Сврзници — неменливи зборови кои поврзуваат други зборови или цели реченици во составот на сложената реченица.

На пр.: Јас и ти ќе одиме кај него. (зборови) Тие отидоа и по пет минути се вратија. (реченици)

1. Сврзниците според составот се делат на:

а) прости - составени од еден збор : и, а, но, ама, или, да итн. б) сложени - составени од два или повеќе збора : за да, макар што, поради тоа што итн.

2. Според тоа какви реченици поврзуваат се делат на:

А. Приредени (во независносложените реченици)

а) Составни: и, ни, ниту, па, та, не само што, туку и;

б) Спротивни: а, но, ама, туку, ами, меѓутоа;

в) Разделни: или, или-или, било-било, де-де, и-и, ем-ем, час-час, ни-ни;

г) Исклучни: само, само што, освен што, единствено;

Б. Подредени (во зависносложените реченици)

а) Временски: кога, штом, штотуку, тукушшто, откако, откога, пред да, дури, додека;

б) Причински: затоа што, зашто, бидејќи, поради тоа што, дека, оти;

в) Последични: така што, толку...што, такви...што, така...што;

г) Целни: да, за да;

д) Условни: ако, да, без да, ли;

ѓ) Допусни: иако, макар што, и покрај тоа што, и да;

е) Начински: така како што, како да, како божем;

ж)Односни: што, кој, којшто, чиј, чијшто, каков што, колкав што;

з) Исказни: дека, оти, како, што, да, дали, кој, чиј, кога.