Крап (Cyprinus carpio)[1] — риба која припаѓа на семејството крапови, живее во бавно проточни или непроточни води, така што претежно живее во долните текови на реките и во езерата. Таквите води (топли, со помало количество на кислород и побавно течение) се нарекуваат крапски или ципринидни води.

Опис и распространетост уреди

Крапот има доста високо и странично сплескано тело покриено со крупни скралушки. Секоја скралушка на врвот наслободниот крај има по една темна пега. Има ралативно мала глава во однос на телото. Устата е завршна, завртена нагоре. На краевите има два пара мустаЌи. Карактеристично е што усните кај крапот се издолжуваат како хармоника. Грбната перка е голема, малце засечена и започнува од највисокиот гребен на грбот, пред почетокот на стомачната перка и завршува после завршетокот на аналната перка. Опашната перка е длабоко засечена. Телото на крапот од горната страна е темносиво зелено, додека странично е жолто кафеаво. Бојата на стомачната страна е жолто бела. Очите по боја се жолтеникави. Крапот е риба со можеби најголемо распространување. Се смета дека прататковина му се водите кои што припаѓаат на Кина, Јапонија, Средна Азијаи сливот на Црно Море, од каде што многу одамна почнало неговото распространување. Во Европа ги населува речиси сите води кои според условите одговараат за негово живеење.[1]

Основни биолошки одлики уреди

Според местото на полагање на икра крапот припаѓа на фитофилната еколошка група на риби. Времето на полагање на икра е доста долго и полово зрели единки може да се сретнат од крајот на месец април кога температурата на водата во крајбрежието е повисока од 18°С, па сè до крајот на месец јуни. Бројот на зрна икра е доста различен и зависи од возраста на единките и нивната тежина. Бројот на зрна икра кој што може да го исфрли една женска единка се движи од 30.000 (триесет илјади) до 1.000.000 (еден милион). Икрата има дебел леплив слој со кој интензивно се прилепува за подлогата, односно за подводната растителност. На тој начин во текот на целиот период на развој икрата е над тињестото дно. Единките на крапот созреваат на различна возраст. Машките единки полова зрелост достигнуваат во втората, односно третата година од животот, додека женските единки полова зрелост достигнуваат една година подоцна. Созревањето на крапот е пред се поврзано со неговото растење и како должина на која што крапот прв пат се мрести е должина од околу 25 см. Во зависност од местото на живеење и растењето на крапот е различно. Крапот може да нарасте и повеЌе од 80 см. и повеЌе од 10 кг. тежина. Ваквите примероци се доста ретки. Крапот е сèштојад и има широк спектар на исхрана. Младите претежно се хранат со зоопланктон, а возрасните единки со мекотели, црви, ларви од инсекти, зоопланктон, полжавчиња, школки и растителна храна од дното. Зимата ја поминуваат во поголеми јата, во подлабоките и помирни места каде струењето на водата е послабо. При температура пониска од 12 °C нагло ја намалуваат исхраната, а при температура на водата под 5 °C се припива во тињата или најгустиот дел на растителноста и престанува да се движи и храни. Во тој период крапот преспива „зимски сон”.[1]

Размножување уреди

Се размножуваат на пролет, кога возрасните единки патуваат до подрачја погодни за мрестење. Тоа е обично плитка вода во помирни делови на реките или во поплавени зони. Во текот на парењето женката испушта голем број лепливи јајца врз водната растителност.

Значење уреди

Крапот претставува значајна компонента во вкупната ихтиомаса на Охридско Езеро. Месото му е многу вкусно и има големо стопанско значење. Крапот од Охридското Езеро има голема улога во развојот на рекреативниот риболов.[1]

Крапот е доста честа риба, а на многу места се одгледува за исхрана. Меѓутоа, голем проблем претставува пуштање на тие одгледувани крапови во природата, бидејќи тој се пари со дивите крапови, со што влијае врз нивната генетска структура.

Крапот како тема во уметноста и во популарната култура уреди

  • „Вонземјани и крапови во Охрид“ - кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[2]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Службен весник на Р Македонија бр.145 2011 година
  2. Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.

Надворешни врски уреди