Ѓорѓе Андрејевиќ-Кун

Ѓорѓе Андрејевиќ-Кун (Вроцлав, 31 март 1904Белград, 17 јануари 1964) — српски сликар и графичар и член на Српската академија на науките и уметностите. Бил учесник во Шпанската граѓанска војна и Народноослободителната борба.

Ѓорѓе Андрејевиќ-Кун
Ђорђе Андрејевић-Кун
Роден(а)31 март 1904(1904-03-31)
Вроцлав, Германија
Починал(а)17 јануари 1964(1964-01-17) (возр. 59)
Белград, СР Србија, СФР Југославија
НационалностЈугословен
ОбразованиеБелградска уметничка академија
Познат(а) посликарство, графика
Значајни делаГрбот на Белград (1931)
Партизани (1946)
Грбот на Србија (1947)
Сведоци на ужасот (1949)
НаградиЈугословенска награда за графика (1946)
Југословенска награда за сликарство (1949)
ИзбранСрпска академија на науките и уметностите

Животопис уреди

Роден е на 31 март 1904 година во Вроцлав во Полска, тогаш Германско Царство, во семејството на Вељко Андрејевиќ Кун и жена му Гертруда, како четврто од вкупно пет деца. Таткото Вељко бил графички мајстор и пред да оди во Германија, тука го изучил и граверскиот занает. Станал гравер во едно од најдобрите графички претпријатија во Германија и така успеал да го спои својот занает и големата склоност кон уметноста. Се покажало дека и едното и другото му го пренел на својот син Ѓорѓе. Уметничката црта во малиот Ѓорѓе прв ја открил неговиот берлински учител, господинот Штрајх. Ѓорѓе со семејство дошол во Белград во 1914 година, каде завршил печатарски занает (1920), а потоа учел сликарство на Уметничката школа во Белград (1920-1925).

Благодарение на добротворот, белградскиот трговец Илија Ранкиќ, Ѓорѓе Андрејевиќ-Кун добил стипендија за сликарско усовршување во Италија. Престојувал во Венеција, таму учел, сликал, посетувал музеи и галерии, а потоа и во Фиренца, Милано и Рим. Во Италија поминал две години пред платната на големите мајстори на ренесансата и барокот, Микеланџело, Тицијан, Веронезе, Тинторето. По Италија, Ѓорѓе ги продолжил студиите во Париз каде ги проучувал современите уметници, Сезан, Модиљани и бугарскиот сликар Паскин, но и се пронашол себеси т.е. својот стил. Во Париз ги продал своите први слики, кои и денес се чуваат во приватните збирки.

Кон крајот на февруари 1931 година, Кун ја имал својата прва самостојна изложба, на која преовладувале две негови главни теми: мртва природа и автопортрет. Истата година младиот Кун (имал 27 години) на анонимниот конкурс за грб на Градот Белград, на кој учествувале 56 уметници од Југославија, добива прва награда. Тој грб и денес е официјален грб на Белград. Пресврт во Куновото творештво настанал во 1934 година кога бил одржан светски конгрес на писателите во Москва на кој бил изречен поимот „социјалистички реализам“. Со тој поим е означено дека темата на уметничкото дело треба да биде секојдневието на работниците, за да уметноста помогне во борбата против класниот непријател. Со оглед дека Кун по политичка ориентација бил левичар, ѝ се вратил на графиката како најпогоден уметнички медиум за остварување на тие барања. Како сето тоа изгледа во животот, се видело веќе истата година на Првата графичка изложба, покрената со намера јавноста да ги сознае можностите на графичката вештина. Во тој период издава мапа графики под назив „Крваво злато“ со тематика од работничкиот живот. Од Шпанија, каде отишол со тамошните патриоти да се бори против фашизмот во Интернационалните бригади, ја донел мапата графики „За слобода“.

Во Втората светска војна бил од почетокот до крајот. После ослободувањето објавил мапа цртежи „Партизани“. Познат е по монументалните реалистични композиции и графички мапи во кои ги прикажал злочините на окупаторите во текот на Втората светска војна и мотив за обнова и изградба на земјата. Творец е на идејните решенија за ордени и грбот на новата југословенска држава основана во 1943 година на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце. Бил професор на Академијата за ликовни уметности во Белград и ректор на Уметничката академија.[1][2][3]

Илустрирал и опремил бројни книжевни дела: (Жена во кошула, Колона, Црвени риби, Риба на бело...) На неговата работа влијаеле Георг Грос и Франс Масерел.

Умрел на 17 јануари 1964 година во Белград.

Награди и одликувања уреди

Во текот на својот живот Ѓорѓе Андрејевиќ-Кун добил многу награди и одликувања, а најзначајни се:

Награди уреди

  • 1931 - Прва награда за грбот на Белград,
  • 1940 - Награда за графика на Државната печатница во Белград,
  • 1947 - Прва награда за графика на Комитетот за култура и уметност на владата на ФНРЈ,
  • 1949 - Прва награда за сликарство на Претседателството на владата на ФНРЈ.

Одликувања уреди

  • Партизанска споменица,
  • Орден заслуги за народ од прв ред,
  • Орден за храброст.
  • Орден на трудот од прв ред

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. Члан САНУ Архивирано на 17 декември 2013 г., Посетено на 28. 3. 2013.
  2. „Соња Ћирић: Ратничке боје душе („Политикин Забавник", број 2999, 2009. године)“. Архивирано од изворникот на 07. 09. 2012. Посетено на 7. 09. 2012. Проверете ги датумските вредности во: |access-date=, |archive-date= (help)
  3. Arte - Đorđe Andrejević Kun - Biografija, 28. 3. 2013.

Литература уреди

  • Војна енциклопедија (књига прва), Београд 1970. година,
  • „АНДРЕЈЕВИЋ КУН, Ђорђе“. Српска енциклопедија Том 1 ((српски)). Нови Сад, Београд: Матица српска Нови Сад, САНУ Београд, Завод за уџбенике Београд. 2010. ISBN 978-86-7946-078-3.CS1-одржување: ref=harv (link) CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  • Протић, Миодраг Б. (1970). Српско сликарство XX века, Том 1. - Библиотека Синтезе ((српски)). YU-Београд: Нолит.CS1-одржување: ref=harv (link) CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  • Трифуновић, Лазар (1973). Српско сликарство 1900—1950. - Библиотека Синтезе ((српски)). YU-Београд: Нолит. стр. 533стране.CS1-одржување: ref=harv (link) CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)

Надворешни врски уреди