Јордан Грабулоски

македонски вајар

Јордан Грабуловски - Грабул (Прилеп, 19 март 1925Скопје, 25 мај 1986) — македонски вајар, член на МАНУ.[1]

Јордан Грабулоски
Роден 19 март 1925
Прилеп
Починал 25 мај 1986
Скопје
Занимање вајар

Животопис уреди

Академски вајар, роден на 19 март 1925 година во Прилеп и еден од најистакнатите македонски уметници, познат по своите дела, не само во Македонија, туку и надвор од неа. Неговите уметнички реализации, проткаени со мотиви од социјална тематика, тематика од НОВ и тематика од повоената изградба, се траен белег и потврда на неговиот творечки потенцијал.

Завршил Академија за ликовна уметност во Белград во 1952 година. Бил на студиски патувања во Италија, Грција, Египет, Сирија. Бил директор на Училиштето за применета уметност во Скопје, претседател на ДЛУМ, член на ликовната група «Денес», дописен член на МАНУ од 1981 година.

Учествувал на повеќе изложби во земјата и во странство. Самостојно излагал во Скопје (1966, 1970, 1986, 1988 — ретроспектива), Охрид (1961), Париз (1985), а групно во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Париз, Лондон, Виена, Атина, Венеција, Каиро, г. Мексико и др.

Почетоците на неговото уметничко творештво датираат уште од гимназиските денови во Прилеп, зашто тој бил еден од талентираните младинци во последната група што Велебит Рендиќ ги открил меѓу своите ученици во прилепската гимназија и што ги подучувал во ателјето на ликовната секција, кое работело и по забраната на Уметничкото здружение, на две години пред почетокот на Втората светска војна. Во тој период Грабулоски бил соученик и се дружел со Димче Маркоски, со кого заедно цртале пејзажи низ Прилеп. Од тогаш зачувани се доста негови дела: седум цртежи, пет пејзажи — три со молив, два со креда, еден автопортрет со молив, «Глава на младинец» со креда, потоа, од двете страни на еден картон, два пејзажи во пастел, две скулптури во непечена глина — «Глава на селанец» и «Жена со стомни».

Во почетокот, неговите пејзажи биле работени во духот на цртежите од Љубомир Ивановиќ, но подоцна во неговите дела доаѓаат до израз поединечни белези. Во двата пастели, во цртежите «Глава на младинец», «Автопортрет» и «Селски пејзаж», како и во скулптурата «Глава на селанец», се јавуваат и лирски белези.

Јордан Грабулоски е еден од основоположниците на современиот вајарски израз во Македонија во педесеттите и во шеесеттите години на XX век, односно претставник на споменичната скулптура во повоеното ликовно творештво на Македонија и на минималистичката скулптура.

 
Споменикот Македониум во Крушево
 
Сила, Слава и Победа (1954-1956)

Покрај делата од времето на гимназиските денови во Прилеп, во кои среќаваме видови на реализам, Јордан Грабулоски е автор и на:

  • Споменикот посветен на Првиот штрајк на тутунските работници во Прилеп (1958)
  • Спомениците на Никола Карев (1953)
  • Споменикот на Гоце Делчев
  • Споменикот на Македонско-косовската бригада во селото Белчишта, Охридско (1958)
  • Споменикот во Прилеп (1958)
  • Споменикот на стреланите младинци од фашистичкиот окупатор во Ваташа (1962)
  • Спомен-костурницата во Кичево (1963)
  • Споменици во Скопје (1965)
  • Меморијалниот комплекс на НОБ во Бутел — Скопје
  • Споменикот на слободата на Скопското кале
  • Споменикот на слободата во Гевгелија (1969)
  • Споменикот посветен на Преспанското советување во Отешево, Ресенско (1973),
  • делата: „Парадокс на коегзистенцијата“ (1969), „Комуникации“ (1985) и многу други, а од посебна важност е монументалниот споменик „Македониум“, посветен на Илинденското востание и НОБ, во Крушево, свечено отворен на Илинден (1974).

Неговите скулптури поставени во функционалниот простор прават една целина, која ги потврдува уметничките пораки за траен пиетет кон минатото и за трајна вљубеност во убавото — како оптимистичка убеденост дека во светот во кој живееме не сме ни од вчера, ни сами.

Грабулоски двапати бил добитник на наградата „11 октомври“, во 1966 и 1970 година.

Починал во Скопје, на 25 мај 1986 година. Негова сопруга била познатиот македонски архитект и уметник Искра Грабул, додека негова ќерка е Лира Грабул, позната македонска костимографка.

Наводи уреди

  1. Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 386. ISBN 978-608-203-023-4.
  • Борко Лазески, Елена Чагороска, „Ликовната уметност во Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни (1918-1941)“, Прилеп, 1988.
  • “МИ-АНОВА енциклопедија, општа и македонска“, Скопје, 2006.

Надворешни врски уреди