Теофраст (грч.: Θεόφραστος) (372-287 г. п.н.е.) — книжевник и филозоф, роден во Ерез, град на островот Лезбос, денешна Грција.

Теофраст

Живот уреди

Вистинското име му било Тиртам. Првиот учител му бил Леосип, ученикот на Зенон. Потоа Теофраст отишол во Академијата на Платон, и на крај преминал кај Аристотел, каде бил најзабележителен меѓу учениците. Новиот учител Аристотел му го променил името од Тиртам → во Ефраст, што значи: кој зборува добро, а потоа заради неговата генијалност и красноречие го нарекол Теофраст т.е. чиј јазик е божествен.

Според Авел Гелиј, кога Аристотел бил обвинет од Еримонд, свештеник на божицата Церера, како непријател на боговите, а за да ја избегне судбината на Сократ, ја напуштил Атина и отишол во Калис, на островот Евбија. Академијата му ја оставил на својот ученик Теофраст од Лезбос, како и сите свои дела за да ги чува како тајна, по што филозофските и другите книги Теофраст ги издал во името на Аристотел.

Теофраст се прославил во целиот антички период за време на Македонската империја, во Академијата која ја наследил од Аристотел, имал повеќе од 2.000 ученика. Тоа предизвикало завист кај Софокол (не е поетот трагичар), син на Амфиклид, кој тогаш бил претор, па издал Закон против собирањето на групи, забрана за филозофите да предаваат, под закана со смртна казна. Теофраст и неговите ученици му се потчиниле на овој Закон; но следната година, кога Фелон ја зазел функцијата претор на Атина, Атињаните го укинале овој срамен Закон, го осудиле Софокол да плати казна од пет таланти и им ги вратиле правата на Теофраст и на сите филозофи.

 
Historia plantarum, 1549

Дела уреди

Негови се две ботанички дела, "Историја на растенијата" во девет книги, "Потекло на растенијата" [1] во шест книги, во кои опишал 550 видови растенија, со што станал основач на ботаниката како наука. Исто така, негово е делото Карактери[2] кое подоцна служело како извор од кој се црпеле известувања за развојот на филозофските сфаќања. Овие три дела на Теофраст се сочувани до денес, меѓутоа изгубено е делото “За стилот“ кое се занимавало со прашањата на книжевната теорија и стил. Делумно се сочувани делата "Метафизички апории" и "Историја на физиката". Неговите расправи за логиката се коментари и дополнувања на Аристотеловиот "Органон".

Теофраст активно учествувал во политичкиот живот.

Умрел на 85-годишна возраст.

За Теофрастовите Карактери уреди

Во своите „Карактери” Теофраст без правилен редослед скицирал триесет смешни и грди човечки карактери, кои се одраз на начинот на нивното однесување во секојдневниот живот. На почеток од секое поглавје е наведена дефиниција која го карактеризира одредениот вид на човековото однесување, а во продолжение следат примери кои го илустрираат таквото однесување. Дадените примери се наредени без некој последователен распоред.

Теофрастовите „Карактери“ се претстави на разновидни недостатоци или морални слабости на човековото секојдневно однесување кои во себе кријат комични елементи. Иако Теофраст одделните црти на човековата личност ги земал непосредно од атинското секојдневие, сепак неговите Карактери не се посветени на начинот на однесувањето само на Атињаните, туку на човекот воопшто, кој е насликан без оглед на полот, возраста, националноста, звањето и другите случајни разлики, а секоја така насликана личност претставува општ характер. Зборот „карактер“ има старогрчко потекло и значи острам, зашилувам, врежувам, цртам. Денес значењето на овој термин е пошироко, па под зборот карактер се подразбира збир на особини или на својства со кои се одликува некој човек, трајна особина на волјата и на начинот на дејствување на еден човек според која тој е поинаков од сите други луѓе.

Теофраст скицирал триесет карактери: лицемерство, ласкавост, дрдорливост, недоделканост, додворливост, расипаност, брборливост, измислување новости, бесрамност, скржавост, лакрдијаштво, нетактичност, претерана услужливост, тапоглавост, горделивост, суеверност, негодување, сомничавост, гнасност, невоспитаност, малограѓанштина, скаперништво, фалбаџиство, високомерност, кукавичлук, олигархија, доцноукост, озборување, наклонетост кон ништожниците и тамаќарство.

Наводи уреди

  1. First Scientific Descriptions Архивирано на 9 мај 2014 г. анг.
  2. Теофраст. Характери. Скопје: Слово, 2007.

Надворешни врски уреди