Пазар или трговиште — секој облик на организирано среќавање на понудата и побарувачката.

Пазар во Сингапур

Определба уреди

Економистите даваат повеќе определби за трговиштето, но сите го имаат истото значење. Традиционално, пазарот се определува како област во која цената на некој производ тежнее кон воедначување, земајќи ги предвид превозните трошоци. Притоа, пазарот на еден производ може да покрива различна област набљудувано од гледиште на купувачите и од гледиште на продавачите: најчесто пазарот набљудуван од гледиште на продавачите на некој производ е поголем од пазарот набљудуван од страна на купувачите, но постојат и обратни случаи, а понекогаш овие два пазари се преклопуваат. Исто така, пазарот ќе покрива помала или поголема област во зависност од временскиот период: со текот на времето постои поголема можност за приспособување на цените и оттука, набљудувано на долг рок, пазарот опфаќа голема географска област. Совршен пазар е оној кој се одликува со совршено знаење (совршени информации) на пазарните учесници, а овие одлики се среќаваат кај централизираните пазари, како што се берзите.[1]

Според Курно, под пазар не се подразбира едно конкретно место на кое се купуваат и продаваат нештата, туку целокупноста не кој и да било регион во кој купувачите и продавачите слободно стапуваат во меѓусебни односи, така што цените на истите производи имаат склоност да се изедначат лесно и брзо. Според Стенли Џевонс, иако првобитно поимот „пазар“ означувал место во градот на кое биле изложени предметите за продажба, со текот на времето овој израз добил општо значење и ги опфаќа сите лица што се во блиски деловни односи и извршуваат бројни зделки со некој производ. Притоа, местоположбата на пазарот нема никакво значење, зашто пазарните учесници можат да бидат распространети низ целиот град или низ целата земја, а сепак да сочинуваат пазар, ако се во тесно општење меѓу себе. Колку еден пазар е посовршен, толку е посилна склоноста, во исто време, еден ист производ да се продава по иста цена на различни делови од пазарот.[2] За да постои пазар за одреден производ, потребно е да бидат исполнети некои услови: производот да биде хомоген, т.е да има определени стандардни одлики (на пример, железо или жито од одредена класа) така што неговата побарувачка е општа; производот треба да биде траен и пренослив, т.е. да биде погоден за превоз на големо растојание.[3] На пазарот владее општиот закон: колку е поголем пазарот за еден производ, толку помали се промените на неговата цена и толку помала е разликата меѓу куповните и продажните цени на дилерите.[4]

Учесници на пазарот уреди

 
Градскиот пазар во Свети Николе

Во основа, на секој пазар учествуваат три групи учесници:[5]

  • трговци, т.е. лицата кои учествуваат во пазарните трансакции (купувачите и продавачите на стоките)
  • арбитражери, т.е. лицата кои настојуваат да ги искористат разликите во цените на исти производи
  • спекулатори, т.е. лицата кои настојуваат да заработат врз основа на очекувањата за идното движење на цените

Се разбира, во праксата, често е невозможно да се направи разлика меѓу овие три групи, односно тие не мора да бидат одделни пазарни учесници. На пример, продавачот кој редовно нуди одреден производ, истовремено ќе дејствува како арбитражер ако забележи дека цената на тој производ е повисока на друго место; исто така, ако очекува дека во иднина ќе порасне цената на производ, трговецот ќе се јави во улога на спекулатор.

Поделба на пазарот уреди

Пазарите се разликуваат според:

  • Бројот на учесниците (купувачи и продавачи)
  • Моќта на пазарните учесници да влијаат на висината на цената на производот

Врз таа основа, разликуваме четири видови на пазарни структури:

Исто така, за поделба на пазарите постојат и други критериуми:

  • природата на производот, т.е. дали станува збор за производи од ист квалитет (хомогени производи) или станува збор за производи со различен квалитет
  • пречките за влез, т.е. дали постојат посебни ограничувања за фирмите што сакаат да навлезат во индустријата

Пазарот претставува облик на размена на производите и услугите со посредство на пари. Пазарот, делуваќи во рамките на развиеното стоково производство, добива карактер на институција со помош на која се воспоставуваат односите на размена, т.е. односи меѓу понудата и побарувачката, меѓу понудувачите и побарувачите на соодветни стоки,како карактер на институција во рамките на која влијанието на вредноста се манифестира преку дејствување на законот на понудата и побарувачката. За целосно разбирање на пазарот од аспект на маркетингот, треба да се имаат предвид следниве негови компоненти:

  • да претставува одреден простор;
  • на тој простор да има: продавачи, купувачи и пазарни институции;
  • да постои предмет на размена;
  • цените да се формираат врз основа на понуда и побарувачка;
  • продавачите да се спремни да ја понудат својата стока по одредена цена,а купувачите својот доход да го разменат за одредена стока;
  • пазарот да биде правно регулиран и
  • пазарната цена да виде основа за алокација на ресурсите.

Пазарна рамнотежа уреди

На кус рок, рамнотежата на пазарот се воспоставува при цената по која побарувачката на производот е еднаква на понудата. Притоа, рамнотежна цена е онаа по која купувачите сакаат да го купат количеството кое го нудат продавачите по таа цена. На пример, ако продавачите се подготвени да продадат 1 000 килограми пченка по цена од 37, 700 кг по цена од 36 и 600 кг по цена од 35, а купувачите сакаат да купат 600 кг по цена од 37, 700 кг по цена од 36 и 900 кг по цена од 35, тогаш желбите на купувачите и на продавачите ќе се усогласат по цена од 36, кога ќе бидат продадени (купени) 700 кг пченка. Оваа пазарна рамнотежа може да се нарече привремена, зашто зависи само од постојните улови на пазарот, т.е. од тековната побарувачка и од тековната понуда (залихата што ја поседуваат продавачите).[6] Но, на долг рок, понудата на производот зависи од трошоците за неговото производство, а тие се определени од цените на факторите на производството. Земајќи ги предвид факторите кои ги определуваат понудата и побарувачката на долг рок, Алфред Маршал зборува за нормална побарувачка ( normal demand) и нормална понуда (normal supply) кои ја формираат стабилната рамнотежа на пазарот.[7] На тој начин, може да се зборува за пазарна цена (market price) и нормална цена (normal price) при што првата зависи претежно од побарувачката, а втората од понудата. Имено, во некои случаи, кога понудата на производот е фиксна, цената зависи од побарувачката. Од друга страна, за производите кај кои важи законот за константни приноси, т.е. чија цена е константна при различен обем на производството, цената е определена претежно од понудата. Оттука, општо правило е дека, на кус рок, цената зависи претежно од побарувачката, а на долг рок зависи од понудата (трошоците на производството).[8]

Пазарна структура уреди

Постојат повеќе на чини на мерење на структурата на пазарот. Еден од нив е показателот на Panzar и Rosse (т.н. H-статистика), заснован врз односот меѓу приходите на фирмата и излезните трошоци. Во совршена конкуренција, Н-статистиката е еднаква на еден, бидејќи секое зголемување на влезните трошоци треба да доведат до соодветно зголемување на вкупните приходи. Кога вредноста на H-статистиката се движи помеѓу 0 и 1, тогаш постои конкурентски пазар со многу производители и многу потрошувачи при што ниту еден бизнис нема целосна контрола над пазарната цена. Спротивно на тоа, H-статистиката ќе биде негативна ако фирмата функционира како монопол.[9]

Пазарот како тема во уметноста уреди

  • „На македонските пазари“ - песна на македонскиот поет Анте Поповски.[10]
  • „Со здравје да си ги носиш“ — краток расказ на македонскиот писател Сашо Стефановски (под псевдонимот Џанго Помалиот).[11]

Наводи уреди

  1. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 85-87.
  2. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 140-141.
  3. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 142.
  4. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 144.
  5. Laurence Copeland, Exchange Rates and International Finance (Fifth Edition). Harlow, England etc.: Prentice-Hall-Financial Times, 2008, стр. 52.
  6. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 148-150.
  7. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 153-164.
  8. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 164-166.
  9. R. G. Gelos, J. Roldos, „Consolidation and market structure in emerging market banking system“, Emerging Market Review, Vol. 5 No. 1, 2004, 39-59.
  10. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 68.
  11. Џанго Помалиот, Намали малце чалам. Скопје: Темплум, 2018, стр. 49-51.