Панкреасот или поджелудочната жлезда е жлезда со двојно лачење - егзокрино (надворешно) и ендокрино (внатрешно). Оваа жлезда е сместена под желудникот, веднаш до дванаесетпалечното црево, со кое е и анатомски поврзана преку панкреасниот канал.

Панкреас
Панкреасот
Податоци
Претходникpancreatic buds
Артеријаinferior pancreaticoduodenal artery, superior pancreaticoduodenal artery, splenic artery
Венаpancreaticoduodenal veins, pancreatic veins
живецpancreatic plexus, celiac ganglia, vagus
Назнаки
MeSHA03.734
TAA05.9.01.001
FMAFMA:7198
Панкреасот и дванаесетпалечното црево

Егзокрината функција на панкреасот е претставена со лачењето на панкреасниот сок, кој има важна улога во варењето на храната во дигестивниот систем. Токму затоа често панкреасот се смета како дел од овој систем. Ендокрината функција на поджелудочната жлезда се состои во лачењето на два мошне значајни хормони - инсулин и гликагон, кои учествуваат во регулацијата на нивото на гликоза (во секојдневието познато како шеќер) во крвта, односно состојбите на хипогликемија и хипергликемија.

Физиологија уреди

Егзокрина функција на панкреасот уреди

Панкреасниот сок се излачува од панкреасот преку панкреасниот канал во дванаесетпалечното црево. Тој е смеса од протеолитички ензими во форма на проензими (неактивна форма на ензимот) - трипсиноген и химотрипсиноген. Тие се активираат во тенкото црево во трипсин и химотрипсин. Овие ензими ги разложуваат белковините до прости белковини и аминокиселини. Во панкреасниот сок има и два ензими кои ги разложуваат нуклеинските киселини (ДНК и РНК) до мононуклеотиди. Дневната количина на излачен панкреасен сок е од 800 до 1500 cm3.

Ендокрина функција на панкреасот уреди

Делот од панкреасот кој има ендокрина функција е изграден од приближно 3 милиони[1] панкреасни островчиња. Секое островче е изградено од четири главни видови на клетки. Тие релативно тешко можат да се разликуваат меѓу себе со употреба на стандардните техники за боење, но можат да се класифицираат во зависност од нивната секреција на: α алфа клетки кои секретираат гликагон (ја зголемува концентрацијата на гликоза во крвта), β бета клетки кои секретираат инсулин (ја намалува концентрацијата на гликоза во крвта), δ делта клетки кои секретираат соматостатин (ја регулира/запира секрецијата од α и β клетките) и PP клетки, или γ (гама) клетки, кои секретираат панкреасен полипептид.[2]

Основната физиолошка улога на инсулинот е намалување на концентрацијата на гликозата во крвта (хипогликемично дејство) и го овозможува преносот на гликоза преку клеточната мембрана. Гликагонот има спротивно, антагонистичко дејство од инсулинот врз концентрацијата на гликоза во крвта. Тоа значи дека гликагонот, при состојба на хипогликемија, ја зголемува концентрацијата на гроздовиот шеќер во крвта. Тоа го остварува преку разградување на резервниот јаглехидрат гликоген во црниот дроб до гликоза (процес познат и како гликогенолиза).

Регулацијата на лачењето на овие два хормона од страна на панкреасот се остварува со количеството на гликоза во крвта. Врз секрецијата на инсулинот влијае и вегетативниот нервен систем. Притоа, парасимпатикусот ја зголемува, а симпатикусот ја намалува неговата секреција.

Наводи уреди

  1. Ionescu-Tirgoviste, Constantin; Gagniuc, Paul A.; Gubceac, Elvira; Mardare, Liliana; Popescu, Irinel; Dima, Simona; Militaru, Manuella (2015-09-29). „A 3D map of the islet routes throughout the healthy human pancreas“. Scientific Reports. 5: 14634. doi:10.1038/srep14634. PMC 4586491. PMID 26417671.
  2. BRS physiology 4th edition ,page 255-256, Linda S. Constanzo, Lippincott publishing