Клит Црниот (~ 375 п.н.е. - 328 п.н.е.) — македонски офицер во војската на Александар Македонски. Му го спасил животот на Александар Македонски во Битката кај Граник, а бил убиен од истиот при една нивна меѓусебна препирка.

Бил син на Дропида и брат на дадилката на Александар Македонски, Ланика.

Зема учество во Александровиот поход на Азија. За време на Битката кај Граник, Клит му го спасува животот на Александар во моментот кога персиските благородници Ресак и Спитридат се обидуваат да го убијат. Потоа, Клит станува еден од Александровите најблиски соработници и пријатели.

Убиството уреди

Во 328 п.н.е., за време на една гозба, Клит влегува во вербален судир со Александар. Според Плутарх,[1] повод за препирката биле песните кои на гозбата се пееле, а со кои се исмевале македонските генерали кои неодамна биле поразени од варварите. Некои од нив негодувале, а особено гласен бил Клит, кој инсистирал дека, кога се помеѓу варвари и непријатели, не е добро да се навредуваат Македонците. Кога Александар му забележал дека кукавичлакот го нарекол немање среќа, Клит го потсетил дека поради неговиот „кукавичлак“, тој му го спасил животот кај Граник и додал дека „поради крвта на Македонците и поради нивните рани, ти стана толку голем што го омаловажуваш Филип и се нарекуваш син на Амон.“ Клит не застанал на овие зборови и откако Александар го запрашал дали мисли неказнето така да зборува, Клит го повикал Александар да го остави слободно да зборува или на гозбите да не повикува луѓе кои се слободни и кои отворено зборуваат, туку да живее со варвари и робови, кои ќе му се клањаат согласно персиските обичаи.

Останатите присутни во меѓувреме се обидувале да ги смират Клит и Александар и успеале да го изнесат Клит надвор од просторијата. Сепак, тој набрзо се вратил и продолжил со инсинуации, по што Александар грабнал едно копје и го усмртил Клит. Потоа, Александар се покајал и повеќе денови жалел за убиството.

Наводи уреди