Марио дел Монако (Mario del Monaco) (Фиренца, 27 јули 1915Местре, 16 октомври 1982), италијански драмски тенор, еден од најголемите тенори на 20 век. Благодарение на исклучителните вокални одлики, комбинирани со драмски напнатата и емотивно содржајна интерпретација, улогите кои ги толкувал добивале дотогаш невидена мажественост, робустност, грубост, херојство, харизма, со кои тој го покорува и навидум најрамнодушниот слушател во салата. Според мислењата на публиката, до денес тој е ненадминат како толкувач на Вердиевата Отело, најтешката тенорска партија во италијанскиот вокален репертоар.

Марио дел Монако

Почетоците. Артуро Мелоки уреди

Роден е во Фиренца, во семејство на љубители на музиката. Татко му е државен чиновник, кој е префрлен на служба во Пезаро. Во тоа време конзерваториумот во родниот град на Џоакино Росини уживал голема репутација, ако се земе предвид дека декан бил уште еден голем италијански композитор, Пјетро Маскањи. Кога Марио има 13 години, татко му го запишува во почетните музички курсеви. Најпрвин учи виолина, но неговиот талент за пеење почнува да се појавува, а ја имал среќата да биде забележан од добар учител по пеење. Со него дури подготвиле една улога од денеска (но и тогаш) непозната опера на Жил Масне (италијанизираното име на операта би била „Нарчиси“, како и неколку мали проекти во кои тој учествувал.

По извесно време го променува професорот и преоѓа во класата на Артуро Мелоки, потег што ќе му го промени животот засекогаш. Во тоа време практично непознат, принципите и техниката која Мелоки ја предавал биле сушта срж на традициите на белкантото, старата италијанска вокална школа по која Италијанското пеење било познато во светот. Со мали модификации на истата, учениците од школата на Мелоки имале поголем волумен, како и драмска, темна боја на гласот, кој целосно е содржан „во маската“. Денеска сосема неправедно во светот таа е позната како „техника на спуштен ларинкс“. Позната е неговата изрека: „Јас ќе ти дадам глас. Дали ти знаеш да пееш, тоа е твоја работа!“ Марио дел Монако ќе стане најпрославениот ученик кој произлегол од школата на денеска славниот маестро, но тогаш фрлен во сенка на своите современици. Заедно работат извесно, по што аплицираат за стипендија од Римската Опера во 1936, каде меѓу 180 пријавени, во неколкуте избрани е и Марио.

За краток период се разидува со Мелкоки. Учен, но недоучен до крај, мисли дека ќе го освои светот; пее насекаде „сè и сешто“, и доживува тешки вокални кризи: гласот можел да му се слушне одвај на неколку метри. Неговата вереница, Рина Филипини, која подоцна во 1941 ќе му стане сопруга, и самата студентка по пеење, успева да ги убеди обајцата да ги тргнат настрана несогласувањата и да продолжат со работата која неочекувано престанала. По шест месеци напорна работа, дел Монако се опоравува и го прави професионалното оперско деби во Театро Комунале во Каљи со улогата на Туриду во Кавалерија Рустикана од Пјетро Маскањи на 20 март 1940, на 24 години.

Воената обврска уреди

Во тој период започнуваат воените дејствија на штотуку започнатата Втора светска војна. Марио е мобилизиран во италијанската војска, која тогаш била на фронтовите. Лош знак за неговата тукушто започната кариера; тој и да не биде воопшто пратен во војна, стагнацијата лошо би влијаела врз гласот. Среќа во несреќата, распределен е во батаљон во Милано, кој бил под заповедништво на полковникот Џино Нинки - голем вљубеник во музиката (Италијанците и војната?!). Полковникот, откога го слушнал како пее во кругот на касарната со пријателите, го ослободува од строгите војнички задолженија, овозможувајќи му поголеми отсуства во кои тој би можел да се занимава со пеење. Така, дел Монако се пријавува на аудиција во Тетарот Пучини во Милано во декември 1940. Пријавени имало многу, а комисијата делувала тотално незаинтересирано. Разлутен и разгневен од нивниот однос, кога му дошол редот да го отпее зададеното ариозо на Пинкертон, Addio fiorito asil, високиот Бе на крајот го држел толку долго време, како што самиот еднаш изјавува: „до состојба на експлозија, оставајќи го жирито во потресена состојба, да зјапа и гледа во мене како во чудо“. „Потресената“ комисија веднаш му ја доделува улогата на Пинкертон на „чудото“ од тенор, која оди на репертоарот неколку дена подоцна.

Растргнат помеѓу пеењето и воениот рок (нешто што само во Италија е возможно кога станува збор за пеењето), настапува низ театрите низ земјата во лирските и спинто улогите на Алфредо во Травиата, Родолфо во Боеми, Каварадоси во Тоска, Де Гри во Манон Леско, Калаф во Турандот, Едгардо во Лучија ди Ламермур, Рикардо во Бал под Маски и Енцо во Џоконда, Андреа Шение од истоимената опера и Л’Амико Фриц. Но, колку и да е сето тоа ангажирано и доследно, самата војна и ситуацијата во која се наоѓа земјата, создаваат очајни услови во кои не само тој, туку и целата оперска фела е во незавидна ситуација.

Репертоарот. Патот кон успехот уреди

Конечно, војната завршува 1946 година, дел Монако се враќа на сцената и прави сензационално деби во Веронската Арена со улогата на Радамес во Аида, првата драмска улога која тој ја додава во својот репертоар. Тоа го пробива така ненадејно, што тој станува хит низ целата земја, обезбедувајќи настап во Ковент Гарден во Лондон уште истата година. Таму за првпат ќе ја отпее улогата на Канио од Паљачи, на 1 октомври 1946, една од неколкуте кои се тесно поврзани со неговото име. Истата 1946 година добива понуда за настап и од Ла Скала, која ја одбива, стравувајќи дека нема доволно искуство за да дебитира во најголемиот театар во земјата и меѓу најголемите во светот во овој миг од кариерата.

Следува напорен период на неуморна работа и уште десетина нови улоги, главно во драмскиот тенорски фах: Дон Жозе во Кармен, Лорис во Федора, Маурицио во Адријана Лекуврер, како и главните улоги во помалку изведуваните Есмералда, Ил Табаро и Гварани. Во 1947, во потрага по ангажмани и жеден за работа, не се воздржува да патува со брод во Рио де Жанеиро и таму на дебитира со улогата на Дирк Џонсон во Девојката од Западот, во Сао Паоло со Манрико во Трубадур, во Лисабон со Фауст во Мефистофеле 1948 и во Буенос Аирес 1949 со Алваро во Моќта на Судбината.

Светска слава уреди

 
Марио дел Монако во костим на Отело

Дебито во Ла Скала ќе се случи во 1949, кога големиот театар комеморативно ја поставува Андреа Шение, опера од Умберто Џордано, кој починал истата година. Дел Монако дебитира со голем успех кај пребирливата и критички настроена публика. Понатаму сè е лесно. 1950 дебитира во Сан Франциско. Истата година повторно патува во Буенос Аирес, каде во Театро Колон на 21 јули 1950 за првпат пее во Отело, улога со која ќе се поврзува неговото име и ќе стане негов заштитен знак. Во наредните 25 години ќе ја отпее неверојатни 417 пати, што е еднакво на подвиг, земајќи ја предвид исклучителната тежина на Вердиевото ремек дело. Истата година пее и во историското поставување на Аида во Ла Скала, каде партнерка му е Марија Калас. Во Метрополитен Операта дебитира 1951, каде редовно ќе настапува сè до 1959, најчесто со Рената Тебалди. Скала и Метрополитен цели осум години ќе бидат неговите две најчести места каде што тој настапува.

Неуморно патува низ Европа, оди во Јапонија неколкупати, Јужна Америка е постојано негово одредиште; на мигови се чини дека неговите настапи имаат и по малце политичка конотација зад плаштот на уметноста. 1958 во Токио пее пред јапонскиот Император и членовите на кралското семејство. 1959, заедно со целокупниот ансамбл на Ла Скала оди зад „железната завеса“ и ги пее Дон Жозе и Каварадоси во Бољшој Театар во Москва, во присуство на највисокото раководство на Советскиот Сојуз. Воодушевените Руси му доделуваат Голем Ленинов Орден. Во период на затегнати односи помеѓу Италија и Југославија околу полуостровот Истра и Трст, тој патува 1960 во Белград и ја пее Отело во присуство на Тито, кој потоа го носи на Бриони на приватен ручек и му доделува Орден на Југословенското Знаме. Во Лондон 1962, домаќинка во Бакингемската палата му е Кралицата Мајка. На пауза меѓу чиновите на Отело во Ковент Гарден, пие шампањско со кралското семејство зад сцената.

Несреќата и крајот уреди

 
Марио дел Монако повторно во костим на Отело

Во 1963, при еден несакан инцидент, кога работникот возбудувајќи се од својот познат муштерија на неговата бензинска пумпа, заборава да го затвори капачето од резервоарот, како љубител на брзото возење од створената турбуленција, Марио дел Монако преживува несреќа. Повредите го држат за постелата цели осум месеци. Позната е анегдотата во која тој, откога се освестил од кома, најпрвин отпеал едно Це3, а после им се препуштил на лекарите, откога се уверил дека сè е во ред со гласот. На крај закрепнува, но последиците се одразуваат постериорно: после десетина години, како резултат на повредите, нему ќе му откажат бубрезите. Принуден е секојдневно да се приклучува на апаратот за дијализа, можноста за настапување драстично е смалена.

Сепак, триумфално настапува во Будимпешта 1968 и 1969 со Отело и Самсон. Во Брисел за последен пат ја пее Отело. На 58 години, во 1973 блеска како Канио во Паљачи во Виена. Наредната 1974 во Торе дел Лаго, родното место на Пучини, го пее Ил Табаро на комеморативна претстава по повод 50 години од смртта на големиот композитор. 1975 прифаќа да отпее 11 претстави за 20 дена во Палермо и Наполи. Тоа ќе бидат последните претстави во кои тој ќе пее, иако ќе следуваат уште понуди од театрите низ светот кои сакаат да го слушнат нивниот омилен тенор уште еднаш. Приморан е поради болеста предвреме да ја напушти сцената на 60 годишна возраст, после 35 години интензивна кариера и светска слава која долго време ќе остане незапаметена.

Останатите години ги поминува во својата вила во Местре. Интервјуата направени во тој период оддаваат слика на човек кој е прерано оттргнат од својата љубов, пеењето, и кој поради тоа полека гасне. Умира на 67 години, а неговата смрт е ден на жалост во Италија. Закопан е во костимот на Отело, улогата на неговиот живот, специјално дизајниран за неговите настапи, по негова желба и порачка.