Шарл Пјер Бодлер (9 април 1821 - 31 август 1867) — еден од најголемите и највлијателните француски поети на XIX век. Исто така, тој се истакнал и во полињата на преведувачката и критичарската дејност.

Шарл Бодлер
Фотографија на Бодлер од Надар
Роден/а9 април 1821
Франција Париз, Франција
Починат/а31 август 1867
Франција Париз, Франција
ЗанимањеПоет, Ликовен критичар
НационалностФранцузин
ЖанрЛирски песни, Лирска проза
Книжевно движењеРомантизам, Симболизам
Потпис

Живот и дело уреди

Бодлер е роден во Париз на 9 април 1821 година, во куќата на аголот од улицата Отфеј и булеварот Сен Жермен, како син на Франсоа Бодлер и Каролина со моминско презиме Аршанбо-Дефаи. Во 1827 година умрел неговиот татко, а веќе следната година, мајка му се премажила за мајорот Жак Опик, одликуван учесник во походите на Наполеон.[1] Во 1837 година, на еден гимназиски литературен конкурс, Бодлер ја добил втората награда за стиховите напишани на латински, а две години подоцна бил исфрлен од гимназијата, поради тоа што не сакал да му го даде на професорот писменцето дофрлено од еден соученик.[1]

Во 1840 година, Бодлер се запишал на правниот факултет и почнал да ужива во слободите на студентскиот живот. Се смета дека токму во овој период Бодлер се заразил со сифилис. Загрижени поради другарувањето на Шарл со повеќе млади поети и неговата јавна боемија (со која тој се запознал во Латинскиот кварт), неговите родители решиле да го одделат од развратниот Париз и да го пратат на подолго патување. На 9 јуни 1841 година, Шарл Бодлер заминал за Калкута. Во февруари следната година, со бродот „Алсид“, шест месеци порано отколку било предвидено, Бодлер се вратил во Париз, каде се запознал со мулатката Жана Дивал, статистка во еден помал париски театар. Врската со неа, и покрај повремените прекини, траела до крајот на Бодлеровиот живот. Многу песни во неговата најпозната збирка поезија - Цвеќињата на Злото - се инспирирани токму од оваа Црна Венера.

Во 1845 година, во весникот „Артист“, излегол сонетот „На една креолка“, потпишан со името Бодлер-Дифаи. Во 1847 година, Бодлер се запознал со артистката Марија Добрен која, несомнено била инспирација за неколку песни од Цвеќињата на Злото. Револуционерната 1848 година, Бодлер ја пречекал со пушка о рака и со еден постојан извик кој од неговата уста ќе одекнува низ улиците на Латинскиот кварт: „Генералот Опик на стрелање!“. Кон крајот на оваа година се појавил неговиот прв превод на едно дело од Едгар Алан По.

Во 1851 година, Теофил Готје го запознал Бодлер со Аполонија Сабатје, љубовница на еден богат банкар, која во својот салон собирала познати имиња од културната елита на Париз. Наредните години, Бодлер постојано ѝ испраќал писма и свои песни никогаш не откривајќи го сопствениот идентитет. Во Ревија на два света (Revue des deux mondes) се појавиле осумнаесет песни на Бодлер со белешка дека се дел од идната збирка Цвеќињата на Злото. Во 1856 година излегле Необични приказни од Едгар Алан По, во превод на Бодлер.

На 25 јуни 1857 година, годината во која умрел генералот Жак Опик, од печат излегла највлијателната збирка поезија на XIX век - Цвеќињата на Злото чиј наслов го предложил Иполит Бабу. Во недовршениот нацрт на предговорот на „Цвеќињата на злото“, Бодлер напишал: „Оваа книга не е напишана за моите жени, ќерки и сестри, ниту за жените, ќерките и сестрите на мојот сосед. Тоа им го препуштам на оние кои имаат интерес да ги спојат добрите дела со убавиот јазик. Некои ми рекоа дека оваа поезија би можела да нанесе зло; не се израдував на тоа. Другите, со добра душа, дека таа би можела да прави добри работи; и тоа не ме натажи.“[2]

Неколку дена подоцна, во весникот Фигаро, се појавил остар напад на збирката со посочување на песните што, според авторот на написот, се неморални. Набргу потоа, била издадена наредба за запленување на целиот тираж на збирката и било покренато обвинение против авторот и издавачот на делото. Пред судењето, Бодлер ѝ напишал писмо на Аполонија Сабатје, откривајќи го својот идентитет и песните што ѝ се нејзе посветени, и притоа ја замолил да интервенира во негова корист кај судиите. Судењето се одржало на 20 август и било одлучено Бодлер да плати казна од 300 (подоцна е намалена казната на 50 франци, на молба на Шарл), а издавачот од 200 франци. Исто така, изданието било запленето, а за шест песни, кои биле прогласени за крајно неморални, било одлучено дека не смеат да се печатат во ниту едно од наредните изданија на делото. Осудата на Цвеќињата на Злото била симната дури по една ревизија на процесот, одржана во 1949 година.

Во 1858 година, излегле Авантурите на Артур Гордон Пим на По, во превод на Бодлер, како и првиот дел на Вештачките раеви. Вториот дел од оваа книга излегол две години подоцна. По појавувањето на второто издание на Цвеќињата на Злото, во Лондон, англискиот поет и критичар Алџернон Чарлс Свинберн објавил еден напис за Бодлер во кој мошне високо го оценил неговото творештво.

Во 1864 година, во весникот Фигаро, се појавиле неколку песни во проза со заеднички наслов Сплинот на Париз. Следната година, Маларме ја објавил песната во проза Книжевна симфонија, чиј втор дел бил посветен на делото на Бодлер. И Пол Верлен објавил неколку написи за Бодлер полни со воодушевување. Во меѓувреме, здравствената состојба на Бодлер се влошила. Две години подоцна, откако ја об збијавил збирката Прибирци, при посетата на црквата Сен Лу во Намир, Бодлер претрпел мозочен удар. Како последица од него, тој ја изгубил моќта на говорот и по неколку месеци бил префрлен во една болница во Париз, каде имало поставено само една слика на Мане и една копија на Гоја. Тука, му свиреле дела на Вагнер.

На 31 август 1867 година, Бодлер умрел во рацете на мајка си, а бил погребан на 2 септември на гробиштата на Монпарнас, покрај својот очув, генералот Опик.

Осврт врз поезијата на Бодлер уреди

Поезијата на Бодлер е тажна историја на оние заблуди со кои бил полн неговиот живот. Тоа е историја за неостварениот стремеж кон идеалот, на одвратните слики на падот и на страшните маки во моментите кога ќе се појавела свеста. Во една негова песна („Маченица“) пред нас меѓу огледалата, сликите и шарените плакати е и трупот на жена чија глава лежи на масичката. Поетот размислува за нејзиниот убиец и заклучува дека ликот на убиената ќе го следи убиецот до гробот. Исто така е страшна сликата која ги опишува труповите на жителите на Цитра, во „Пат на островот Цитра“. На луцидните моменти, кога поетот се спушта од сферите на своето болно мечтаење во областа на реалните интересирања, им ги должиме неговите најдобри песни. Оној кој декадентите го сметале за духовен водач на целото безумие, на моменти бил вистински реалист, проповедник и критичар на порокот. Во моменти на свесниот однос кон животот, тој не само што лие солзи врз човечките страдања, туку му стануваат и јасни причините поради кои настануваат тие страдања. На поетот м усе чини дека целиот свет загазил во вечен грев. Таква е песната „Пијанството на убиецот“. Во една од неговите најубави песни „Патување“ чудните морнари раскажуваат за она што го виделе. Бодлер тежнеел кон идеал, и целата негова поезија на тага и протест е создадена врз основа на тоа урнато тежнеење („Икарова тажаленка“). Бодлер се фаќа за убавината како за најголемо богатство, и како за единствениот пат кој води кон идеалот („Химна на убавината“). Но на крајот, неговата немирна душа со ништо не може да се задоволи, па тој се враќа на трансот и илузијата („Скршено ѕвоно“). Му останува само да сонува за сините хоризонти („Пејзаж“) или да се предаде на виното кое го ослободува духот од секојдневните грижи („Душата на виното“). Бунтот на Бодлер е бунт во името на крајната слобода на личноста. На опшествениот морал поетот на „Цвеќето на злото“ го протиставува моралот на слободната единка. Воопшто кај овој поет поединечната слобода е еден од највисоките идеали.[3]

Влијание уреди

Влијанието на Бодлер врз развитокот на англиската и француската литература е навистина големо. Најголемите француски писатели воопшто не ги штеделе епитетите за Бодлер. Така, само четири години по неговата смрт, во писмото до Пол Демени, од 15 мај 1871 година, Артур Рембо напишал дека „Болдер е највидовид, тој е крал на поетите, вистински Бог. Но, сепак, тој живеел во премногу уметничка средина и неговата форма, која толку многу ја фалат, често е закржлавена“.[4][5] Во 1895 година, Стефан Маларме издава еден сонет во чест и сеќавање на Бодлер Le Tombeau de Charles Baudelaire (Гробот на Шарл Бодлер). Марсел Пруст во еден свој есеј, издаден во 1922 година, деклaративно изјавува дека заедно со Алфред де Вињи, Бодлер е „најголемиот поет на XIX век“.[6]

Во англиското говорно подрачје, Едмунд Вилсон го смета Бодлер за човекот кој ја дава најголемата потисна сила на симболистичкото движење, преку неговото преведување на Едгар Алан По.[7] Во 1930 година, Томас Стернс Елиот, разработувајќи ја својата теорија дека Бодлер сѐ уште не е доволно уважен и ценет, дури и во Франција, тврди дека поетот бил „голем гениј“ и уште додава дека неговата „техничка виртуозност која тешко дека некогаш ќе може да се прецени... го направила неговиот стих непресушен студиски извор за идните поети, и не само оние од неговото јазично подрачје“.[8]

Во исто време додека Елиот го велича Бодлер од еден конзервативен и експлицитно христијански аспект,[9] левичарските критичари како Вилсон и Валтер Бенјамин го прават тоа од една драматично различна точка. Бенјамин ги преведува Бодлеровите Tableaux Parisiens (Париски сцени) на германски и издава еден голем есеј во врска со преводот[10] како предговор. Во доцните 1930-ти,ти, Бенјамин го искористува Бодлер како појдовна и фокусна точка во неговиот монументален обид да изврши материјалистичка проценка на културата во XIX век, Das Passagenwerk.[11] За Бенјамин, значењето на Бодлер лежи во неговиот обид да изврши анатомија на толпата, на градот и на модернизмот.[12]

Јован Дучиќ смета дека Бодлер ќе се чита долго време, и тоа со поголема почит од другите поети, зашто е интересен дури и тогаш кога не е убав.[13] Во романот „Наспроти“, францускиот писател Жорис-Карл Уисманс искажува „безграничен восхит“ кон „неописливиот шарм“ на Бодлер, посочувајќи го како „речиси единствениот чии стихови, под сјајната корупка, содржеа балсам од хранлива срж“.[14] Според Усиманс, Бодлер направил чекор понапред и стигнал „до оние области на душата каде што се разгранува чудовишната вегетација на мислата“, за разлика од дотогашната литература која се органичувала само на тоа да ја истражува површината на душата. Во времето кога литературата им ги припишувала животните болки само на несреќата поради неприфатената љубов и на љубомората, Бодлер ги испитал „оние подлабоки рани, раскопани од заситеноста, разочарувањето, презирот, во уништените души кои ги мачи сегашноста, кои се гадат од минатото, а се плашат од иднината и очајуваат.“ Во времето кога стихот служел само да го слика „надворешниот изглед на суштествата и нештата“, Бодлер успеал да го „изрази она што не може да се изрази, благодарение на еден мускулест и сочен јазик, кој повеќе од сите други, ја имаше таа чудесна моќ со необично здрав израз да ги фиксира најнедосегливите, најтреперливите морбидни состојби на исцрпените духови и тажните души“.[15]

Полскиот поет Владислав Боњевски има напишано песна со наслов „Бодлер“.[16]

Библиографија уреди

Текстови на интернет уреди

  • FleursDuMal.org Целосна интернет презентација на Цвеќињата на Злото што ги вклучува и оригиналните песни и по неколку англиски препеви за секоја од нив

Француски уреди

Англиски уреди

Белешки уреди

  1. 1,0 1,1 Шарл Бодлер, Цвеќињата на Злото, препев, предговор и коментари на Влада Урошевиќ, Македонска книга, 1982, Скопје.
  2. Borislav Radović, „Beleška uz ovaj izbor“, во: Šarl Bodler, Cveće zla, Rad, Beograd, 1964, стр. 79-81.
  3. Раде Силјан, Странски авиори&дела, Матица Македонска, Скопје,2001, стр. 160.
  4. Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. 169.
  5. Артур Рембо (Rimbaud, Arthur): Oeuvres complètes (Собрани Дела), стр. 253, NRF/Gallimard, 1972.
  6. 'За Бодлер' кај Марсел Пруст (Proust, Marcel): Against Sainte-Beuve and Other Essays (Против Сен-Бев и други есеи), стр. 286, превод на Џон Старок (John Sturrock), Penguin, 1994.
  7. Едмунд Вилсон (Wilson, Edmund): Axel's Castle (Замокот на Ексл), стр. 20, Fontana, 1962 (првобитно издадена во 1931).
  8. Бодлер во Избраните Есеи на Т.С. Елиот (Eliot, T.S.) стр. 422 и 425, Faber & Faber, 1961.
  9. Елиот, „Религијата во Литературата“ (Religion in Literature).
  10. "Задачата на преведувачот" ('The Task of the Translator'), во „Избраните дела“ на Валтер Бенјамин (Benjamin, Walter: Selected Writings Vol. 1: 1913-1926), стр. 253-263, Belknap/Harvard, 1996.
  11. Валтер Бенјамин (Benjamin, Walter): "Проектот Аркади" (The Arcades Project), преведено од Хауард Ајланд (Howard Eiland) и Кевин МекЛафлин (Kevin McLaughlin), Belknap/Harvard, 1999.
  12. Париз и Втората Империја во Бодлер ('The Paris of the Second Empire in Baudelaire') кај Валтер Бенјамин (Benjamin, Walter): Избрани дела (Selected Writings Vol. 4 1938-1940), стр. 3-92, Belknap/Harvard, 2003.
  13. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 293.
  14. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 265.
  15. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 199-202.
  16. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 108.

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: