Парализа при спиење

Парализата при спиење е парализа поврзана со спиењето, односно состојба во која лицето е свесно, но не може да мрда или да зборува.[1][2] Може да се појави кај нормални субјекти или да биде поврзано со нарколепсија, катаплексија и халуцинации. Психолошката патологија на оваа состојба е тесно поврзана со нормалната хипотонија што се појавува во РЕМ фазата. Кога се смета за болест, парализата за време на спиење се класифицира како MeSH D020188. Некои докази сугерираат дека во некои случаи тоа може да биде симптом на мигрена. Третманот за оваа состојба не е целосно проучен.[1]

Симптоми и одлики уреди

Психолошки, парализата при спиење е тесно поврзана со РЕМ атонијата, парализа која што се појавува како природен дел од РЕМ спиењето/фазата. Кога се случува по заспивањето, лицето останува свесно, а телото е исклучено, и се нарекува хипнагошка или пред-дормитална парализа. Кога се случува по будењето, лицето се освестува пред РЕМ циклусот да заврши, и тоа се нарекува пост-дормитална парализа. Парализата може да трае од неколку секунди до неколку минути, во текот на кои лицето може да доживее панични симптоми. Како што покажува споредбата со РЕМ фазата, сè уште е можно да се случи мрдањето на очите за време на вакви епизоди. Кога има отсуство од нарколепсија, парализата при спиење се нарекува изолирана парализа при спиење. (ISP).

Парализата може да биде придружена и од страшни халуцинации и привремено чувство на опасност. Парализата е особено застрашувачка поради реалистичноста на таквите халуцинации.[1] Некои чувствуваат притисок врз градите.[3] Елементот на халуцинација кај парализата при спиење уште повеќе наведува лицето да го толкува искуството како сон, затоа што замислените или објектите од сонот можат да се појават во собата во нормалниот видик на лицето. Одредени научници сметаат дека оваа состојба е објаснување за вонземските опседнувања и средби со духови.[1]

Можни причинители уреди

Меѓу 8% и 50% од сите луѓе доживуваат парализа при спиење барем еднаш во животот.[2][4] На околу 5% од луѓето, често им се случува ова.[2] Мажите и жените се еднакво погодени од парализа при спиење.[2]

Многумина кои вообичаено доживуваат парализа при спиење, исто така страдаат и од нарколепсија. Некои студии велат дека одредени фактори ја зголемуваат склоноста кон парализа и халуцинации, како што се:

  • Спиење со лицето нагоре или легнати на грб
  • Зголемен стрес
  • Нагли промени на околината или начинот на живот
  • Свесен сон што непосредно се случил пред парализата
  • Претерано користење на алкохол и недостаток од соодветно спиење.

Лекување уреди

Лекувањето започнува со образување на пациентот за фазите на спиење и за мускуларната атонија која што е типична за РЕМ фазата. Се препорачува пациентите да бидат прегледани за нарколепсија ако има симптоми.

Поврзани појави уреди

Многуте сфаќања во врска со парализата при спиење (чувство на зуење, гласни звуци, вознемирена ментална состојба, духови и самата парализа) исто така ја сочинуваат вообичаената фаза во ран напредок на епизоди за кои се смета дека се вон-телесни искуства. Менталното фокусирање варира меѓу две состојби: лицата кои страдаат од парализа при спиење се трудат да се фокусираат на повторно воспоставување на функциите на телото, додека субјектите кои имаат вон-телесни искуства се повеќе преокупирани од осознавање на несоодветноста со телото. Фолклор

Оригиналната дефиниција за парализата при спиење беше кодифицирана од страна на д-р Семјуел Џонсон во неговиот „Речник на англискиот јазик“ како "nightmare," (ноќна мора), термин кој се вклучи во нашата модерна дефиниција. Во светот се сметало дека ваквите парализирања при спиење се демонско дело или поточно инкубус (incubi), за кои се сметало дека седат на градите на оној кој спие. Во стариот англиски јазик името за овие суштества е mare или mære (од прагерманскиот *marōn, или старонордискиот поим mara), и така mare станува дел од nightmare. Зборот етимолошки може да се препознае и во Елинискиот Marōn (во Одисеја) и Māra во Санскрит.

Народното верување во Њуфаундленд, Јужна Калифорнија и Грузија опишуваат негативна фигура на Hag која ноќе го напуштала нејзиното физичко тело и седнувала на градите на нејзините жртви. Вообичаено, жртвата се буди со чувство на терор, течко диши поради чувството на тежок невидлив товар на неговите или нејзините гради и не е во можност да мрда, на пр. Доживува парализа при спиење. Ова ноќно доживување е опишано како "хаг да ве јава" во гула фоклорот. "Старата Хаг" е страшен ноќен дух во Британскиот и исто така во англофонскиот северноамерикански фолклор. Во Фиџи, ова искуство се толкува како "kana tevoro" – да се биде 'изеден' или опседнат од демон. Во многу случаи демонот може да биде дух на неодамна починат роднина кој се вртил да доврши некоја недовршена работа, или пак дошол да им пренесе важни информации на живите. Често луѓето коишто спијат до опседнатото лице велат "kania, kania" (јади! јади!) со цел да ја продолжат опседнатоста за да имаат можност да разговараат со мртвиот роднина или духот и да бараат одговори за тоа зошто тој или таа се вратиле. Кога лицето кое се буди од такво искуство, често се бара од него веднаш да го проколне или да го избрка духот на мртвиот роднина и тоа некогаш вклучува буквално обраќање кон духот велејќи му/и да си оди. Во Нигерија, "Изолираната парализа при спиење е повообичаена и се повторува кај луѓето од африканско потекло отколку кај белите или Нигериски Африканци " и африканските заедници често ја опишуваат оваа состојба како "Ѓаволот на вашиот грб".

Во деветнаесеттиот век во Европа, различниот начин на исхрана се смета за одговорен за оваа појава. На пример, во Божиќната приказна на Чарлс Дикенс (Charles Dickens A Christmas Carol) главниот лик, Ибенезер Скруџ (Ebenezer Scrooge) го опишува духот што го гледа како "...несварено парче говедско месо, дамка од сенф, трошка сирење, дел од недопечен компир..." На сличен начин, Здружението Циклопедија (Household Cyclopedia (1881)), ги нуди следниве совети за кошмари:

"Да се посвети големо внимание на редовноста и изборот на исхрана. Неумереност во исхраната од секаков вид е штетна, но најштетно од се е лошото вино. Од храната, најштетни се мрсните меса и тестенините. Умереното вежбање во голем степен помага во варењето на храната и превенира надуеност. Оние пак коишто мораат професијата ги приморува да седат, треба особена да избегнуваат ментална или физичка работа веднаш по јадењето... Легнување пред вообичаеното време е честа причина за кошмари, без разлика дали лицето спие предолго во текот на ноќта или долго лежи буден. Минењето на цела или дел од ноќта без одмор, во секој случај резултира со болест која се одрзува на пациентот со мирен сон следната ноќ. Заспивањето доцна наутро е сигурен начин да се доживее криза, и колку почесто таа се повторува, добива поголема сила. Желбата за спиење во овој момент е речиси неодолива. "

Низ светот уреди

Источна Азија уреди

  • Во кинеската култура, парализата при спиење е позната како "鬼壓身/鬼压身" (изговор: guǐ yā shēn) или "鬼壓床/鬼压床" (изговор: guǐ yā chuáng), којшто термин буквално се преведува како "дух којшто го притиска телото) или "дух што го притиска креветот". Понов термин е "夢魘/梦魇" (изговор: mèng yǎn).
  • Во јапонската култура, парализата при спиење е опишана како kanashibari (金縛り, буквално “врзан или притиснат за метал“, од "metal" и shibaru" врзува, прилепува"). Овој термин понекогаш го користат и автори од англиско потекло за да го опишат феноменот во академски текстови и поп-психо литература.
  • Во корејската култура, парализата при спиење се нарекува gawee nulim (Hangul: 가위눌림), што буквално значи “да се биде притиснат од нешто тешко“. Често се поврзува со суеверното верување дека духот лежи врз личноста и на тој начин го притиска.
  • Во монголската култура, кошмарите како и парализата при спиење е опишана од глаголот khar darakh (се пишува kara darahu), и значи “да се биде притиснат од Црното“ или “кога Темнината притиска“."Kara" значи “црно“ и може да се однесува на персонифицирана темна страна. "Kharin buu" значи “темен шаман“ (шаманите од темната страна преживеале само во далечниот запад на Монголија), додека "tsaghaan zugiin buu" значи “светол шаман“ (се однесува на шаманите кои повикуваат добри духови).

Југоисточна Азија уреди

  • Во културата на Камбоџа, Лао и Таи културата, парализата при спиење се нарекува phǐǐ am и khmout sukkhot. Таа е опишана како настан во кој лицет спие и сонува дека еден или повеќе духови се близу или дури и го притискаат. Лицето вообичаено мисли дека е будно, но не способно да се движи или да испушти глас. Ова не треба да се меша со pee khao и khmout jool, опседнување од дух.
  • Во хмоншката култура, парализата при спиење опишува искуство наречено "dab tsuam" или "демон кој руши." Често жртвата тврди дека може да види мала фигура, не поголема од дете, како седи на неговите/нејзините гради. Алармантно е тоа што голем број на луѓе Хмонг имаат загинато во сон, што ги натера центрите за контрола на болести да го воведат терминот “Синдром на недајна и неочекувана ноќна смрт“, или "SUNDS". Сега постои теорија ова да е форма на бургада синдромот.
  • Во виетнамската култура, парализата при спиење се опишува како "ma đè", со значење "притиснат од дух" или "bóng đè", со значење "притиснат од сенка".
  • Во филипинската култура "bangungut", или синдромот на ненадејна неочекувана смрт традиционално се поврзува со кошмарите. Луѓето коишто тврделе дека преживеале такви кошмари, пријавиле дека потоа доживуваат симптоми на парализа при спиењето.
  • Во Нова Гвинеја, луѓето го опишуваат овој симптом како "Suk Ninmyo", за кој се верува дека потекнува од светите дрвја коишто користат човечка супсанција за одржување на својот живот. Се смета дека овие дрвја се хранат од човечкото тело во текот на ноќта за да не го нарушуваат дневниот живот на човекот, но некогаш луѓето неприродно се будат за време на хранењето на дрвјата и тоа резултира со парализа.
  • На Малајскиот Полуостров, парализата при спиење е позната како 'kena tindih' (или 'ketindihan' во Индонезија), што значи "да се биде притиснат". Се смета дека овие инциденти се дело на злоќудна активност, за време на која што се објаснува појавата на бели точки во видното поле и тие биле искажувани како демонски фигури.

Јужна Азија уреди

  • Кај муслиманските култури во Јужна Азија (Пакистан, Бангладеш, индиски муслимани), парализата при спиење се сметала за средба со зли духови (djinns) и демони кои го опседнувале телото на човекот. Во Пакистан, како и во Иран, овој зол дух е познат како 'bakhtak' (Urdu: بختک). Исто така се претпоставува дека оваа состојба е предизвикана од црна магија од страна на непријателите и љубоморните луѓе. Магиите, баењата и клетвите можат исто така да предизвикаат лоши духови коишто ги прогонуваат луѓето. Некои куќи и места се исто така опседнати од зли духови, сатански и други натприродни суштества кои ги прогонуваат луѓето коишто живеат таму. Суфисите, муалаите, факирите или имамите вршеле егзорцизам врз лицата коишто се опседнати. Луѓето, особено малите деца, носеле талисмани и амулети за да се заштитат од злите духови. Домовите, куќите, зградите и земјата биле благословувани и осветувани од страна на суфисите, мулаите или имамите со читање на Куранот и Езанот (Урду: أَذَان), исламски молитви рецитирани од страна на муејзините.
  • Во културата на Тамил и Шри Ланка, овој феномен се нарекува 'Amuku Be" или 'Amuku Pei' што значи "духот што притиска".
  • Во Непал, особено во културата Невари, ова е познато како 'Khyaak', фигура на дух за која се верува дека живее во темнината под скалите во куќата.

Средниот Исток, Западна и Средна Азија

  • Во Арапската култура парализата при спиење често се опишува како 'Kaboos' (Арапски كابوس‎), буквално “притискање“ или 'Ja-thoom' (Арапски: جاثوم‎) буквално преведено како "Она што тешко седи врз нешто". Но, терминот 'Kaboos' исто така се користи и за да се опише секоја форма на лош сон. Во фолклорот низ арапските земји се верува дека Кабос е shayṭān или ‘ifrīt кој седи и тежи на градите на луѓето.
  • Во турската култура, парализата при спиење често се опишува како "karabasan" ("Темниот притискач/assailer"). Се верува дека тоа било суштество кое што ги напаѓа луѓето додека спијат, притискајќи ги нивните гради и одземајќи им го здивот. Сепак, народните легенди не докажале зошто демонот го прави тоа.
  • Во персиската култура овој феномен е познат како 'bakhtak' (персиски Persian: بختک), што значи црно суштество слично на дух кое што седи на градите на онј што спие отежнувајќи му го дишењето.

Африка уреди

  • Во Африканската култура, изолираната парализа при спиење е позната како “вештерка која јава на твојот грб“.
  • Неколку студии покажале дека Афроамериканците се предиспонирани на изолирана парализа при спиење која е позната и како “вештерката која те јава“ или “хаинт те јава“. Освен тоа, други студии покажале дека американците со африканско потекло кои имаат чести епизоди на изолирана парализа при спиење, односно изјавиле дека имаат една или повеќе такви епизоди во месецот во вид на парализа при спиење, се предиспонирани да имаат напади на паника. Ова откритие е прифатено и од други поединечни истражувачи.
  • Ogun Oru е традиционално објаснување за ноќните нарушувања помеѓу луѓето од племето Јоруба (Yoruba) од југозападна нигерија. Огун Ору (ноќна борба) вклучува акутни ноќни нарушувања кои културолошки се поврзани со демонско навлегување во телото и психата за време на сонот. Според појавата, Огун ору е најчесто карактеризирана како жена, како привид на скриена борба меѓу земниот партнер на лицето и неговиот починат партнер и како магичен настан преку јадење во текот на спиењето. Се верува дека оваа состојба се лекува преку христијански молитви или правење на традиционални ритуали наменети да ги истераат впиените демонски елементи.
  • Во шонската култура во Зимбабве, зборот Madzikirira се користи за да се опише нешто што навистина го притиска лицето. Ова најмногу се однесува на спиритуалниот свет во кој одредени духови, посебно оние злобните, пробуваат да ја искористат својата жртва за злобни намери. Луѓето веруваат дека само вештерките кои се блиско поврзани со жртвата можат да имаат ефект врз духовите и затоа вештерката често се обидува да искористи нечиј дух за да направи магија врз неговите/нејзините роднини.
  • Во културата на Етиопија се употребува зборот 'dukak', за кој се верува дека е зол дух што ги опседнува за време на нивното спиење. Некои луѓе веруваат дека ова искуство е поврзано со употребата на кат (Khat ('Chat')). Оние што користеле кат доживувале парализа при спиење откако нагло престанувале да џвакаат кат по долгогодишна употреба.
  • Во Источна Африка каде што се зборува Свахили, ова е познато како 'jinamizi', што се однесува на суштество кое што седи на градите на човекоѕ и му го отежнува дишењето. Се смета дека ова се појавува кога лицето спие на грб. Многу луѓе тврдат дека биле давени од ова суштество, но генерално луѓето го преживуваат овој напад.

Европа.

  • Во Унгарскиот фолклор парализата при спиење е наречена "lidércnyomás" ("дух кој притиска") и може да се спореди со бројни натприродни ликови како "lidérc" (привидение, дух), "boszorkány" (вештерка), "tündér" (самовила) или "ördögszerető" (демонски љубовник). Зборот "boszorkány" потекнува од турскиот корен "bas-", што значи "притиска".[31]
  • Во Исландската фолк култура, парализата при спиење е општо позната како "Mara", гоблин или сукубус (најчесто од женски род), за кој се верува дека предизвикува ноќни мори (потеклото на зборот 'Nightmare' доаѓа од нејзиното име). Други европски култури делат варијанти од истиот фолклор, нарекувајќи ја со различни имиња: прагермански – marōn, стар англиски - mære, германски - Mahr; холандски - nachtmerrie, исландски, старо-нордиски и шведски – mara, дански – mare, норвешки – mare, старо-ирски – morrigain, македонски хрватски, српски, словенечки – мора/mora, бугарски, полски – мара/mara, француски - cauchemar; романски – moroi, чешки - můra. Потеклото на самото верување е многу постаро и оди назад до реконструираниот праиндоевропски корен mora-, инкубус, од коренот mer- "гребе" или "повредува".
  • Во Малта, народната култура ја опишува парализата при спиење како напад од страна на Хадиела ("Haddiela") која е жена на Харес ("Hares"), лик во Малтешката култура што ги прогонува луѓето на сличен начин како и полтергеистите. Како што се верува во народната култура, за да може некој да се ослободи од Хадиела, тој/таа мора да стави парче сребро или нож под перницата пред да спие.
  • Во Грција и Кипар се верува дека парализата при спиење се појавува кога суштество во вид на дух или демон наречено Мора, Врахнас или Варипнас (грчки: Μόρα, Βραχνάς, Βαρυπνάς) се обидува да му го одзеде гласот на жртвата или пак седи на градите на жртвата и предизвикува задушување.

Америка уреди

  • За време на судењето на вештерките од Салем неколкумина луѓе пријавиле ноќни напади од страна на неколку таканаречени вештерки вклучувајќи ја и Бриџет Бишоп што е можно да е предизвикано од парализа при спиење.
  • Во Мексико се верува дека ова е предизвикано од духот на мртов човек. Овој дух лежи покрај телото на лицето кое спие и не му дозволува да мрда. Луѓето ова го нарекуваат "Subirse el Muerto" (мртво лице врз тебе).
  • Во многу делови од јужните САД, овој феномен е познат како "hag", и овој настан често се смета како најава за трагедија или несреќа.
  • Во Њуфаундленд и лабрадор, ова е познато како 'Старата Хаг'. Во островскиот фолклор, Хаг е повикувана да нападне некое трето лице, како клетва. Во својата книга од 1982, Теророт што доаѓа ноќе, (The Terror that Comes in the Night, David J. Hufford) Дејвид Ј. Хафорд пишува дека во локалната култура за да се повика Хаг треба наназад да се прочита молитвата кон Бог. Исто така се верува и дека оној што нема да се разбуди од парализата при спиење ќе умре.
  • Во современата западна култура се верува дека феноменот на вонземско опседнување е причинето од парализата при спиење кога се халуцинираат вонземјани поради научната фантастика во 20-ти и 21 век.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Sharpless, BA (2016). „A clinician's guide to recurrent isolated sleep paralysis“. Neuropsychiatric Disease and Treatment. 12: 1761–67. doi:10.2147/NDT.S100307. PMC 4958367. PMID 27486325.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Avidan, Alon Y.; Zee, Phyllis C. (2011). Handbook of Sleep Medicine (англиски) (2. изд.). Lippincott Williams & Wilkins. стр. Chapter 5. ISBN 9781451153859.
  3. Spanos N.P., McNulty S.A., DuBreuil S.C., Pires M. (1995). „The frequency and correlates of sleep paralysis in a university sample“. Journal of Research in Personality. 29 (3): 285–305. doi:10.1006/jrpe.1995.1017.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  4. Sharpless, Brian A.; Barber, Jacques P. (October 2011). „Lifetime prevalence rates of sleep paralysis: A systematic review“. Sleep Medicine Reviews. 15 (5): 311–315. doi:10.1016/j.smrv.2011.01.007. PMC 3156892. PMID 21571556.