Лизозомите (грчки: lisis-разградува и soma-тело) се органели кои можат да се набљудуваат само со електронски микроскоп. Имаат облик на гранули или меурчиња со единечна мембрана. Во нивната внатрешност содржат ензими хидролази, што можат да ги разградат сите видови високомолекулски органски материи: белковини, нуклеински киселини, јаглехидрати и липиди. Ензимите се синтетизираат во грануларниот ендоплазматичен ретикулум, се сместуваат во структурите на Голџиевиот систем, од каде се одделуваат како лизозомни меурчиња.

Типична клетка и нејзините органели: (1) јадренце
(2) клеточно јадро
(3) рибозом
(4) везикула
(5) Груб ендоплазматичен ретикулум- Е.Р.
(6) голџиев систем
(7) цитоскелет
(8) Мазен Е.Р.
(9) митохондрија
(10) вакуола
(11) цитоплазма
(12) лизозом
(13) центриоли

Во лизозомите се разградуваат материи што во клетката се наоѓаат како нерастворливи честички или во облик на цели капки. Ова настанува кога првичните вакуоли што се образуваат околу тие честички ќе се слеат со лизозомите и создаваат дигестивна вакуола. Материите добиени со внатреклеточното разградување навлегуваат во цитоплазмата и се користат од клетката. Во одредени услови, со лизозомите клетката ги разградува и сопствените, остарени или непотребни органели или натрупани резервни хранливи материи.