Јазик

систем составен од гестикулации, знакови, гласови, симболи или зборови кои се користат за прикажување и размена на информации, идеи, значењ
(Пренасочено од Јазици)

Како и со секој сложен концепт што се засновува на консензус, јазикот е поим тежок за дефиниција. Тој се состои од репрезентации и некој вид на граматика. Многу јазици користат гестови, звуци, слики, или зборови, и групи на симболи, со цел за комуницирање на концепти, идеи, значења, и мисли, иако проблемот на лигвистичката неодреденост често се јавува кога се прави обид за разликување меѓу овие аспекти.

Клинесто писмо е прва позната форма на пишан јазик, додека говорниот јазик претходел на пишување на бар неколку десетици илјади години.
Цртеж на ѕид на Теотивакан во Мексико (ок. 2 век) прикажува личност која емитува говорен запис од своите усни, што симболизира говор
Две девојчиња учат американски знаковен језик

Некои сметаат дека нашата реалност е создадена така како што е опишана од нашиот јазик. Алберт Ајнштајн дава пример за џебен часовник што лежи на маса. Ако човек никогаш не видел часовник и нема поим што тој претставува, како може да опише звукот „тик-так“? Нашиот јазик и лингвистика можат да го сменат видувањето за нашата реалност.

Јазикот како комуникациски систем и јазични функции

уреди

Јазикот често се дефинира како систем од знаци кои служат за комуникација. Роман Јакобсон, еден од највлијателните лингвисти на XX век, врз основа на комуникациската шема која ја презел од теоријата на комуникацијата, одредува шест јазични функции, и тоа така што на секој елемент од комуникацискиот процес да му одговара по една од тие функции. Иако по правило може да се одреди доминантната функција на една порака, сепак таа не е и единствената функција туку, напротив, доаѓа со уште други помалку или повеќе изразени функции. Јакобсон истакнува дека вербалната структура на една порака секогаш зависи од доминантната функција на пораката.

Во секој комуникациски настан, па така и во секоја говорна ситуација, 'испраќачот' (емитент, адресант) му праќа порака на примачот (рецепиент, адресат) во врска со одреден предмет (референт), кој Јакобсон го нарекува контекст. Пораката мора да биде испратена во код (шифра) кој е заеднички за примачот (кој ја шифрира пораката) и за испраќачот (кој пораката је декодира), во спротивно комуникацијата е невозможна, или пак се воведува посредник (на пр. преведувач).

  • Референцијална функција (денотативна, когнитивна) - се однесува на предметот на пораката т.е. го искажува односот меѓу пораката и референтот. Таа е најчестата функција на секоја порака со оглед на тоа дека во прв план ѝ е преносот на пораката, односно да даде што пообјективни и поточни информации за референтот. Оваа функција се одликува со „неутрални“ јазични средства, објективност, отсуство на емоционално-експресивни елементи, доминираат формите за трето лице, како и безлични и пасивни конструкции. Следниве реченици имаат примарна референцијална функција: Денес во Скопје врнеше дожд. Нобеловата награда за мир за 2008 г. ја доби Марти Ахтисари.
  • Експресивна (емотивна) функција - означува насоченост кон емитентот (испраќачот) на пораката. Оваа функција го искажува субјективниот став на говорителот кон пораката, таа е насочена кон искажување на емоциите на испраќачот на пораката (вистинските или оние кои тој сака да ги испрати преку пораката). Поради тоа оваа функција е доминантна во пораките во прво лице еднина, во исказите со емоционално-експресивни средства на различни јазични нивоа. Таа се препознава преку употребата на извици, кои се „чист емотивен слој на јазикот“[1], во специфичното должење на самогласките и слично. Еве неколку примери: Толку сму среќен што би пеел гласно. Леле, тешко мене! Ух, колку сум уморен... Аааај-дееееееее таааа-тооооооо!
  • Конативна (апелативна) функција - насочена е кон примачот на пораката. Во тие случаи, комуникацијата, по правило, има за цел на некој начин да влијае врз примачот, односно да „апелира“ на неговите чувства и мисли и да предизвика одредена реакција. Во вербалната порака нејзини карактеристични средства се вокативната форма, второ лице еднина или множина, и особено императивот (заповеден начин): Момче, отвори го прозорецот! Дај ми ја книгата, веднаш! Драги гледачи, добро утро!

Оваа функција е особено застапена во различните форми на пропаганден говор - во политичката и економската сфера, во ораторските текстови и слично. Поради тоа во таквите текстови оваа функција се искажува со второ лице еднина или множина, особено со второ лице кое има општо значење (на пример: Купувајте македонско! Гласајте за нас! Јавете се на тел. ... и сл.), а исто така и во реторичките обраќања.

 
Карта на јазичните семејства во светот.
  • Фатичка функција - насочена е кон контактот т.е. кон каналот на комуникацијата. Таа служи пред сѐ за воспоставување, продолжување или прекинување на комуникацијата (формули за поздравување, ознаки за почеток и крај на некој разговор), проверка на исправноста на каналот (Ало, ме слушаш ли? Ало, ало! Еде, два... ме слушаш?). Фатичката функција е доминантна во секојдневните ситуации чија цел не е размената на информации, туку првенствено одржувањето на комуникацијата.

Едно од типичните прашања е Како сте? Како си? на кое обично се дава предвидлив одговор (Добро, благодарам; Еве, не е лошо; Па туркаме некако и сл.). Секој опширен одговор, со детеалн опис на здравствената ситуација, не е очекуван со оглед на тоа дека во случајните средби ова прашање на бара давање на информации туку ја прикажува добронамерноста на говорникот.

На оваа јазична функција се темелат обредите, свеченостите, церемониите, семејните и љубовните разговори, накусо, сите ситуации во кои се повторуваат исти зборови, гестикулации. Според Роман Јакобсон, ваквиот вид комуникација е воедно и првата вербална комуникација која се јавува кај децата. Во драмските дијалози можат да се искористат фатички елементи за создавање различни едфекти, на пр. комични: „Е!“ - рече момчето. „Е!“ - рече таа - „Е па ете нѐ“ - рече тој. „Еве нѐ“ - рече таа - „А!“ „Па да“ - рече тој.[2]

  • Метајазична функција - означава насоченост кон кодот на пораката. Таа е секогаш застапена во исказите во кои учесниците на комуникацискиот настан проверуваат дали употребуваат ист код („Што подразбирате под тоа?“, „Кога велам мммммм, мислам дека тоа многу ми се допаѓа“), во дефинициите („Семиологијата е наука за знаците“) или пак во наводите. Секој навод претставува говор за говорот, текст во текстот и текст за текстот. Лингвистиката како наука за јазикот е базично метајазично концепирана, но метајазичната функција ја среќаваме и во другите науки (на пример Екологијата е наука за заштита на животната средина...). Секојдневниот говор исто така изобилува со бројни примери за оваа функција (на пр. кога се обраќаме на некое дете: Речи „Благодарам!“). Многу недоразбирања во комуникацијата произлегуваат од фактот што учесниците не се свесни како им се разликуваат кодовите односно подкодовите.
  • Поетска (естетска) функција - се дефинира како насоченост на пораката кон самата себе и притоа пораката престанува да биде средство на комуникација и станува нејзина цел. Оваа функција е особена пред сѐ (но не и единствено) за книжевно-уметничките текстови, односно за уметноста воопшто. Имено, естетската функција може да биде застапена и во друг вид на текстови, во други функционални стилови, секогаш кога пораката станува цел на комуникацијата , кога се „враќа“ сама во себе. Тоа е особено изразено во разговорниот стил, но исто така и во рекламниот, во политичките слогани и сл. Јакобсон поради тоа нагласил дека проучувањето на поетската функција не смее да се ограничи само на полето на книжевноста, но и дека функциите на јазикот во книжевниот дел не можат да се сведат само на поетскатаа функција (притоа таа е секако доминантна, но не е единствена, другите функции се споредни).

Јазикот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „На родот за јазикот“ (хрватски: Rodu o jeziku) — песна на хрватскиот поет Петар Прерадовиќ.[3]
  • „Изумирањето на јазикот“ — песна во проза на полскиот поет Тадеуш Ружевич.[4]
  • „Јазик“ - краток расказ на македонскиот писател Јован Стрезовски.[5]
  • „Достам“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[6]
  • „Македонскиот јазик“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[7]
  • „Љуље“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[8]
  • „Јазични фљонга“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[9]
  • „(Не)членување“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[10]
  • „Болестата — болестотот“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[11]
  • „Трчај горе!“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[12]
  • „Таму каде што јазикот се колеба“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[13]
  • „Мојован“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[14]
  • „Семантичко насилство“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[15]
  • „Деклинации и малверзации“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[16]
  • „Вавилонска куќа“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[17]
  • „Граматички флерт“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[18]
  • „Премреже“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[19]
  • „Марковиќ Татковиќ“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[20]
  • „Светлицата на сијалицата“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[21]
  • „За сложувањето и согласувањето“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[22]
  • „Позитивна енергија“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[23]
  • „Целите ние“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[24]
  • „Јазикот на сонот“ — песна на полскиот поет Збигњев Херберт.[25]
  • „Јазик на љубовта“ (француски: Langue D'amour) — песна на американската музичарка Лори Андерсон (Laurie Anderson) од 1984 година.[26]
  • „Мајчин јазик“ (англиски: Mother Tongue) — песна на британската група Дед кен денс (Dead Can Dance) од 1988 година.[27]
  • „Јазикот на насилството“ (англиски: Language Of Violence) — песна на американската рап-група The Disposable Heroes Of Hiphoprisy од 1992 година.[28]
  • Збогум на јазикот“ (француски: Adieu au langage) — филм на режисерот Жан-Лик Годар од 2014 година.[29]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Јакобсон (1996:290)
  2. Роман Јакобсон (1966: 293)
  3. Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 23-25.
  4. Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 268-271.
  5. Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 47.
  6. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 192-193.
  7. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 201.
  8. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 202.
  9. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 276-277.
  10. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 596.
  11. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 278-279.
  12. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 280-281.
  13. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 284.
  14. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 296.
  15. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 332.
  16. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 333.
  17. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 365-366.
  18. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 203.
  19. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 264-265.
  20. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 505-506.
  21. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 262-263.
  22. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 270-271.
  23. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 273.
  24. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 274.
  25. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 237-238.
  26. YouTube, Laurie Anderson - Langue D'amour (посетена на 27.11.2019)
  27. Discogs, Dead Can Dance ‎– The Serpent's Egg (пристапено на 3.6.2020)
  28. Discogs, The Disposable Heroes Of Hiphoprisy – Hypocrisy Is The Greatest Luxury (пристапено на 8.10.2021)
  29. Пази се! Доаѓа Cinedays 13. Скопје: Младински културен центар, 2014, стр. 48.