Кевин Костнерамерикански глумец, продуцент и режисер. Роден е во Калифорнија, на 18 јануари 1955 г. Уште како мал покажувал интерес за филмската уметност, а по еден кастинг за локална нискобуџетна продукција започнала неговата глумечка кариера. Освоил два Оскари, и тоа за најдобра режија и најдобар филм со Танц со волковите. Покрај Оскарите, има добиено и неколку ЕМИ и БАФТА признанија. Освен наградениот филм, неговите попознати улоги се во остварувањата Силверадо, Недопирливите и Телохранителот. Ќе остане запаметен како глумец кој најчесто толкувал улоги на херои во епските вестерн филмови.

Кевин Костнер
Роден 18 јануари 1955
Линвуд, Калифорнија, САД
Занимање глумец, продуцент, режисер, музичар
Сопружник Синди Силва (1978 — 1994)
Кристина Баумгартнер (2004—)
Деца 7

Младост и раните почетоци уреди

Кевин бил најмалиот од тројцата синови на Шерон Рае и Вилијам Костнер. Таткото немал постојано работно место, па така целото семејство било приморано постојано да го менува местото на живеење. Инаку по професија неговиот татко бил електричар, а мајката работела во претпријатие за социјално осигурување. Како млад Кевин се занимавал со спорт, а освен тоа неговите родители плаќале часови по пијано. Пеел во црковниот хор, а на школувањето не му посветувал големо внимание. Средно училиште завршил во 1973 год, а универзитетска диплома добил во 1978 г.[1]

Филмска кариера уреди

 
Костнер во 2003 г.

Своето деби на филмското платно го имал во 1976 год, но неговиот настап не предизвикал поголемо медиумско внимание. Следниот настап му бил во Ноќна смена под режија на Рон Хауард, каде имал само улога на статист. Во периодот до 1985 г. добивал помали глумечки ролји, но по прикажувањето на филмот Силверадо, кариерата му тргнала по нагорна линија.[2] Тој филм за него бил пробив на холивудската сцена, бидејќи потоа следеле понуди за настап во високобуџетните проекти како Недопирливите и Бул Дјурам, каде колеги му биле славните Сузан Сарадон, Енди Гарсија и Роберт де Ниро.

Филмот поради кој Костнер се здобил со култен статус е Танц со волковите. Тој истовремено бил и режисер и глумец во главната улога во ова остварување. Приказната во овој вестерн е адаптација на истоимената книга, каде главниот лик е воен поручник кој патува низ Америка како би ја пронашол загубената воена пошта. Филмот добил 12 номинации за Оскар во 1990 г. од кои освоил шест златни статуетки.[3] Со времетраење од нешто повеќе од три часа, тоа е воедно и еден од најдолгите филмови носители на Оскар. И филмската критика и филмските љубители позитивно ги оцениле идејата и настапот на Костнер.

По таа вечер, на адресата на Костнер пристигнале понуди за снимање нови филмови со докажана глумечка екипа. Соработувал со Клинт Иствуд во филмот Совршен свет од 1993, а година претходно со Витни Хјустон настапил во Телохранителот.[4] Од тој филм е добро познатата, безвременска баладаI Will Always Love You“. Можеби единствена дамка во неговата долгогодишна кариера биле петте награди „Златна малина“ за филмот Поштарот. Овој филм со пост-апокалиптична содржина не наишол на одобрување од филмските експерти, а доживеал и разочарувачки неуспех на кино-благајните. Наредните негови ангажмани биле само мали улоги во акционите холивудски блокбастери. Од нив позначајни се политичката драма 13 денови и класичниот вестерн Отворен видик. Неговата следна работна активнст е филмот Човек од челик, кој претставува најново продолжение од серијалот за Супермен.[5]

Интересен е фактот што покрај за филмот, Костнер негувал љубов и кон музиката. Во 2007 г. го основал бендот Кевин Костнер & Урбаниот Запад, со кој претежно свиреле кантри-музика. До денешен ден имаат издадено четири студиски албуми, а имаат одржано и неколку концерти по светските метрополи. Кевин е фронтменот на групата, и воедно нејзин главен текстописец, пејач и гитарист.

Приватен живот уреди

 
Кевин на концерт во Отава, 2010 г.

Првата сопруга на Кевин била Синди Силва, со која тој се запознал за време на универзитетските студии. Со неа имал три деца: Ана, Лили и Џое. Спогодбено се развеле по 16 години брак. Во меѓувреме, Костнер имал кратка врска со Бриџет Руни, со која го добил синот Лијам. На 15 септември 2004 г. се оженил за американската супер-моделка со германско потекло, Кристина Баумгартнер. Свадбената церемонија се одржала на неговиот ранч во Колорадо, а по венчавката следела прошетка со кану по блиското езеро. Медениот месец го поминале во Шкотска, а од овој брак се родиле три деца: синовите Сајден и Хејнс, како и ќерката Грејс.

Од 1992 г. Кевин Костнер е голем поддржувач и финансиски лобист за Демократската Партија. Со сопствени парични средства ја поддржал кандидатура на Ал Гор за претседателските избори во 2000 год, кои тој ги загубил од Џорџ Буш. Запрашан дали самиот тој има намера активно да се вклучи во политиката, Костнер одговорил дека немал намера да си го расипува животот со активности од тој вид. На претседателските избори во 2008 г. својот глас го дал за Барак Обама.

Освен што давал финансиска помош за неговите политички фаворити, Кевин исто така учествувал и во многу хуманитарни и филантропски акции. Така, во 2011 г. волонтерски снимил две радио реклами по повод отворање на музејот во чест на жртвите од Првата светска војна. Музејот се наоѓа во сојузната држава Канзас. Бидејќи е голем обожавател на брзите автомобили, прифатил да биде водител во документарниот филм посветен на НАСКАР серијата.

Можеби не е толку забележливо, но добар дел од ликовите кои Костнер ги толкувал се поранешни професионални бејзбол играчи. Тоа доволно говори за неговата страст кон овој спорт. Честопати ги посетувал тренинзите на школскиот тим од универзитетот во Остин, кој е близу неговиот дом. Слободното време најчесто го поминува играјќи голф. Учествувал на многу аматерски турнири, а член е и на клубот Birnam Wood од Калифорнија. Инаку е голем обожавател на фудбалскиот клуб Арсенал од Лондон, и постојано ги следи нивните натпревари.

Наводи уреди

  1. „Yahoo Biography“. Архивирано од изворникот на 2013-04-24. Посетено на 2012-11-20.
  2. Биографија
  3. Основни податоци
  4. Филмографија на Костнер
  5. „Костнер во најновиот филм за Супермен“. Архивирано од изворникот на 2012-08-14. Посетено на 2012-11-20.

Надворешни врски уреди