Прашник (лат. stamen) — машки полов орган кај растенијата, кој во себе го создава поленот.[1] Настанал од листоликите микроспорофили на примитивните голосеменици - предци на скриеносемениците. Збирот на сите прашници во цветот се нарекува андрецеум (Androeceum).

Прашници на амарилис (Amaryllis)

Градба уреди

Во најголем број случаи прашникот се состои од прашников конец (filamentum) на чиј врв се наоѓа прашница (anthera). Понатаму, прашницата ја чинат две полуантери (thecae) кои ги поврзува продолжението на прашниковиот конец (conectiv). Самите тие, со една попречна преграда, се поделени на две поленови ќеси (loculi). Прашникот е хомологен на микроспорофилите, а прашниковите ќеси на микроспорангиите.

Стадиуми на развој уреди

Листот од кој настанува прашникот, во почетните стадиуми од развојот претставува испупчен (конвексен) израсток (т.н. примордија) кој расте и му дава стапчеста творба, од која ќе се развијат прашниковиот конец и поленовите ќеси. Претпоставката дека прашниците, како и толчникот, настануваат од листот, ја потврдуваат и претворањата на овие органи во листолики, зелени органи кај некои цветови. Тоа се случува поради надворешните агенси, како што е каснувањето на инсектите.

Распоред на прашникот уреди

Распоредот на прашникот во цветовите е спирален и во циклуси. Бројот и изгледот на прашникот е важна системска одлика. На пример, повеќето фамилии на уснатици имаат четири прашници, од кои два се подолги, а крстовидните имаат шест прашници, од кои четирите долги настанале со делба на два прашника. Ако прашниците прават еден круг, таквиот андрецеум е хаплостемон.

Кај многу видови прашниците се распоредени во два круга и таквиот андрецеум се нарекува диплостемон. Таков е случајот кај фамилијата лилјани, на пример. Има уште и обдиплостемон. Кај фамилијата орхидеи доаѓа до сраснување на прашникот со столпчето на толчникот, но и кај други видови е забележано сраснување на прашникот и другите делови на цветот, како што се венечните ливчиња.

Улога уреди

Главна улога на прашникот е да произведува полен, но може да има и други улоги. Во случај на редукција на венчето можe да ја преземe улогата на овие ливчиња, односно со своите живи бои да ги привлекува опрашувачите, каков што е случајот кај родот Melaleuca. Исто така, на прашникот му се припишува и улога на жлезда, односно улога на нектариум, како кај кукурекот. Во овој случај, прашниците кои ги заменуваат нектариумите немаат способност за создавање поленови зрна и се нарекуваат стаминодии.

Наводи уреди