Просо
Узреано просо
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Нерангирано: Монокотиледони
Нерангирано: Комелиниди
Ред: Тревовидни
Семејство: Треви
Род: Просо
Вид: Просо
Научен назив
Panicum miliaceum
L.

Просо (науч. Panicum miliaceum, поточно обично просо или бело просо) — важна житарка во земјоделството. Дивиот предок и местото на припитомување на просото се непознати, но како полјоделска култура првпат се среќава во Закавказјето и Кина пред околу 7.000 години, што веројатно значи дека е независно припитомено на двете места. Денес сè уште се одгледува на големо во Индија, Русија, Украина, на Блискиот Исток, во Турција и Романија. Во Македонија се одгледува претежно за потребите на живинарството. Се продава и како макробиотска житарка и како храна за оние што не можат да јадат пченични производи поради глутенот.

Просото е добро приспособено да расте на разни почви и климатски услови. Има краток вегетативен период и бара само малку вода - најмалку од сите житарки, и со тоа е одлично за суви предели кајшто не се ора. Растението е едногодишна трева и достигнува просечна височина од 1 м. Зрната растат во групи на секое гранче и не надминуваат 2-3 мм во големина. По боја можат да бидат драп, жолти, портокалово-црвени или кафеави.

Во светот се познати и други растенија што се нарекуваат „просо“ и имаат слична намена, но не се сродни на него. Такви се бисерното просо (Pennisetum glaucum), бреницата (Setaria italica), кораканот (Eleusine coracana) и дивото просо (род Echinochloa).

Историја и припитомување уреди

Дивиот предок на просото сè уште не е успешно утврден. Во средна Азија се среќаваат певелни облици на оваа житарка што виреат на подрачје од Каспиското Море до Сјинџанг и Монголија, и постои можност овие полусуви подрачја да се дом на вистински диви облици на просото."[1] Вакво просо е најдено во неолитски наоѓалишта во Грузија (од V и IV милениум п.н.е.), како и ископаните села од културата Јангшао во источна Кина. Според другите наоди, просото пристигнало во Европа накратко по неговото појавување во Грузија, и тоа најпрвин во источна и средна Европа. Меѓутоа, требало да поминат илјадници години пред истото да се појави во Италија, Грција и Иран, па така најраните наоди на Блискиот Исток се среќаваат во рушевините на градот Нимруд (Ирак) кои датираат од 700 п.н.е.[2]

Податотека:Miglio.jpg
Излупено просо

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Daniel Zohary and Maria Hopf, Domestication of plants in the Old World, III изд. (Oxford: University Press, 2000), стр. 83
  2. Zohary and Hopf, Domestication, стр. 86

Надворешни врски уреди