Чарлс II (англ. Charles II) (29 мај 16306 февруари 1685) бил крал на Англија, Шкотска и Ирска.

Чарлс II
Seated man of thin build with chest-length curly black hair
Чарлс II во облеката на Order of the Garter,
според Џон Мајкл Рајт, околу 1660–1665 година
Крал на Англија, Шкотска и Ирска
На престол29 мај 1660 – 6 февруари 1685
Крунисување23 април 1661
ПретходникЧарлс I (симнат од престолот во 1649 година)
НаследникЏејмс II
Крал на Шкотска
На престол30 јануари 1649 – 3 септември 1651[1]
Крунисување1 јануари 1651
ПретходникЧарлс I
Роден(а)29 мај 1630(1630-05-29)
(N.S.: 8 јуни 1630)
Палата Сент Џејмс, Лондон, Англија
Починал(а)6 февруари 1685(1685-02-06) (возр. 54)
(N.S.: 16 февруари 1685)
Палата Вајтхол, Лондон
Почивалиште
СопружникКатерина од Браганца
Деца
Меѓу другите...
Незаконски:
Џејмс Скот, 1-виот војвода од Монмут
Чарлс ФиџЧарлс, 1-виот гроф од Плимут
Чарлс Фицрој, 2-иот војвода од Кливленд
Шарлот Ли, грофица од Личфилд
Хенри Фицрој, 1-виот војвода од Графтон
Џорџ Фицрој, 1-виот војвода од Нортамберленд
Чарлс Боклерк, 1-виот војвода од Сент Олбанс
Чарлс Ленокс, 1-виот војвода од Ричмонд
ДинастијаСтјуарт
ТаткоЧарлс I
МајкаХенриета Марија од Франција
Вероисповедангликанска (преминал во католицизам на смртната постела)
ПотписЧарлс II's signature

Таткото на Чарлс II, кралот Чарлс I, бил погубен во Вајтхол на 30 јануари 1649 година, на врвот од Англиската граѓанска војна. Иако Парламентот на Шкотска го прогласил Чарлс II за крал на Велика Британија и Ирска во Единбург на 6 февруари 1649 година, Англискиот парламент донел закон што секоја таква прокламација ја прави незаконска. Англија влегла во период познат како „Англиско меѓувладеење“ (лат. интерегнум) или Англиски Комонвелт, а земјата била де факто република, предводена од Оливер Кромвел. Кромвел го поразил Чарлс во Битката кај Ворчестер на 3 септември 1651 година, по што Чарлс побегнал во континентална Европа. Кромвел станал де факто диктатор на Англија, Шкотска и Ирска. Чарлс ги поминал следните девет години во егзил во Франција, Обединетите Покраини и Шпанските Ниски Земји.

Политичката криза која следела по смртта на Кромвел во 1658 година довела до обновување на монархијата, а Чарлс бил повикан да се врати во Британија. На 29 мај 1660 година, на неговиот 30-ти роденден, тој бил примен во Лондон на јавно признание. По 1660 година, сите правни документи биле датирани како да Чарлс го наследил својот татко како крал во 1649 година.

Англискиот парламент на Чарлс донел закони познати како Кларендонскиот Код, создаден да ја зацврсти позицијата на повторно воспоставената Црква на Англија. Чарлс го прифатил Кларендонскиот Код иако самиот тој ја фаворизирал политиката за религозна толеранција. Втората Англо-Холандска војна била главниот проблем во надворешната политика за време на раното владеење на Чарлс. Во 1670 година, Чарлс станал дел од тајната спогодба од Довер, сојуз со неговиот прв братучед, францускиот крал Луј XIV. Луј се согласил да му помогне на Чарлс во Третата англо-холандска војна и да му исплати пензија, а Чарлс тајно ветил дека ќе премине во римокатоличка вера во неодредено идно време. Во 1672 година, Чарлс се обидел да воведе верска слобода за католиците и протестантските дисиденти со неговата Кралска декларација за толерантност, но Англискиот парламент го принудил да ја повлече. Во 1679 година, откритието на Тит Оут за недокажаната Папска завера (англ. Popish Plot) ја предизвикало Кризата на исклучување, кога било откриено дека братот на Чарлс и негов наследник (Џејмс, војводата од Јорк) е римо-католик. Од кризата се создале партијата Виг, која се залагала за исклучување и партијата Тори, која била против исклучување. Чарлс бил на страна на Ториевците, а по откривањето на заверата Рај Хаус (англ. Rye House Plot) во 1683 година за да се убијат Чарлс и Џејмс, некои водачи на партијата Виг биле убиени или принудени на егзил. Чарлс го распуштил Англискиот Парламент во 1681 година и владеел сам сè до својата смрт на 6 февруари 1685 година. Тој бил прифатен во Римокатоличката црква на неговата смртна постела.

Чарлс бил познат како Веселиот Монарх, поради неговата живост и хедонизам на неговиот двор и општата утеха при враќањето во нормала по повеќе од 10 години власт на Оливер Кромвел и пуританците. Жената на Чарлс, Катерина од Браганца, не родила деца, но Чарлс признал најмалку 12 незаконски деца од неколку љубовници. Бидејќи незаконските деца биле исклучени од правото на наследство, на престолот го наследил неговиот брат Џејмс.

Ран живот уреди

Чарлс II како новороденче во 1630 година, слика припишана на Јустус ван Егмонт
Чарлс II како принц од Велс, слика на Вилијам Добсон, околу 1642 или 1643 година
„Шкотите го држат носот на нивниот млад крал на воденичен камен“, од сатиричен англиски памфлет
Крал во егзил: Чарлс II насликан од Филип де Шампањ, околу 1653 година

Чарлс е роден во палатата Семт Џејмс на 29 мај 1630 година. Неговите родители биле кралот Чарлс I, кој владеел со трите кралства на Англија, Шкотска и Ирска, и кралицата Хенриета Марија, сестрата на францускиот крал Луј XIII. Чарлс бил нивниот втор син и дете. Нивниот прв син, кој е роден околу една година пред Чарлс, починал неколку часа по раѓањето.[2] Англија. Шкотска и Ирска биле христијански земји, но обожавањето било поделено меѓу различни деноминации како католицизам, англицизам, презвитеризам и пуританизам. Чарлс бил крстен во кралската капела на 27 јуни од англиканскиот бискуп на Лондон, Вилијам Лод и воспитан од протестанстката војвотка од Дорсет, иако неговите кумови ги вклучувале Луј XIII и Марија де Медичи,[3] католичките роднини на неговата мајка. При раѓањето, Чарлс станал војвода од Корнвол и војвода од Ротсеј, заедно со неколку други поврзани титули. На неговиот осми роденден, тој бил назначен за принц од Велс, иако нему никогаш формално не му биле доделени почестите на кнежевството Велс.

За време на четириесеттите години од XVII век, кога Чарлс сè уште бил млад, неговиот татко ги победил парламентарските и пуританските сили во Англиската граѓанска војна. Чарлс го придружувал неговиот татко во Битката на Еџхил, и на 14-годишна возраст учествувал во борбите во 1645 година, кога бил прогласен за заштитник-командант на англиските сили во Вест Кантри[4]. До пролетта во 1649 година, неговиот татко ја губел војната и Чарлс ја напуштил Англија поради страв за неговата безбедност, упатувајќи се прво на островите на Сицилија, потоа во Џерси и на крај во Франција, каде неговата мајка веќе живеела во егзил, а неговиот прв братучед, осумгодишниот Луј XIV, бил крал.[5]

Во 1648 година, за време на Втората англиска граѓанска војна, Чарлс се преселил во Хаг, каде неговата сестра Мери и неговиот зет Вилем II Орански, можеле да овозможат поцврста помош на ројалистичката цел отколку француските роднини на кралицата.[6] Сепак, кралската флота која била под контрола на Чарлс не била во предност и не успеала да стигне до Шкотска навреме за да се спои со кралската енгејџерска армија (анг. Engagers) на војводата од Хамилтон, пред да биде поразена во Битката кај Престон од страна на парламентарците.[7]

Во Хаг, Чарлс имал кратка афера со Луси Волтер, која подоцна лажно тврдела дека тие тајно се венчале.[8] Нејзиниот син, Џејмс Крофтс (подоцна војвода од Монмут и војвода од Баклеј), бил едно од многуте незаконски деца на Чарлс кои тој подоцна ги признал, и кој бил видна личност во политичкиот живот и општеството во Британија.

Во 1646 година, Чарлс I се предал. Тој побегнал и повторно бил заробен во 1648 година. И покрај дипломатските напори на неговиот син за да го спаси, Чарлс I бил обезглавен во 1649 година, а Англија станала република. На 6 февруари, Ковенантскиот парламент на Шкотска го прогласил Чарлс II за крал на Велика Британија како наследник на неговиот татко, но одбил да му дозволи да влезе во Шкотска освен ако тој не го прифати презвитеранизмот низ Британските Острови.

Кога преговорите биле откажани, Чарлс го овластил генералот Монтроуз да пристигне на Оркниските Острови со мала војска за да им се закани на Шкотите со инвазија, со надеж дека ќе ги принуди на договор каков што тој сака. Монтроуз се плашел дека Чарлс ќе прифати компромис, но сепак избрал да ја нападне континентална Шкотска. Тој бил заробен и погубен. Чарлс неволно ветил дека ќе се придржува кон условите на спогодбата договорена меѓу него и Шкотскиот Парламент во Бреда, и дека ќе ги поддржи Свечената Лига и Ковенантот, кои имале овлстување за раководењето на Презвитеранската црква низ Британија. При неговото доаѓање во Шкотска на 23 јуни 1650 година, Чарлс формално го прифати Ковенантот; неговото напуштање на раководењето на Епископската црква иако му донела поддршка во Шкотска, го направила непопуларен во Англија. Чарлс наскоро започнал да ги презира „подмолноста“ и „лицемерството“ на Ковенантите.[9] На 3 септември 1650 година, Ковенантите беа поразени во Битката кај Данбар од страна на многу помала сила предводена од Оливер Кромвел. Шкотските сили беа поделени во ројалистички енгејџери и презвитерански ковенанти, кои дури и се бореле едни против други. Разочаран од Ковенантите, во октомври истата година, Чарлс се обидел да им побегне и одјавал на север да им се придружи на енгејџерките сили, настан кој станал познат како „Почетокот“, но за два дена презвитеранците успеале да го престигнат и да го фатат.[10] Сепак, Шкотите останале најголемата надеж на Чарлс за враќање на монархијата, и тој бил крунисан за крал на Шкотска во Скун на 1 јануари 1651 година. Поради тоа што силите на Кромвел биле закана за позицијата на Чарлс во Шкотска, било одлучено да се нападне Англија. Бидејќи многу Шкоти (вклучувајќи го и лордот Аргил и други водечки Ковенанти) одбивале да учествуваат, а и со само неколку англиски ројалисти кои се придружиле јужно во нападот на Англија, нападот завршил со пораз во Битката кај Ворчестер на 3 септември 1651 година, по што Чарлс избегнал заробување криејќи се во кралскиот даб во Боскобел Хаус. Во тек на шест недели, едвај избегнувајќи ја опасноста, Чарлс маскирајќи се успеал да избега од Англија. Тој успеал да пристигне во Нормандија на 16 октомври и покрај наградата од 1000 фунти за неговата глава, ризикот од смрт за секој што ќе бил фатен како му помага и тешкотијата при маскирањето на Чарлс, кој бил невообичаено висок (185 см).[11][12]

Кромвел бил назначен за лорд протектор на Англија, Шкотска и Ирска, успешно поставувајќи ги Британските Острови под воена власт. Осиромашен, Чарлс не можел да добие доволно поддршка за да биде сериозен предизвик на владата на Кромвел. И покрај врските на семејството Стјуарт преку Хенриета Марија и принцезата од Орање, Франција и Холандската Република создале сојуз со владата на Кромвел од 1654 година, принудувајќи го Чарлс да и се обрати за помош на Шпанија, која во тоа време владеела со Јужна Холандија[13]. Со помош на шпанските пари, Чарлс собрал мала војска од неговите потчинети кои биле во егзил, која се состоела од пет пешадиски полкови како и неколку трупи коњаница. Оваа сила го формирала јадрото на Британската Армија по обновувањето на монархијата.[14]

Обновување на монархијата уреди

По смртта на Кромвел во 1658 година, шансите на Чарлс за повторно добивање на круната отпрвен изгледале слаби бидејќи Ричард Кромвел го наследил својот татко како лорд протектор. Сепак, новиот лорд протектор немал моќ во Парламентот или Новата армија, бил принуден да абдицира во 1659 година и протекторатот бил укинат. За време на граѓанските и воените немири кои следеле, Џорџ Монк, гувернерот на Шкотска, бил загрижен дека земјата ќе премине во анархија.[15] Монк и неговата војска марширале во градот Лондон и го принудиле Рамп парламентот (англ. rump – задница, преостанат дел) повторно да ги признае членовите на Долгиот парламент (англ. long – долг) кои биле исклучени во декември 1648 година за време на Чистката на Прајд. Долгиот парламент се распуштил самиот и за првпат по речиси 20 години, имало општи избори.[16] Претходниот парламент создал изборни квалификации за да се обезбеди, како што тие мислеле, враќање на мнозинството презвитеранци.[17]

Ограничувањата против ројалистичките кандидати и гласачи биле нашироко игнорирани, а резултатот од изборите бил прилично еднаква поделба на политичка основа меѓу ројалисти и парламентарци и на религиска основа меѓу англиканци и презвитеранци во Долниот Дом. Таканаречениот нов Конвенциски парламент се собрал на 25 април 1660 година, а набргу потоа ја примил веста за Декларацијата од Бреда, со која Чарлс се согласил, меѓу другото, да ги помилува повеќето непријатели на татко му. Англискиот парламент решил да го прогласи Чарлс за крал и да го покани да се врати; оваа порака Чарлс ја добил во Бреда на 8 мај 1660 година.[18] Во Ирска, порано истата година била свикана конвенција, а на 14 мај, Чарлс бил прогласен за крал.[19]

Чарлс плови од неговиот егзил во Холандија кон неговото обновување како монарх во Англија во мај 1660 година. Слика на Лив Вершуиер

Од Шевенинген, тој заминал за Англија, пристигнал во Довер на 25 мај 1660 година, а во Лондон стигнал на 29 мај, на неговиот 30-ти роденден. Иако Чарлс и парламентот им доделиле амнестија на приврзаниците на Кромвел со Актот за обесштетување и заборав, 50 луѓе биле особено исклучени.[20] На крајот, девет од кралоубијците биле погубени: тие биле обесени, влечени и исечени на четири делови; другите биле казнети со доживотна робија или едноставно доживотно исклучени од функцијата.[21] Телата на Оливер Кромвел, Хенри Ајертон и Џон Бредшо биле подложени на недостоинствено посмртно обезглавување.[22]

Чарлс се согласил да се откаже од феудалните давачки кои биле обновени од неговиот татко; во замена, Англискиот парламент му доделил годишен приход од 1.2 милиони фунти, главно добиени од царини и акцизи за да ја предводи владата. Ова доделување сепак, се покажало како недоволно за најголемиот дел од владеењето на Чарлс. Сумата била само показател колку најмногу му е дозволено на кралот да добие од кралската ризница секоја година; за поголемиот дел од владеењето, реалниот приход бил многу помал, што довело до зголемување на долговите и понатамошни обиди да се соберат пари преку данокот по глава, данокот за земјата и „данокот за огништето“.

Рано владеење уреди

Во втората половина од 1660 година, задоволството на Чарлс за обновувањето на монархијата било намалено од смртта на неговиот помлад брат Хенри, како и неговата сестра Мери, од сипаници. Во исто време, Ен Хајд, ќерката на лорд канцеларот Едвард Хајд, признала дека е бремена од братот на Чарлс, Џејмс, со кој тајно се венчала. Едвард Хајд, кој не знаел ниту за бракот ниту за бременоста, бил назначен за гроф од Кларендон и неговата позиција како омилен министер на Чарлс била зајакната.[23]

Конвенцискиот парламент бил разрешен во декември 1660 година, а крунисувањето на Чарлс се случило на 23 април 1661 година во Вестминстерската опатија. Чарлс бил последниот монарх кој имал традиционална поворка од Лондонската кула до Вестминстерската Опатија, ден пред крунисувањето.[24]

Чарлс во неговата облека за крунисување. Насликано од Џон Мајкл Рајт, околу 1661 година

Кларендонскиот Код уреди

Кратко по крунисувањето бил свикан вториот Англиски парламент. Наречен Кавалје парламент, бил претежно составен од ројалисти и англиканци. Парламентот се обидел да ја обесхрабри неусогласеноста на Англиканската црква и донел неколку акти за да ја обезбеди англиканската доминација. Актот за корпорација од 1661 година, барал општинските службеници да се заколнат на верност;[25] според Актот за еднообразност од 1662 година, употребата на Книгата за јавна молитва да биде задолжителна; Актот за верските собирања од 1664 година ги забранувал верските собири со повеќе од пет луѓе, освен под покровителство на Англиканската црква; а Актот за пет милји (Актот за дисиденти) од 1665 година, забранувал свештениците да доаѓаат во круг од пет милји (8 километри) од парохијата од која биле протерани. Актот за верските собирања и Актот за петте милји станале познати како „Кларендонскиот код“, по лорд Кларендон, иако тој не бил директно одговорен за нив и дури зборувал против Актот за петте милји.[26]

Обновувањето на монархијата било проследено со општествени промени. Пуританизмот ја загубил својата динамика. Театрите биле повторно отворени откако биле затворени под покровителство на Оливер Кромвел, а непристојната „Комедија од обновувањето на монархијата“ станала препознатлив жанр. Театарските лиценци одобрени од Чарлс биле првите лиценци во Англија кои им дозволувале на жените да глумат женски улоги на сцената (тие претходно биле глумени од момчиња),[27] и литературата од обновувањето на монархијата го славела или влијаела на обновениот двор, кој ги вклучувал развратниците како Џон Вилмот, 2-иот гроф од Рочестер. За Чарлс II, тој наводно рекол:

                                       „Имаме прилично духовит крал,
                                       На чиј збор никој не верува,
                                       Тој никогаш не кажа глупост,
                                       Но никогаш ни мудрост.“[28]

За што Чарлс наводно рекол: „тоа е вистина, моите зборови се мои, но моите дела се на моите министри“.

Големата чума и Големиот пожар уреди

Во 1665 година, Чарлс се соочил со голема здравствена криза: Големата чума во Лондон. Во еден период, стапката на смрт достигнала број од 7000 жртви во неделата од 17 септември.[29] Чарлс, заедно со неговото семејство и дворот, во јули заминал од Лондон во Салсбури; парламентот се собрал во Оксфорд.[30] Неколку обиди за да се запре болеста од страна на службениците за јавно здравје од Лондон биле залудни и болеста продолжила да се шири со голема брзина.[31]

Како додаток на неволјите на Лондон, но обележувајќи го крајот на чумата, бил Големиот пожар во Лондон, кој започнал на 2 септември 1666 година. Пожарот проголтал околу 13.200 куќи и 87 цркви, вклучувајќи ја и катедралата Св. Павле.[32] Чарлс и неговиот брат Џејмс помагале при обидот за гасење на пожарот. Јавноста ги обвинувала римокатоличките заговорници за пожарот,[33] иако всушност тој започнал во една пекарница во Пудинг Лејн.

Надворешна и колонијална политика уреди

Од 1640 година, Португалија се борела во војната против Шпанија за да си ја врати својата независност по династичкиот сојуз кој траел 60 години меѓу круните на Шпанија и Португалија. Португалија имала помош од Шпанија, но со Пиринејскиот мировен договор во 1659 година, Португалија била напуштена од својот француски сојузник. Преговорите со Португалија за бракот на Чарлс со Катарина од Браганца започнале за време на владеењето на таткото на Чарлс и по обновувањето на монархијата, кралицата Луиса од Португалија, дејствувајќи како регент, одново ги започнала преговорите со Англија кои резултирале со сојуз. На 23 јуни 1661 година, бил потпишан договорот за брак. Миразот на Катарина на Англија и ги обезбедувал Тангиер (во Северна Африка) и Седумте острови на Бомбај (кои подоцна ќе имаат големо влијание врз развојот на Британската Империја во Индија), заедно со трговски права во Бразил и Источна Индија, верска и трговска слобода во Португалија и два милиони португалски круни (околу 300 000 фунти); додека Португалија добила воена и поморска поддршка против Шпанија и слобода на богослужење за Катарина. Катарина патувала од Португалија до Портсмут на 13-14 мај 1662 година,[34] но Чарлс не ја посетил сè до 20 мај. Следниот ден парот бил венчан во Портсмут со две церемонии – католичка церемонија извршена тајно, проследена со јавна англиканска служба во капелата Домус Деи.[35] Нејзината ограничена убавина и манастирското воспитување не биле доволно силни за да го оддалечат Чарлс од друштвото на неговите љубовници и по неколку недели од нејзиното пристигнување, таа станала свесна за нејзината тешка положба како сопруга на еден развратен крал, но иако Чарлс и понатаму имал деца со неговите љубовници, тој настојувал таа да биде почитувана.

Во еден неприфатен потег, исто така во 1662 година, Чарлс го продал Динкерк на неговиот прв братучед, францускиот крал Луј XIV, за околу 375 000 фунти.[36] Пристанишниот канал, иако бил вредна стратешка позиција, бил одводен канал на ограничените финансиски средства на Чарлс.[37]

Профил на Чарлс II на метална паричка во 1667 година од Џон Ротиерс за да се одбележи Втората Холандска Војна

Пред обновувањето на монархијата на Чарлс, Навигационите акти од 1650 година ја оштетиле холандската трговија давајќи им монопол на англиските бродови и ја започнале Првата Холандска војна (1652-1654). За да се постават темелите за нов почеток, дипломатските претставници на генералот на државата се појавиле во ноември 1660 година со холандскиот подарок.[38] Втората Холандска војна (1665-1667) била започната со англиските обиди насилно да влезат во Холандските области во Африка и Северна Америка. Конфликтот започнал добро за Англичаните, со освојувањето на Њу Амстердам (преименуван во Њујорк во чест на братот на Чарлс, војводата од Јорк) и победа во Битката кај Лоустофт, но во 1667 година Холанѓаните започнале изненадувачки напад на Англичаните ( Нападот на Медвеј) кога тие пловеле до реката Темза каде голем дел од англиската флота бил закотвен. Речиси сите бродови биле потопени освен адмиралскиот брод, Ројал Чарлс, кој бил однесен во Холандија како трофеј. Втората Холандска војна завршила со потпишувањето на Бредскиот договор (1667).

Како последица на Втората Холандска војна, Чарлс го разрешил лордот Кларендон, кој го искористил како жртвено јагне за војната.[39] Кларендон побегнал во Франција кога бил обвинет за велепредавство (кое се казнувало со смртна казна). Моќта преминала во рацете на петте политичари заедно познати под чудниот акроним како Кабал – Клифорд, Арлингтон, Бакингем, Ешли (подоцна гроф од Шефтсбери) и Лодердејл. Всушност, Кабал ретко дејствувале заедно, а дворот често бил поделен на две фракции предводени од Арлингтон и Бакингем, од кои Арлингтон бил поуспешен.[40]

Во 1668 година, Англија се здружила со Шведска и со својот поранешен непријател, Холандија, за да му се спротивстават на Луј XIV во Војната за децентрализација. Луј склопил договор со Тројниот сојуз, но продолжил да ги одржува своите агресивни намери кон Холандија. Во 1670 година, Чарлс, барајќи решение за да ги реши своите финансиски проблеми, се согласил на Доверскиот договор, со кој Луј XIV ќе му плаќа 160 000 фунти секоја година. За возврат, Чарлс се согласил да го обезбеди Луј со војска и да го објави своето преминување во католицизам „штом благосостојбата на неговото кралство ќе дозволи“.[41] Луј требало да го обезбеди со 6000 војници за да се потиснат оние кои се спротивставуваат на преминувањето во католицизам. Чарлс настојувал да се погрижи Договорот – особено одредбата за преминување во католицизам – да остане тајна.[42] Останува нејасно дали Чарлс сериозно имал намера да премине во католицизам.

Во меѓувреме, со низа од пет повелби, Чарлс и ги доделил правата за самостојни територијални придобивки на Британската Источно-индиска компанија, исто така да кова пари, да управува со тврдините и војската, да формира сојузи, да започнува војна и да склопува мир и да извршува граѓанска и криминална надлежност над освоените области во Индија.[43] Претходно во 1668 година, тој ги изнајмил островите на Бомбај за минимална сума од 10 фунти платени во злато.[44] Португалските територии кои Катарина ги донела со себе како мираз се покажале дека се премногу скапи за одржување; Тангер бил напуштен.[45]

Во 1670 година, Чарлс со кралска повелба го доделил управувањето на целиот речен слив Хадсонов Залив, на компанијата Хадсонов Залив и ја нарекол територијата Рупертова земја, по неговиот братучед, принцот Руперт од Рајна, првиот гувернер на компанијата.[46]

Конфликт со парламентот уреди

Иако претходно бил благонаклонет кон Круната, Кавалје парламентот бил оддалечен од војните на кралот и верските политики за време на 70-тите години на XVII век. Во 1672 година, Чарлс ја објавил Кралската декларација за толерантност, со која тој наводно ги укинува сите казниви закони против католиците и другите верски дисиденти. Во истата година, тој отворено ја поддржувал католичка Франција и ја започнал Третата Англо-холандска војна.[47]

Кавалје парламентот се спротивставил на Декларацијата за толерантност на уставна основа тврдејќи дека кралот нема никакво право своеволно да укинува закони донесени од парламентот. Чарлс ја повлекол Декларацијата, а исто така се согласил и на Тест Актот, кој не само што барал од државните службеници да ја примат Светата тајна под пропишаните обрасци од Англиканската црква,[48] туку подоцна и ги принудил да се откажат од одредени учења на Римокатоличката црква бидејќи биле „суеверни“ и „идолопоклонички“.[49] Клифорд, кој преминал во католицизам, поднел оставка наместо да даде заклетва и починал кратко после тоа. До 1674 година, Англија не добила ништо од Англо-холандската војна и Кавалје парламентот одбил да овозможи понатамошни средства, принудувајќи го Чарлс да склучи мир. Моќта на Кабал слабеела, додека таа на замената на Клифорд, лордот Денби, растела.

На Чарлс му е претставен првиот ананас одгледан во Англија во 1675 година, слика на Хендрик Данкертс

Сопругата на Чарлс, кралицата Катарина не можела да роди наследник; нејзините четири бремености во 1662 година; февруари 1666 година, мај 1668 година и јуни 1669 година завршиле со абортуси и мртвороденчиња. Поради тоа, наследник на Чарлс бил неговиот непопуларен католички брат, Џејмс, војводата од Јорк. Делумно за да ги смири стравувањата на народот дека кралското семејство е премногу католичко, Чарлс се согласил да ја омажи ќерката на Џејмс, Мери, за протестантот Вилем Орански.[50] Во 1678 година, Титус Оутс, кој наизменично бил англикански и језуитски свештеник, лажно предупредил за Папскиот заговор според кој би бил убиен кралот, дури и обвинувајќи ја кралицата за соучесништво. Чарлс не верувал на обвинувањата, но му наредил на неговиот главен министер, лордот Денби, да истражи. Додека лордот Денби се чини дека со право бил скептичен за тврдењата на Оутс, Кавалје парламентот ги сфатил сериозно.[51] Народот бил опфатен со анти-католичка хистерија[52]: судиите и поротите низ земјата ги осудиле наводните заговорници; бројни невини поединци биле погубени.[53]

Подоцна во 1678 година, Долниот Дом го обвинил лордот Денби за велепредавство. Иако голем дел од народот барал војна со католичка Франција, Чарлс тајно преговарал со Луј XIV, обидувајќи се да постигне договор со кој Англија би останала неутрална во замена за пари. Лордот Денби јавно признал дека е непријателски настроен кон Франција, но воздржано се согласил да се придружува кон желбите на Чарлс. За негова несреќа, Долниот Дом не го гледал како неподготвен учесник во скандалот, наместо тоа верувајќи дека тој бил творец на политиката. За да го спаси лордот Денби од јавно обвинување, Чарлс го разрешил Кавалје парламентот во јануари 1679 година.[54]

Новиот Англиски парламент, кој се собрал во март истата година, бил прилично непријателски настроен кон Чарлс. Многу членови се плашеле дека тој имал намера да ја искористи постојаната војска за да го потисне несогласувањето и да го наметне католицизмот. Сепак, со недоволно средства изгласани од парламентот, Чарлс бил принудел да ги распушти неговите војници. Со губењето на поддршката од парламентот, лордот Денби поднел оставка од својата функција како министер за финансии, но добил помилување од кралот. Наспроти кралската волја, Долниот Дом објавил дека разрешувањето на парламентот не ги прекинува постапките за оставката и помилувањето поради тоа е невалидно. Кога Горниот Дом се обидел да ја наметне казната за егзил – за која Долниот Дом сметал дека е премногу блага – оставката била задржана меѓу двата Дома. Како што било потребно да го направи тоа многупати за време на неговото владеење, Чарлс потклекнал пред желбите на неговите противници, предавајќи го лордот Денби во Лондонската кула. Лордот Денби ќе биде задржан таму уште 5 години.[55]

Подоцнежни години уреди

Чарлс се соочил со политичка бура за наследувањето на тронот. Веројатноста за католички монарх била жестоко спротивставена од Ентони Ешли Купер, 1-виот гроф од Шефтсбери (претходно барон Ешли и член на Кабал, кој се распаднал во 1673 година). Моќта на Шефтсбери била зацврстена кога Долниот Дом во 1679 година го вовел Законот за исклучување, со кој се бара војводата од Јорк да биде исклучен од линијата на наследување. Некои дури барале круната да му се пренесе на војводата од Монмут, најстариот син од незаконските деца на Чарлс, кој бил протестант. Оние кои ги нарекувале Abhorrers (англ. аbhorrent – одвратно, одбивно) бидејќи сметале дека Законот за исклучување бил одвратен – биле подоцна наречени ториевци (по поимот за безимотните ирски католички бандити), додека оние кои ја поддржувале кампањата за петиции во корист на Законот за исклучување ги нарекувале Pettitioners (англ. petition - моли, дава петиција), а подоцна биле наречени виги (по поимот за бунтовните шкотски презвитеријанци).[56]

Портрет на Џон Рајли, околу 1680-1685 година

Плашејќи се дека Законот за исклучување ќе биде донесен и зацврснат од некои ослободителни пресуди од судењата за заговорите кои биле во тек, за што му се чинело дека народот е понаколнет кон католицизмот, Чарлс решил да го разреши Англискиот парламент по вторпат таа година, во летото, 1679 година. Надежите на Чарлс за поумерен парламент не се исполниле и за неколку месеци тој повторно го разрешил парламентот, откако парламентарците се обиделе да го донесе Законот за исклучување. Кога нов парламент се собрал во Оксфорд во март 1681 година, Чарлс го разрешил по четврти пат за само неколку дена.[57] За време на 80-тите години од XVII век, сепак, популарната поддршка за Законот за исклучување опаднала и Чарлс доживеал пораст на верност низ целата земја. Лордот Шефтсбери бил обвинет за предавство и избегал во Холандија, каде и починал. До крајот на своето владеење, Чарлс владеел без парламент.[58]

Противењето на Чарлс за Законот за исклучување ги разлутило некои протестанти. Протестантските заговорници го создале заговорот Рај Хаус (англ. Rye House), план да се убијат кралот и војводата од Јорк додека се враќале од Лондон, по коњските трки во Њумаркет. Сепак, голем пожар ја уништил резиденцијата на Чарлс во Њумаркет, по што тој бил принудел да ги напушти трките порано, па така случајно избегнувајќи го планираниот напад. Вестите за пропаднатиот заговор биле обелоденети.[59] Протестантските политичари како Артур Капел, 1-виот гроф од Есекс, Алгернон Сидни, лорд Вилијам Расел и војводата од Монмут биле вмешани во заговорот. Лордот Есекс си го пресекол грлото додека бил затворен во Лондонската кула; Сидни и Расел биле погубени за велепредавство со многу слаби докази; а војводата од Монмут избегал во егзил на дворот на Вилем Орански. Лордот Денби и преживеаните католички лордови кои ги држеле во Кулата биле ослободени, а католичкиот брат на кралот, Џејмс, стекнал големо влијание на дворот.[60] Титус Оутс бил осуден и затворен за клевета.[61]

Смрт уреди

Чарлс доживеал мозочен удар утрото на 2 февруари 1685 година, а починал четири дена подоцна, на 54 години во 11:45 часот во палатата Вајтхол.[62] Неочекуваната болест и смрт довеле до сомневање дека можната причина за смртта е отров. Сепак, повеќето современи медицински анализи тврдат дека симптомите на неговата болест се слични на болеста уремија (клинички синдром кој настанува при нефункционирање на бубрезите).[63] На неговата смртна постела, Чарлс побарал од својот брат Џејмс да се грижи за неговите љубовници: „однесувај се добро со војвотката од Портсмут и не дозволувај кутрата Нели да гладува“,[64] и им рекол на своите дворјани: „Жалам господа, што умирам во вакво време.“[65] На последната вечер од неговиот живот тој бил примен во Римокатоличката црква, иако степенот до кој тој бил целосно свесен или обврзан, а и од кој потекнува идејата е нејасно.[66] Тој бил закопан „без свечености“ во Вестминстерската опатија на 14 февруари.[67]

Чарлс бил наследен од својот брат, кој станал Џејмс II од Англија и Ирска и Џејмс VII од Шкотска.

Потомство и наследство уреди

Чарлс немал законски деца, но признал дванаесет деца од неговите седум љубовници,[68] вклучувајќи пет деца од озлогласената Барбара Вилиерс, леди Каслмејн, за која било создадено војводството од Кливленд. Неговите други љубовници биле: Мол Дејвис, Нел Гвин, Елизабет Килигру, Кетрин Пеџ, Луси Волтер и Луиса де Керуал, војвотката од Портсмут. Народот бил навреден што морал да плаќа даноци кои биле трошени на нив и на нивните деца,[69] многу од кои добиле војводства и грофовства. Денешните војводи од Баклеј, Ричмонд, Графтон и Сент Олбанс потекнуваат од Чарлс во непрекината машка линија.[70]Дијана, принцезата од Велс, била потомок од двајца незаконски синови на Чарлс: војводите од Графтон и Ричмонд. Синот на Дијана, престолонаследникот Вилијам од Велс, ќе биде првиот британски монарх кој потекнува од Чарлс II.

Најстариот син на Чарлс , војводата од Монмут, предводел бунт против Џејмс II, но на 6 јули 1685 година, бил поразен кај Битката на Сеџмур, а потоа заробен и погубен. На крај, Џејмс бил симнат од престолот во 1688 година, за време на Славната револуција. Тој бил последниот римокатолички монарх кој владеел со Британија.

Обѕирнувајќи се на владеењето на Чарлс, ториевците биле склони да го гледаат како време на благонаклонета монархија, додека вигите тоа го сметале за ужасен депотизам. Денес е можно да се процени Чарлс без пристрасност. Тој повеќе се смета за љубезен палавко – со зборовите на неговиот современик Џон Евелин: „принц со многу доблести и многу недостатоци, љубезен, лесно достапен, не е намќорест или злобен“.[71] Џон Вилмот, 2-от гроф од Рочестер пишувал повулгарно за Чарлс:

                                   Нестрпливо се тркала од една проститутка до друга,
                                   Весел монарх, скандалозен и сиромашен.[72]

Чарлс, заштитиник на уметностите и науките, ја основал Кралската Опсерваторија и го поддржувал Кралското друштво, научна група чии први членови биле Роберт Хук, Роберт Бојл и сер Исак Њутон. Чарлс бил приватен заштитник на сер Кристофер Врен, архитектот кој помогнал повторно да се изгради Лондон по Големиот пожар и кој ја конструирал Кралската болница Челзи, која Чарлс ја основал како дом за пензионираните војници во 1682 година.

Годишнината од Обновувањето (исто така и роденденот на Чарлс) - 29 мај – била признаена како Ден на желадот (англ. Oak Apple Day) во Англија сè до средината на XIX-от век, наречена по Кралскиот даб во кој Чарлс се криел за време на бегањето од војската на Оливер Кромвел. Традиционалните прослави вклучувале носење ливчиња од даб, но тоа изумрело.[73] Чарлс II е запаметен преку спомениците на плоштадот Сохо во Лондон,[74] Плоштадот на Парламентот во Едингбург, плоштадот на Света Марија во Глостер,[75] како и покрај јужната врата во катедралата Личфилд, а исто така е и опширно прикажан во литературата и во другите медиуми.

Титули, обраќања, почести и грбови уреди

Титули и обраќања уреди

  • 29 мај 1630 – мај 1638: Војводата од Корнвол
  • Мај, 1638 – 30 јануари 1649: Принцот од Велс
  • 30 јануари 1649 – 6 февруари 1685: Неговото височество, Кралот
  • Во Шкотска: Неговата милост, Кралот

Официјалното обраќање на Чарлс II било „Чарлс Втори, со милоста на Господ, Крал на Англија, Шкотска, Франција и Ирска, бранител на верата итн.“[76] Барањето за Франција било само симболично и било наметнато од секој англиски крал уште од Едвард III, без разлика на големината на француска територија што всушност била контролирана.

Почести

KG: Витез на Редот на подвезицата (англ. Order of the Garter), 21 мај 1638 година

Грбови

Како принц од Велс, грбот на Чарлс бил кралскиот грб (кој подоцна и го наследил), кој се разликувал по трите сребрени пердуви.[77] Неговите грбови како монарх биле: штит поделен на четири дела, I и IV понатамошна поделба на дел од штитот, три златни хералдички лилјани на сина хералдска боја (за Франција), и три лавови кои чекорат налево со едната шепа крената во воздух со златен столб на црвена хералдска боја со (за Англија); II златен лав со предните шепи кренати во воздух со двоен штит и цветни мотиви на спротивните страни еден од друг во црвена хералдска боја (за Шкотска); III златна харфа со сребрени жици на сина хералдска боја (за Ирска).

Деца уреди

Со Маргерит или Маргарет де Картере

  1. Историчарите ги отфрлиле писмата како лажни во кои се тврди дека таа му родила син на Чарлс, наречен Џејмс де ла Клош во 1646 година.[78]

Со Луси Волтер (околу 1630–1658)

  1. Џејмс Крофтс, подоцна Скот (1649 – 1685), назначен за војвода од Монмут (1663) во Англија и војвода од Баклеј (1663) во Шкотска. Предок на Сара, војвотката од Јорк. Монмут е роден девет месеци откако Волтер и Чарлс II првпат се сретнале и бил признат како негов син од страна на Чарлс II, но Џејмс II тврдел дека тој е син на друг нејзин љубовник, полковникот Роберт Сиднеј. Луси Волтер имала ќерка, Мери Крофтс, родена по Џејмс во 1651 година, но Чарлс не бил таткото, бидејќи тој и Волтер се разделиле во септември 1649 година.[79]

Со Елизабет Килигру (1622–1680), ќерка на Сер Роберт Килигру, мажена за ,Френсис Бојл 1-в Висконт Шанон во 1660 година

  1. Шарлот Џемима Хенриета Марија Фицрој (1650–1684), мажена прво за Џејмс Хауард,а потоа за Вилијам Пестон, 2-риот гроф од Јармут.

Со Кетрин Пег

  1. Чарлс ФицЧарлс (1657–1680), познат како „Дон Карло“, назначен за гроф од Плимут (1675)
  2. Кетрин ФицЧарлс (родена 1658 година; или умрела млада или станала калуѓерка во Динкерк)[80]

Со Барбара Вилерс (1641–1709), сопруга на Роџер Палмер, 1-виот Ерл од Каслмејн; назначена војвотка од Кливленд со нејзино право

  1. Леди Ен Палмер (Фицрој) ) (1661–1722), мажена за Томас Ленард,1-виот Ерл од Сасекс. Таа можеби била ќерка на Роџер Палмер, но Чарлс ја прифатил.[81] Сара, војвотката од Јорк е потомок на Ен преку двајцата родители.
  2. Чарлс Фицрој (1662–1730), назначен за војвода од Саутхемптон (1675), станал 2-риот војвода од Кливленд (1709)
  3. Хенри Фицрој, (1663–1690), назначен за гроф од Јустон (1672), војвода од Графтон (1675), пра-пра-пра-пра-пра-пра-прадедо на Дијана, принцезата од Велс.
  4. Шарлот Фицрој (1664–1717), мажена за Едвард Ли, 1-виот гроф од Личфилд
  5. Џорџ Фицрој (1665–1716), назначен за гроф од Нортамберленд (1674), војвода од Нортамберленд (1678)
  6. Барбара (Бенедикта) Фицрој (1672–1737) – Таа веројатно била ќерка на Џон Черчил, подоцна војвода од Марлборо, кој бил еден од многуте љубовници на војвотката од Кливленд,[82] а никогаш не била призната од Чарлс како негова ќерка.[83]

Со Нел Гвин (1650–1687)

  1. Чарлс Боклерк (1670–1726), назначен за војвода од Сент Олбанс (1684)
  2. Џејмс, лорд Боклерк (1671–1680)

Со Луиса Рене де Пенанкое де Керовил (1649–1734), назначена за војвотка од Портсмут со нејзино право (1673)

  1. Чарлс Ленокс (1672–1723), назначен за војвода од Ричмонд (1675) во Англија и војвода од Ленокс (1675) во Шкотска. Предок на Дијана, принцезата од Велс, Камила, војвотката од Корнвол и Сара, војвотката од Јорк.

Со Мери ’Мол’ Дејвис, куртезанка и глумица со репутација[84]

  1. Леди Мери Тјудор (1673–1726), мажена за Едвард Редклиф, 2-иот гроф од Дервентвотер; по смртта на Едвард, таа се омажила за Хенри Греам, а по неговата смрт се омажила за Џејмс Рук.

Други веројатни љубовници:

  1. Кристабела Виндхам[85]
  2. Хортенс Манчини, војвотка од Мазарин[86]
  3. Винифред Велс – една од девериците на кралицата[87]
  4. Џејн Робертс – ќерка на свештеник[87]
  5. Елизабет Беркли, родена Багот, грофица од Фалмут, вдовица на Чарлс Беркли, 1-виот гроф од Фалмут[87][88]
  6. Елизабет Фицџералд, грофица од Килдер[87]

Предци на Чарлс II уреди

Наводи уреди

  1. Од смррта на неговиот татко до поразот во Битката кај Ворчестер
  2. Weir, Alison (1996), Britain's Royal Families: The Complete Genealogy, Revised edition, Random House, pp. 255–257, ISBN 0-7126-7448-9
  3. Fraser, p.13 and Hutton, pp.1–4
  4. Fraser, p.32 and Hutton, pp.6–7
  5. Fraser, pp.38–45 and Miller, Charles II p.6
  6. Fraser, pp.55–56
  7. Fraser, pp.57–60
  8. Fraser, pp.65–66, 155, Hutton, p.26, and Miller, Charles II p.5
  9. Fraser, p.97 and Hutton, p.53
  10. Fraser, pp.96–97 and Hutton, pp.56–57
  11. Fraser, pp.98–128 and Hutton, pp.53–69
  12. Илјада фунти била голема сума во тоа време, поголема од просечните животни добивки на еден работник. (Fraser, p.117).
  13. Hutton, pp.74–112
  14. Fraser, p. 21
  15. Fraser, pp.160–165
  16. Diary of Samuel Pepys, 16 March 1660
  17. Miller, Charles II pp.24–25
  18. Hutton, p.131
  19. Seaward, Paul (2004), "Charles II (1630–1685)", Oxford Dictionary of National Biography (Oxford University Press), doi:10.1093/ref:odnb/5144, retrieved 2010-04-19
  20. Fraser, p.190
  21. Charles II (r. 1660–1685), Official website of the British Monarchy, retrieved 19 April 2010
  22. Fraser, p.185
  23. Fraser, pp.210–202, Hutton, pp.155–156 and Miller, Charles II pp.43–44
  24. Keay, A. (2002), The Crown Jewels, Historic Royal Palaces, ISBN 1-873993-20-X
  25. Hutton, p.169
  26. Hutton, p.229
  27. Hutton, p.185
  28. Papers of Thomas Hearne (17 November 1706) quoted in Doble, C. E. (editor) (1885) Remarks and Collections of Thomas Hearne Volume 1, Oxford: Clarendon Press for the Oxford Historical Society, p. 308
  29. Fraser, p.238
  30. Miller, Charles II p.120
  31. Defoe, Daniel (1894), History of the Plague in England, New York: American Book Company
  32. Porter, Stephen (January 2007), "The great fire of London", Oxford Dictionary of National Biography (Oxford University Press), retrieved 2012-06-04
  33. Fraser, pp. 243–247; Miller, Charles II pp. 121–122.
  34. Wynne, S. M. (2004), "Catherine (1638–1705)", Oxford Dictionary of National Biography (Oxford University Press), doi:10.1093/ref:odnb/4894, retrieved 2012-06-04
  35. Brand, Emily (2011), Royal Weddings, Osprey Publishing, ISBN 978-0-7478-1139-8
  36. Miller, Charles II pp.93, 99
  37. It cost the Treasury £321,000 per year (Hutton, p.184).
  38. Israel, J.I., The Dutch Republic; Its rise, greatness, and fall 1477–1806 (Oxford 1998), p. 749-750.
  39. Hutton, pp.250–251
  40. Hutton, p.254 and Miller, Charles II p.175–176
  41. Fraser, p.275
  42. Fraser, p.275–276 and Miller, Charles II p.180
  43. "East India Company" (1911). Encyclopædia Britannica Eleventh Edition, Volume 8, p.835
  44. Bombay: History of a City, The British Library Board, retrieved 19 April 2010
  45. Hutton, p.426
  46. The Royal Charter of the Hudson's Bay Company, Hudson's Bay Company, retrieved 14 December 2010
  47. Fraser, pp.305–308 and Hutton, pp.284–285
  48. Raithby, John (ed.) (1819), "Charles II, 1672: An Act for preventing Dangers which may happen from Popish Recusants", Statutes of the Realm: volume 5: 1628–80: 782–785, retrieved 19 April 2010
  49. Raithby, John (ed.) (1819), "Charles II, 1678: (Stat. 2.) An Act for the more effectuall preserving the Kings Person and Government by disableing Papists from sitting in either House of Parlyament", Statutes of the Realm: volume 5: 1628–80: 894–896, retrieved 19 April 2010
  50. Fraser, pp.347–348 and Hutton, pp.345–346
  51. Hutton, pp.359–362
  52. Fraser, p.360
  53. Fraser, p.375
  54. Miller, Charles II pp.278, 301–304
  55. Hutton, pp.367–374 and Miller, Charles II pp.306–309
  56. Hutton, pp. 373, 377, 391 and Miller, Charles II pp.310–320
  57. Hutton, pp.376–401 and Miller Charles II pp.314–345
  58. Hutton, pp.430–441
  59. Fraser, p.426
  60. Hutton, pp.420–423 and Miller Charles II pp.366–368
  61. Fraser, p.437
  62. Fraser, p.450 and Hutton, p.443
  63. "Nova et Vetera". British Medical Journal 2.4064 (1938): 1089.
  64. Fraser, p.456
  65. Bryant, Mark (2001). Private Lives. London: Cassell. ISBN 0-304-35758-8 p.73
  66. Hutton, pp.443 and 456
  67. Fraser, p.459
  68. Fraser, p.411
  69. Hutton, p.338
  70. Fraser, p.413
  71. Miller, Charles II pp.382–383
  72. Цитирано во Miller, Charles II p.95
  73. Fraser, p.118
  74. "Soho Square Area: Portland Estate: Soho Square Garden", Survey of London: Volumes 33 and 34, pp.51–53, 1966, retrieved 19 April 2010
  75. Gloucester City Council. "List of Monuments in Gloucester". Retrieved 2 December 2012.
  76. Guinness Book of Answers (1991), p. 708
  77. Velde, François (19 April 2008), Marks of Cadency in the British Royal Family, Heraldica, retrieved 19 April 2010
  78. Fraser, pp.43–44 and Hutton, p.25
  79. ^ Сите датуми во оваа статија се дадени според јулијанскиот календар со почетокот на годината приспособен на 1 јануари, освен ако не е забележано поинаку (види датуми според Стар стил и Нов стил).
  80. Hutton, p.125
  81. Cokayne, George E.; Revised and enlarged by Gibbs, Vicary; Edited by Doubleday, H. A., Warrand, D., and de Walden, Lord Howard (1926), „Appendix F. Bastards of Charles II“, The Complete Peerage, London: St. Catherine Press, Volume VI, pp.706–708CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  82. Miller, Charles II pp.97, 123
  83. Fraser, pp.65 and 286
  84. Fraser, p.287
  85. Fraser, p.37 and Miller, Charles II p.5
  86. Fraser, pp.341–342, Hutton, p.336 and Miller, Charles II p.228
  87. 87,0 87,1 87,2 87,3 Fraser, p.285 and Hutton, p.262
  88. Melville, Lewis (2005) [1928], The Windsor Beauties: Ladies of the Court of Charles II, Loving Healing Press, ISBN 1-932690-13-1, Посетено на 19 April 2010

Користена литература уреди

Надворешни врски уреди