Рејчел Луис Карсон (англиски: Rachel Louise Carson; 27 мај 190714 април 1964) — американски зоолог и биолог, чија книга, „Тивка пролет“, се смета за многу важна за будењето на еколошкото движење. Книгата „Тивка пролет“ несомнено имала големо влијание врз јавното мислење во САД и покренала процес на менување на политиката и регулативата за уптореба на пестициди.

Рејчел Карсон

„Тивката пролет“ и будењето на еколошката свест уреди

Уште од средината на 40-тите, кога сè уште беше релативно непозната, Карсон стана загрижена за употребата на неодамна откриените пестициди, особено Ди-ди-ти. „Колку повеќе дознавав за употребата на пестицидите толку станував пошокирана“ – ќе напише Карсон подоцна, објаснувајќи ја својата одлука да започне со истражувањата кои ќе доведат до нејзиното најпознато дело, „Тивката пролет“. „Она што го открив е дека сето она што најмногу ми значеше како природонаучник беше загрозено и дека ништо што би можела да направам не би било поважно.“

Во книгата Карсон ја истражува темата на еколошката меѓуповрзаност: иако некој пестицид е насочен против елиминирање на еден организам, неговите ефекти се чувствуваат во целиот синџир на исхрана и она што беше наменето да отруе еден инсект завршува со труење на поголемите животни и на човекот.

Четиригодишната работа над „Тивката пролет“ започна со едно писмо од еден чувар на птичји резерват во Масачусетс кој беше уништен преку воздушно прскање со Ди-ди-ти. Тој преку писмото ја замолуваше Карсон да го употреби своето влијание врз државните власти за да се отпочне со истрага во врска со употребата на пестициди. Карсон одлучи дека би било поефикасно да го покрене прашањето преку некој популарен магазин. Сепак, издавачите беа незаинтересирани, па од проектот подоцна излезе книга.

„Тивката пролет“, објавена во 1962, предизвика многу реакции и прашањето за употребата на пестицидите стана многу-дискутирана тема. Магнатите од хемиската индустрија ја пречекаа на нож, но нејзините ставови сè повеќе беа прифаќани во јавноста. Дојдоа и научните признанија. Во 1963 Карсон беше избрана во Американската академија на уметностите и науките и доби многу други признанија и награди, вклучувајќи го Одибоновиот и Куленовиот медал на Американското географско друштво.

Веќе беше покрената и истрага во Конгресот на САД во врска со употребата на пестицидите. Карсон, која веќе беше сериозно болна од рак на дојката, сведочеше пред истражниот комитет на Сенатот. Подоцна, истрагата ќе доведе до забрана на Ди-ди-ти, но Карсон не го дочека тоа. Умре на 14 април 1964. Во 1980 посмртно го доби Претседателскиот медал на слободата, највисоко граѓанско признание во САД.

Надворешни врски уреди