Лизинг (англиски: Leasing) претставува трговска и финансиска дејност преку која трговските субјекти, најчесто малите и средните претпријатија, се обраќаат до некоја специјализирана институција да земат под закуп инвестициона опрема за определен рок и за определен надомест. Лизингот во неговата наједноставна форма претставува инструмент за обезбедување на финансиски средства и широко се дефинира како договор помеѓу две страни, каде што едната страна (давателот на лизинг) дава на користење некое средство на другата страна (корисник на лизингот) за одреден временски период и за однапред утврден надомест.[1] Суштината на лизингот произлегува од идејата за профитабилно користење на некое инвестициско добро проследено со флексибилен начин на плаќање што овозможува инвестиција без дополнително ангажирање на основен капитал, успешно работење и најголема искористеност на средствата. Денес лизингот претставува вообичаен начин за долгорочно финансирање на компаниите во развиениот свет.[2]

Договор за лизинг уреди

Под договор за лизинг се подразбира обврска за едната договорна страна – давател на лизингот да ја отстапи договорената ствар на користење и да ги преземе сите други дејствија во врска со правилно и уредно искористување на договорената ствар на другата договорна страна - корисник на лизингот, која, од своја страна, се обврзува на другата договорна страна да ѝ ја плати договорената награда.[3]

Друга дефиниција би била, дека лизингот е договорен однос со кој едната страна - давател на лизинг се обврзува на другата страна - корисник на лизинг, да ѝ финансира набавка на опрема, на тој начин што опремата која корисникот на лизинг ќе ја одбере, давателот на лизинг ќе ја купи или порача да се направи кај производител, па откако давателот на лизинг ќе стане нејзин сопственик ќе ја предаде на користење и употреба на корисникот на лизинг на одредено време, а корисникот на лизинг се обврзува да плати одреден надоместок за истото, со право да може по истекот на рокот на договорот, истата да ја купи, да ја врати или продолжи да ја користи.

Сопственик на предметот што се дава на користење е јасно определен, тоа е давателот на лизинг предметот. Всушност се работи за договорен пренос на правото на користење на современа и најнова техничко-технолошка инвестициона опрема, кое право може да вклучува и елементи на лиценца и/или know how. Овој договорен пренос на правото на користење може, но не мора да заврши со пренос на правото на сопственост, што од своја страна, значи прифаќање на функционално-прагматичниот отколку на формално и догматско-традиционалниот пристап на водење на бизнисот.

Функционалниот пристап упатува на тоа дека претприемачите не треба да се оптоваруваат со правото на сопственост во водењето на својот деловен потфат, туку нивна движечка сила треба да биде мотивот како побрзо да дојдат до посовремени и поевтини средства за работа.

Договорни страни уреди

Даватели на лизинг можат да бидат домашни или странски трговски друштва кои согласно Законот за трговски друштва, основале подружница во Република Македонија и согласно Законот за лизинг добиле дозвола од Министерството за финансии[4] за вршење на финансиски лизинг.

Како корисник на лизинг може да се јави секое домашно или странско, деловно способно физичко или правно лице кое е регистрирано во соодветен регистар, кое лице го прима на користење предметот на лизинг[5].

Права и обврски на договорните страни уреди

Корисникот на лизинг ги има следниве права и обврски:

  • има право да го користи предметот за економска корист
  • има фактичко владение врз предметот, но правно не е сопственик
  • треба да му ја плати на давателот на лизинг договорената лизинг рата

Давателот на лизинг ги има следниве права и обврски:

  • правно е сопственик на лизинг предметот
  • му дозволува на корисникот на лизинг да го употребува и да ја извлекува економската корист од лизинг предметот
  • има право на наплата на лизинг рата.

Предмет на лизинг уреди

Предмет на лизинг е секој подвижен или недвижен предмет кој се дава на користење на корисникот на лизинг, освен оние предмети за кои со закон има ограничување да можат да бидат предмет на лизинг.

Како предмет на лизинг можат да се јават најразлични предмети и опрема. Каква опрема ќе се дава на лизинг зависи првенствено од давателот на лизинг, но и од потребите на корисникот на лизинг.

Правна природа на договорот за лизинг уреди

Лизингот во себе содржи елементи и институти од повеќе договори: договор за закуп, договор за заем, договор за купопродажба со одложено плаќање и сл. Самото потекло на зборот лизинг доаѓа од англискиот глагол „to lease“, што значи да се даде под закуп или наем.

Кредитната компонента кај договорот за лизинг се гледа во тоа што давателот на лизинг се јавува како финансиер или пак ангажира трет субјект да го финансира купувањето на лизинг предметот, а се покрива преку поврат на зголемени лизинг рати.

Од друга страна кај продажбата без оглед дали во готово или на кредит, намерата е сопственичките права де се пренесат во моментот на потпишување на договорот за продажба, а сопственоста се пренесува на купувач во моментот на предавање на стварта, додека кај купопродажбата со задржување на правото на сопственост, сопственоста се пренесува со плаќање на последната рата. Кај лизингот, при потпишување на договорот за лизинг, не постои намера за пренесување на сопственоста од давател на корисник на лизинг, ниту со исплата на последната лизинг рата.

Една од главните економско-правни одлики на лизингот е можноста за предвидување на една од трите алтернативи по истекот на рокот на договорот:

  • да се врати предметот на лизингот на давателот на лизингот
  • да се продолжи да се користи предметот по поповолни, повторно преговарани услови или
  • лизинг предметот да премине во сопственост на корисникот на лизингот.

Форма на договорот за лизинг уреди

Во компаративното право, не постојат посебни одредби за формата на договорот за лизинг. Но, според македонското позитивно право, договорот за лизинг е строго формален договор, кој поради задолжителната содржина, мора да се завери кај нотар.[6]

Видови на лизинг договори уреди

1. Според одликите на предметот на лизинг се разликуваат:

  • лизинг на потрошни добра
  • инвестиционен лизинг
  • лизинг на подвижни и недвижни ствари
  • лизинг на веќе употребени ствари

2. Според должината на траење на договорот се разликуваат:

  • краткорочен или оперативен лизинг
  • долгорочен или финансиски лизинг

3. Според положбата на давателот на лизинг постојат:

  • лизинг каде што произведувачот на лизинг објектот и давател на лизингот се различни лица или лизинг преку лизинг друштво
  • концерн лизинг, каде што лизинг друштвото по пат на концерн се поврзува со произведувачи, трговци и финансиски институции во единствен процес на лизинг услуги
  • произведен лизинг, кога произведувачот на лизинг објектот истовремено е и давател на лизинот
  • производно-финансиски лизинг, каде примателот на лизинг стапува во директни односи со банка која го кредитира примателот на лизингот во поглед на обврските кои произлегуваат од договорот за лизинг.

Правно уредување на лизингот во Македонија уреди

Во нормативната практика на Република Македонија, може да се разликуваат две фази во уредувањето на лизингот: Првата, до донесувањето на Законот за лизинг[7] и втората по донесување на овој закон.

За првата фаза карактеристично е што лизингот за надворешно-трговските потреби се уредуваше со Законот за надворешно-трговско работење[8] , додека во внатрешниот промет во недостаток на домашна легислатива, како помошни се користеа одредбите од сојузниот Закон за облигациони односи,[9] а особено одредбите од договорот за продажба кои се однесуваат на продажба со задржување на правото на сопственост, потоа, на договорот за закуп, договорот за кредит, заради плаќањето на лизинг ратите и други. Сепак, како најчести извори на договорот за лизинг се користеа општите услови за работење на специјализирани трговски организации кои се бавеа со вршење на лизинг дејност- лизинг друштвата.

Втората фаза ја означува влегувањето во сила на Законот за лизинг, кога своја полна примена доживува одредбата од член 571 од Законот за облигациони односи според која одредбите од договорот за закуп според ЗОО нема да се применуваат врз закупите уредени со посебни прописи, со што јасно се упатува дека на договорот за лизинг целосно и исклучиво ќе се применуваат одредбите од Законот за лизинг.

Како важен за лизингот во Република Македонија е Законот за банки каде што е утврдено дека со лизинг дејност, покрај банките, можат да се занимаваат и небанкарски институции. Важни за лизингот како алтернативен извор на финансирање на мали и средни претпријатија се и Законот за основање на македонска банка за поддршка на развојот [1] Архивирано на 19 декември 2008 г. и Предлогот за донесување на Закон за гарантен фонд на Република Македонија од 1 јули 2003 година, со кој се уредува начинот на издавање гаранции на име на обезбедување на дел од кредит или лизинг на крајни корисници.

На меѓународен план, значајна е UNIDROIT Конвенцијата за меѓународен финансиски лизинг од Отава од 1988 година, која стапи насила на 1 мај 1995 година и се однесува само на финансискиот лизинг. Република Македонија ја нема ратификувано оваа конвенција.[10]

Историска појава и развој на лизингот уреди

Функционалниот пристап на работење како модел е инхерентен за американската деловна практика. Овој факт објаснува зошто лизингот, заедно со франшизингот и другите алтернативни методи на финансирање, се појавуваат токму во САД и доживуваат своја светска, односно европска афирмација во Втората светска војна.

Според податоците од Меѓународната финансиска корпорација во 1994 година 1/8 од вкупните приватни вложувања во светот се вршеле по пат на лизинг системи, во земјите на Организацијата за европска соработка и развој ОЕЦД. Учеството во финансирањето по пат на лизинг изнесувало 1/3 од вкупните вложувања, и на крајот, во САД 350 милијарди долари се припишуваат како инвестиции по пат на лизинг.[11]

Лизингот е трет најзначаен извор на финансирање во светот, после кредитот и Евро-обврзниците. Во Република Македонија, штедилницата “Можности” беше прва финасиска институција која го воведе лизинг системот под нормативната капа на Законот за Облигациони односи.

Една од спецификите на лизингот е тоа што во развиените земји каде што се појавил и развил лизингот, не постојат посебни закони кои ја уредуваат лизинг дејноста и договорот за лизинг, туку тој се уредува по правилата на автономното, спонтано развиено трговско право.

Причини за појава на лизингот уреди

Според досегашните научни и практични изучувања и анализи на лизингот, како главни причини за неговата појава и развој се наведуваат:

  • Потребата од развој на нови, алтернативни методи на финансирање на набавката на инвестициона опрема или други подвижни или недвижни предмети, посебно од страна на мали и средни претпријатија
  • Неопходна форма за финансирање на малото стопанство, односно мали и средни претпријатија кои немаат доволно финансиски средства за набавка на сопствени средства за работа од една, и недовербата на банкарските институции кон малите, средните и нови претпријатија на пазарот, од друга страна.
  • Со фаворизирањето на развојот на малото стопанство, се овозможува отворање на нови работни места и на тој начин се апсорбира вишокот на работната сила од гломазните индустриски системи.
  • Отсуство на соодветна државна политика за помош и поддршка на развојот на малото стопанство и др.

Лизинг наспроти кредитирање уреди

Од аспект на корисникот на лизинг постои една значајна разлика: кај кредитот средството е во сопственост на кредитокорисникот, додека кај лизингот сопственоста на средството е кај давателот на лизинг. Сличностите помеѓу кредитирањето и лизингот се следни:

  • За време на договорениот период за кредит и за лизинг се отплаќа главнината, т.е. вредноста на средството и каматата.
  • Во случај на неплаќање на доспеаните обврски по кредитот или лизингот, кредитодавателот и давателот (кога средството служи како обезбедување на кредитот) ќе ја преземе сопственоста, односно правото на користење на средството.
  • Ризикот и трошокот од сопственоста, како што е одржувањето, се на товар на кредитокорисникот и корисникот на лизинг.
  • Договорите се нераскинливи, сè додека кредиторот или давателот на лизинг не си ги наплати побарувањата.

Иако и лизингот и кредитирањето вклучуваат кредитна одлука и проценка на финансискиот ризик, сепак кај лизингот постојат два дополнителни фактора. Прво, тие имаат познавање во врска со средствата и кредитната одлука се заснова на средството, односно на неговиот ефект врз готовинскиот тек на претпријатието. Ова е различно од кредитирањето засновано на обезбедување. Банките и другите кредитори одлуката ја засноваат на билансната вредност на обезбедувањето. Вториот фактор е што лизинг-компаниите се ориентирани кон продажбата и услугите. Тие користат специјализирани знаења за да го премостат јазот помеѓу снабдувачите и купувачите, а овие знаења исто така ин даваат предност при продажбата на преземените средства. Снабдувачите најчесто немаат доволно познавање од финансии и кредитни одлуки, а корисниците на лизинг не се специјалисти за финансии, кредити и купопродажба на опрема. Од тие причини и снабдувачите и корисниците на лизинг ги користат услугите на лизинг-компаниите, кои ги имаат потребните знаења и имаат капацитет да зајмуваат финансиски средства и да кредитираат.

Предности и слабости на лизингот уреди

Предности на лизингот се:

  • многу побрза и поедноставна постапка (уредување на сите административни постапки, вклучувајќи и потпис на договорот кај давателот на лизинг)
  • прилагодливи услови на одобрување (лизингот многу повеќе се прилагодува на посебните барања на купувачите отколку било кој друг облик на финансирање)
  • без хипотека
  • билансно или вонбилансно прикажување на инвестициите во основни средства (начинот на прикажување зависи од тоа дали купувачот се одлучил за финансиски или оперативен лизинг)
  • помала даночна основа (кај финансискиот лизинг ратата за лизинг во билансот на успех претставува трошок и тоа делумно како амортизација, а делумно како трошок на финансирање; кај оперативниот лизинг ратата во целост се третира како трошок)
  • заштеда на обртен капитал (финансирањето на купување на лизинг бара помал дел на сопствени средства, што овозможува натамошно прераспоредување на слободните средства за оние деловни активности кои обезбедуваат поголем профит од трошоците на лизинг)
  • точно планирање на трошоци (ратите за лизинг се номинирани во цврсти валути и не се менуваат до истек на договорот)
  • со лизингот се избегнуваат тешкотиите при повторна продажба на опремата во која сте инвестирале свои пари- за тоа може да се погрижи давателот на лизинг.

Слабости на лизингот се:

  • Како инструмент за финансирање е поскап од банкарските кредити, односно лизинг ратите, заради зголемениот ризик, се обично поскапи од ратите за отплата на банкарски кредити. Ако се направи пресметка на збирот на сите лизинг рати, плус евентуалното еднократно плаќање на крајот на договорот за да се купи лизинг предметот ќе се види дека тој збир е поголем од набавната вредност на предметот и трошоците за тековно и инвестициско одржување, премијата за осигурување и сл.
  • Потешко е да се обезбедат гаранции или други обезбедувања, во споредба со банкарските кредити за кои најчесто се договараат хипотеки како средства за обезбедување на отплатата на кредитот и други.
  • Нерамноправност на договорните страни, се наметнува волјата на посилната договорна страна.
  • Нееластичност на веќе склучен договор за лизинг во поглед на рокот на важење, висината на надоместокот, периодот на плаќањата, можноста за предвремен раскин на договорот. Во нашиот Закон за лизинг се предвидува, дека, со приемот на предметот на лизинг, за корисникот обврската за плаќање на надомест за користење на предметот на лизинг станува апсолутна и неотповиклива.
  • Има негативно влијание во поглед на можноста за обновување и модернизација на основните средства на корисникот на техничко-технолошка опрема, бидејќи најчесто корисникот на лизингот по истекот на рокот на договорот или ја купува или ја зема повторно во лизинг опремата која е веќе застарена.[12]

Финансиски лизинг уреди

Финансискиот лизинг претставува договор за лизинг помеѓу давател на лизинг - друштво за лизинг и корисник на лизинг, каде што корисникот на лизинг го определува предметот на лизинг (опрема, недвижнини, возило) што е купен од страна на давателот на лизинг и му се дава на корисникот на лизинг за договорен временски период и со однапред утврдени услови, согласно договорот за лизинг склучен помеѓу давателот и корисникот на лизинг.

Кај финансискиот лизинг среќаваме три страни: 1) давател на лизинг, 2) корисник на лизинг и 3) финансиер, кој може да се јави како специјализирана лизинг компанија или банка или осигурителна компанија. Се состои од два договори: договор за лизинг, помеѓу давател и корисник на лизинг, и договор за купопродажба помеѓу давател на лизинг и производител или испорачувач на предметот на лизинг.

Одлики на финансискиот лизинг се:

  • Среднорочен и повеќе кон долгорочен, во зависност од економската и техничка употребна вредност на предметот на лизинг. Според македонскиот Закон за лизинг, рокот на договорот за финансиски лизинг за движни предмети изнесува најмалку една, додека за недвижни предмети изнесува најмалку две години,
  • Лизинг договорот најчесто не опфаќа услуги
  • Лизинг предметот цело време останува во сопственост на лизинг друштвото и договорот временски го покрива амортизациониот период на лизинг предметот
  • Давателот на лизинг целосно е исплатен за неговите капитални трошоци (набавна цена и трошоците за купопродажба на предметот), дополнителни трошоци или камата, профитот на давателот на лизингот, односно сите други трошоци со кои се соочува за времетраење на договорот
  • Инвестицискиот ризик го сноси исклучиво корисникот на лизинг
  • Најчесто, по истекот на рокот, договорот завршува со пренос на сопственоста врз предметот на корисникот на лизинг.

Оперативен лизинг уреди

Оперативниот лизинг претставува директен, непосреден двостран однос помеѓу давателот и корисникот на лизинг. Негови основни одлики се краткорочноста и отповикливоста.
Краткорочноста на оперативниот лизинг со себе ја носи последицата дека никогаш докрај не се плаќа економското искористување на опремата, односно не се покриваат вкупните амортизациони трошоци на лизинг предметот. Затоа, кај овој вид на лизинг се јавува таканаречениот "лизинг од втора рака" (second hand леасинг), кога истата опрема се дава повторно на користење на лизинг или пак се продава.

Отповикливоста значи, дека, корисникот на лизинг може да се справи со ризикот од лоша проценка за обем и технички одлики на опремата. Исто така, од корисникот на лизинг зависи дали ќе го обнови, односно продолжи договорот при истекот на првичниот рок на договорот. Давателот на лизингот, кај оперативниот лизинг, за разлика од финансискиот лизинг, самиот го сноси инвестицискиот ризик од сопствената инвестиција. Видови оперативен лизинг се: лизинг на потрошни добра, лизинг на подвижни и недвижни ствари, sale and lease back лизинг, leverage лизинг, лизинг со полна услуга, инвестиционен лизинг и сл.

Основни одлики на оперативниот лизинг се:

  • Економската сопственост со сите нејзини права и обврски е кај давателот на лизинг. Давателот има обврска за осигурување, сервисирање и одржување на опремата што е предмет на лизинг.
  • Целта на лизингот е користење на предметот на лизинг за некоја привремена потреба и затоа најчесто е на краток рок. Времетраењето на договорот е пократко од економскиот век на средството, што му дава можност на закуподавачот повторно да го најми на некој друг или да го продаде како половно.
  • Сегашната вредност на сите рати е значајно помала од вкупната вредност на средството.
  • Договорот може да се прекине и пред истекувањето на рокот, што му дава поголема флексибилност на корисникот на лизингот, а во исто време претставува поголем ризик за закуподавачот.

Финансирање на мали и средни претпријатија преку лизинг уреди

Лизингот се заснова на претпоставката дека профитот се остварува со ставање во употреба на средството, а не со сопственост над тоа средство. При одобрувањето на лизингот фокусот се става повеќе на готовинските текови на бизнисот, односно на способноста за остварувања на доволно приливи со кои ќе можат да се сервисираат обврските за лизингот, во споредба со билансите и кредитната историја. Секако, ова претставува предност за новите и мали бизниси што немаат долга кредитна историја и не располагаат со основни средства. Оттука, лизингот претставува соодветно решение за малите и средните претпријатија за да ги реализираат своите инвестициски проекти, особено ако се земат предвид следните предности:

  • Нема обезбедување (освен опрема или објекти), што ги елиминира трошоците што вообичаено малите и средните претпријатија ги имаат при користењето на банкарски кредити (трошоци за воспоставување хипотека, залог итн.)
  • Заштеда на обртен капитал поради помало сопствено учество или без учество, што овозможува поголема ликвидност на претпријатијата што сопствените средства можат да ги насочат за финансирање на обртните средства или за други потреби.
  • Флексибилноста на договорните одредби согласно потребите на корисникот на лизинг, што е овозможено со регулаторната рамка и структурата на ризик.
  • Поволна даночна политика што дозволува кај финансискиот лизинг прикажување на ратата за лизинг како трошок во билансот на успех и тоа делумно како амортизација, а делумно како трошок на финансирање, што ја намалува даночната основа. Кај оперативниот лизинг ратата во целост се третира како трошок, што ја намалува основата за оданочување.
  • Воспоставување на добра соработка со снабдувачите и производителите на опремата, што придонесува за добивање на поповолни услови за корисникот на лизинг.
  • Економија на обем во набавките и одржувањето, што влијае на намалување на трошоците за давателот на лизинг и пониски трошоци за крајниот корисник.
  • Поедноставна и пократка процедура за одобрување, што подразбира минимална потребна документација и анализа на готовинскиот тек на претпријатието по набавката на средството и донесување одлука дури и за еден ден.
  • Не се оптоварува кредитната рамка кај банката, што значи дека кредитната способност нема да се намали со склучување на договорот за лизинг.

Меѓутоа, интересен е податокот во врска со структурата на најважните извори на финансирање на малите и средните претпријатија, каде што како трет најзначаен извор, по банкарските кредити и кредитните линии/дозволени пречекорувања, се јавуваат лизингот и факторингот.[13] Лизингот е особено привлечен за малите и средните претпријатија, бидејќи им обезбедува можност за финансирање и на 100% од вредноста на средството, без притоа да мораат да понудат дополнително обезбедување. Затоа лизингот е одличен инструмент токму за малите и средните претпријатија со висок потенцијал за пораст и старт-ап бизнисите.

Лизинг-секторот во Македонија уреди

Правната рамка за функционирање на лизингот во Македонија е утврдена со Законот за лизинг, со која се уредуваат начинот и условите за вршење лизинг на подвижни и недвижни предмети, како и правата и обврските на страните во договорот за лизинг.[14] Согласно Законот за лизинг, даватели на лизинг се домашни трговски друштва и странски трговски друштва што имаат основано подружница во Република Македонија, во согласност со Законот за трговски друштва. За да можат трговското друштво и подружницата на странско трговско друштво да бидат даватели на финансиски лизинг во Република Македонија, треба да добијат дозвола од Министерството за финансии за вршење на финансиски лизинг.

На пазарот на финансиски лизинг во Македонија во 2012 година активно работеле 11 лизинг-друштва.[15] Меѓутоа, во 2014 година, на пазарот за лизинг активно работеле само пет фирми, и тоа: „НЛБ Лизинг“, „С-лизинг“, „Порше лизинг“, „Мастер лизинг“ и „Евро-лиз ауто“.[16] Притоа, во регистрираните лизинг-друштва во Македонија доминира финансискиот лизинг, односно 100% од лизинг-компаниите нудат финансиски лизинг, додека оперативен лизинг нудат само три лизинг-компании.

Од аспект на средствата што се нудат на лизинг доминираат возилата, односно 100% од сите лизинг-компании нудат лизинг на патнички возила, додека четири од нив нудат лизинг и на комерцијални возила (камиони, автобуси итн.). Оперативниот лизинг е достапен единствено за патнички возила. Лизингот на опрема и машини е помалку застапен и таква услуга нудат само четири лизинг-компании, додека лизинг на недвижности воопшто не се нуди на пазарот во Македонија.

Сопственичката структура на лизинг-секторот во Македонија се одликува со изразена доминација на странскиот капитал, кој учествувал со 99,5% во 2010 година. Најголемиот дел од капиталот на лизинг-индустријата, односно 84,8%, е во сопственост на странски финансиски институции, додека остатокот е во сопственост на странски нефинансиски правни лица (14,66%) и физички лица (0,07%).[17]

Лизинг-секторот во Македонија, исто како и банкарскиот сектор, во 2011 година се соочил со отежната наплата на побарувањата, што придонело за продолжување на непрофитабилното работење на секторот и остварување загуба од 22,6 милиони денари. Како резултат на тоа, се намалиле бројот и вредноста на новите договори склучени од страна на лизинг-компаниите.

Учеството на вредноста на новосклучените договори за лизинг во 2011 година изнесувал само 0,4% од БДП.[18] Доколку се анализира структурата на активните договори за лизинг, договорите со физички лица учествувале со 54%, додека учеството на правните субјекти изнесувало 46%. Од аспект на намената, доминирало финансирањето за подвижни предмети, кои учествувале со 97,8% во вкупната структура од активните договори за лизинг. Најголемо учество кај активните договори за правни субјекти имале патничките возила, со 65% од вкупните активни лизинг-договори со правни субјекти, додека само 8% од лизинг-договорите биле искористени за набавка на опрема и машини.

Табела бр. 1: Договори за лизинг на возила во Македонија[16]

Година Склучени договори Вредност (во евра)
2004 2.152 27.592.000
2005 1.676 23.181.000
2006 2.247 34.445.000
2007 2.668 58.119.000
2008 3.302 70.040.000
2009 1.970 42.595.000
2010 1.465 29.464.000
2011 1.429 27.438.000
2012 1.280 25.772.000
2013 999 18.463.000
2014 1.103 20.229.000

Покрај падот на бројот на склучените договори за лизинг, по Глобалната финансиска криза, во Македонија била забележана и зголемена појава на раскинување на договорите за лизинг, што претставувало симптом на структурното намалување на обемот на работењето на овој сектор, како и раст на ризиците за наплата на побарувањата. Така, во 2014 година биле раскинати 347 договори за лизинг, во вредност од 750 милиони денари.[16]

Одлика на лизинг-секторот во Македонија е тесната специјализираност на регистрираните лизинг-компании. Исто така, неповолна е состојбата и со понудата на средства што се нудат на лизинг, при што предноста ја имаат возилата. Лизинг-понудата во Македонија не кореспондира со потребите на секторот на малите и средните претпријатија за финансирање на нивните инвестиции и може само делумно да се користи како супститут на банкарските долгорочни кредити. Од финансиска гледна точка, лизингот за малите и средните претпријатија сè уште е поскапа варијанта од кредитот.

Наводи уреди

  1. Fletcher,M.;Freeman, R.; Sultanov, M. and Umarov, U., "Leasing in development - Guidelines for emerging economies", IFC, 2005.
  2. Арсов, С., "Финансиски менаџмент", Економски факултет - Скопје, Скопје, 2008, стр. 183-184.
  3. Владимир Капор и Славко Царић, Уговори робног промета, Нови Сад, 2000.
  4. Министерство за финансии на Република Македонија
  5. Горан Коевски, Водич за алтернативните извори на финансирање.
  6. „Право“. Архивирано од изворникот на 2009-06-28. Посетено на 2009-05-13.
  7. Службен весник на Република Македонија—бр.4/2002 год
  8. Службен весник на Република Македонија, бр.31/93, 41/93, 78/93, 59/96, 15/97, 13/98, 50/99, 82/99 и 4/2001 г.
  9. MLRC
  10. Благица Георгиева,” Лизинг-како алтернативен извор на финансирање”, Правник, бр.147/148, јули-август 2004.
  11. Капитал, 18 април, 2002 година.
  12. „Factoring“. Архивирано од изворникот на 2008-06-02. Посетено на 2009-05-13.
  13. European Central Bank, "Survey on the access to finance of SMEs in the Euro area from October 2011 to March 2012", 2012.
  14. Закон за лизинг, Службен весник на РМ, бр. 4/2002, 49/2003, 13/2006 и 88/2008.
  15. Министерство за финансии, Регистар на даватели на финансиски лизинг.
  16. 16,0 16,1 16,2 Алекандра Филиповска, „Лани склучени само 1.100 договори тешки 20 милиони евра“, Дневник, година XIX, број 5704, сабота, 28 февруари 2015, стр. 8-9.
  17. Министерство за финансии (2011), "Претпристапна економска програма 2011-2013", Скопје, стр. 36-38.
  18. Народна банка на Република Македонија, Извештај за финансиска стабилност 2011, Скопје, 2012, стр. 146.