Црн блок е група на афинитети која се собира по повод протести, антиглобалистички демонстрации, маршеви и разни облици на класна борба. Се состои од луѓе облечени во црно, воглавно младина, кои се најчесто анархисти и антикапиталисти по убедување.

Илустрација на Црн блок.

Црниот блок не е организација, туку стратегија, како што е граѓанската непослушност. Иако стратегијата на црниот блок се јавува на сите поголеми антиглобалистички демонстрации (во Џенова, Прага, Сијетл, Вашингтон, Единбург итн.) не постои постојана организација на црниот блок помеѓу протестите.

Појава уреди

Црниот блок за првпат се појавува во Германија во текот на 1980-тите, како одговор на насилството на државата наспрам радикалните активисти. Тоа е израз со кој полицајците ја опишуваа милитантната сквотерска младина и автономните, кои се бореа против нив на улиците за одбрана на сквотовите, марширајќи со шлемови, ски маски и униформна црна облека, а оние најподготвените носеа чизми засилени со метал, шипки, палки, пендраци и штитови. Исто така се маскираа со црни фантомки и ги бранеа турските емигранти од неонацистички напади во Источна Германија после падот на Берлинскиот ѕид.

Првиот американски црн блок беше организиран во текот на протестите против Заливската војна во 1991, а таа стратегија стана изразито популарна кон крајот на 1999. на масовните демонстрации против Светската трговска организација во Сијетл кои го исфрлија црниот блок во прв план пред меѓународната јавност.

Црната боја уреди

Црното е боја на анархизмот, која историски може да се следи уште од црните знамиња на пиратите и Париската комуна, кои се едни од причините што е наречен токму „црн“ блок. Црното исто така се носи на демонстрации за да се сочува анонимноста, вклучувајќи ги и црните маски, бидејќи полициските сили ги снимаат протестите со видеокамери. Маските, освен анонимноста, придонесуваат и кон губењето на личниот идентитет и создавањето на чувство на припадност и еднаквост помеѓу учесниците.

Тактики уреди

Тактики типични за црниот блок се марширање, кревање на барикади, заземање на улици без дозвола, уништување на имот на мултинационални корпорации, напаѓање и разоружување на полицајци, пружање прва помош на луѓе настрадани во полициските интервенции со водени топови, ослободување на уапсените, правење ланци итн. Ослободувањето од апсење најчесто функционира така што луѓето кои не се уапсени и се бројно надмоќни прават ланец околу полицајците. Правењето ланец служи да се обедини блокот и на тој начин да и се попречи на полицијата да ги растури демонстрантите. Се работи за вид на полициска формација, слична на кордон, но далеко повеќе променлива и спонтана.