Рибозомите се ситни, субмикроскопски органели во облик на зрна, што можат да се набљудуваат само со електронски микроскоп. Тоа се универзални органели за сите живи клетки. Се создаваат во јадренцето и по нивното создавање преминуваат во цитоплазмата, каде или остануваат во неа, или се прикрепуваат за ендоплазматичниот ретикулум. Други пак се наоѓаат во некои органели, како во хлоропластите и митохондриите. Бројот на рибозоми во клетката е различен и се движи до неколку илјади.

Голема (црвено) и мала (сино) подединица

Рибозомите се надмолекулски комплекси, односно изградени се од белковини и рибозомска РНК. Секој рибозом се состои од две морфолошки подединици, кои се разликуваат по големина и тежина, наречени голема и мала подединица.

Според седиментационата константа се разликуваат два типа на рибозоми: прокариотски (или бактериски) со 70 S и еукариотски со 80 S.

Рибозомите се органели во кои се остварува синтезата на белковините, со учество на нуклеинските киселини рибозомска РНК и транспортна РНК. Нивната улога во синтезата на белковините се остварува само ако се поврзани со информациската РНК, и во тој случај се создаваат структури, наречени полизоми (или полирибозоми).