Петар Чаулев

македонски револуционер

Петар Чаулев познат и како Езерски, Карабибер, Караормански или Мајски[1] (Охрид, 18 декември 1880Милано, 23 декември 1924) — македонски револуционер, учесник во Илинденското востание.[2] Во Илинденското востание бил војвода и раководител на Охридскиот револуционерен комитет, во 1911 година бил член на ЦК на ВМОРО. Учествувал во Балканските војни, во Тиквешкото и во Охридско-дебарското востание. За време на бугарската окупација во Првата светска војна бил околиски началник на Охрид. По војната учествувал со Тодор Александров и Александар Протогеров во создавањето на ВМРО. Бил потписник на Мајскиот манифест. Бил убиен од страна на Димитар Стефанов, член на ВМРО.

Петар Чаулев
Роден 18 декември 1880
Охрид, Македонија
Починал 23 декември 1924
Милано, Италија

Животопис уреди

Семејство уреди

Роден е во Охрид на 18 декември 1881 година. Потекнува од познато охридско семејство кое во давнина го носело презимето Малечкобеговци, Всушност, презимето Малечкобеговци фигуративно го опишувало нивното богатство, споредувајќи ги со „мали бегови“. Презимето Чауле веќе го носеле неговиот дедо Ном и баба Ана, кои имале три сина: Јане, Диме и Јаким. Татко на Петар, најмалиот син Јаким, бил рибар. Мајката Флора, пак, потекнувала од повидните фамилии од пограничниот регион кон Албанија, била братучетка со познатиот Кузман Шапкарев и имала завршено учителска школа. Јаким и Флора имале повеќе деца, но сите освен Петар умреле.

Македонската револуционерна организација уреди

 
Портрет на Петар Чауле

Се школувал во Охрид и во Битола и на 17 години, во 1897 година, како ученик на битолската гимназија Св. Кирил и Методиј, положил заклетва и се вклучил во македонското ослободително движење. По краткото учителствување во охридските села, од 1899 година се јавува како организатор на револуционерните комитети во Охридско, Преспанско и Леринско.[3] Најпрво се вклучил во состав на четата на Никола Петров Русински, а потоа бил назначен за секретар на четата на охридскиот војвода Дејан Димитров.[2] Учествувал во Илинденското востание како војвода на чета од село Мешеишта, Охридско, која броела повеќе од 200 четници.[2]

Во тие бурни години Петар Чауле се оженил со стружанката Злата, од познатото семејство Голабовци. Сестрата на Злата, која подоцна ќе им помогне, била омажена за Серафим Миладинов, братучед на познатиот македонски поет Константин Миладинов. Петар Чауле како свадбен подарок на Злата и подарил мало пиштолче украсено со скапоцени камења“.

Петар Чаулев после задушувањето на Илинденското востание заедно со својот сограѓанин Христо Узунов останува да живее и работи за револуционерното дело на Македонците и тоа во својот регион, односно Охридско-стурушко. Во 1907 година Чаулев бил избран за Охридски реонски војвода. Како делегат од Солунскиот револуционерен округ, учествувал во Ќустендилскиот конгрес на ВМОРО, во 1908 година.

За време на Младотурската револуција во 1908 година повторно се вратил во својот роден град Охрид, каде што бил уапсен и затворен од новата младотурска власт. Од последиците на затворот Злата умрела во 1916 година, а за нивните деца се грижела мајката на Петар и сестрата на Злата, Фроса Миладинова. Подоцна повторно се оженил со охриѓанката Иванка од познатото семејство Спространови (внука на Ефтим Спространов) која ќе остане со него до неговата смрт и ќе го посвети нејзиниот живот на споменот за него.

Во 1911 година бил избран за член на Централниот комитет на ВМОРО, заедно со Тодор Александров и Христо Чернопеев.[2]

Учество во војните уреди

За време на Првата балканска војна во 1912 година, ставајќи се на страната на балканските сојузници за ослободување на Македонија од турското ропство, со својата чета учествувал во ослободувањето на Охрид, Демирхисарско, Дебрца и Кичево

Во предвечерието на Втората балканска војна, во јуни 1913 година, учествувал во Тиквешкото востание, протерувајќи ги српските воени и административни власти од Тиквешијата и ослободувајќи го Неготино и Кавадарци заедно со другите чети на ВМОРО. 

По крвавото задушување на востанието, Чаулев продолжува за Охридско, каде што во септември 1913 година застанува на чело на Охридско-дебарското востание, односно Македонско-албанското востание. Чаулев станува меѓу првите водачи на албанските и македонските чети во борбата против новата српска власт. Тој активно со Павел Христов и Милан Матов учествуваат во оваа буна и ги посетуваат сите реони почнувајќи од Елбасан, Струга, Дебар, Охрид, Гостивар, Кичево и други места каде што, заедно со албанските чети, дејствуваат и се борат против српските воени единици. Бил почитуван не само од Македонците туку и од Албанците. За мошне кратко време македонските и албанските востанички чети, на чело со Петар Чауле, ги протерале српските власти од Дебар, Охрид, Струга, Ресен и Кичево и воспоставиле своја револуционерна власт. Притоа, тој во своите спомени запишал:

Дебар ликуваше. Македонското знаме се развеваше на секој прозорец,“ а во Охрид „Навистина, целиот народ ликуваше. Собрани толпи на прозорците само чекаа да се јави некој од привремената влада или војводите, за да викне ура! [4].

По задушувањето на востанието Чаулев се повлекол во Албанија. Во 1915 година учествува во Валандовската афера, а за време на Првата светска војна, повторно се вратил во Охрид, како околиски началник на градот.

ВМРО (Автономистичка) уреди

 
Чаулев во комитска облека
 
Четата на воjводата со знамето на охридските востаници

По Првата светска војна заедно со Тодор Александров и Александар Протогеров ја формира ВМРО. Уште во првите години ќе дојде до нивно разединување по програмските цели и оружената стратегија на организацијата. Соочен со новонастанатите политички околности во Македонија и на Балканот, патот за извојување на слободата и независноста на Македонија Петар Чаулев го гледал:

под заштита на Друштвото на народите или на една голема сила, а како алтернатива предлагал Автономна Македонија како одделна единица во федерална Југославија [4].

Од 1922 година како раководител на Битолскиот револуционерен округ и задолжен за одржување на контактите со албанските и италијанските власти, Чаулев постојано престојува во Албанија и Италија

Стапувајќи во непосреден контакт со претставниците на Коминтерната и Советскиот Сојуз, кај него ќе настапи и извесна еволуција во погледите за ослободување на Македонија и длабоко разочарување од дотогашната политика на бугарската влада и политичките партии. Признавајќи ја само: онаа револуција која единствено се потпира врз сопствените сили и се стреми да постигне целосна победа. Тој во своите писма од Италија, меѓу другото, ќе му напише на својот колега во ЦК на ВМРО, А. Протогеров:

Ние треба да се ослободиме од сите бугарски партии, да работиме само за Македонија и со Македонци, инаку сите ќе не осудуваат и само ќе налеваме вода во нејзините партиски воденици, а Македонија ќе плаче.

Потпишувањето на Мајскиот манифест во 1924 година, за обединувањето на сите македонски сили во еден револуционерен фронт, Чаулев со воодушевување ќе го прифати и ќе го нарече свештен завет и директива за претстојните борби на македонскиот народ. По откажувањето на Тодор Александров и Александар Протогеров од своите потписи на Манифестот, Чаулев упатил јавен Повик до македонските револуционери и до македонскиот народ, во кој изјавува дека Манифестот е ѕвезда-водилка за Македонската организација и нашиот завет за идната дејност на Македонската револуционерна организација, како и програма на целокупното македонско движење.

И покрај притисоците и заканите за откажување и објавување на Манифестот, тој му останал верен и достоен на својот потпис. Во тие пресвртни денови на Протогеров ќе му напише: Сега, сега пред мене е прашањето: кавалер или подлец!, а во писмото до М. Монев (зет на Александров) ќе си го одреди и своето скромно место во Организацијата: Јас немам други амбиции освен делото да напредува и јас да служам во него како обичен борец, а не како началник. А во своето писмо до членот на Привременото претставништво на ВМРО и својот сограѓанин, Кирил Прличев, му пишал:

Вие заборавате дека ВМРО треба да биде во Македонија, а не во Софија [4] давајќи му на знаење дека треба да живеат со идеалите на една политика, не бугарска, туку македонска [4] и дека во Бугарија треба да дејствуваат непартиски, за на крајот од писмото да му предочи дека: Чаулев е син на ВМРО [4].

Атентат врз Чаулев уреди

Набргу, во септември 1924 година Петар Чаулев беше отстранет од ЦК на ВМРО, а на 23 декември истата година и убиен во Милано од испратениот терорист на новиот водач на ВМРО, Иван Михајлов, Димитар Стефанов. По повод неговата смрт Димитар Влахов ќе напише: „Чаулев беше убиен зашто сакаше чесно да му служи на својот народ. Чаулев беше убиен зашто сакаше Македонската револуционерна организација да ги продолжи своите стари традиции...“[4].

Петар Чауле во август 1924 година во Цариград ја објавува својата брошура под наслов „Албанија”, но заради неговата трагична смрт во Милано не видел како изгледа книгата.

Наводи уреди

  1. Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 93
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Енциклопедија ВМРО, Скопје, 2015, стр. 348
  3. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 475-481., „Българските революционни чети в Македония според доклад на А. Тошев до министъра на външните работи и изповеданията Д. Станчов“
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Зоран Тодоровски „Петар Чаулев - син на ВМРО“

Надворешни врски уреди