Кенет Кларк

историчар на уметноста, водител и директор на музеј (1903–1983)

Кенет Кларк, Барон Кларк (англиски: Kenneth McKenzie Clark, Baron Clark; 13 јули 190321 мај 1983) — најистакнат британски историчар на уметноста во своето време, музејски директор кој се стекнал со меѓународна популарност како автор, продуцент и водител на серискиот документарен филмЦивилизација“ (Civilisation) на Би-би-си.

Кенет Кларк
Kenneth McKenzie Clark
Лордот Кларк во библиотеката на дворецот Остерли Парк во една од епизодите на „Цивилизација
Роден(а)Кенет Макензи Кларк
13 јули 1903(1903-07-13)
Лондон, Англија
Починал(а)21 мај 1983(1983-05-21) (возр. 79)
Хајт, Кент, Англија
Алма матерколеџ „Тринити“, Оксфордски универзитет
Занимањедокументарист, историчар на уметноста
СопружникЕлизабета Џејн Мартин (в. 1927; починала 1976)
Нолвен де Жанзе-Рајс (в. 1977) (1924–1989)

Животопис уреди

Младост уреди

Кларк е роден во Лондон како единец на Кенет Макензи Кларк и Маргарет Алис Мекартур. Кларкови биле богато шкотско семејство чии предци одиграле клучна улога во развојот на текстилната индустрија.

Основното образование го стекнал во Виксенфорд, средното во Винчестер, а високото на колеџот „Тринити“ при Оксфордскиот универзитет, каде дипломирал историја на уметноста. Во 1927 г. се оженил со колешката од Оксфорд, Елизабет Џејн Мартин. Имале три деца: Алан (1928) и близнаците Колет (Сели) и Колин (1932).

Почетоци уреди

Како протеже на највлијателниот критичар во тоа време, Бернард Беренсон, Кларк набргу станал најуважениот естетичар во Британија. По извесно кустосување во Ешмоловиот музеј во Оксфорд, во 1933 г., на возраст од 30 години бил назначен за директор на Националната галерија во Лондон (најмладиот досега). Следната година станал управник на Кралската ликовна збирка (т.е. „Надзорник на кралевите слики“), каде се задржал до 1945 г. Како директор на Националната галерија, Кларк бил одговорен за засолнување на збирките во бомбардирањето на Лондон, а притоа продолжил да ги води музичко-сценските изведби и претстави. Меѓутоа Кларк бил и контроверзна личност како противник на современата уметност и постмодерната мисла. И покрај ова, се покажал влијателен во неговата поддршка на современиот вајар Хенри Мур и, како претседател на Советодавната комисија на воените уметници, ја убедил владата да не ги регрутира уметниците во војска. За време на војната бил и советник на Министерството за информирање и одговорен за наоѓање на сценаристи за пропагандните филмови. Во 1946 г. го напуштил директорското место за да му се посвети на пишувањето. Во периодот од 1946 до 1950 г. работел како професор по ликовна уметност на Оксфорд. Покрај ова, еден од основачите на Уметничкиот совет на Велика Британија и негов претседател од 1955 до 1960 г. Имал голема улога и во уметничката програма на Фестивалот на Британија.

Во 1938 г. Кларк станал витез-заповедник на Бањата, а во 1959 г. е одликуван со орденот „Почесен придружник“. Во 1976 г. добил и Орден за заслуги. Во 1955 г. го купил замокот Солтвуд во Кент.

Телевизиски ангажман уреди

Кларк бил неуморен деец како во академските, така и во медиумските кругови, Неговото мајсторство се состои во доловувањето на сложени и длабоки тематики на начин интересен за секаква публика. Бил еден од основачите на Независната телевизиска управа (Independent Television Authority, денешна ITV) и нејзин претседател од 1954 до 1957 г., кога се префрлил во соперничката телевизија Би-би-си. Во 1969 г. ја изработил емисијата на Би-би-си насловена како „Цивилизација“ (Civilisation). Ова е сериски документарец посветен на историјата на западната цивилизација низ призмата на нејзината уметност. Кларк е нејзин автор и водител, и како таков со неа доживеал меѓународен успех. Според Кларк, емисијата е предвидена како одговор на сè посилните критики врз западната цивилизација, нејзините вредности и херои. Во 1970 г., по одлука на ирските ТВ-критичари, му е доделена Џејкобовата награда за емисијата „Цивилизација“.[1]

Како „обожувач на херои“, Кларк бил застапник за индивидуализмот и хуманизмот, а противник на марксизмот. Бил мошне критични настроен кон постмодернизмот и сите негови облици во совремието. Ова може да се види по неговиот коментар во „Цивилизација“ во врска со радикалните студенти од 1960-тите: „уште ги гледам низ Сорбона — нетрпеливо сакаат да го променат светот, озарени со надеж — макар што не знам на што точно се надеваат и во што веруваат.“ - Кларк, „Цивилизација“, Епизода 12.

Старост уреди

Од 1967 до 1978 г. Кларк бил ректор на Јоршкиот универзитет, а подолго време служел и како повереник на Британскиот музеј. Во 1969 г. му било доделено доживотно благородништво, со што станал Барон Кларк од Солтвуд.

Во 1975 г. се заложил за отворање на посебна галерија посветена на Тарнер, а во 1980 г. се согласил да го отвори симпозиумот за Тарнер, но поради болест не можел да присуствува, па ова го извршил лордот Хервуд.

Сопругата Џејн починала во 1976 г., па следната година лордот Кларк се онежил со Нолвен де Жанзе-Рајс, поранешна жена на Едвард Рајс и ќерка на грофот Фредерик де Жанзе (познат француски автомобилист од 1920-тите и 1930-тите). Лордот Кларк починал во 1983 г. на 79-годишна возраст во Хајт по краток период на боледување. Во текот на последните денови од животот ја примил католичката вера.

Семејство уреди

Постариот син Алан Кларк се истакнал како важен пратеник на Конзервативната партија, а вон политиката се занимавал со пишување на проза, историја и дневник.

Пишани дела уреди

 
Книгата „Цивилизација“ - пишана верзија за телевизиските емисии
  • The Gothic Revival („Готската преродба“, 1928)
  • Catalogue of the Drawings by Leonardo da Vinci in the Collection of HM King at Windsor Castle („Каталог на цртежите на Леонардо да Винчи од збирката во замокот Виндзор“, 1935)
  • Leonardo da Vinci: An Account of his development as an Artist („Леонардо да Винчи: Неговиот развој како уметник“, 1939, прер. изд. 1952)
  • Florentine Painting: The Fifteenth Century („Фиренско сликарство: Петнаесетти век“, 1945)
  • Piero della Francesca („Пјетро дела Франческа“, 1951)
  • Landscape into Art („Од пејзаж во уметност“, 1949)
  • Moments of Vision („Визионерски моменти“, 1954)
  • The Nude: a study in ideal form („Голиот акт: Проучување на идеалната форма“, 1956)
  • Looking at Pictures („Разгледи на уметнички слики“, 1960)
  • Ruskin Today („Раскин денес“, 1964) - како уредник и коментатор
  • Rembrandt and the Italian Renaissance („Рембрант и италијанската ренесанса“, 1966)
  • The Drawings by Leonardo da Vinci in the Collection of HM Queen at Windsor Castle („Цртежите на Леонардо да Винчи од збирката во замокот Виндзор“, 1968/9 со Карло Педрети)
  • Civilisation: A Personal View („Цивилизација: Лично гледиште“, 1969) - книжна верзија на телевизиските програми
  • Blake and Visionary Art („Блејк и визионерската уметност“, 1973)
  • The Romantic Rebellion („Романтичарскиот бунт“, 1973) - книжна верзија на телевизиските програми
  • Another Part of the Wood („Друг дел од шумата“, 1974) - автобиографија
  • Animals and Men („Животни и луѓе“, 1977)
  • The Other Half („Другата половина“, 1977) - автобиографија
  • What is a Masterpiece? („Што е тоа ремек-дело?“, 1979)
  • Feminine Beauty („Женствена убавина“, 1980)

Наводи уреди

  1. The Irish Times "Controversy is indication of RTÉ's success, says minister", 11 декември 1970

Надворешни врски уреди