Меѓународна датумска граница

Меѓународна датумска граница — замислена линија на Земјината топка наспроти нултиот меридијан (Гринич), на која се менува датата во мерењето на времето. Таа се наоѓа главно на 180° географска должина, со мали исправки кои минуваат преку одредени територии, главно острови во Тихиот Океан.

Меѓународната датумска граница, околу 180°

Првиот проблем со одредувањето на датумската граница се појавил кога Фернандо Магелан опловил околу Земјата (1519-1522). Преживеаниот екипаж се вратил во шпанското пристаниште водејќи уредно и секојдневно бродски дневник, но оние на копното инсистирале дека датата не им е точна. Иако денес ова е сосема сфатливо, во тоа време предизвикало голема возбуда, до таа мерка што специјална делегација била испратена до папата да им ја објасни појавата.