Лујџи Ноно (италијански: Luigi Nono; се родил на 29 јануари 1924 во Венеција, починал на 8 мај 1990 во Венеција) бил италијански авангарден композитор на класична музика и еден од најважните композитори на XX век. Ноно е една од водечките фигури во пост-воената музичка авангарда, кој за разлика од неговите современици Карлхајнц Штокхаузен, Пјер Булез се издвојува поради неговата значајна политичка посветеност и нејзината очигледна примена во музиката.

Лујџи Ноно, фотографија од 1979 година
Куќата на Лујџи Ноно на островот Џудека, Венеција

Живот и дело уреди

Од 1943 до 1945 учи композиција со Малипјеро на Конзерваториумот во Венеција, во време кога музиката на Втората Виенска Школа, Игор Стравински и Бела Барток се изучува во полн ек. Тоа врз Ноно ќе остави траги во музичката мисла, особено во првите години. Два фактори се многу важни во развојот на музичкиот јазик на Ноно: искуствата од Втората светска војна и познанството со Бруно Мадерна. Во 1948 тој и Ноно посетуваат курс по диригирање кај Херман Шеркен во Венеција, кај кој подоцна ќе продолжат да ги изучуваат композиторските техники на Бах, Бетовен, Арнолд Шенберг и Антон Веберн. Токму Шеркен ќе биде оној кој ќе претстави едно од првите дела на Ноно Канонски Варијации на Серијата од оп. 41 на Шенберг (Variazioni canoniche sulla serie dell’op.41 di Schönberg) во Дармштад. Подоцна посетува предавања по композиција кај Едгар Варез. Дармштад го посетува сè до крајот на 1950-тите години каде многу негови дела биле за првпат изведени, се жени за ќерката на Арнолд Шенберг, Нурија Шенберг, а станува и професор.
Ноно го шири својот опус на пријателства со луѓе од различни области, меѓу кои најпродуктивни се оние со сликарот Емилио Ведова и архитектот Ренцо Пијано. Филозофското влијание од Сартр, поезијата на Федерико Гарсија Лорка, Елуард, Чезаре Павезе придонесуваат за неговиот сензибилитет кој е уникатен меѓу неговите современици. Текстот на прогонетите затвореници во делото Прекинатото Пеење (Il Canto Sospeso) од 1955-1956 година е фрагментиран и варира од јасно рецитирање до напластување на текстури во зависност од структурата. Ноно овој начин го искористува и во понатамошните композиции.
Интолеранција 1960 (Intolleranza 1960) е дело каде Ноно за првпат целосно ја остварува идејата на музички театар, во кој токму политичките идеологии и нивната звучна контекстуализација доаѓаат до конкретен резултат. Нереализираноста од ова дело го втурнува Ноно во поголемо користење на електронските звуци. La Fabbrica Illuminata од 1964, A floresta è jovem e cheja de vida од 1966 и Y entonces comprendió 1969-1970 се резултати од ова истражување на гласот и неговото "алтер его" - електронската музика.
Во 1979 Ноно ја менува музичката мисла со гудачкиот квартет Fragmente–Stille, an Diotima, творејќи на едно поапстрактно ниво.
Музиката на Лујџи Ноно може хронолошки да се подели на два дела:
1. период од 1950 до касните 1970-ти каде што музичката мисла е длабоко поврзана со неговите социо-политички идеологии со најчеста примена на додекафонијата и сериализмот и
2. период од касните 1970-ти до неговата смрт во 1990, кога се концентрира на музичкиот материјал и вниманието на звукот, начините на слушање и изведување, каде Ноно истите етички идеологии ги пренесува на еден поинтимен начин.
Во овој втор период Ноно воведува новини и на планот на формата користејќи неконтинуирани фрагментации и електроника во живо. Тие години носат огромни идеолошки размени со филозофот Масимо Качари, како и тесни пријателства со извонредни музичари како флејтистот Роберто Фабричани, пијанистот Маурицио Полини, звучниот техничар Алвизе Видолин и резиденцијата во Experimentalstudio der Heinrich-Strobel-Stiftung во Фрајбург, кои ќе му донесат неисцрпна техничка помош во реализација на делата за електроника во живо (live electronics). Фрајбург е местото каде Ноно за првпат ќе си овозможи со помош на електрониката да го трансформира звукот во живо и негова дифузија во просторот. Најголемиот проект што резултира во овој втор период е Прометео (Prometeo) реализирано во 1984, каде архитектот Ренцо Пијано конструира гигантска резонантна дрвена структура каде овој вид на "сценска акција" е изведена. Пред својата смрт, Лујџи Ноно реализира неколку дела со еден или повеќе инструменти во придружба на електроника во живо како: Quando stanno morendo (Diario polacco no.2) во 1982, Das atmende Klarsein од 1981 по текст на Рајнер Марија Рилке, Post-prae-ludium no.1 ‘per Donau (eschingen) за туба и електроника во живо од 1987.

Извори уреди

  • Borio, Gianmario. 2001b. "Nono, Luigi." The New Grove Dictionary of Music and Musicians, ed. S. Sadie and J. Tyrrell. London: Macmillan.
  • Nono, Luigi. 2007 “La Nostalgia del Futuro” Scritti scelti 1948-1986 a cura di Angela Ida de Benedectis e Veniero Rizzardi. Milano: Il Saggiatore