прикажува судбината на две сиромашни девојки: Бригите и Паула. Бригите е шивачка во текстилна фабрика и се труди да го освои електроинсталатерот Хајнц, верувајќи дека така ќе ја обезбеди својата иднина. Меѓутоа, родителите на Хајнц сметаат дека таа не е доволно добра за нивниот син. Ниту Хајнц не чувствува ништо за Бригите, туку единствено размислува за својата иднина, а таа му служи само како објект за сексуално задоволување. Иако сексуалните односи ѝ предизвикуваат одбивност, Бригите стрпливо ги поднесува, сфаќајќи ги како начин да го задржи Хајнц. Притоа, таа е толку опседната со желбата да се омажи со Хајнц, што сите околу себе ги гледа како непријатели и во неа има само омраза за луѓето. Бригите не чувствува љубов ниту кон Хајнц, понекогаш дури и го мрази, но бракот со него е нејзината крајна цел за која се бори со сите сили. Особено, таа ја мрази Сузи која ја сфаќа како своја најголема непријателка, иако таа нема никакви намери кон Хајнц. Конечно, Бригите останува бремена и Хајнц веднаш прифаќа да се ожени со неа, а таа е пресреќна зашто смета дека ја остварила својата животна цел. Поминуваат годините, а Бригите и Хајнц водат среќен и среден домаќински живот: имаат своја продавница, им се раѓа синот Харалд, а по некое време ги иселуваат родителите на Хајнц и ја преземаат нивната куќа.[1]
Петнаесетгодишната Паула живее во едно село во кое сите девојки се продавачки или домаќинки. Таа не може да се помири со вообичаената судбина и учи занает, а во меѓувреме сонува да ја пронајде својата среќна љубов. Кога го запознава простиот, но убав дрвар Ерих, таа веднаш се вљубува и веднаш ја отфрла желбата да стане шивачка, туку единствената нејзина цел е да се омажи со Ерих. Затоа, таа се обидува да го привлече Ерих, настојувајќи да им се допадне не неговите родители, но тие се против Паула. За да го придобие Ерих, Паула има сексуален однос со него и останува бремена, а кога им ја кажува веста на своите родители, тие брутално ја претепуваат. Се ближи денот кога Паула треба да се породи, но Ерих нема никаква намера да се ожени со неа. Најпосле, Паула ја раѓа ќеркичката Сузана, но ниту тоа не го менува ставот на Ерих. Сепак, по смртта на таткото на Ерих и со посредство на тетката на Паула, Ерих се согласува да ја земе Паула за жена. По неколку години, Паула и Ерих имаат две деца, но живеат сиромашно во куќата на родителите на Паула. Тие постојано се караат, Хајнц е алкохоличар, а Паула сонува да заработат за свој дом. За да заработи за стан, таа станува проститутка и Ерих се разведува од неа. Тој се враќа кај мајка му, децата живеат кај родителите на Паула, таа се вработува во селската текстилна фабрика и живее сама, несреќна и без волја за живот.[2]
Осврт кон делото
уредиВо својата рецензија, објавена во Die Weltwoche, Волфрам Кнор пишува дека своите трагични ликови Јелинек не ги прикажува со злобна иронија и со гротескен и остар јазик, туку ги оценува од студена дистанца, како со нив да си игра некој вид „монопол“. Со својот стил, таа успеала да ги разоткрие општествените ритуали и да ја изостри свеста за социјалната стварност, поради што не е оправдана левичарската забелешка дека станува збор за циничен социјал-војаеризам.[3] Хедвиг Роде во Tagesspiegel пишува дека Јелинек има шесто сетило за комичноста на непроменливото и гротеската на стилистиката. Според него, Јелинек е подоследна од сите нејзини современици, а ова дело треба да се проучува како социјален извештај, зашто токму нејзиниот сарказам придонесува приказната во романот да претставува автентичен документарен извештај. Со помош на наивноста, Јелинек постојано им обезбедува на читателите можност за увид и сознание. Во рецензијата објавена во весникот „Франфуртер рундшау“ (Frankfurter Rundschau) се истакнуваат прецизноста и острината со која Јелинек се пробива во светот на погрешната претстава за среќата.[4]