Психологија на личноста

Психологија на личноста е дел од психологијата што ги проучува личноста и личните посебности. Психологијата на личноста го проучува човековото однесување набљудувано во целост. Таа се занимава со три главни прашања: структура, динамика и развој на личноста. Структурата на личноста ја претставуваат нејзините особини и нивната поврзаност. Динамиката на личноста ја претставуваат нејзините двигатели - динамизми. Развојот на личноста покажува дека таа не е дадена еднаш засекогаш, туку дека таа претставува динамичен процес.

Личноста, пак, се дефинира како збир на одлики на човекот кои го одредуваат неговото однесување, односно интегрирано и усогласено функционирање на неговите поединечни специфичности. Честопати во секојдневниот живот се употребуваат и поимите човек и поединец.

Поим за личност уреди

Поединецот е конкретниот човек - оној што од другите се разликува според своите биолошки, социјални и психички својства.

Конкретниот човек - поединецот - во текот на својот развој, постепено се усовршува и се формира во личност. Во тој развој човекот сè повеќе осознава, ги усвојува општествените искуства и ја развива својата активност. Според сознанието, знаењата, способностите, искуствата и воопшто активноста, личноста на малото дете се разликува многу од личноста на возрасниот човек. Личноста значи е севкупноста на сите психички појави кај човекот, психички процеси, состојби и особини, кои кај секој поединец се организирани на специфичен начин. Личноста е резултат на заемното влијание на следните фактори: наследство, средина и активност на единката.

Секоја личност има свое специфично однесување кое се одликува со својата: доследност, единство и особеност. Разединетост и неединство на личноста се јавува само во случаи на психопатолошки нарушувања. Особеност значи дека секој човек е специфичен, поинаков од другите луѓе и неповторлив. Секој од нас поседува специфични особености, што се комбинираат на оригинален начин во посебна личност. И самиот човек себе се докажува како специфичен. Тоа сознание за себе како единствена и незаменлива личност го претставува човековото самосознание. Тоа се формира врз основа на сопственото мислење за себе, но и врз основа на мислењето на другите луѓе за него. На тој начин се формира идентитетот на личноста.

Задачи на психологијата на личноста уреди

Сложената област како што е психологијата на личноста, има повеќе задачи со кои се занимава, како на пример: да ја открие структурата на личноста и да открие како личноста се развива и кои се нејзините движечки сили. Повремените истражувања се занимаваат и со тоа како единката се доживува како личност, што е тоа зрела личност, мерења од разни аспекти на личноста, а се занимава и со истражување на личноста на разни занимања, како личноста на наставници, на креативни ученици, односно на процесот на асоцијацијата.

Факторски поглед на личноста уреди

Теории на личноста уреди

Цртите претставуваат основни елементи на структурата на личноста. Тие имаат свои особености: укажуваат на тенденции да дејствуваме на ист начин во исти ситации; тие се релативно трајни особини на личноста, заради што можеме донекаде да предвидуваме однесување на личност во одредена ситуација; тие можат да бидат воопштени, односно да се препознаваат во поширок обем на активности на една единка.

На пример, самоконтролата и воздржаноста се менифестираат во сите нејзини постапки, а истрајноста доаѓа до израз само во рамките на работната активност на единката. Цртите можат да се универзални, имено можат да се сретнат кај поголем број единки. Тоа се црти со кои се изразуваат телесните особености (висина, тежина), способности развиени во помал или поголем степен, затоа за цртите како двополни динамизми на личноста, кои се распостираат во континиум помеѓу својот позитивен и негативен пол (весел -нажален, трудољубив - мрзелив, спонтан - инхибиран, скржав - дарежлив итн.).

Рајмонд Кател во неколку етапи во растојание од неколку години (1945 -1978) сите црти ги подложува на факторска анализа и го намалува нивниот број бидејќи ги исклучува цртите синоними (помеѓу кои постои корелација, бидејќи мерат исто или слично). Така доаѓа до 16 црти, независни една од друга (помеѓу нив постои една мала корелација). Воедно создава прашалник, инвентар на личноста 16 ПФ (прашалник за утврдување 16 црти на личноста) и така нуди егзактно мерење во рамките на личноста, што било револуционерен напредок во тоа време.

Кател говори за површински изворни црти на личноста. Првите се манифестираат во однесувањето и врзани се за ситуации, нивното значење е ситуационо, а не генерално. Изворните црти на личноста се одговорни за доследноста во однесувањето и кога ситуациите се различни. До нив се доаѓа по пат на факторска анализа на однесување.

Површински изворни црти се фактори од прв ред. Со нивна факторска анализа се доаѓа до фактори од втор ред. Во структурата на личноста односно до типови на личноста. Сепак најчесто се користат фактори од прв ред и тоа изворните црти за кои е направен прашалникот. Изворните црти се црти со кои се опишуваат способности, темперамент и динамички црти. Темпераментот е устројствена (наследна) црта, а способностите и мотивите се под влијание на средината.

Црти на личноста уреди

Во поновата надолжна студија во која се следени испитаници од 20 до 25 години и од 70 до 75 години старост, добиени се следниве резултати: некои црти на личноста како ниво на општа активност, склоност кон размислување, останале трајни во сите тие години, а некои црти како склоност кон анксиозност и невроза не се стабилни, бидејќи и на такви црти влијае ситуацијата и тоа стресната ситуација.

Во една друга надолжна студија испитаниците се следени во перодот од 50 години и најдено е дека личноста се менува во периодот помеѓу адолесценцијата и раната зрелост. Во текот на средината и долната зрелост сѐ уште се случуваат промени во личноста, но тие промени се со средна динамика. Цртите кои се докажале најстабилни во оваа ситација се: ориентацијата кон постигнување (или обратно кон стагнирање), зависност (или противење на зависност) и социјалност (или повлеченост). Изразито нестабилна црта се покажала самодовербата (или несигурноста). И оваа студија покажала дека промени во личноста има и во средината и доцната зрелост особено кај цртата со недоверба.

Евалуација на факторските теории на личноста уреди

Прво, личноста се опишува со низа црти, 3, 5 или 16 и нема согласност, барем за сега, која теорија на црти е најдобра во пишувањето на личноста.

Второ, внесувањето на личноста зависи од ситуацијата, затоа треба да се проучи како цртите корелираат во ситацијата, а како таква интеракцијата влијае врз однесувањето.

Трето, цртите ни овозможуваат да го објасниме или предвидиме однесувањето, што е делумно точно, бидејќи цртите можат да се користат како предикатори, само во исти ситуации.

Динамика на личноста уреди

Потребите, мотивите, волјата, интересирањата, ставовите и идеалите влијаат врз насочувањето на човековата активност и се наречни динамизми, двигатели на личноста. Кај секој човек овие динамизми се организирани на посебен начин. Динамиката на секоја личност е мошне сложена, затоа што честопати се случува двигателите да дејствуваат и спротивно.

Динамика на личноста според Фројд уреди

Кога станува збор за динамиката на личноста Фројд истакнува дека покретите на човековото дејствување се вродени инстикти. Луѓето во различни периоди од животот тежнеат кон остварувањето на своите цели, меѓутоа нивната активност лежи во ограничениот број на инстикти.

Динамика на личноста според Олпорт уреди

Според Олпорт идентификувањето себеси во различни ситуации од животот, свеста за себе како личност, самопочитувањето, рационалното мислење зад кое се развива сопственото "ЈАС" - многу се важни за формирањето на сопствената личност.

Развој на личноста уреди

Улогата на наследството, средината и активноста уреди

Во периодот на развојот на личноста доаѓа до менување на особините и структурата на личноста во целост. Токму во тоа менување на особините и структурата на личноста се состои нејзиниот развој. Во овој развој големо влијание имаат наследството, средината и активноста. Постојат различни сфаќања за улогата на овие фактори. Има сфаќања дека наследството е единствен, или барем одлучен фактор од кој зависи развојот на личноста. Застапниците на ова мислење сметаат дека од наследството зависи не само способноста и темпераментот, туку и други особини на личноста. На пример: амбициозност, упорност, стрпливост. По ова сфаќање коешто се нарекува нативистичко, наследството главно го одредува целокупниот развој на личноста.

Спротивно на ова мислење е дека личноста е резултат на дејствувањето на средината. Разликите што се јавуваат помеѓу единките се резултат на различните услови во кои живееле поединците. Сите единки да би живееле под исти услови не би имало никаква разлика помеѓу нивните личности. Ова сфаќање коешто го застапувал американскиот психолог Вотсон се нарекува емпиристичко мислење.

За да се развие способноста на личноста, потребна е интензивна активност, и тоа пред сè неговата свесна активност. Различните задачи кои човекот ги решава, различните цели коишто редовно си ги поставува пред себеси ја сочинуваат свесната активност. Затоа може да се рече дека покрај наследството и средината, важен фактор во формирањето на личноста има и активноста.

Во својот развој личноста поминува низ неколку стадиуми: До крајот на првата година извор на задоволствата е устата и тоа е орална фаза. Во втората година од животот детето учи да ги извршува своите хигиенски навики, да ги празни бешиката и дебелото црево, што е извор на задоволствата на детето и ова е анална фаза. Потоа во седмата година е фаличкиот стадиум во кој детето го открива својот пол и половите органи и задоволството од дразнењето на ерогените зони. Во оваа фаза значаен е Едиповиот комплекс во кој детето изразува стремеж кон родителот од спротивниот пол, а непријателство кон родителот од истиот пол. Од седмата година е периодот на латенација, сè до пубертетот кога започнува последната фаза од развојот на личноста, гениталната фаза во која што либидото не е веќе насочено кон сопствената личност, туку кон лице од спротивниот пол. Во формирањето на личноста според Фројд пресудна улога има детството. Според него личноста е оформена до петтата година (Фројд вели: Детето е татко на човекот). Имено ако споменативе стадиуми поминат без проблеми, личноста се развива нормално, ако пак настанат проблеми во врска со хранењето или празнењето на бешиката или дебелото црево како и со Едиповиот комплекс, настанува фиксација на одреден стадиум на личноста и единката се развива со карактерна изопаченост и други патолошки однесувања. Така, фиксација во оралниот период води кон пиење и пушење, во аналниот кон претерана чистота и страв од микроби, а во фаличкиот период кон сексуална изопаченост.

Од самиот почеток Фројд имаше не само приврзаници, туку и оние кои не се согласуваа со неговата теорија и кои потоа беа творци на нови психодинамички теории. Тоа се неофројдисти. Еден од таквите е Карл Густав Јунг кој се спротивставил особено на толкувањето на сексуалниот нагон на човекот. Исто така Јунг смета дека несовесното кај човекот содржи повеќе од она што наведува Фројд. Јунг зборува за колективното несвесно, кое содржи слики и симболи вродени кај човекот од неговите предци. Тој верува дека колективното несвесно објаснува зошто луѓето, припадници на различни култури имаат свои слики и митологија.

Карен Хорнеј и Алфред Адлер сметаат дека Фројд го пренагласува детството и раното сексуално искуство. Тие сметаат дека социјалните искуства до кои детето доаѓа во детството, се мошне значајни за развојот на личноста. Така додека Фројд смета дека жената е зависна субмисивна заради своите биолошки сили, Корен Хорнеј не се согласува со Фројд и смета дека споменатите одлики на жените произлегуваат од социјалните и културните сили.

Ерик Ериксон како и Фројд смета дека човекот во својот развој, поминува неколку стадиуми, но не се согласува дека тие стадиуми се психосексуални, туку вели дека се психосоцијални и дека вклучуваат конфликти помеѓу егото и средината. Ериксон исто така не смета дека проблемите на секој од стадиумите се рефлектираат во подоцнежните стадиуми од развојот на личноста. Неофројдистите воглавно се согласуваат со Фројд по прашањето на несвесното, во структурата на личноста, механизмите на одбрана на личноста, но не се согласуваат во пронаоѓањето на сексуалниот нагон и психосексуалните стадиуми на развојот. Во своите критики тие од нагласувањето на биолошките сили во човекот ИД-от преминуваат во нагласување на социјалните и културните процеси во развојот на ЕГО-то.

Фактори во развојот на личноста уреди

Бидејќи човекот е најсовременото живо суштество на земјава, затоа и неговиот развој е сложен. Врз развојот и формирањето на личноста дејствуваат повеќе фактори што можат да се групираат на следниов начин: биолошки, социјални фактори и самоактивност.

Биолошки фактори за развојот на личноста уреди

За да се знае повеќе за факторите од кои зависи развојот на личноста, потребно е да се знаат поедините услови кои имаат големо влијание врз нејзиниот развој. Условите од кои зависи развојот на личноста се делат во две групи: на биолошки услови и на услови на средината.

Главни биолошки услови и фактори се: нервниот систем, ендокриниот систем и телесната градба. Овие фактори пред сè се одредени од наследството.

Нервниот систем претставува фактор од којшто зависи развојот на личноста, поради тоа што од неговата структура зависат наследните и стекнатите диспозиции. Од составот на нарвниот систем зависи на пример диспозицијата за интелегенцијатаи другите способности како и диспозицијата за темпераментот. Функцијата на централниот нервен систем, а особено на вегетативниот нервен систем, заедно со ендокриниот систем во голема мера го одредуваат темпераментот. Испитувањата покажале дека единките со интензивна функција на вегетативниот нервен систем покажуваат поголема живост и реагирање, а единките кај коишто функцијата на вегетативниот нервен систем е поспора, покажуваат тенденција на емоционална неврамнотеженост и нервоза.

Другиот важен биолошки фактор е ендокриниот систем. Него го сочинуваат жлездите со внатрешно лачење, односно жлездите што лачат течност, хормони директно во крвта. Нивната основна функција е да го регулираат метаболизмот.

Како трет биолошки фактор се зема телесната градба. Под телесна градба се подразбира големината и развиеноста на поедини делови на телото, нормалност или ненормалност на тие органи или други телесни единки.

Улогата на биолошките фактори, а особено на наследството има големо влијание на психичките особини, меѓутоа уште поголемо на физичките особини на личноста, бидејќи се знае дека од наследството зависи бојата на очите, кожата, косата, а исто така доаѓа и до наследување на некои болести.

Кога станува збор за наследувањето на психичките особини, тука најмногу спаѓаат интелегенцијата и моториката. За интелегенцијата се смета дека многу поважна е улогата на наследувањето отколку на средината. Меѓутоа исто така голем број на испитувања покажале дека и социјалните фактори играат важна улога во развојот на интелегенцијата и дека при поволни услови интелегенцијата расте и се развива до одредена граница. Истото се случува и со способностите. Едноставните сензори и едноставните сетилно-моторни способности зависат превенстевено од наследството, а за формирањето на сложените способности игра улога активното вежбање и поволните услови.

Социјални фактори за развој на личноста уреди

Помеѓу факторите коишто ја сочинуваат средината, а особено оние коишто влијаат на развојот на личноста, најважни се социјалните фактори. Под нивно влијание доаѓа до развој и менување на личноста. Затоа често се нагласува дека личноста е бисоцијална појава и дека влијанието на социјалните фактори е биолошка основа, при што социјалните фактори се одлучни за формирањето на личноста.

Дека социјалните фактори имаат првенствено значајна улога за развојот на личноста покажуваат и примерите за децата коишто се израснати изолирани од луѓе. Голем е бројот на социјалните фактори кои имаат влијание во развојот на личноста и тоа се: семејството и семејните услови во коишто детето расте, училиштето, неговите врсници, секцијата во која детето е зачленето, роднините и пријателите со коишто детето честопати доаѓа до контакт, филмовите, литературата која што ја чита, бракот и односите во бракот, занимавањето, луѓето со коишто соработува, материјалната состојба, социјалната положба, социјално-економскиот систем во којшто живее, културата во која што пораснал и во која што живее и други фактори.

Периоди во развојот на личноста уреди

Во развојот на човекот постојат неколку периоди. Секој развоен период има свои одлики, обележан е со долна и горна возрасна граница и го опишува нормално-просечниот психофизички развој на единката. Ако единката не ги постигнала физичките и психичките одлики на одделниот период кој и одговара според календарската возраст, велиме дека има забавен развој, а ако побрзо ги постигнала развојните промени, велиме дека има забрзан развој, дека е напредна.

Во развојот на едниката постојата следниве периоди:

  1. Пренатален период: од зачетокот до 280 дена;
  2. Новороденче: од раѓање до 2 недели;
  3. Доенче: од 2 недели до 12 месеци;
  4. Детство: од 1 година до 10 години;
  5. Адолесценција: од 11 години до 24 години;
  6. Зрелост: од 25 години до 64 години;
  7. Старост: од 65 години па натаму.

Секој од наведениве периоди има свои подпериоди. Така и периодот на адолесценција, кој трае повеќе од една деценија, ги има следниве подпериоди:

  1. Рана адолесценција, пубертет: од 10 до 14 години;
  2. Средна адолесценција: од 15 до 19 години;
  3. Доцна адолесценција: од 20 до 24 години;

Пренатален период (0 - 280 дена) уреди

Ослон смета дека ако детето е родено на 8 месеци, а не на 9 месеци, природно е дека тоа закаснува 2 месеци во постнаталниот развој, дека подоцна ќе стекни способност за стоење, седење, одење и зборување. Кога детето е постаро, односно кога е родено на 9 месеци, таа разлика од 2 месеци е доста значајна.

За да се развива правилно плодот, потребно е на мајката да и се посвети посебна физичка нега. За идното дете малку се знае - вели Ослон. Кај него може да се развие условен рефлекс.

Доенче (0-1 година) уреди

Во овој период се појавуваат првите заби, и тоа околу шестиот и седмиот месец од животот на доенчето. Во овој период тоа многу учи. Детето е зависно од околината; тоа брзо научува дека плачењето го привеликува вниманието на повозрасните. Ослон тврди дека детето исто така може да научи дека со гугање може да привлечи внимание, ако му се обрне внимание кога гуга, а не кога плачи.

Рано детство (1-6 година) уреди

Овој период како што вели Ослон, се одликува со брз развој.

Во првото негово дело, детето се развива во домот, а во другото, тоа може да оди во разни детски установи. Главните проблеми со кои се сретнуваат родителите во овој период се: исхраната, спиењето, навикнувањето на детето да оди во тоалет, појавата на разни видови на страв, односите со другарите, прозборувањето во развојот на говорот и друго.

Средно детство (6-10 година) уреди

На почетокот на средното детство, повеќето деца тргнуваат на училиште. Растењето се успорува. Сите делови на телото растат, ама порастот на единицата време е мала. Погрешно е да се претпостави дека пред крајот на овој период, нема сексуални чувства и интереси. Поголемиот број на деца се известени за сексуалните односи. Во овој период детето ги губи млечните заби и добива стални заби.

Детство (10-13 година) уреди

Во овој период вели Ослон децата се обично во петто или шесто одделение, или се припремаат за во седмо одделение. Кај момчињата и девојчињата се јавуваат секундарните одлики. Настапува пубертетот со сите оние физички и психички особини кои го пратат. Тука се менуваат и социјалните односи помеѓу момчињата и девојчињата.

Рана младост (13-15 година) уреди

Овој период се одликува со тоа што бројот на контактите со другарите и другарките се зголемува. Девојчињата и момчињата се способни да се дружат во заедница.

Адолесцентна младост (15-20 година) уреди

Порано на таа младост се одело на фарми, канцеларии, фабрики. Сега овој период се одликува со школување, а дури потоа следува вработувањето. Испитувањата покажуваат дека постои несогласување помеѓу она што го сака младиот човек и она што го дава училиштето. Главните проблеми на адолесцентот се од социјално-економска природа - односите со родителите, другарите, наставниците, а исто така и бракот, односно изборот на брачниот партнер.

Пубертет уреди

Погрешно би било овој период во развојот на личноста да се врзува за физичките, односно соматските промени што настануваат во него (пубертас - полова зрелост). По своето значење а и од аспект на правилниот психички развој од голема важност се психичките промени коишто настануваат како резултат на био-сомато-психичкото созревање и влијанието на социокултуралните фактори на ова созревање. Со оглед на тоа дека за релативно кратко време, за 2 до 3 години, некогаш и повеќе мора да се изврши трансформација на личноста, и од периодот на детството има преод во период на психофизичка зрелост, односно преод во фазата на адолесценција, период во којшто доаѓа до потполно созревање и прераснување во фазата на човек, односно жена, фаза на психички и социјално зрели луѓе.

Настанувањето на пубертетот е условено од многу фактори: тоа зависи пред сè од исправноста и функционирањето на жлездите со внатрешно лачење, на прво место од гонадите, од правилниот развој на хипофизичкиот систем, од градбата, од некои наследни фактори, од средината, поднебјето, културата, обичаите и воспитувањето. Многу фактори, специфичности на векот во којшто живееме, темпото, културниот развој, средствата за информации, односите во друштвото, го фаворизираат настанувањето на пубертетот, па не е ни чудно што почетната граница е малку поместена од периодот на детството. Така денес единаесеттата година се зема како излез од периодот на детството, којшто зависно од полот трае до петнаесеттата - шеснаесеттата година. За тоа време настануваат низа телесни промени, промени на гласот, појава на менструалниот циклус, специфична миризба на кожата заради созревањето на посебни апокрини жлезди, почетокот на сперматогенезата и друго.

Од големо значење се и психичките промени кои се карактеристични за овој период, во којшто настанува нова личност, преод од дете во човек, преод од девојка во жена. Пуберетот е период полн со психолошки процеси, полн бури и бранови, полн двоумења и нестрпливости, полн желби, замислувања и сонувања. Посебно започнува да се раскинува врската со родителите коишто жалат што го губат своето дете, притоа се јавуваат недоразбирања, грубости, трауми итн. Се јавува сомнеж во авторитетот на родителите, настанува појава во која што доаѓа до наметнување на своите ставови, ставовите на родителите се сметаат за "немодерни", "погрешни", "смешни" и се тоа врз основа на самопотврдување и самоистакнување. Негативноста, одбивање на послушност, неизвршување на наредбите, готови да го пратат овој животен период. Идентификацијата со еден од родителите, почнува да се пренесува на други, на поинтересни, повредни личности на спортисти, глумци, пејачи. Сето ова доведува до одбивање на послушност, кавги со родителите, промена на расположението, емоционална лабилност итн. Препуштањето во светот на фантазијата, доведува до слабост во концентрацијата, ослабување на успехот во училиштето и на други области. Се јавуваат одредени склоности кон идната професија. Посебно овој период е важен за психосексуалното интересирање за спротивниот пол којшто се гледа во тенденцијата за физичка близина, и другарство со личност од другиот пол, пишување на сентиментални писма, и најпосле интересирање за своите полови органи.

Имајќи го предвид овој доста динамичен период логично е дека во него доаѓа до појава на многу душевни пореметувања, настранливост,повлеченост, затворање во себе, повлекување од друштвото, безволност, екстравертност со тенденција за истакнување себеси. Исто така при препуштањето во светот на фантазијата, може да дојде и дома, напуштање часови, агресивно однесување итн. Не се ретки и таканаречените рани проституции, уживањето во дрогата и алкохолот. На многуте вакви однесувања треба да се обрни внимание, пред сè овие однесувања на пубесцентот треба да се одликуваат како "криза на пубертетот".

Адолесценција уреди

Терминот адолесцент уреди

Зборот "адолесцент" има корени во латинскиот глагол "адолесцере" што значи развива, созрева. Со оглед на тоа дека токму се случува во овој период овој термин е најсоодветен и тој се користи во научната литература.

Зборот "млади" не е одреден со возрасните граници и често се користи во иста смисла, што не е грешка и покрај неговата непрецизност. Другите зборови како "малолетник", "тинејџер" и "младиец" исто така се користат во стручната литература и во говорната комуникација, но нивното значење најмалку одговара на поимот адолесцент. Малолетник е збор кој укажува дека единката не е одговорна пред законот заради своите години, тинејџер е збор усвоен од англискиот јазик и подразбира единка на возраст од 13 до 19 години; младинец е збор кој има идеолошка конотација.

Дефиниција на адолесценцијата уреди

Периодот на адолесценцијата се дефинира како период помеѓу детството и зрелоста, кој се одликува со динамичен физички развој и значајни промени во когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој.

Овој период од седумдесеттите години се дефинира и како период на "бури и стресови" под што се подразбирале генерациските, полни со негативни емоции, како и наглите биолошки и физички промени во организмот, следени со емоционална напнатост и неврамнотеженост. Во поновите стадиуми засновани врз надолжниот метод, се помалку се третира овој период на таков начин, а промените на адолесценцијата не се толкуваат како исклучително или примарно генетски, туку и цивилизациски и културолошки, што значи дека во различни социјални средини, овој период не е секогаш период на интензивни емоционални превирања и амбиваленции.

Основни податоци за периодот на адолесценцијата уреди

Што се однесува до почетокот на адолесценцијата, забележлив е поран развој од по неколку месеци на секоја од последните декади, што се толкуваат со подобрување на животните услови, како што се исхраната, хигиената и здравствената заштита. Исто така потребно е да се каже дека постојат полови разлики во почетокот на пубертетот. Имено, просечна возраст, за почетокот на пубертетот кај девојчињата се смета единаесеттата година, а кај момчињата дванаесеттата година.

Да споменеме и тоа дека во некои периодизации пубртетот се смета за доцно детство или се смета за некој меѓупериод помеѓу детството и адолесценцијата. Од причини, што во овој период започнуваат интензивни физички и физиолошки промени, кои се основа за промените на психичкиот живот на единката, ние се одлучуваме како и во повеќето периодизации, пубертетот да го сметаме за почеток на адолесценцијата.

Крајот на адолесценцијата е особено дискутабилен, но едно е сигурно, дека во развојот на општеството, односно во развојот на техниката, овој период трае сè повеќе. Продолжувањето се должи на продолжувањето на образовниот процес и оформување, потешкото вработување и економската зависност на младите од родителите, како и од изборот на партнерот и формирањето на сопствено семејство. Од тие причини во поранешните периодизации, подпериодот од 20 до 24 години се третирал како рана зрелост.

Зрела личност уреди

Развојот на личноста претставува динамичен процес што никогаш не завршува. Цел на тој динамичен процес, е стремеж кон сè поголема зрелост, зашто колку личноста повеќе се развива, толку повеќе се усовршува. Поимот зрелост е доста широк и подразбира интелектуална, социјална и емотивна подготвеност за прифаќање и усовршување на условите за живеење.

Иако одликите за тоа што е зрела личност, зависат од конкретната општествена средина, психолозите се согласуваат дека постојат извесни универзални одлики на зрелата личност: реалистичност, постигнување на далекусежни успеси, зрела свест, независност, друштвеност, отсуство на предрасуди, критичност во мислењето, постојаност на интересирањата итн. Незрелата личност не поседува поголем број од овие одлики и може да претставува проблем како за себе така и за средината во која што живее.

Старост уреди

Во периодот на староста доаѓа до намалување на интензитетот на активностите на виталните органи и опаѓање на способностите. Сепак, голем број стари луѓе остануваат и понатаму високопродуктивни до крајот на својот живот. Богатото животно искуство, многу успешно кај нив го надополнува намалувањето на способностите. На пример, Данте ја напишал "Божествената комедија" во последните години од животот, Гете го завршил "Фауст" во осумдесеттите години од животот итн.

Заклучок уреди

Во психолошката литература, термините "личност", "темперамент" и "карактер", најчесто се употребуваат алтернативно или како синоними. Заедничката одлика на сите позначајни дефиниции на личноста е тоа што ја акцентираат мотивацијата и адаптацијата на организмот.

Олпорт ја дефинира личноста како "динамичен склоп на оние психофизички системи, кои во поединецот го одредуваат нејзиното специфично прилагодување кон средината".

Личноста е био-психо-социјално единство. Нејзиониот развој се остварува низ интеракцијата на генетското наследство и социјалната средина - семејството и пошироката општествена заедница. Психологијата на личноста се занимава со три главни прашања:

  1. структура,
  2. динамика и
  3. развој на личноста.

Динамиката на личноста ја претставуваат најзините двигатели - динамизми, инстиктите и нагоните. Фројд издвојува два основни нагони:

  1. Eros- специјален нагон или нагон на животот и
  2. Thanatos- агресивен нагон или нагон на смртта.

Развојот на личноста се одвива низ повеќе фази:

  1. атенатален - од зачетокот до раѓањето,
  2. новороденче,
  3. доенче,
  4. детство,
  5. адолесценција,
  6. зрелост и
  7. старост.

Здрава и зрела личност е онаа личност, која поседува способности за нормална хетеросексуална (семејна), работна и социјална адаптација и функционирање.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди

Литература уреди

  • Mischel, W. (1999). Introduction to Personality. Sixth edition. Fort Worth, Texas: Harcourt Brace.
  • Bradberry, T. (2007). "The Personality Code". New York, New York: Putnam.
  • Buss, D.M., & Greiling, H.(1999). Adaptive Individual Differences. Journal of Personality, 67, 209-243.