Систем за излачување

Системот за излачување или екскреторен систем е органски систем чијашто основна функција е екскрецијата (излачувањето) на штетните или непотребни материи (екскрети) од организмот. Екскретите се производи од активниот метаболизам. Тие, доколку се задржат подолго време во организмот, може да бидат штетни, па дури и смртоносни. Најчести екскрети кај животните се водата, амонијакот, уреата и мочната киселина. Сите овие материи се отстрануваат од телото преку најразлични патишта, односно во процесот на екскреција учествуваат повеќе органски системи, како кожниот, респираторниот, дигестивниот и други. Меѓутоа, најголемиот дел од нив се екскретираат преку специјализирани органи за излачување.

Човечки екскреторен систем: бубрези и мочоводи

Видови екскреторни органи уреди

Во животинскиот свет се среќаваат неколку видови на органи за екскреција: нефридии, метанефридии, малпигиеви цевчиња и како еволутивно најусовршени се бубрезите.

Нефридии уреди

Нефридиите (или протонефридиите) се карактеристични екскреторни органи за сплесканите црви. Нефридијата е всушност цевчест орган, кој се состои од два (или повеќе) основни канали, поставени надолжно во телото. Од овие канали се разгрануваат се помали, од кои едни завршуваат во ткивата со ѕвездеста клетка, додека други преку екскреторна пора комуницираат со надворешната средина. Ѕвездестата клетка содржи трепки со чијашто помош се буткаат екскретите од ткивата во каналниот систем на нефридијата. Потоа тие се пренесуваат до екскреторната пора откаде се елиминираат од организмот.

Метанефридии уреди

Метанефридиите се карактеристични екскреторни органи за прстенестите црви. Како и нефридиите, и тие се цевчести органи. Во телото на прстенестите црви има многу метанефридии. Секоја од нив се состои од почетен, инковиден дел наречен нефростом, кој продолжува во главната или собирна цевка. Потоа, таа се поврзува со мочното ќесе, од каде што преку екскреторна пора екскретите се изнесуваат од организмот.

Секоја метанефридија со нефростомот се наоѓа во еден сегмент од целомот, додека со другите елементи е во друг. Притоа, таа го пробива перитонеумот (целомската преграда).

Малпигиеви цевчиња уреди

Тие се карактеристични за повеќето членконоги, особено за инсектите. По морфологија се цевковидни и се наоѓаат меѓу средното и задното црево од дигестивниот систем. Тие ги транспортираат водата, уреата и некои јони преку активен транспорт од целомската течност во дигестивниот систем. Потоа во ректумот уреата се таложи и кристализира и се одделува од остатокот. Овој дел се реапсорбира по пат на осмоза назад во целомската течност, додека уреата, заедно со фецесот се отстранува во вид на сув екскрет.

Бубрези уреди

Бубрезите се еволутивно најусовршените екскреторни органи. Се среќаваат кај повеќето ‘рбетници. Тие функционираат по терк на метанефридиите. Постојат морфолошки различни видови на бубрези - од лентовидни кај рибите до гравовидни кај луѓето.

Бубрегот кај човекот се состои од неколку слоеви: бубрежна капсула, бубрежна кора, бубрежна срцевина и бубрежно легенче. Во кората и срцевината се простира основната функционална единица на бубрегот - нефронот. Преку процесите на филтрација, реапсорпција и секреција, тој ја формира конечната урина.

Кај повеќето ‘рбетници, бубрезите се дел од екскреторниот систем, кој ги опфаќа и мочоводите, мочниот меур и мочниот канал.