Комунистичка партија на Германија

Комунистичка партија на Германија (германски: Kommunistische Partei Deutschlands, KPD, КПД) била голема политичка партија во Германија меѓу 1918 и 1933, како и мала партија во Западна Германија во повоениот период. Основана по завршувањето на Првата светска војна од социјалисти кои биле против војната, водена од Роза Луксембург, по нејзината смрт, партијата постепено налегнувала кон ленинизмот и во триесетитте била целосно лојална на Советскиот Сојуз и неговиот водач, Јосиф Сталин. За време на Вајмарската Република, КПД вообичаено добивала од 10 до 15% од гласовите и била претставувана во Рајхстагот и државните парламенти. Забранета од нацистичкиот режим на Адолф Хитлер, КПД продолжила како подземна организација, но претрпела тешки загуби. Партијата била оживеана во повоена Германија и добила седишта во Бундестагот уште во првите парламентарни избори во 1949, но нејзината поддршка паднала по основањето на комунистичката држава во делот од Германија окупиран од Советскиот Сојуз. Била забранета во Западна Германија во 1956 и била повторно издигната во 1969, кога била оформена новата, легална Германска комунистичка партија (DKP, ДКП).

Комунистичка партија на Германија
Kommunistische Partei Deutschlands
Водачколективно раководство
ОсновачРоза Луксембург
Карл Либкнехт
Основана1918 (1918) — 1919 (1919)
Распуштена21 април 1946 (1946-04-21)
ВесникDie Rote Fahne
МладинаМлада комунистичка лига на Германија
Паравоено крилоRoter Frontkämpferbund
Членови  (1932)360.000
ИдеологијаКомунизам
Меѓународна припадностКомунистичка интернационала (1919 — 1943)
Боицрвена и жолта
Знаме
Политика на Германија
Политички партии
Избори

Рани години уреди

 
Изборен плакат на КПД од 1932: „Ставете крај на овој систем“

Пред Првата светска војна, Социјалдемократската партија (SPD, СПД) била најголемата партија во Германија и најуспешната социјалистичка партија во светот. Иако сѐ уште се изјаснувала како марксистичка партија, до 1914 станала реформистичка партија. Во 1914, социјалдемократските членови на Рајхстагот гласале за војна. Левичарските членови на партијата, водени од Карл Либкнехт и Роза Луксембург, силно се противеле на војната, по што СПД претрпела разделба, завршувајќи со нова Независна социјалдемократска партија на Германија (USPD, УСПД) оформена од левичарите, а порадикалните членови го формирале Спартаковиот сојуз. Во ноември 1918 низ Германија се раширила револуција. Неколку левичарски групации, вклучително и Спартаковиот сојуз на Роза Луксембург, во декември 1918 ја оформиле КПД.

Во раните години од КПД, партијата била посветена на револуцијата на вооружените работници во Германија, а за време на 1919 и 1920 револуцијата продолжила. Но социјалдемократските водачи кои дошле на моќ по падот на стариот режим, биле дијаметрално спротивставени на револуционерниот социјализам и ја задолжиле армијата да ги потисне работниците. За време на неуспешното Спартакистичко востание во јануари 1919 во Берлин, Либкнехт и Луксембург биле убиени. Неколку месеци подоцна партијата се поделила на две фракции, КПД и Комунистичката работничка партија на Германија (KAPD, КАПД).

По убиството на Лео Јогихес, Паул Леви станал водач на КПД. Меѓу другите познати членови биле Клара Цеткин, Паул Фрeлих, Хуго Еберлајн, Франц Меринг, Август Талхајмер и Ернст Мејер. Леви ја оттргнал партијата од желбата за предвремена револуција, со цел да ги придобијат работниците членови на Социјалдемократската партија на Германија и Независната социјалдемократска партија на Германија. Овие напори се исплателе кога поголемиот дел од Независната социјалдемократска партија на Германија одлучил да се приклучи на КПД, правејќи ја голема партија за првпат.

Во дваесетитте КПД била ослабена од внатрешни конфликти помеѓу повеќе и помалку радикални фракции, делумно како одраз на борбата за моќ помеѓу Троцки и Сталин во Москва. Германија била од главно значење во борбата за социјализам, а неуспехот на германската револуција бил главна пречка. На крајот, во 1921 Леви бил избркан од Коминтерната заради „недисциплина“. Во првите години од дваесетитте се случиле понатамошни промени на водството, а членовите кои биле обвинети за поддржувачи на Троцки биле избркани: Хајнрих Брандлер, август Талхајмер и Паул Фрелих, оформиле мала партија Опозиција на Комунистичката партија (Kommunistische Partei-Opposition, KPD-O, КПД-О).

За време на Вајмарската Република уреди

 
Куќата на Карл Либкнехт

Во 1923 КПД добила ново водство, лојално на растечката фракција на Сталин. Ова водство, на чело со Ернст Телман, ја напуштило целта за предвремена револуција, и од 1924 па натаму, се кандидирала на парламентарните избори, со некои успеси. Иако КПД била за „обединет фронт“, овој период останала строго непријателски настроена спрема Социјалдемократската партија на Германија. Во 1928, Сталин спремил нова „левичарска“ политика, којашто КПД лојално ја следела.[1] Во овој таканаречен „трет период“ стоело дека капитализмот влегува во длабока криза и дека се ближи времето за револуција. Социјалдемократите биле етикетирани како „социјал-фашисти“ и сите предлози за соработка со неа биле отфрлени.

За време на Вајмарската Република, КПД била најголемата комунистичка партија во Европа и претставувала „водечка партија“ на комунистичкото движење надвор од Советскиот Сојуз. Ги одржувала своите изборни успеси, обично добивајќи повеќе од 10% од гласовите и добивајќи 100 заменици во изборите од ноември 1932. На претседателските избори истата година, Телман добил 13,2% од гласовите, спроти Хитлер со 30,1%.

„Социјал-фашистичката“ политика значела дека немало никакви шанси за обединет фронт со СПД против растечката сила на нацистите. И КПД и Сталин ужасно ја потцениле опасноста од нацистите, претпоставувајќи дека нацистите сѐ уште не се опасност и дека нацистички режим брзо би паднал.

За време на нацистичкиот режим уреди

Набрзо по назначувањето на Хитлер за канцелар, Рајхстагот бил запален. Нацистите јавно ги обвиниле комунистите (иако многу историчари веруваат дека самите нацисти го подметнале пожарот)[2]). Го искористиле пожарот за да го одбранат донесувањето на закони коишто им го овластуваат забранувањето на политички партии. Овластувачкиот акт, што легално му дал на Хитлер диктаторска контрола над Германија, бил одобрен од парламентот по аспењето на комунистичките функционери.

КПД била целосно потисната од нацистите. Илјадници комунисти биле затворени, меѓу кои и Телман, кој умрел во концентрационен логор. Највисокиот водач во КПД што успеал да се спаси бил Валтер Улбрихт, кој пребегнал во Советскиот Сојуз. КПД продолжила да постои како подземна организација во Германија за време на целото нацистичко владеење, осудена од идеолошките причини на нацистичкиот терор, но загубата на многуте суштински членови на партијата тешко ја ослабнало партијата. Во 1945, многу од најсилните подрачја на КПД биле сместени во окупираниот дел на Германија под СССР.

Повоена историја уреди

Во Источна Германија, КПД (водена од Валтер Улбрихт) прифатила некои елементи од источната СПД и се преименувала во Партија за социјалистичко единство на Германија (SED, СЕД), и останала водечката партија во Источна Германија до 1990. По забраната на КПД во Западна Германија, Партијата за социјалистичко единство на Германија пратила шпиони на запад. Мала сестринска партија на оваа, Партијата за социјалистичко единство на Западен Берлин, дејствувала во западот. По обединувањето на Германија, реформистите во СЕД добиле контрола над партијата и ја реосновале како Партија за демократски социјализам на Германија (PDS, ПДС).

КПД се реорганизирала во западниот дел од Германија и добила 5,7% од гласовите на првите парламентарни избори во 1949. Но почетокот на Студената војна и воспоставувањето на комунистичка држава во Источна Германија набрзо предизвикала распад на партиската поддршка. На изборите во 1953, КПД освоиле само 2,2% од гласовите и ги изгубила сите свои седишта. Партијата била забранета на 17 август 1956 од Федералниот уставен суд на Германија. По прогласувањето на партијата за нелегална, многу од нејзините бивши членови продолжиле да работат притаено, но се соочиле со владиниот интервенционизам. Дел од членството подоцна ја реосновала партијата во 1968 како Германска комунистичка партија, којашто сѐ уште постои. Но по германското повторно обединување, многу членови на ДКП се приклучиле на новата Партија за демократски социјализам.

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. Hoppe, Bert (2011). In Stalins Gefolgschaft: Moskau und die KPD 1928–1933. Oldenbourg Verlag. ISBN 9783486711738.
  2. „Детална хронологија и анализа на пожарот во Рајхстагот“. Архивирано од изворникот на 2006-10-04. Посетено на 2007-07-13.