Моите големи претходници

Моите големи претходници е серија на шаховски книги од страна на поранешниот светски првак во шах Гари Каспаров. Пет тома се посветени на официјалните светски прваци пред Каспаров, а останатите четири продолженија се насловени Современ шах и се посветени на револуцијата во шаховските отворања, петте меча на авторот против Анатоли Карпов во борбата за титулата светски првак, партиите против компјутерите, како и други одбрани партии. Книгите содржат историски деетали, но сепак содржината главно е составена од коментирани партии.

Шаховскиот новинар Дмитри Плисецки помогнал во подготвувањето на книгите, а Каспаров се заблагодарува и на други шахисти во предговорот од секоја книга.

Првата книга од серијата беше издадена во 2003 година.[1]

Содржина уреди

Серијата се состои од девет книги, од кои пет се посветени на сите официјални светски прваци пред Каспаров, а четири се посветени на револуцијата во теоријата, особено во отворањата во 1970-тите, како и славните мечеви за светски првак на Каспаров против Карпов и некои други одбрани партии. Последните четири тома се насловени и „Современ шах“.

Првиот том од серијата започнува со краток опис на неофицијалните светски првенства, одржани пред 1886 година, со кој најмногу внимание е посветено на Адолф Андерсен и Пол Морфи. Во продолжението на оваа книга, хронолошки се подредени најзначајните настани по воведувањето на официјалното светско првенство во шах и начинот на кој Вилхелм Штајниц, Емануел Ласкер, Хосе Раул Капабланка и Александар Алехин стигнале до титулата.

Во вториот том се коментирани и анализирани партиите на победата на Макс Еве над Александар Алехин, но и враќањето на титулата од страна на Алехин. Содржината во овој том, продолжува хронолошки со појавата на Михаил Ботвиник и неговата доминација во 1950-тите. Притоа, споменати се и Василиј Смислов и Михаил Таљ, кои во периодот на доминацијата на Ботвиник, успеале за кратко да му ја одземат тотулата.

Содржината во третиот том започнува со анализа на победата на Тигран Петросјан над Михаил Ботвиник во мечот одигран во 1963 година. Во продолжение е опишана борбата на Борис Спаски против светскиот првак Петросјан во мечот во 1966 година, во кој Петросјан ја одбранил титулата и во мечот во 1969 година, кога Спаски станал нов светски првак.

 
Корица на петтиот том

Почетокот на четвртиот том е во склад со времето со кое е завршен третиот, но не и со анализа на партиите на светските прваци. Имено, во оваа книга посветено е внимание и на некои силни шахисти кои никогаш не биле светски прваци, како Самуел Решевски, Мигел Најдорф и Бент Ларсен. Сепак, обемот на содржината за овие шахисти е значително потесен од оној на содржината за патот до титулата светски првак на Боби Фишер и неговиот меч во 1972 година против Борис Спаски.

Последниот том посветен на претходниците на Каспаров ги содржи настаните по 1972 година, односно од времето на владеењето на Боби Фишер како светски првак. Овде, Каспаров обрнал поголемо внимание на Виктор Корчној и Анатолиј Карпов, кои одиграле три меча за светски првак. Првиот, во 1974 година всушност бил рамките на турнирот на кандидатите на кој требало да се одреди противникот, кој ќе му се спротивстави на светскиот првак Фишер во 1975 година. Но, по несогласносувањата на Фишер со ФИДЕ, при што не испратил одговор до федерацјата, мечот во 1974 година добил значење на меч за светски првак, а дванаесетти светски првак во шах и последен пред Каспаров станал Анатолиј Карпов. Анализирани се и мечевите меѓу Карпов и Корчној одиграни во 1978 и 1981 година.

Современ шах уреди

Книгите од серијата, со едно име насловени „Современ шах“ се издаваат, со почеток од 2009 година. Досега се издадени четири тома.

Првиот том е посветен на големата револуција во шаховските отворања во 1970-тите. Наведени се нови идеи во ежовата формација, како и варијанти во Сицилијанска, Гринфелдова, Каро-Кан, Француска, Нимцо-индиска одбрана, Шпанска партија и многу други познати отворања. Варијантите се толкувани и анализирани преку анализа и коментар на партии во кои биле одиграни. Книгата завршува со стручно мислење на 28 велемајстори.

Содржината на вториот том од оваа подсерија е посветена на патот на Гари Каспаров до титулата светски првак во шах. Во оваа книга се анализирани сите 48 партии од мечот одигран меѓу Карпов и Каспаров во 1984 година, како и новиот меч меѓу истите шахисти, кој содржел 24 партии, се одиграл 1985 година и во кој Каспаров го симнал од престолот својот противник.

Во третиот том, исто така е извршен коментар и анализа на партии меѓу авторот и Карпов, но во периодот од 1986 до 1987 година. Во овој период се одржале два меча за светски првак, и двата содржеле 24 партии и во двата Каспаров ја одбранил титулата. Сите 48 партии од овие два меча се анализирани во книгата. Освен тоа, анализирани се и три брзопотезни партии меѓу противниците, одиграни меѓу двата меча.

Четвртиот дел е посветен на мечот меѓу Каспаров и Карпов во 1990 година, како и сите одиграни партии меѓу нив до 2009 година.

Прифаќање уреди

Серијата на книги Моите големи претходници има добиено огромни пофалби меѓу кои и од велемајсторот Најџел Шорт,[2] додека критиките главно се однесуваат на историските грешки и анализите на партиите кои наводно се преземени од непознати извори. Прегледувајќи го првиот том од серијата, шаховскиот историчар Едвард Винтер рекол:

„Отсуството на дури и основна библиографија е шокирачко за дело коешто полага да биде долгоочекуваната дефинитивна историја на светските шаховски првенства на Гари Каспаров, а во книгата проникнува и незаинтересираниот однос кон основните академски стандарди и историски факти.“[3]

Критичарот Ричард Фостер, којшто пишува за мрежното место Chess History Center, потврдил дека голем дел од анализите (сигурно повеќе од 95%) се копирани од постари извори, главно непознати.[4]

Меѓународниот мајстор Џон Вотсон рекол дека делото мора да се препорачува како амбициозно и интересно дело од најголемиот шахист во историјата. Тој, исто така нагласил дека делото секого го восхитува и ги инспирира читателите, без оглед на своите недостатоци, претставувајќи книга којашто многумина шахисти би посакале да ја имаат, само поради прераскажувањето на настаните и шаховските достигнувања. Поради овие причини, Вотсон книгата ја нарекол значајна, а можеби и една од најдобрите во нејзината година на издавање, но од некоја причина ја нарекол и ремек-дело, коешто припаѓа во класата на големи книги, доколку не е темата далечна. Според него, во реалноста книгата не е толку величествена, туку вредна книга со бројни слабости.[5]

По прегледувањето на првиот том, меѓународниот мајстор Вилијам Џон Доналдсон дека книгата е вредна, доколку се намалат очекувањата и погледите за книгата и истата се набљудува како разумно вреднувана книга со тврд повез, која повеќе претставува збирка патии, наместо историски водич низ минатите светски првенства. Доналдсон истакнал дека е премногу лошо што Каспаров и Плисецки не го изнајмиле Винтер да ги прегледа фактите во книгата, што би било многу подобро и би се одржувала грижа за идните томови.[6]

Сепак, на официјалното мрежно место на книгите, некои од критиките се насочени и кон следните томви во серијата.

Серијата е наградена од страна на Англиската шаховска федерација, која изјавила дека мамутската серија на Каспаров поставила нови стандарди за пишување на шаховската историја.

Наводи уреди

  1. „Garry Kasparov On My Great Predecessors, Part 1“. Архивирано од изворникот на 2010-03-24. Посетено на 2010-06-04.
  2. Chessbase
  3. Kasparov and His Predecessors by Edward Winter, Chess Notes, 2003
  4. "The Critical Eye" by Richard Forster, Chess History Center
  5. My Great Predecessors Part 1 Архивирано на 17 октомври 2011 г., jeremysilman.com, 2003
  6. My Great Predecessors Part 1 Архивирано на 17 октомври 2011 г., jeremysilman.com, 2003