Слободниот пазар е пазар каде што целата размена се врши без принуда; и сета трговија е доброволна. Терминот "слободен пазар" може да се употреби при размената на единствен пар на стоки (како на пример, пари кои слободно се разменуваат за банани по заеднички утврден сооднос), или пак може да се употреби за да се однесува на цела економија.

Бидејќи ниедна постоечка национална економија не го применува целосно идеалот на слободен пазар теоретизиран од економистите и етичарите, терминот слободна пазарна еконимија се употребува за економијата на државата што се приближува до идеалот со тоа што има влада што применува мала или пак никаква интервенционистичка економска регулација. Ако таквата влада интервенира во приватните работи, таа само го прави тоа за да ја спречи принудата што може да се случи меѓу пазарните учесници. Бидејќи ваквата заштита мора да биде финансирана, таквата влада оданочува само во таа мера потребна за да ја изврши оваа функција. Оваа состојба е исто така позната како laissez-faire. Во економијата и политичката економија, ова е дијаметрално спротивно од командуваната економија каде што сите добра и услуги се произведуваат, дистрибуираат, и ги формираат своите цени под државна контрола.

Дали пазарното место треба да биде или е слободно е исто предмет на спор; многу тврдат дека државната интервенција е неопходна за да се спречи пазарниот неуспех што се смета дека е неизбежен резултат од апсолутното следење на принципите на слободниот пазар.

Меѓународно, слободните пазари се застапувани од приврзаниците на економскиот либерализам; во Европа ова најчесто едноставно се нарекува либерализам. Во САД, поддршката за економските структури на економскиот пазар е клучно начело на американскиот конзервативизам и либертаријанство. Од 70-тите, промовирањето на глобалната економија на слободен пазар, дерегулацијата и приватизацијата, често се нарекува неолиберализам.

Терминот слободна пазарна економија, честопати се употребува да се опишат некои економии кои постојат денес (како Хонгконг), но про-пазарните групи би го прифатиле тој опис само ако владата применува laissez-faire политики, наместо државна интервенција во економијата. Економијата што содржи значаен економски интервенционизам од владата, додека сѐ уште задржува некои одлики што можат да се најдат на слободниот пазар, често се нарекува мешана економија. Од појавата на посебниот економски систем во Советскиот Сојуз, слободниот пазар најчесто се става како спротивставен на командуваната економија и централно-планираната економија. Но, раните приврзаници на пазарната економија во Европа од XVIII век ја споредувале со средновековната, ранонововековната и меркантилистичката економија што и претходеле.

За општествената филозофија, слободниот пазар е систем за алоцирање на добра во рамките на општеството: понудата и побарувачката во рамките на пазарот определуваат кој добива што, и што се произведува.

Слободниот пазар, сам по себа, не бара постење на конкуренција, но бара конкуренцијата да не биде спречена со принуда. Оттаму, при недостиг на принудни бариери генерално се подразбира дека конкуренцијата цути во слободната пазарна средина. Таа често се поврзува со присуството на профитен мотив, иако ниту профитниот мотив, ниту профитот, сами по себе не се неопходни за слободен пазар. Сите модерни слободни пазари се подразбира дека вклучуваат претприемачи, поединци и бизниси. Обично, модерната слободна пазарна економија би вклучувала и други одлики, како што е берза и сектор за финансиски услуги, но тие не го дефинираат.