Смрт во Венеција — кус роман (новела) на германскиот писател Томас Ман, напишан во 1911, а објавен во 1912 година.[1][2] Главниот лик е познат писател кој заминува во Венеција како би ги расчистил психолошките проблеми кои го мачеле. Таму сретнал едно момче, кое за него претставувало симбол на совршенството.[3] Иако никогаш не му проговорил, ниту пак имал интимен контакт, сепак писателот чувствувал неодолива страст кон младото момче. Ниту надојдената колера во градот не го присилила писателот да го напушти неговиот објект на визуелно задоволство. „Смрт во Венеција“ е психолошки роман, чија главна тема е врската помеѓу љубовта и смртта, т.е. врската помеѓу античките богови Ерос и Танатос.[4]

Смрт во Венеција
АвторТомас Ман
ЗемјаГерманија
Јазикгермански
Жанрновела
ИздавачС. Фишер Верлаг
Издадена
1912 г.
Published in English
1924 (во списание), 1925 (како книга)
МедиумПечатена (тврди и меки корици)
Страници170
ISBN978-0-06-057617-2
OCLC71208736
„Смрт во Венеција“ на германски јазик

Содржина уреди

Прва глава: Густав фон Ашенбах бил средовечен писател, на возраст од околу 50 години, кој живеел во Минхен како славен писател и носител на благородничка титула. Чекајќи на автобуската станица во близина на гробиштата, забележал дека го набљудува непознат човек, што му создало силен внатрешен немир. Уморен од постојаната, дисциплинирана работа, Ашенбах решил да замине на долг одмор во некој егзотичен европски град, како би можел да си ги среди своите разбранувани емоции.[5][6]

Втората глава е мала ретроспекција на неговата писателска кариера и на големиот успех кој го постигнал благодарение на неговата творечка дејност.[7][8][9]

Трета глава: Во втората половина на мај, Ашенбах отпатувал со воз за Трст, а потоа се сместил на еден остров во близината на Истра. Меѓутоа, таму не можел да го најде бараниот мир, па одлучил да отпатува во Венеција. Патувајќи со брод тој забележал старец облечен во облека што била карактеристична за младите луѓе. Без разлика што старецот се трудел да се однесува како младите, поради својата слабост и немоќ, тој не можел да го следи нивниот животен ритам. Таа глетка предизвикала одвратност кај Ашенбах. По пристигнувањето во пристаништето во Венција, Ашенбах изнајмил гондола, со намера да го посети плоштадот Св. Марко, но гондолиерот го возел кон хотелот во Лидо ди Џесоло. Притоа, тој имал мало недоразбирање со своеглавиот гондолиер, кој немал дозвола за превоз, па затоа, штом пристигнале во Лидо, тој веднаш избегал без да побара пари за возењето. Следното утро, појадувајќи во хотелот, Ашенбах за првпат го запознал младото момче Таџо, кој за него претставувал олицетворение на совршената убавина. Таџо, нагалено од Тадеуш, бил бил омиленото и разгалено синче на едно полско семејство. Ашенбах бил опседнат од божествената убавина на Таџио, па постојано го набљудувал како си игра на плажата, се капе, јаде во хотелскиот ресторан, итн. Еден ден, шетајќи низ Венеција, на Ашенбах заклучил дека не му одговара климата и одлучил набрзина да замине во близината на Трст. Но, кога пристигнал на железничката станица, дознал дека неговиот багаж по грешка заминал за Комо и тоа му било изговор да се врати во хотелот. Таму, повторно го видел Таџо и сфатил дека тој е вистинската причина што не му дозволила да си замине.[10][11]

Четврта глава: По враќањето во хотелот, Ашенбах го набљудувал Таџо секој ден, сметајќи го за симбол на совршенството и за идеал на убавината, а тие средби кај него раѓале пријатни чувства и спокојство. Исто така, инспириран од Таџо, Ашенбах повторно почнал да пишува. Едно утро, Ашенбах се обидел да се запознае со момчето, но во последен миг се исплашил и се откажал од намерата. Таџо, пак станал свесен за присуството на писателот и често минувал во неговата близина, двајцата си разменувале погледи, а при една случајна средба, Таџо му се насмевнал. Во тој миг, вознемирениот Ашенбах седнал на една клупа во паркот и си шепотел дека го сака момчето.[12][13]

Петта глава: Во четвртата недела од неговиот престој во хотелот, Ашенбах почнал да забележува знаци на невообичаена состојба во градот во кој се спроведувала дезинфекција. На неговото распрашување, сите му одговарале дека станува збор за редовни, превентивни хигиенски мерки, но дури подоцна дознал дека во градот се појавила епидемија на колера. Во меѓувреме, тој веќе отворено почнал да го следи Таџо насекаде низ градот, а момчето отворено покажувало дека е свесно дека писателот го набљудува. Истовремено, иако станал свесен за опасната здравствена состојба во градот, Ашенбах цврсто одлучил да остане во хотелот само за да може да ужива гледајќи го Таџо. Притоа, за да му се допадне на момчето, писателот почнал убаво да се облекува и да посетува козметички третмани. Една ноќ, Ашенбах имал кошмарен сон, а неколку дена подоцна почувствувал необична слабост во телото. Кога дознал дека полското семејство се подготвува да си замине дома, Ашенбах отишол на плажата и тивко умрел додека го набљудувал Таџо.[14][15]

Осврт кон делото уреди

„Смрт во Венеција“ го означува крајот на најраниот период од творештвото на Ман. Притоа, ова дело му донело на авторот морална рехабилитација по романот „Кралското височество“ коешто било примено со одредено разочарување.[16] Во него, авторот се занимава со проблемот на убавината и љубовта предизвикана од неа. Дејството е преполно со митолошки симболизам при што на својот пат кон Венеција, главниот јунак е сведок на чудни околности и гротескни сопатници и, како последица на тоа, тој го насочува својот надразнет нервен систем кон човечката убавина. Својата фасцинација со убавото момче, главниот лик ја правда со философски аргументи во кои се повикува на Сократ според кого убавината е единствената форма на духот што можеме да ја прифатиме со нашите сетила. Постепено, љубовта и фасцинацијата добиваат патолошки димензии, ставајќи го делото меѓу најшокантните ремек-дела во светската книжевност.[1]

По симболиката и фабулата, ова дело е слично на новелата „Тонио Крегер“, зашто во двете се обработува антагонизмот меѓу уметноста и животот, т.е. проблематичната природа на уметникот. Овде, трагичната осаменост на уметникот и неговата патолошки сензибилна природа го фрла во силно психичко еротско доживување, што резултира во душевно понижување и смрт. Притоа, поврзувањето на смртта на писателот Ашенбах со епидемијата на колера симболично ги истакнуваат хаотичноста на чувствата и бедата на неговиот трагичен крај. Смелата градба на делото Ман ја збогатил со својата уметност при што реализмот на опишувањето е испреплетен со длабока симболика која е психолошки оправдана. Во делото, стилот не се претворил во „жртва на објектот“, туку негов израз во убавината, а силната уметничка свест создава јазично прегнантна и сублимна форма, додека ритмиката се одликува со музиката на поезијата. Во неговата визија на Стара Атина, Ашенбах го слуша почувањето на Сократ, кој вели дека „...само убавината во исто време е божествена и видлива и така, таа е пат на сетилното... пат на уметникот кон духот...“[17]

Вистинскиот Таџо уреди

Сопругата на Томас Ман, Катја (во книга од 1974), тврди дека идејата за приказната дошла за време на нивниот вистински одмор во Венеција, во текот на летото, 1911 година:

Сите детали од приказната, почнувајќи од човекот кај гробиштата, се земени од искуство... Во трпезаријата, на првиот ден, ја видовме полската фамилија, која изгледаше токму исто како што мојот сопруг ги опиша: девојките биле облечени здрвено и сериозно, и многу симпатично, убаво момче од околу 13 години било облечено во морнарски костум со отворена јака и многу убава тантела. Го фати вниманието на мојот сопруг веднаш. Ова момче било неверојатно привлечно, а маж ми секогаш го гледаше со своите придружници на плажа. Тој не го следел низ цела Венеција, тоа тој не го направил, но момчето го фасцинираше и мислеше на него често... Јас сè уште се сеќавам како мојот чичко Фридберг, беше бесен: „Каква приказна! И тоа оженет маж со семејство!“[18]

Момчето што го инспирирало ликот на Таџо бил баронот Владислав Моес, чие име е обично скратено како Влаџио или само Аџо. Оваа приказна била откриена од страна на преведувачот на Томас Ман, Анджеј Долеговски, околу 1964 година, а била објавена во 1965 година. Некои извори тврдат дека Моес не дознал за ова додека не ја видел филмската верзија на романот во 1971 година. Владислав Моес, роден на 17 ноември 1900 година во Вербка, бил вториот син и четвртото дете на баронот Александар Јулиј Моес. Тој имал 10 години кога бил во Венеција, значително помлад од Таџо во новелата. Баронот Моес починал на 17 декември 1986 година во Варшава. Тој бил предмет на биографијата Вистинскиот Таџо, напишана од страна на Гилберт Адер.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Tomas Man, Smrt u Veneciji. Podgorica: Nova knjiga, 2013.
  2. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963.
  3. Сакам книги Рецензија на романот
  4. Divian Arts Мистиката во делото на Ман
  5. Tomas Man, Smrt u Veneciji. Podgorica: Nova knjiga, 2013, стр. 5-10.
  6. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 65-70.
  7. „primetime.mk Книга на неделата“. Архивирано од изворникот на 2012-12-27. Посетено на 2012-11-17.
  8. Tomas Man, Smrt u Veneciji. Podgorica: Nova knjiga, 2013, стр. 11-17.
  9. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 70-76.
  10. Tomas Man, Smrt u Veneciji. Podgorica: Nova knjiga, 2013, стр. 18-43.
  11. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 76-100.
  12. Tomas Man, Smrt u Veneciji. Podgorica: Nova knjiga, 2013, стр. 44-54.
  13. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 100-111.
  14. Tomas Man, Smrt u Veneciji. Podgorica: Nova knjiga, 2013, стр. 55-78.
  15. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 111-133.
  16. Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 137-138.
  17. Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 137.
  18. Katia Mann, Unwritten Memories.

Надворешни врски уреди

Поврзано уреди