Полов напад врз малолетник

Полов напад врз малолетник е поим кој се користи во македонскиот кривично-правен систем за да се опише сексуален акт во кој еден од учесниците е под возраста потребна за давање согласност за пристапување кон актот. Според Кривичниот законик на Република Македонија, овој термин го опишува кривичното дело при кое полнолетно лице извршува обљуба или друго полово дејствие врз малолетник кој не наполнил 14 години.

Во други правни системи, се користат различни термини, како “Силување по сила на законот“ (англиски: statutory rape), “Сексуална злоупотреба на млади луѓе“ (германски: Sexueller Missbrauch von Jugendlichen), “Сексуален акт со малолетник“, “Разврат со малолетник“, “Блудни дејствија со малолетник“, а има и правни системи каде делото и по термин е изедначено со силувањето (шпански: Estupro).

Половиот напад врз малолетник кој не наполнил 14 години се разликува од силувањето по тоа што кај второто, секогаш е потребна употреба на сила при извршувањето на обљубата. Сепак, правниот систем претпоставува присуство на принуда, бидејќи малолетник кој не наполнил 14 години или лице со посебни потреби, правно не е способен да даде согласност за пристапување кон сексуален чин. Во некои законодавства терминот Полов напад врз дете се разликува од Напастување на дете. За првиот термин, потребно е отпочнување на пубертетот, додека вториот се однесува за злоупотреба на деца од предпубертетска возраст и се смета за посериозно кривично дело.

Возраст потребна за давање согласност за стапување во сексуален акт уреди

Во многу правни системи, возраста потребна за давање согласност за стапување во сексуален акт се толкува како функционална или ментална возраст. Така, жртвите можат да бидат од било која хронолошка возраст помала од функционалната, т.е. менталната возраст. Намерата во постоењето на возраста потребна за давање согласност за стапување во сексуален акт е да се заштитат помладите малолетници од сексуално искористување од страна на полнолетни лица. Другиот аспект е постоењето случаи каде малолетници кои не наполниле 14 години се јавуваат како извршители на обљуба со употреба на присила врз други малолетници кои не наполниле 14 години, па на ваков начин се врши превенирање сторителот да не биде казнет како возрасен. Во некои законодавства постојат т.н. Ромео и Јулија закони, каде ако сторителот не е постар повеќе од три години од оштетениот, се смета дека не постои кривично дело.

Половиот напад врз малолетник во македонскиот правен систем уреди

Половиот напад врз малолетник кој не наполнил 14 години е инкриминиран во член 188 од Кривичниот законик на Република Македонија (Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години). Во него се вели:

(1) Тој што ќе изврши обљуба или друго полово дејствие врз малолетник кој не наполнил 14 години, ќе се казни со затвор од најмалку осум години.

(2) Ако делото од став 1 го изврши крвен сродник во права линија или брат, односно сестра, наставник, воспитувач, посвоител, старател, очув, маќеа, лекар или друго лице со злоупотреба на својата положба или при вршење семејно насилство, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

(3) Со казната од став 2 ќе се казни и тој што делото од став 1 ќе го стори со малолетник кој не наполнил 14 години со злоупотреба на неговото душевно заболување, душевна растроеност, немоќ, заостанат душевен развој или друга состојба поради која е неспособен за отпор.

(4) Ако поради делата од ставовите 1 и 2 настапила тешка телесна повреда, смрт или други тешки последици или делото е сторено од страна на повеќе лица или на особено суров или понижувачки начин, сторителот ќе се казни со затвор најмалку десет години.

(5) На сторителот на делото од ставот (2) на овој член судот ќе му изрече забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Причини за постоење на закони за полов напад врз малолетник уреди

Законите кои го инкриминираат половиот напад врз малолетник кој не наполнил 14 години, се засноваат на фактот дека личноста која не достигнала одредена возрасна граница правно е неспособна за давање согласност за стапување во полов однос. Така, дури и ако малолетникот своеволно пристапил во полов однос, чинот не е консензуален. Критиките кон ваквиот правен став се дека возрасната граница не смее да се користи за одредување на способноста за стапување во консензуален полов однос, сооглед на тоа дека кај некои тинејџери може да постои доволна количина на социјално чувство кое ги прави доволно информирани и зрели слободно да одлучуваат за полов однос, додека некои возрасни никогаш не развиваат способност да донесуваат зрела одлука за стапување во полов однос, така што многу психички здрави возрасни лица остануваат наивни и сексуално манипулирани долг период од нивниот живот.

Првичната цел на постоењето на кривичното дело Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години е да ги заштити младите девојчиња од повозрасните машки, кои можат да ги забременат а да не преземат одговорност преку пружање поддршка за детето. Во минатото, решение за ваквиот проблем во некои култури, се јавувал присилниот брак, баран од родителите на девојчето. На ваков начин се осигурувало дека забременетата девојка ќе стапи во брак, а примарно ќе превенира возрасни машки да стапуваат во вонбрачен сексуален контакт со девојчиња од тинејџерска возраст.

Низ историјата (а во некои законодавства и денес), машкото може да се брани пред судот со изнесување докази дека оштетената претходно веќе имала сексуални односи со друг (т.е. дека дефлорацијата не настанала од него).

Наводи уреди