Сликата на Доријан Греј

Сликата на Доријан Греј (англиски: The Picture of Dorian Gray) — единствениот објавен роман на Оскар Вајлд. Првобитно, делото се појавило во месечното издание на списанието „Липинкот“, на 20 јуни 1890 година, а Вајлд подоцна го преработил ова издание, правејќи неколку измени и додавајќи нови поглавја. Изменетата верзија била објавена од „Вард, Лок енд Компани“, во април 1891 година. Книгата понекогаш се погрешно се наведува како Портретот на Доријан Греј.

Сликата на Доријан Греј
Насловна страна на списанието во кое првпат е објавен романот
АвторОскар Вајлд
Изворен насловThe Picture of Dorian Gray
ЗемјаИрска
Јазиканглиски
ИздавачLippincott‘s Monthly Magazine
Издадена
1890
МедиумPrint
OCLC53071567
823/.8 22
Клас. КБPR5819.A2 M543 2003

Романот раскажува за еден млад човек по име Доријан Греј, модел на една слика од уметникот Базил Холвард. Базил е импресиониран од убавината на Доријан, станува заслепен од него, верувајќи дека неговата убавина е одговорна за новиот стил во неговата уметност. Доријан се запознава со лорд Хенри Вотон, пријател на Базил, и е маѓепсан од неговиот поглед на светот. Застапувајќи се за еден нов хедонизам, лорд Хенри вели дека единствените нешта кон кои вреди да се тежнее во животот се убавината и задоволувањето на сетилата. Свесен дека еден ден неговата убавина ќе избледне, Доријан изјавува желба да си ја продаде душата, во замена за тоа портретот насликан од Базил да старее наместо него. Желбата на Доријан се исполнува, и го фрла во развратен живот.

Портретот служи како потсетник за тоа каков ефект има секое негово дело врз неговата душа. Секој грев е претставен или како изобличување на неговата форма, или како знак на стареење. Сликата на Доријан Греј се смета за дело кое спаѓа во класичен готски хорор со силно изразена Фаустовска тема.

Содржина уреди

 
The Picture of Dorian Gray, 1891
  • Вовед: Во воведниот дел, Вајлд ја објаснува својата естетика, тврдејќи дека уметникот е создавач на убавото и дека целта на уметноста е да се открива самата себеси, а да го прикрие уметникот; понатаму, тој тврди дека не постојат морални или неморални книги, туку само добри и лоши книги; моралот во уметноста постои само како совршена употреба на несовршеното средство; исто така, ниеден уметник нема етничка наклонетост, зашто таа е само манизирам на стилот; понатаму, тој тврди дека уметноста не може да биде морбидна, зашто уметникот може да изрази сè, а како материјал на уметноста се јавуваат и порокот и доблеста; најпосле, тој го изразува ставот дека уметноста е сосема бескорисна, т.е. таа постои само за да ѝ се восхитуваме.[1]
  • Глава 1-5: Дејството започнува еден убав ден кога лордот Хенри Вотон го набљудува уметникот Базил Холворд додека слика портрет на убав млад човек по име Доријан Греј. Хенри сака да се запознае со Доријан, а Базил по кратко двоумење се согласува да ги запознае. Откако ќе ги слушне погледите на светот на лордот Хенри, Доријан почнува да мисли дека убавината е единствениот вреден аспект на животот, единственото нешто кон кое треба да се тежнее. Тогаш, тој посакува неговата убавина да остане вечна, а портретот да старее наместо него. Наскоро, Доријан станува близок со Хенри и потпаѓа под неговото влијание (кој е голем застапник на идејата за хедонистички живот) и им се препушта на уживањата. Еднаш, сосема случајно ја запознава глумицата Сибил Вејн, за време на една претстава во еден валкан и запуштен театар. Таа му се допаѓа и набргу ѝ предлага брак. Сибил, која му се обраќа со „принц од бајките“, брза дома да им каже за понудата на мајката и братот. Нејзиниот заштитнички настроен брат Џејмс изјавува дека ќе го убие „принцот од бајките“, ако некако ја повреди.[2]
  • Глава 6-9: Доријан ги кани Базил и лордот Хенри да ја видат Сибил како глуми во Ромео и Јулија. Сибил, која досега единствено ја познавала љубовта кон театарот, штом се вљубува ги губи своите глумечки способности и во претставата глуми многу лошо. Разочарани, Базил и Хенри предвремено ја напуштаат претставата, а Доријан ја посетува Сибил во гардеробата, велејќи ѝ дека нејзината убавина била во уметноста, и дека ако не може да глуми, тој веќе не е заинтересиран за неа. Кога се враќа дома, Доријан забележува дека неговиот портрет се променил добивајќи сурова насмевка. Тој сфаќа дека неговата желба се остварила: портретот ќе старее со секој грев што тој ќе го направи, а неговиот изглед ќе остане непроменет. Тој одлучува да се смири со Сибил, но тогаш пристигнува Хенри кој му ја соопштува веста дека Сибил се самоубила со цијановодород. Откако го охрабрува лордот Хенри, Доријан сфаќа дека страстите и изгледот се сè што му е потребно во животот. Ова го одбележува крајот на неговата последна и единствена вистинска љубов. Утредента, го посетува Базил со намера да го утеши и непријатно се изненадува гледајќи дека Доријан воопшто не жали за смртта на Сибил. Базил бара од Доријан да му го покаже портретот, но тој одбива. Тогаш, Базил му признава на Доријан дека го обожува и дека во портретот ја вградил својата душа.[3]
  • Глава 10-11: Плашејќи дека некој може да ја открие неговата тајна, Доријан ја заклучува сликата во напуштената таванска соба. Истовремено, од лордот Хенри добива една француска книга која целосно му го привлекува вниманието. Иако насловот на книгата не е наведен, за време на неговото судење, Оскар Вајлд признал дека мислел на делото на Жорис-Карл Уисманс, „Против природата“ (À Rebours). Главната идеја во книгата е дека треба да се искористат сите можни задоволства во животот. На тој начин, под влијание на книгата, во текот на следните години Доријан живее хедонистички живот, исполнет со секакви задоволства и пороци. Одвреме-навреме, тој се занимава со мистицизам, ги проучува мирисите, собира егзотични музички инструменти, скапоцени камења, гоблени и таписерии и католичка свештеничка облека, а исто така, често патува. За сето тоа време, паралелно со множењето на гревовите на Доријан, неговиот портрет станува сè погрозен, низ градот се шират гласовите за неговите скандали и тој станува озлогласен, па луѓето почнуваат да го избегнуваат. Меѓутоа, тој постојано се навраќа на книгата, која му го разгорува нагонот за правење зло и гревови.[4]
  • Глава 12-14: Ноќта на 9. ноември, спроти 38. роденден на Доријан, подготвувајќи се да замине за Париз, Базил го посетува Доријан за да дознае од него дали се вистинити гласините за неговото прекумерно препуштање на задоволствата. Доријан не го одрекува неговиот разврат. Потоа, Доријан му го покажува портретот на Базил, кој е грозен како што се неговите гревови. Во наплив на бес, Доријан го обвинува уметникот за својата судбина и го убива со нож. Утредента, тој го повикува својот некогашен пријател Алан Кембел, кој работи како хемичар, наговарајќи го да го уништи телото на Базил. Алан го одбива, но Доријан го уценува, така што тој е принуден да ја изврши задачата.[5]
  • Глава 15-17: За да избега од своето злосторство, Доријан оди во една куќа крај пристаништето за да пуши опиум. Таму се наоѓа и Џејмс Вејн кој слуша како некој му се обраќа на Доријан со „принц од бајките“. Тој го следи Доријан надвор и се обидува да го буие со револвер, како одмазда за она што ѝ го направил на Сибил пред 18 години. Меѓутоа, Доријан му го покажува своето младо лице, велејќи му дека не е можно да бил во врска со Сибил пред толку многу време. Џејмс му поверува и го ослободува, но веднаш потоа му приоѓа една жена која го прекорува затоа што не го убил, велејќи му дека Доријан воопшто не старее. Три недели подоцна, за време на една вечера во својата куќа, Доријан оди во стакленикот за да набере цвеќе и го здогледува Џејмс Вејн. Од страв, Доријан ја губи свеста, а следните денови ги поминува плашејќи се за својот живот.[6]
  • Глава 18-20: Следниот ден, на имотот за Доријан се одржува лов при што еден негов пријател сака да убие зајак, иако Доријан го моли да не го убива животното. Сепак, тој пука и случајно го убива Џејмс Вејд, кој се скрил во грмушките, демнејќи го Доријан. По враќањето во Лондон, Доријан го известува лордот Хенри дека во иднина ќе биде добар и дека веќе започнал да го покажува тоа со тоа што не ја искористил селанката Хети Мертон која била вљубена во него. Разговарајќи за исчезнувањето на Базил, Доријан му признава на Хенри дека го убил сликарот, но Хенри не му верува. Доријан се прашува дали портретот започнал да се менува откако се откажал од неморалниот начин на живот. Затоа, тој оди во таванската соба и го открива портретот, кој изгледа уште полошо. Тогаш, тој ги преиспитува мотивите зад неговата „милост“, прашувајќи се дали навистина станал подобар човек или неговото добро дело е само суета, љубопитност или потрага по нови емоционални доживувања. Во наплив на бес, тој го зема ножот со кој го убил Базил Холвард и го забодува во сликата. Неговите слуги слушаат крик од заклучената соба и го наоѓаат телото на Доријан, прободено во срцето, а тој е остарен и грозен. Само преку прстените на неговата рака, тие успеваат да го идентификуваат трупот. Истовремено, неговиот портретот ја добива својата првична форма прикажувајќи го младиот Доријан.[7]

Ликови уреди

Во едно писмо Вајлд вели дека главните ликови се одраз на него самиот: „Базил Холвард е она што мислам дека сум: лорд Хенри е она за што ме смета светот: Доријан е она што би сакал да сум, во некои други времиња, можеби“.

Главни ликови уреди

  • Доријан Греј - убав и нарцисоиден млад човек, кој се оддава на секакови задоволства, морални и неморални. Доријан Греј не го интересира прашањето на доброто и злото во смисла дека едното би било подредено на другото; тој нема никакви морални предрасуди, а хедонизмот е единствениот закон што го почитува. На почетокот, страста за уживањето кај него ја поттикнува лордот Хенри, а подоцна паѓа под влијанието на една книга што му ја дава лордот. Во романот не се споменува насловот на таа книга, но се смета дека станува збор за делото „Во спротивна насока“ (A rebours, 1884) на Жорис-Карл Уисманс. Заробен од страстите, Доријан Греј завршува како брутален убиец, а подоцна во книгата се навестени и другите негови зла, иако не се јасно опишани (луѓето ја напуштаат просторијата штом се појави; неговите најблиски пријатели пропаѓаат морално и финансиски; тој ја осрамотил сестрата на лордот Хенри итн.). Неговата нестабилна природа се изразува и во тоа што често ги менува расположенијата од една во друга крајност: откако ладнокрвно ја напушта Сибил Вејн, утредента тој ѝ пишува страсно помирливо љубовно писмо во кое ја моли за прошка; но штом лордот Хенри му кажува за смртта на Сибил, Доријан веднаш ја заборава и утредента го замолува Базил да не му зборува за такви „одвратни нешта“, зашто „ако за некоја работа не се зборува, тогаш таа не се ни случила“.[8]
  • Базил Холвард – уметник кој е заслепен од убавината на Доријан. Доријан му помага да го сфати неговиот уметнички потенцијал, со тоа што портретот на Доријан се покажува како негово најдобро дело. Тој е побожен христијанин со конзервативни вредности. Подоцна е убиен од Доријан.
  • Лорд Хенри „Хери“ Вотон – наметлив и декадентен денди, кој на почетокот е пријател на Базил, но подоцна станува заинтригиран од убавината и наивноста на Доријан. Екстремно досетлив, лорд Хенри се смета за критичар на Викторијанската култура на крајот од векот, застапувајќи гледиште на толерантен хедонизам. Тој му го пренесува на Доријан неговиот поглед на светот и Доријан станува расипан додека се обидува да го имитира, иако Базил истакнува во еден разговор со Хери: „Никогаш не кажуваш нешто морално, и никогаш не правиш нешто неморално“. Според биографот на Вајлд, Хескет Пирсон, ликот на лордот Хенри е „автопортрет на авторот речиси во природна големина“.[9]

Други ликови уреди

  • Сибил Вејн– Натпросечно талентирана и убава (но екстремно сиромашна) глумица во која Доријан се вљубува. Љубовта кон Доријан и ги уништува глумечките способности, и таа веќе не наоѓа задоволство во играње замислена љубов кога веќе има искусено реална љубов. Се самоубива кога сфаќа дека Доријан веќе не ја сака. Лорд Хенри ја споредува со Офелија.
  • Џејмс Вејн – Братот на Сибил, кој треба да стане морнар и да замине за Австралија. Се однесува многу заштитнички кон својата сестра, особено поради тоа што знае дека неговата мајка ја интересираат само парите на Доријан. Тој се двоуми дали да ја остави неговата сестра особено затоа што знае дека Доријан ќе ја повреди и ветува дека ќе се одмазди ако и се случи нешто лошо. По смртта на Сибил, тој станува опседнат со тоа да го убие Доријан и започува да го демне. Подоцна е убиен во несреќа при лов. Потрагата по одмазда на Џејмс против Доријан, поради смртта на неговата сестра, ја имитира улогата на Лаерт, братот на Офелија во Хамлет.
  • Ален Кемпбел– хемичар и некогашен добар пријател на Доријан. Нивното пријателство завршува кога репутацијата на Доријан започнува да се влошува. Доријан го уценува за да се одлободи од телото на Базил, и подоцна се самоубива.
  • Лорд Фермор– Вујко на лорд Хенри. Го информира лорд Хенри за потеклото на Доријан.
  • Викторија, Лејди Хенри Вотон– Сопругата на лорд Хенри, која се појавува само еднаш во романот во една прилика додека Доријан го чека лорд Хенри. Таа го сака својот маж кој се однесува кон неа со подбив, а подоцна се разведува од него поради еден пијанист.

Теми уреди

Естетизам и дволичност уреди

Естетизмот е силен мотив и се врзува со концептот на двоен живот. Главната тема е тоа дека естетизмот е само една апсурдна апстракција, која наместо да го облагороди, служи само за да го разочара концептот на убавина. Иако Доријан е хедонист, тој сепак се грижи за сликата и положбата што ја има во Викторијанското општество. Вајлд го нагласува задоволството на Доријан од тоа што води двоен живот. Не само што Доријан ужива во ова чувство приватно, туку и чувствува „мошне ужасно задоволство од двојниот живот“ кога присуствува на еден друштвен собир само дваесет и четири часа по извршувањето на убиство.

Дволичноста и насладата најубаво се гледаат во посетата на Доријан на лондонските дувла на опиум. Вајлд ги комбинира сликите на високата класа и ниската класа со тоа што наводно „високиот“ Доријан ги посетува осиромашените делови на Лондон. Лорд Хенри тврди дека „криминалот и припаѓа ексклузивно на ниската класа... Би требало криминалот да е за нив она што е уметноста за нас, само метод за искусување на несекојдневни чувства“, што упатува на тоа дека Доријан е и криминалец и естет, комбинирани во еден човек. Ова можеби може да се поврзе со делото „Чудниот случај на д-р. Џекил и мистер Хајд“ на Роберт Луис Стивенсон, на кое Вајлд многу му се восхитувал. Поделбата која се случува во д-р Џекил и мистер Хајд, иако екстремна, е очигледна и во Доријан Греј, кој се обидува да ги содржи и двата различни делови од неговата личност. Ова е тема што се среќава во многу готски романи.

Влијание и одговорност уреди

Влијание е темата што провејува низ целата книга. Влијанието е во голема мера од страна на авторот како неморално, затоа што на крајот може да ги наведе луѓето кон донесување туѓи, а не свои одлуки, како што најдобро се гледа преку ликот на Доријан Греј. Сепак, сите луѓе потпаѓаат под влијае, а и самите влијаат некому, и иронично, книгата може да влијае врз нејзиниот читател, иако во предговорот парадоксално стои дека ниеден уметник, со неговата работа „не сака да докаже нешто“ или да има „етички симпатии“. Во прилог на влијанието доаѓа и проблемот околу тоа кој да биде одговорен за одредени дејства. Главниот недостаток на Доријан е тоа што тој никогаш за ништо не се смета за одговорен, наместо тоа избегнува да преземе одговорност оправдувајќи ги неговите дејства според филозофијата на новиот хедонизам. Кога Сибил се самоубива, Доријан се оградува од вината, со тоа што гледа на нејзината смрт како на некое уметничко дело- како на некоја трегедија. Во неговата страст да ја припишува одговорноста на кој било друг освен себеси, Доријан го обвинува Базил за правецот во кој тргнал неговиот живот. Во убивањето на Базил, раскажувачот дури ја опишува и сцената за да ја демонстрира перцепцијата на Доријан дека не тој, туку ножот го извршува убиството, за тој повторно да остане без никаква вина. Самата вклученост на Вајлд во естетското движење дополнително го заматува општото сфаќање на тоа дали неговиот главен лик, во избегнувањето одговорност за неговите дејства, треба да се перцепира трагично или херојски (или можеби и на двата начина подеднакво).

Алузии на други дела уреди

Република уреди

Во Платоновата Држава, Глаукон и Адемантиј го раскажуваат митот за Прстенот на Гиг, со чија помош Гиг станува невидлив. Тие го прашуваат Сократ, кога некој би поседувал таков прстен, зошто би постапувал праведно? Сократ одговара дека дури и кога никој не може да го види физичкиот изглед, душата се изобличува од злата што ги прави. Оваа изобличена (антитеза на убава) и расипана душа е неврамнотежена и растроена, и самата по себе непосакувана, без оглед на предностите што би можеле да ги имаме од постапувањето неправедно. Портретот на Доријан е средството преку кое другите луѓе, како неговиот пријател Базил, може да ја видат неговата изобличена душа.

Tannhäuser уреди

Во една прилика, Доријан присуствува на изведба на операта на „Танхојзер“ на Рихард Вагнер, каде експлицитно е кажано дека тој лично се идентификува со делото. Вистина е дека операта има некои впечатливи сличности со романот, и на кратко ја раскажува приказната за средновековен (и историски реален) пејач, чија уметност е толку убава што предизвикува Венера, самата божица на љубовта, да се вљуби во него, и да му понуди вечен живот со неа. Сепак, Танхојзер почнува да станува незадоволен од неговиот живот таму, и избира да се врати во суровиот свет на реалноста, каде откако ќе учествува во еден натпревар по пеење, тој е строго цензуриран поради неговата сензуалност, и на крајот умира во потрага по покајание и љубов на добра жена.

Фауст уреди

Вајлд има кажано „во секој прв роман херојот е авторот како Христос или Фауст“. Како и во Фауст, ставено е искушение пред главниот лик Доријан, можноста за безвремена убавина. Доријан му се предава на искушението. Во двете приказни, главниот лик привлекува убава жена која го сака и која ја убива. Иако Фауст исто така го убива и братот на жената, Сер Џефри Клостон го поштедува Доријан од задачата да го убие Џејмс Вејн случајно застрелувајќи го. Вајлд уште ќе каже и дека идејата зад Сликата на Доријан Греј е „стара во историјата на книжевноста“ но дека тој овојпат и „дал нова форма“.

За разлика од Фауст, нема точка во која Доријан прави договор со ѓаволот. Сепак, циничната перспектива на животот и хедонистичка природа на лорд Хенри се чини дека е во согласност со идејата на улогата на ѓаволот, онаа на искушување на чистите и невини квалитети за кои Доријан е пример на почетокот од книгата. Иако Лорд Хенри се интересира за Доријан, тој изгледа дека не е свесен за ефектот од неговите дејства. Сепак, токму Лорд Хенри го советува Доријан дека „единствениот начин да се ослободиш од искушение е да му се предадеш. Спротивстави му се, и твојата душа ќе се разболи од копнеж“ во оваа смисла, Лорд Хенри може да се смета дека го претставува ѓаволот „наведувајќи го Доријан во несвет пакт, манипулирајќи ја неговата невиност и несигурност“.

Шекспир уреди

Во неговиот предговор, Вајлд пишува за Калибан, лик од Шекспировата драма Бура. Кога Доријан му кажува на Лорд Хенри Вотон за неговата нова „љубов“, Сибил Вејн, ги спомнува сите драми на Шекспир во кои глумела, како хероина во секоја претстава. Подоцна во романот, зборува за неговиот живот цитирајќи го Хамлет, кој на сличен начин ја доведува својата девојка до самоубиство, а нејзиниот брат да се заколне на одмазда.

Жорис-Карл Уисманс уреди

„Отровниот француски роман“ на Доријан кој го доведува до неговиот пад, се смета дека е романот À rebours на Жорис-Карл Уисманс. Литературниот критичар Ричард Елман има напишано: „Вајлд не ја именува книгата, но на неговото судење призна дека мислел на A Rebours на Уисманс... На еден дописник има напишано дека извел „фантастична варијација“ врз À rebours и дека еден ден мора да ја запише. Наводите во Доријан Греј на одделни поглавја намерно се неточни.

Литературно значење уреди

Историја на објавување уреди

Според Хескет Пирсон (Hesketh Pearson), биографот на Оскар Вајлд, романот настанал од еден краток расказ, заснован врз една случка од вистинскиот живот. Имено, во 1884 година, Вајлд го посетувал својот пријател, сликарот Базил Ворд (Basil Ward) во неговото ателје додека тој го сликал портретот на едно многу убаво момче. во една прилика, наводно Вајлд рекол: „Штета што ова прекрасно суштество ќе остари“, а сликарот му одговорил со зборовите што подоцна Вајлд ги ставил во устата на Доријан Греј: „Кога би можел да остане засекогаш млад, а сликата да остари.“ Инаку, оваа случка многу слична на настанот опишан во делото на Балзак, „Шагринска кожа“, но Вајлд тврдел дека никогаш не го имал прочитано овој роман. Во секој счучај, оваа анегдота станала темел на расказот, а подоцна и на романот при што Базил Ворд бил основа за ликот на Базил Халвард; Вајлд го разработил остатокот од фабулата, вметнал бројни есеистички забелешки кои во романот ги кажува лордот Хенри Вотон; и воведени се неколку интерсни ликови, како Сибил и Џејмс Вејн.[10]

Романот „Сликата на Доријан Греј“ првпат се појавил во 1890 година, во американското списание Lippincott's Magazine, како последица на разговорот што една година претходно го воделе уредникот на списанието, Оскар Вајлс и Артур Конан Дојл. Во 1889 година, Џ. М. Стодарт, уредникот за „Липинкотс“, престојувал во Лондон за да бара соработници за списанието.[10] На 30. август 1899 година, Стодарт вечерал со Оскар Вајлд и со Артур Конан Дојл во хотелот „Ленгхам“ и од двајцата порачал кратки романи при што им понудил одлични финансиски услови. Конан Дојл веднаш му го испратил „Знакот на четворицата“ (The Sign of the Four), но Вајлд задоцнил со испораката. Романот на Конан Дојл бил објавен во февруарското издание од 1890 година, а Стодарт го добивил романот „Сликата на Доријан Греј“ на 7. април 1890 година. Стодарт бил воодушевен од литературните вредности на делото, но му напишал на издавачот Џорџ Липинкот дека „во сегашната форма има многу работи за кои една невина жена би направила исклучок“. Оттука, Стодарт и неговите колеги направиле бројни промени во романот, како што биле: отстранување на неколку страници кои алудираат на хомосексуалноста или на хомосексуалниот копнеж, бришење на сите наводи на фиктивната книга Le Secret de Raoul, и нејзиниот фиктивен автор Катул Сарацан (Catulle Sarrazin), како и на трите наводи на женските ликови, Сибил Вејн и Хети Мертон како „љубовници“ на Доријан Греј. Романот бил објавен на 20. јуни 1890 година, во јунското издание на „Липинкотс“. Британските критичари остро ја осудиле книгата за неморал, а романот бил толку контроверзен, што В.Х. Смит го повлекол изданието објавено во „Липинкотс“ од неговите полици на железничките станици.

Во 1891 година, романот се појавил како самостојно издание, во облик на книга, збогатен со неколку поглавја и со вовед, кој претставува еден вид ларпурлартистички манифест, а кој настанал како одговор на Вајлд на бурните реакциии на критиката.[10] Делумно поради критиката на првото издание, Вајлд потоа се обидел да ублажи некои од похомоеротските наводи во книгата и да ја поедностави моралната порака. Во изданието од 1890 година, Базил му кажува на Хенри како го „обожава“ Доријан и го моли да не „му ја одземе единствената личност што ми го прави животот совршено прекрасен“. Фокусот врз Базил во изданието од 1890 година е насочен повеќе кон љубовта, додека пак во изданието од 1891 година, Базил се грижи повеќе за неговата уметност, кога вели „единствената личност која и го дава на мојата уметност нејзиниот шарм: мојот живот, како уметник зависи од него“. Исто така, книгата била значително проширена. Оригиналните тринаесет поглавја се зголемиле на дваесет, а последното поглавје било поделено во две нови поглавја. Овие дополнувања вклучуваат „отелотворување на Доријан како лик“ и истовремемено обезбедуваат детаљи за неговото потекло, што помага за да се направи неговиот „психолошки колапс попролонгиран и поубедлив“. Ликот на Џејмс Вејн, исто така, бил воведен во таа прилика, а додавањето на овој лик помага да се нагласи и предвиди себичниот начин на живот на Доријан. Најпосле, вклучувањето на Џејмс Вејн му дава на романот и потипична викторијанска нијанса, како дел од обидите на Вајлд да го намали контроверзното опкружување на книгата. Уште една значајна измена е тоа што, првобитно, во втората половина од романот било прецизирано дека половина од настаните во романот се одвиваат околу 32. роденден на Доријан Греј, на 7. ноември; по измените, настаните се случуваат околу триесет и осмиот роденден на Доријан Греј, на 9. ноември, со што е продолжен периодот во кој се случува приказната. Претходната дата е значаен по тоа што се совпаѓа со годината од животот на Вајлд, во која тој се впуштил во хомосексуална врска.

Предговор уреди

Предговорот на Сликата на Доријан Греј, е додаден заедно со другите измени, по критиката на изданието објавено од Липинкотс. Вајлд го користи за да и се обрати на критиката и да ја одбрани репутацијата на романот. Предговорот се состои од збир на искази во врска со улогата на уметникот, самата уметност, и вредноста на убавината, и служи како индикатор за начинот на кој Вајлд сака да биде читан романот, како и траги на Вајлдовото откривање на Таоизмот и делата на кинескиот таоистички филозоф Чуанг Тсу (Chuang Tsu). Кратко пред да го напише предговорот, Вајлд го разгледува преводот на Херберт А. Џилс на делата на Чуанг Тсу.

Критика уреди

Првичниот прием на книгата од страна на критиката бил лош, а романот бил опишуван како „каллив и гаден“, „нечист“, „женствен“ и „загадувачки“. На пример, „Ајриш Тајмс“ напишал за првото издание на „Сликата на Доријан Греј“ дека било „објавено со скандал“. Ваквите реакции биле предизвикани од хомоеротичните примеси во книгата (особено, односот меѓу Базил и Доријан Греј), кои предизвикале сензација меѓу викторијанските критичари при првото објавување на книгата. Исто така, голем дел од критиката се противел на хедонизмот на Вајлд и извртените погледи на конвенционалниот морал. Притоа, поблагите критичари му забележувале на Вајлд поради тоа што ја отфрлил тезата за божественото потекло на убавината, набљудувајќи ја надвор од односите меѓу доброто и злото, моралот и неморалот. Исто така, веднаш била забележана врската меѓу неговите ставови и француските декаденти, а некој дури ја нарекол „Сликата на Доријан Греј“ прв француски роман што е напишан на англиски јазик.[11]

Весникот „Дејли Хроникл“, во изданието од 30 јуни 1890 година, напишал дека романот на Вајлд содржи „еден елемент ... кој ќе го зарази секој млад човек кој ќе дојде во контакт со него“. Слично, „Скотс Обзервер“, од 5 јули 1890 година, прашувал зошто Вајлд мора да „копа по купишта ѓубре?“ Вајлд одговорил на таквите критики со скусување на некои од хомоеротичните примеси и со додавање на шест поглавја на книгата. Исто така, тој го бранел делото со голем жар, на голем број предавања, како и во бројни текстови и писма објавени во весниците.[11]

Наводи уреди

  1. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 5-6.
  2. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 7-74.
  3. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 75-119.
  4. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 120-148.
  5. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 149-175.
  6. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 176-201.
  7. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 201-226.
  8. Zdenko Novački, „Pogovor“, во: Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 228-230.
  9. Zdenko Novački, „Pogovor“, во: Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 229.
  10. 10,0 10,1 10,2 Zdenko Novački, „Pogovor“, во: Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 227.
  11. 11,0 11,1 Zdenko Novački, „Pogovor“, во: Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 228.