Јадро на мозочен нерв

Јадро на мозочен нерв (лат. nucleus nervi cranialis) — група на неврони (сива маса) во мозочното стебло која е поврзана со еден или повеќе мозочни нерви. Аксоните кои носат информации од и до мозочните нерви формираат синапси најпрво во овие јадра. Лезиите на овие јадра можат да доведат до ефекти кои наликуваат на оние забележани со пресек на нервот (нервите) со кои се поврзани. Сите јадра, освен оној на трохлеарниот нерв (n.trochlearis, CN IV), ја инервираат истата страна на телото.

Шематски приказ на јадрата на мозочните нерви. Моторните јадра се обоени црвено, а сетилните јадра се обоени сино.

Морфолошко потекло на јадрата на мозочните нерви уреди

Сивата маса на ‘рбетниот мозок е поделена на: 1) три пара симетрични столбови или рогови; предни (columna ventralis s. cornu anterius), бочни (columna lateralis s. cornu laterale) и задни (columna dorsalis s. cornu posterius) и 2) средишна сива маса (substantia grisea centralis). При преминот во продолжениот мозок, овие сиви столбови на ‘рбетниот мозок биваат фрагментирани на јадра и на ретикуларна супстанца со вкрстување и премин на сноповите на белата маса низ нив.[1][2]

Главните вкрстувања на белите снопови, кои учествуваат во разбивањето на сивите столбови, при нивниот премин од ‘рбетниот во продолжениот мозок, се моторното вкрстување (decussatio pyramidum) и сетилното вкрстување (decussatio lemniscorum).

  1. Кај вкрстувањето на главниот моторен или пирамидален пат (decussatio pyramidum) најголем дел од влакната на овој пат преминуваат од вентралниот дел на продолжениот мозок во контралатералните бочни врвци на ‘рбетниот мозок. Со ова вкрстување биваат одбиени врвовите (главите) на предните сиви столбови од нивните бази.
  2. Вкрстувањето на главниот сетилен пат на мозочното стебло (decussatio lemniscorum) се врши непосредно над, т.е. рострално од вкрстувањето на пирамидалните патишта. Влакната на овој пат поаѓаат од Головото јадро (во tuberculum gracilis) и Бурдаховото јадро (во tuberculum cuneatum), и преминувајќи од дорзалниот кон вентралниот дел на продолжениот мозок се вкрстуваат долж неговата средишна сагитална рамнина (raphe). Со нивното вкрстување биваат одвоени базите на предните и бочните столбови од задните столбови, а нивните остатоци, како и делови од централната сива маса, се разбиени во мрежеста сива маса или ретикуларна супстанца.

На тој начин од сивите столбови на ‘рбетниот мозок настануваат во мозочното стебло столбовите на јадрата на мозочните нерви (columnae nucleorum nervorum), кои, фрагментирајќи се во поединечно издвоени јадра, се продолжуваат не само низ продолжениот мозок, туку и низ мостот и низ средниот мозок.

Систематизација на јадрата на мозочните нерви во столбови уреди

 
Дијаграм на кој се илустрирани базалната и аларната ламина на нервната цевка во тек на ембрионалниот развој.

За време на ембрионалниот развој на ‘рбетниот мозок, поради појавата на граничниот жлеб (sulcus limitans), страничниот ѕид на нервната цевка се дели на два дела или ламини: (а) дорзална аларна ламина и (б) вентрална базална ламина.[3] Клетките на базалната ламина се моторни по функција, додека оние на аларната ламина се сетилни. Клетките на секоја од овие две ламини се распоредуваат во два надолжни столба: соматски столб и висцерален столб, каде висцералниот столб лежи поблиску до sulcus limitans. Според тоа, имаме четири функционални столба (компоненти) во страничниот ѕид на ‘рбетниот мозок одејќи од вентралната кон дорзалната страна и тие се:

  1. Општ соматски еферентен столб
  2. Општ висцерален еферентен столб
  3. Општ висцерален аферентен столб
  4. Општ соматски аферентен столб.

За време на ембрионалниот развој на ромбестиот мозок (rhombencephalon), се одвиваат два значајни настани: (а) нервната цевка се шири и ја формира четвртата мозочна комора, што доведува до раздвојување и оддалечување на аларните ламини, што пак резултира со промена во насоченоста на функционалните компоненти од вентродорзална во медиолатерална, и (б) во базалните и во аларните ламини се појавува дополнителен (специјален) столб помеѓу соматските и висцералните столбови за инервација на висцералните (бранхијални) лакови. Независно од ова, во најлатералниот дел на аларната ламина се појавува дополнителен (специјален) соматски столб за сетилата на слух и рамнотежа. Според тоа, имаме седум функционални столбови во мозочното стебло одејќи од медијалната кон латералната страна и тие се:

  1. Општ соматски еферентен столб
  2. Специјален висцерален еферентен столб
  3. Општ висцерален еферентен столб
  4. Општ висцерален аферентен столб
  5. Специјален висцерален аферентен столб
  6. Општ соматски аферентен столб
  7. Специјален соматски аферентен столб.

Во текот на ембрионалниот развој, овие столбови се диференцираат во едно или повеќе дискретни јадра на мозочните нерви, па, според тоа, и нив можеме да ги поделиме во следните групи:[3]

  1. Општи соматски еферентни јадра:
    • nucleus nervi oculomotorii
    • nucleus nervi trochlearis
    • nucleus nervi abducentis
    • nucleus nervi hypoglossi
  2. Специјални висцерални еферентни јадра:
    • nucleus motorius nervi trigemini
    • nucleus nervi facialis
    • nucleus ambiguous
  3. Општи висцерални еферентни јадра:
    • nuclei accessorii nervi oculomotorii
    • nucleus salivatorius superior
    • nucleus salivatorius inferior
    • nucleus posterior nervi vagi
  4. Oпшти висцерални аферентни јадра:
    • nucleus tractus solitarii
  5. Специјални висцерални аферентни јадра:
    • nucleus tractus solitarii
  6. Општи соматски аферентни јадра:
    • nucleus principalis nervi trigemini
    • nucleus spinalis nervi trigemini
    • nucleus mesencephalicus nervi trigemini
  7. Специјални соматски аферентни јадра:
    • nuclei cochleares
    • nuclei vestibulares.

Наводи уреди

  1. Anatomija centralnog z̆ivc̆anog sistema. Белград: Nauc̆na knjiga. 1960. стр. 24. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Themes, U. F. O. (2017-01-02). „Brainstem“. Neupsy Key (англиски). Посетено на 2021-06-19.
  3. 3,0 3,1 „Nuclei, Functional Components and Distribution of Cranial Nerves - Textbook of Clinical Neuroanatomy, 2 ed“. doctorlib.info (англиски). Посетено на 2021-06-21.

Дополнителни слики уреди

Надворешни врски уреди