Прагматизам (грчки: прагма - дело, дејствување, акција) е филозофско учење кое започнало во САД во доцните 1800-ти. Терминот прагматизам е првпат употребен од страна на американскиот филозоф од XIX век, Вилијам Џејмс, а како основач на ова учење се смета американскиот филозоф, исто така од XIX век, Чарлс Пирс. Важен претставник е и Џон Дјуи.

Прагматизмот се одликува со инсистирање на последиците, корисноста и практичноста како витални компоненти на значењето и вистината. Прагматизмот не се согласува со гледиштето дека човековите концепти и интелектот ја претставуваат реалноста. Само идеите кои се корисни во животот се вистинити.

Според прагматизмот, само во борбата на интелигентните суштества со околината што ги опкружува, теориите се здобиваат со некаква значајност, и само со успехот на теоријата во оваа борба, теоријата станува вистинита. Но, прагматизмот не вели дека што и да е, ако е корисно или практично треба да се смета за вистинито, или ако само ни помага за кратко време да преживееме.

Прагматистите инсистираат дека она што треба да се земе како вистина е она што најмногу придонесува за најголемото добро на човекот во најголем временски период. Ова, во пракса, за прагматичарите значи дека еден човек треба да биде способен да ги предвидува работите и да ги тестира тие предвидувања- и конечно, дека потребите на човекот треба да го насочуваат неговото истражување.