Метили

Метили (науч. Trematoda) — животни од типот на сплескани црви кои живеат исклучиво паразитски начин на живот. Тие се ектопаразити и ендопаразити, што значи дека можат да паразитираат и на надворешната површина на телото кај животните (вклучувајќи го и човекот), како и во внатрешноста, односно во телесните органи. Можат да се поделат на две класи: штитомевни (Aspidogastrea) и двородни метили (Digenea).

Метили
Botulus microporus — џиновски паразит од утробата на риба-копјарка
Научна класификација [ у ]
Царство: Животни
Тип: Сплескани црви
Класа: Метили
Rudolphi, 1808
Поткласи

Поради паразитизмот, метилите се еволутивно помлада класа од трепчестите црви. Исто така, како резултат на паразитскиот начин на живеење, кај метилите отсуствуваат или, пак, максимално се редуцирани органските системи кои кај поразвиените животни служат за преработка на материите кои се земаат од надворешната средина (како кислород и вода), бидејќи метилите нив најчесто ги земаат по пат на осмоза преку целата телесна површина како готови преработени производи.

Карактеристичен белег на метилите се усните пијавки (уста), со кои метилите ја земаат храната и се прицврстуваат за телото на домаќинот.

Структура на телото на метилите уреди

Телото на метилите најчесто е со копјест облик, иако има и лентовидни видови. Долго е околу 10 мм и е стеснето на двата краја. На предниот крај е усната пијавка, зад која вентрално (стомачно) е сместена и вентралната пијавка, која е нешто поголема од усната.

Површината на телото е претставена со епително ткиво над кое има дебела кутикула. Под епителот се наоѓаат два слоја на мускули, и тоа кружни мускули и надолжни мускули. За разлика од нив, дорзо-вентралните мускули се протегаат низ паренхимот, односно од грбната (дорзалната) па сè до стомачната (вентралната) страна на телото.

Органи уреди

Системот за варење се состои од усна пијавка (која воедно игра улога и на анус) што продолжува во голтка. Таа продолжува во хранопровод (кој отсуствува кај некои видови). По хранопроводот доаѓа цревото кое се разгранува на две странични гранки кои слепо завршуваат.

Екскреторниот систем е претставен со протонефридии. Се состои од две цевчиња кои започнуваат од предниот дел на телото и се протегаат кон задниот, каде се спојуваат и образуваат мочно ќесе кое се излева надвор преку екскреторна пора.

Репродуктивниот систем е или само машки или само женски кај некои видови, додека кај други е хермафродитен и е најразвиен. Maшкиот репродуктивен систем се состои од два семеника сместени зад вентралната пијавка. Од нив, кон предниот дел, води по еден семевод кои се соединуваат и завршуваат со цирус (пенис), кој се наоѓа во цирусна торбичка. Женскиот репродуктивен систем се состои само од еден јајчник, кој кај хермафродитните видови лежи веднаш под семениците. Може да биде топчест или разгранет по својата форма. Во него постојано се наоѓаат зрели и незрели ситни јајце-клетки. Од него продолжува кус јајцевод, при чиј завршеток се наоѓаат од едната страна семеприемникот (receptaculum seminis), а од другата страна Лауреровиот канал. Оттука, јајцеводот преминува во утерус (матка), чиј почетен дел носи име оотип. Во оотипот се излеваат секретите од т.н. лушпести жлезди и жолточни жлезди. Утерусот е силно развиен и извиткан и зафаќа најголем дел од внатрешноста на телото, така што понекогаш тој ги препокрива сите други органи, поради што е неможно да се видат на микроскоп. Утерусот развива многу споредни помали разграноци.

Животен циклус уреди

Метилите имаат сложен животен циклус кој често вклучува неколку домаќини. Јајце-клетките преминуваат од домаќинот преку фецесот. Доколку тие се најдат во некоја водена површина, еволуираат во слободнопливачки форми наречени мирацидии. Мирацидиите пенетрираат во полжавите или други мекотелни домаќини, при што стануваат спороцисти. Клетките во спороцистите обично се делат со митоза по што формираат редии. Редиите, пак, се развиваат во слободнопливачки церкарии, кои го напуштаат телото на мекотелот и се заселуваат во вода. Тука, користејќи ензими со помош на кои пенетрираат во кожата, церкариите навлегуваат во друг домаќин (често членконоги) и се инцистираат како метацеркарии. Кога овој домаќин ќе биде изеден од конечниот домаќин, метацеркариите ексцистираат и се развиваат, со што животниот циклус се повторува.

Болести уреди

Метилите предизвикуваат различни болести кај животните. Така на пример, големиот метил предизвикува метилавост кај овците и говедата. Кај нив тој живее во црниот дроб и жолчните канали.