Македонска федеративна организација

Македонската федеративна организација, позната како Македонска федеративна револуционерна организација [1] или Македонска емигрантска федеративна организација — политичка и револуционерна организација на македонската емиграција во Бугарија. Со Уставот на МЕФО била определена целта за дејствување: легална борба за создавање автономна федеративна држава Македонија во нејзините географски и економски граници, независна од балканските држави. Внатрешно, Македонија би била организирана како мултиетничка држава, со кантони и со есперантото како заеднички јазик.[2]

Македонска федеративна организација (МФО)
Насловна на Уставот на Македонската федеративна организација
Насловна на Уставот на Македонската федеративна организација
Функционира 19211925
Цели Независна Македонија
Подрачја Пиринска Македонија
Вардарска Македонија
Егејска Македонија
Бугарија
Статус расформирана
Устав на Македонската федеративна организација

Организацијата го издавала својот орган „Автономна Македонија“ под редакција на Иван Снегаров и Владислав Ковачев. Водечки личности во раководството на МЕФО биле: арх. Никола Јуруков, д-р Христо Далкалчев, д-р Филип Атанасов, Владислав Ковачев, Климент Размов, Никола Киров Мајски и др.

Дел од раководните личности биле убиени од ВМРО на Тодор Александров (1923– 1924), други емигрирале во странство, а некои од нив пристапиле во ВМРО (Обединета).

Основање уреди

По Вториот голем собор на Сојузот на македонските братство од есента 1920 година шеесет делегати, на чело со Христо Далкалчев, Никола Јуруков, Филип Атанасов, Христо Татарчев, Александар Димитров, Владислав Ковачев, Милан Грашев, Јордан Анастасов [3] се отцепиле од Сојузот и ја создале Привремена комисија на македонските братство во Бугарија.

Основачкиот конгрес на МФО бил свикан на 4 декември 1921 година и на него биле формулирани основните цели на организацијата - независна федеративна Македонија во која треба да има целосна еднаквост на народностите коишто ја населуваат, за да послужи како алка помеѓу балканските држави за обединување во идната Балканска федерација.

Легално крило се нарекувало Македонска емигрантска федеративна организација (МЕФО), а илегалното Внатрешна федеративна македонска револуционерна организација (ВФРО).[4]

Дејност уреди

Судир со ВМРО уреди

 
Табло со учесниците на конгресот од 1923 година.

Набргу потоа Никола Јуруков ја предводел легалната фракција, а Филип Атанасов ја презел илегалната. Во Тирана федералистите Филип Атанасов, Павел Христов, А. Василев, Христо Цветков и Крум Зографов стапиле во контакт со Александар Протогеров, за примирје и соработка помеѓу федералистите и автономистите како и привлекување на албанските револуционери на нивна страна (косовскиот албански комитет на Реџеп Митровица и Бедри Пејани,[5] со Хасан Приштина и Ахмед Зогу).

Била постигната спогодба за воспоставување на раководни органи во Албанија, за да се дистанцираат од владејачките кругови во Бугарија. Меѓутоа Тодор Александров набргу го отфрлил договорот. Федералистите го поканиле на нова средба Александар Протогеров во Виена, но тој ја одбил.[6]

Помеѓу 14 и 17 октомври 1922 година чети на ВМРО на чело со Алексо Василев и Георги Атанасов го окупирале Неврокоп во т.н. Неврокопска акција на ВМРО и ја избркале федералистичката четата на Тодор Паница[7]. Деецот на федералистката организација Григор Циклев во Ќустендил на 17 ноември 1922 година го убил Велин Алајков, учесник во преговорите помеѓу ВМРО и земјоделската влада на Александар Стамболиски. Како одговор ВМРО ја извршила т.н. Ќустендилска акција на ВМРО.

Расцеп уреди

Во јануари 1923 година легална фракција се слеала во Сојузот на македонските братства, а печатените органи „Автономна Македонија“ и „Македонија“ се обединуваат и го сочинуваат весникот „Независна Македонија“. Потоа федералистите основале нов весник „Македонско сознание“, кој го издавале во Белград и ги истакнувале македонските позиции.

Тодор Паница се отцепил и основал сопствена МФО, а во 1924 година се зближува со автономистите, и заедно учествуваат во создавањето на Мајскиот манифест. Во 1925 година под водство на Тодор Паница и со помош на Грција и Кралството Југославија во трите дела на Македонија дејствуваат федералистички чети, чија цел е да ја уништат ВМРО.

Уништување на МФО уреди

ВМРО успела да ја исчисти Пиринска Македонија од федералистичките дејци и чети, биле преземени неколку акции, како што е масакрот кај Дабница, Менча Крничева го убила Тодор Паница. МФО ја изгубила својата база во Пиринска Македонија по што дел од федералистите се приклучиле на Бугарската комунистичка партија и ВМРО (Обединета), во 1925 година МФО престанала да постои.

Извори уреди

  1. „Окружно број 774 од 2 август 1924 година“. Архивирано од изворникот на 2008-05-01. Посетено на 2011-07-25.
  2. Dimitar Bechev. Historical Dictionary of the Republic of Macedonia, The Scarecrow Press, Inc., 2009, p. 75-76.
  3. „Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г. [1]
  4. Тюлеков, Димитър. „ВМРО в Пиринско 1919-1934“, Унив. Изд. “Неофит Рилски”, Благоевград, 2001 г.
  5. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 477.
  6. Колектив. Македония история и политическа съдба, Том II, ИК Знание, София, 1998, стр. 107-108.
  7. ВМРО прогонва федералистите от Неврокоп, от сайта БГ Хистори

Надворешни врски уреди