Плачковица

планина во Македонија

Плачковица — средновисока планина во источниот дел на Македонија. Највисока точка е врвот Лисец со височина од 1 754 м. Се издига помеѓу градот Радовиш и Струмичко-радовишката Котлина на југ и Кочанската Котлина на север, во правец северозапад-југоисток. На врвот Црквиште е израдена црквата „Св. Спиридон“.

Плачковица
Поглед на главниот масив и планинско било на Плачковица со доловите на Виничка, Градечка и Зрновска Река, а во далечната позадина се гледаат Туртел и Кочанското Поле
Највисока точка
ВрвЛисец
Надм. височина1.754 м
Координати41°46′N 22°32′E / 41.767° СГШ; 22.533° ИГД / 41.767; 22.533
Географија
Плачковица is located in Македонија
Плачковица
Местоположба на Плачковица
ЗемјиМакедонија Македонија
РегионИсточна Македонија

Потекло на името уреди

 
Поглед на Плачковица

Постојат повеќе легенди за потеклото на името на планината Плачковица.

Прва легенда уреди

Постојат две верзии на првата легенда во која се раскажува за Александар III Македонски и Филип II Македонски.[1]

Прва верзија уреди

Според првата верзија, кралот Александар III Македонски престојувал кај некој крал на Пајонија. Двајцата кралеви се состанале во Светиот Град, кој се наоѓал на платото од планината Плачковица. Во тој Свет Град Александар и неговиот домаќин Липиј разговарале како да продолжат добрите односи меѓу тие два народа во добро и во лошо. Се договориле да си помагаат во сите нешта кои се од доменот на државните односи. По таквата спогодба и разбирање, на радоста ѝ немало крај, а таа се пренела и во народот, така што поединци почнале како и кралот да плачат и да ронат солзи радосници. Врз основа на оваа случка (и поради тоа што се излеале многу солзи) се формирал поток — рекичка, кој тогашните мештани го нарекле Плачковица, по што ѝ го промениле името и на планината во Плачковица, имиња кои останале до денес.[1]

Втора верзија уреди

Поглед на сртовите на огранките и доловите на северната падина на Плачковица
Поглед на средишниот дел на билото на Плачковица

Според втората верзија, името на таа планина е променето по средбата на кралот Александар III Македонски и кралот на Пајонија — Лангар. Средбата на двата крала била на планината во населеното место Свет Град. На неа Александар како македонски крал, и Лангар како крал на Пајонците, се договориле да се воспостават што подобри државни односи од оние меѓу татко му Филип II додека бил жив и кралот Лангар. Разбирањето за државните работи меѓу кралевите било на завидно ниво, по што на двајцата почнале да им течат солзи радосници, толку многу солзи што се формирал поток, кој месното население го нарекло Плачковица, бидејќи кралевите плачеле од радост.[1]

Втора легенда уреди

Според втората легенда, кралот Филип II го одвел својот син Александар на планината Плачковица, која пред тоа имала друго име, кај некоја жена која знаела да лекува за да го излекува од преголемото плачење кое го обземало. Таа жена живеела во градот на Плачковица кој се викал Свет Град. Откако го донеле принцот Александар во придружба на татко му, кралот Филип II, и ѝ кажале на жената за што се работи, таа им одговорила дека детето е сосема здраво, а плаче затоа што во себе поседува преголема енергија и на тој начин мора да се ослободува од неа, при што им рекла да не се возбудуваат, треба да го остават на мира и дека наскоро, штом ќе почне да оди, ќе престане со плачењето и му предвидела дека ќе стане голем цар и ќе ја надмине славата на татко му. Кога ова го слушнал Филип II, кој бил во придружба на месниот крал Липиј, кој престојувал во Светиот Град на Плачковица, од радост се расплакал како и неговиот домаќин, и по нивното плачење името на планината ѝ го замениле со Плачковица.[1]

Географија уреди

Должината на главниот планински гребен изнесува 34 км. Со долината на Зрновска Река, планината Плачковица е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е понизок со највисок врв Црквиште (1.700 м), а источниот дел на Плачковица е повисок и на него се врвовите Лисец (1.754 м), Чупино (1.725 м), Бел Камен (1.707 м), Кара Тепе (1.625 м) и други. Геолошкиот состав го чинат гранити (на исток), кристалести шкрилци, гнајсеви и тесен појас на мермери на запад. Релјефот е интересен, претставен со флувијални зарамнини (површи) во повисоките делови и страмни планински страни од раседен карактер.

Планината е расчленета со повеќе длабоки речни долини. Инаку реките кои се побројни и побогати со вода на северната страна, имаат длабоки долини и голем надолжен пад. Така, на Зрновска Река има повеќе брзаци, водопади и џиновски лонци. Во мермерните карпи има и појава на пештери. Западните и југозападните падини се голи и развиена е ерозија, додека другите делови се под шума.

Врвови

Клима уреди

Климата на подрачјето од Плачковица е умерено-континентална, со одредено влијание на средоземна клима од јужен правец. Средногодишните температури се околу 10-12 степени Целзиусови. Врнежите се скромни и во просек годишно паѓаат околу 500 мм во пониските до 800 мм во повисоките делови.

Кањони и пештери уреди

На планината Плачковица се наоѓаат и три прекрасни кањони: Камник, Козјак и Зрновка во кои се наоѓаат прекрасни природни убавини како реки, водопади, преслапи, високи карпи...

За многумина кањонот Камник со својата убавина претставува Колорадо во мало. До сите кањони е обезбедена потребна инфраструктура за непречено движење (маркации, билборди, патокази, сајли, ферети и место за одмор).

Од многуте убавини кои ги нуди планината Плачковица се и пештерите кои ги има повеќе, од кои пет се испитани и достапни за посетители. Најголема од нив е Големата пештера, со испитана должина од 600 метри. Таа претставува вистински бисер со своите пештерски украси и предизвик за спелеолозите. Пештерите: Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор се помали, но богати со пештерски украси и се лесно достапни за посетителите и до нив водат маркирани патеки.[2]

Растителност уреди

 
Густа букова шума на северната падина на Плачковица над Блатец

Планината Плачковица е богата со разновидна растителност (флора) и особено е богата со шуми. За богатата расителност со шуми на Плачковица, запишал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во книгата Материјали по изучувањето на Македонија, каде забележал дека општо земена Плачковица е сѐ уште покриена со гори, коишто и придаваат од даелку темен изглед[3]. Горите се состојат од бука, борика, ела (ретко и тоа само во подножјето), липа (најмногу над с.Липец) и разни диви овошја[3]. На исток  таа е покриена со густи гори, а колку што одиш по на запад, толку тие стануваат поретки, додека најпосле во западниот крај таа сосема не оголи[3]. Главното дрво е буката, но некаде с е  среќаваат и кории од други дрвја: така меѓу Блатешница и Осојница во таканаречената Лачка Планина во нискиот дел преовладува дабот, а погоре буката, која што се среќава во изобилство на многу места во малешевскиот дел на Плачковица[3]. Од долу во подножјето се зафаќаат шуми од овошни дрвја, над коишто следуваат буките и леските[3]. Јужната падина по горите отстапува од северната, од која што се разликува и по тоа што голите места се или карпести (повеќето) или покриени со трева и грмушки[3]. Забележително е тоа што, споредено со другите планини и шумски појаси по катови во Македонија, на Плачковица, особено на нејзината северна падина до Чупино, густата букова шума започнува веднаш над 700 метри и воопшто изостанува дабот, што не е случај со другите планини каде по дабот, буката започнува над 1000 метри надморска височина.

Астрономска опсерваторија уреди

Првата македонска астрономска опсерваторија во која професионалци ќе работат 24 часа, ќе се наоѓа на Плачковица. Во срцето на планината, во непосредна близина на познатото детско одморалиште со кое стопанисува државниот универзитет Гоце Делчев од Штип, планирана е локацијата на два милиони вредната инвестиција.

Телескопот кој ќе биде вграден вреди половина милион евра. Плановите за опсерваторијата ги изработила научен тим од штипскиот универзитет.[4]

Опсерваторијата ќе биде сместена на 1.400 метри надморска височина, а намената освен за научноистражувачки и образовни цели, ќе биде со тек на времето да се вклопи во идејата Плачковица да стане привлечно туристичко одредиште.[5]

Галерија уреди

Пејзажи
Реки
Чешми

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Плачковица — во домот на водниот змеј“, Истражи ја Македонија.
  2. Плачковица
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 125. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. Прва македонска астрономска опсерваторија на Плачковица
  5. Иницијатива за основање на астрономска опсерваторија на Плачковица — УГД Штип