Јозо Т. Бошковски-Јон

(Пренасочено од Јозо Т. Бошковски - Јон)

Јозо Т. Бошковски-Јон (Острилци, Крушевско, 14 јануари 1933Скопје, 2 април 2008) — македонски поет, раскажувач, есеист, преведувач и сликар.[1]

Јозо Т. Бошковски-Јон
Роден 14 јануари 1933
Македонија Острилци, Крушевско

Животопис уреди

Јозо Бошковски е роден во с. Острилци, Крушевско на 14 јануари (6 февруари) 1933 година. Основното образование го стекнал во родното село и во Крушево, а во 1954 година ја завршил учителската школа „Браќа Миладиновци“ во Битола. Потоа работел како воспитувач во интернатот на основното училиште „Никола Карев“ во Крушево и како наставник по македонски јазик и по музичко воспитување во основното училиште во селото Обршани. Потоа работел како новинар во нколку медиуми: Радио Скопје, „Вечерен репортер“, „Трудбеник“, „Вечер“ и Телевизија Скопје. Во 1969 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на југословенските народи и народности, а потоа на истиот факултет стуридал и филозофија.[2]

Бошковски бил член на ДПМ од 1965 година. Тој е добитник на наградата Гран При на Средоземјето (Мадрид, 1980), доделена врз основа на анонимниот конкурс на Европската академија за литература и уметност, со седиште во Неапол, Италија. Тогаш му била доделена титулата Академик Поет и бил примен за почесен член на Европската академија.

Бошковски починал на 2 април 2008 година во Скопје, но бил погребан во родното село.[3]

Творештво уреди

Јозо Т. Бошковски пишувал поезија, раскази, ликовни критики и есеи од областа на теоријата на уметноста, а се занимавал и со ликовно творештво. Тој е еден од најнеобичните автори во македонската култура. Автор е на повеќе од дваесетина екстравагантни книги од сите жанрови (поезија, раскази, драми, есеи, уметничка теорија, дневници итн.). Неговите песни биле објавени во Австрија, Австралија, САД, Индија, Велика Британија, Холандија, како и на турски, албански и српскохрватски јазик во рамките на поранешната Југославија. За своите дела, тој има добиено неколку награди и признанија: трета награда како ученик на Учителската школа во Битола (1950); трета награда на конкурсот на Скопската железарница (1978); неговата песна „Необрзно патување“ била одбрана и објавена меѓу десете најдобри песни на југословенскиот поетски конкурс „Златна струна“ во Смедерево (1978); на 27 април 1980 година му била врачена првата награда (Гран при на Средоземјето) на конкурсот на Европската академија за литература, наука и уметност со седиште во Неапол. исто така, тој има добиено и една награда за ликовна уметноста, на конкурсот на списанието „Телеуропа“ од Рим. Био-библиографски податоци за Јозо Т. Бошковски се објавени во повеќе изданија на Меѓународниот биографски центар во Кембриџ, во книгите „Кој е кој во Југославија“ и „Кој е кој во македонската литература“.[2]

Библиографија уреди

  • Бој со гадурија (поезија, 1963)
  • Активен поет - говорник (поезија, 1966)
  • Македонска трагедија (поетска драма, 1966)
  • Цветовина (поезија и цртежи, 1969)
  • Мудрости на сонцето - Знаја - Крајни консеквенции (поезија, есеи и цртежи, 1976)
  • Чудотворниот конец на убавината (материјали за културата на македонскиот народ, претходно објавени во скопскиот печат, 1980)
  • Умиште - глава на вселената (монографија, 1980)
  • Вечна река (поезија, 1980)
  • Деца и цвеќиња и ѕвезди (поезија за деца, 1981)
  • Т'га за југ (антологија на македонската поезија, Индија, 1981)
  • Осветлен човек (поезија, 1984)
  • Црна поезија (1984)
  • Светла на вселената (поезија, 1989)
  • Умиште (монографија, 1990)
  • Големата експлозија (поезија и есеи, 1992)
  • Лек против смртта (поезија и есеи, 1994)
  • Скопската овца (раскази, 1996)
  • Умжарт (поезија, 1998)
  • Атлантида вистинската и Македонија - високоцветна Македонија (историја и поезија, 1998)
  • Триумф на материјата (естетика - водич, 2000)

Неколку негови кратки есеи-приказни се објавени во српскито избор од неговото творештво, „Жетвата на вселената“ (Сетва свемира) од 1989 година, а три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).[4]

Наводи уреди

  1. Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, 2004, стр. 44.
  2. 2,0 2,1 Јозо Т. Бошковски, Деца и цвеќиња и ѕвезди, Нов свет, Скопје, 1981.
  3. „ПОСЛЕДЕН ЗБОР Јозо Т. Бошковски - Јон“. Утрински Весник. 4 април 2008. Посетено на 17 октомври 2010.
  4. Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 49-54 и 355.