Јазично чистотништво

Јазично чистотништво или јазичен пуризам[1][2] — настојување да се намали употребата на зборови од странско потекло во јазичниот речник на најниско можно ниво. Чистотата на јазикот се постигнува со отстранување на странски зборови и пронаоѓање соодветни зборови на мајчиниот јазик. Во понова употреба може да се воведат зборови како што се застареници, новотвореници, преведеници или зборови од сродни јазици.

Француската академија во Франција е задолжена за одржување на јазичниот пуризам на францускиот јазик. Ова е првата страница од 6-тото издание на нивниот речник (1835)

Видови јазични чистотништва

уреди

Постојат повеќе видови на јазични чистотништва, кои се поделени според нивната природа. Сите видови можат делумно да бидат меѓусебно поврзани:

Според пристапот:

уреди
  • Чистотништво со застареници: Чистењето на јазикот се врши со повторна употреба на домашни зборови кои некогаш биле дел од активниот речник на јазикот. Може да се случи при оживување на јазик, како што бил случајот со заживувањето на хебрејскиот јазик
  • Етнографско чистотништво: Вид заснован на поттикнување на селата, народните приказни и дијалектите. Се воведуваат зборови од селските средини, главно помалку познати за мнозинството од населението. Најдобар пример е новонорвешкиот јазик.
  • Елитистичко чистотништво: Воведување на домашни зборови што се користат во високото општество и нивно ширење на пониските слоеви на населението.
  • Реформско чистотништво: Понекогаш постои тенденција да се отстранат странските зборови, кои се показател за неповолен период во историјата. Пример за тоа е отстранувањето на персиските и арапските зборови за време на реформата на турскиот јазик за време на владеењето на Ататурк, со желба да се лиши османлискиот јазик. Исто така, постојат случаи на чистење на јазикот по деколонизацијата (свахили, хинди), како и чистење на јазикот во обид да се намали комуникацијата со говорителите на други народи (индонезиски).
  • Патриотско чистотништво: обид да се отстранат сите странски елементи од јазикот. Примери се високонорвешки, севернокорејски итн. англиш[3]. Французите, Германците, Грците и Летонците се познати по нивната тенденција да им даваат предност на новосоздадениците пред странските зборови.

Според интензитетот:

уреди
  • Маргинално чистотништво: Чистење на јазикот, без намера да се користат усвоените зборови во поголеми групи луѓе.
  • Умерено чистотништво: Чистотништво при кое на домашните зборови им се дава мала предност.
  • Заштитничко чистотништво: се јавува како одговор на заканите што го загрозуваат текот на посакуваниот развој на книжевниот јазик.
  • Спонтано чистотништво: Последица на спонтаната тенденција на говорителите да создаваат свои зборови.
  • Револуционерно чистотништво: Насилно менување на зборовите на јазикот со цел да се елиминира претходната состојба во речникот.

Според јазичното ниво:

уреди
  • Лексичко чистотништво: Отстранување на странските зборови од речникот, главно нагласок се става на коренот на зборот.
  • Правописно чистотништво: Уредување на правописот за да се отстранат странските правописни правила или домашните правописни правила што не му се допаѓаат на лингвистичкиот прочистувач кој ја спроведува реформата.
  • Морфолошко чистотништво: Спротивставување на употребата на туѓи творбени елементи во јазикот, како што се наставки, претставки, суфикси итн.
  • Синтаксичко чистотништво: Поттикнување на градење реченици во духот на домашниот јазик во однос на градењето во духот на странскиот јазик.
  • Фонолошко чистотништво: Отстранување на постојните гласови или додавање стари гласови кои се изгубени со текот на времето, со цел современиот јазик да се направи што е можно повеќе сличен на јазикот од посакуваниот период.

Ултрапуризам:

уреди

Целосно отстранување на сите странски елементи во јазикот, вклучувајќи ги и најстарите странски зборови и заемки, сите видови зборови и творбени правила.

[3] Пример за дело напишано на чист англиски јазик, Uncleftish beholdnig (Атомска теорија)

Наводи

уреди
  1. „пуризам“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „пуризам“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. 3,0 3,1 ExaByte Spyder (26 јануари 2017), Atomic Theory (Uncleftish Beholding): A Reading in Anglish, Посетено на 23 февруари 2019