За други употреби види Кво вадис (појаснување)

Кво вадис
Насловната корица од првото американско издание
АвторХенрих Шенкевич
ЗемјаПолска
Јазикполски
ЖанрИсториски роман
Издадена
1894

„Кво вадис?“ (латински: Quo Vadis?) — историски роман на полскиот писател Хенрих Шенкевич.[1] Кво вадис е латински израз со значење „Каде одиш?“ и алудира на делот од Новиот завет, Евангелието по Јован, каде се вели дека свети Петар го прашал Исус: Каде одиш?, а Исус му одговорил: „Таму каде што одам, сега не можеш да ме следиш.“ Сепак, во романот, свети Петар го поставува прашањето: „Quo vadis, Domine!“ бегајќи од Рим, а Исус му одговорил: „Штом ти го оставаш мојот народ, јас одам во Рим за да ме распнат повторно.“ На ова, апостолот Петар се вратил назад, проповедајќи го христијанството сè до денот кога бил распнат.

Романот Кво вадис е приказна за љубовта меѓу младата христијанка, Лигија, и римскиот патрициј, Марко Винициј, а пред сè приказна за Нерон, за палењето на Рим, и за декаденцијата во Римското Царство, која збудалена по крв, ги фрла христијаните на лавовите во арената. Дејствието се случува во Рим за време на владеењето на царот Нерон, околу 64 година од нашата ера.

Шенкевич детално го проучил животот во Стар Рим пред да го напише романот, кој изобилува со точни историски детали. Во книгата се појавуваат и неколку историски личности. Романот првпат се појавил во едно списание кон крајот на 1894, а како посебна книга бил објавен во 1896 година,[2] преведен е на повеќе од 50 јазици. Овој роман на Шенкевич му ја обезбедил Нобеловата награда за литература во 1905 година.

Врз основа на романот, снимени се неколку филмови со наслов „Кво вадис“, меѓу кои и филмот од 1951 година, во режија на Мервин Лерој.

Ликови во романот уреди

  • Марко Винициј (измислен син на историската личност Марко Винициј), воен трибун и римски патрициј, со чие враќање во Рим започнува романот. Вљубен е во Лигија.
  • Калина, која сите ја викаат Лигија, ќерка на кралот на Лигијците. Лигија е всушност заложник на Сенатот, и е заборавена од нејзиниот народ. Станува христијанка.
  • Петрониј, наречен „арбитер на елеганцијата“, поранешен управник на Витинија. Петрониј е член на советот на Нерон, сакан од народот поради либералните ставови, почитуван и истовремено омразен од Нерон. Тој е вујко на Марко Винициј.
  • Евника, робинка во домот на Петрониј, која е вљубена во својот господар. Претставена како убава црномуреста жена по потекло од Грција.
  • Хилон Хилонидес, шарлатан и приватен детектив. Најмен е од Марк за да ја најде Лигија. Овој лик е испуштен во некои филмувани верзии на романот, но во романот има важна улога.
  • Нерон, претставен како вистински тиранин.
  • Тигелиј, префект на преторијанската гарда, соперник на Петрониј за наклоноста на Нерон.
  • Попеја Сабина, сопругата на Нерон, која ја мрази Лигија заради нејзината убавина.
  • Аул Плавциј, почитуван римски генерал во пензија, кој живее мирен и повлечен живот со своето семејство, потполно несвесен за фактот дека неговтаа сопруга Помпонија и неговата гостинка Лигија, која ја сака како своја ќерка, се христијанки.
  • Урсус, телохранител на Лигија. Потекнува од истото племе Лигијци. Претставен како човек со голема физичка сила. Христијанин.
  • Апостол Петар, изморен старец кој ја проповеда пораката на Христос. На моменти се плаши дека Рим не е вистинското место за ширење на христијанството.

Содржина уреди

Книга прва уреди

  • 1-10 глава: По враќањето во Рим, младиот воин Марко Винициј го посетува својот угледен роднина Петрониј со молба да му помогне да ја придобие наклонетоста на девојката Калина (позната како Лигија) – варварка која дошла во Рим како заложничка, а потоа ја посвоиле Авло Плавциј и неговата сопруга Помпонија Грекина. Двајцата заминуваат во домот на Авло, каде Винициј ѝ изјавува љубов на Лигија, а Петрониј се уверува во нејзината необична убавина. Утредента, Петрониј го наговара Нерон да ја одземе Лигија од домот на Авло, божем со намера да ја чува под своја заштита. Ауло претпоставува дека одземањето на Лигија е дело на Петрониј и бара прием кај Нерон, но тој одбива да го прими, а не може да му помогне ниту Сенека. Ауло го посетува Винициј, кој е изненаден од веста, мислејќи дека Петрониј сака да ја земе Лигија за себе, но се смирува откако Петрониј му го изложува својот план. Во Нероновиот дворец, за Лигија се грижи Актеа, поранешната миленичка на Нерон. За време на гозбата што ја приредува Нерон, Лигија го среќава Винициј, кој отворено ѝ ја изјавува својата љубов. Подоцна, тој се опива и се обидува да ја бакне Лигија, но во последен миг ја спасува нејзиниот сонародник, робот Урсус. Очекувајќи дека Нерон ќе ја предаде на Винициј, Лигија кова план за бегство. Навистина, вечерта, Винициј ги испраќа своите робови да ја доведат Лигија кај него, но патем, Урсус и неговите пријатели-христијани ја напаѓаат носилката и ја ослободуваат Лигија.[3]
  • 11-22 глава: Веднаш по веста за бегството на Лигија, бесниот Винициј ја посетува Актеа, барајќи од неа информации за случката. Очаен, тој ги испраќа своите робови насекаде низ градот во потрага по Лигија. Истовремено, по препорака на Еуника, робинката вљубена во него, Петрониј го изнајмува измамникот Хилон да ја пронајде Лигија. Во меѓувреме умира малата ќерка на Нерон, а вината за нејзината смрт се префрла врз Лигија, која божем го маѓепсала девојчето. Сепак, искористувајќи ја суетата на Нерон, Петрониј успева да го оттргне од суеверните мисли и го наговара да го напушти Рим. Хилон се вовлекува во христијанската заедница и по дознава дека Помпонија и Лигија се христијанки. Меѓутоа, меѓу христијаните Хилон го препознава старецот Глауко кого своевремено им го предал на разбојниците, па затоа изнајмува еден роб да го убие. Во робот го препознава Урсус, а од него дознава дека следната ноќ сите римски христијани ќе се соберат на едно место за да го слушаат предавањето на нивниот водач, апостолот Петар. Винициј и Хилон присуствуваат на собирот на христијаните при што говорот на апостолот Петар предизвикува силен впечаток кај Винициј. Таму, тие ја здогледуваат Лигија и ја следат до куќата во која живее, а наспроти советите на Хилон, Винициј е решен да ја грабне саканата девојка со помош на најсилниот римски гладијатор кого го изнајмува за таа цел. Пред влезот во домот на Лигија, гладијаторот го напаѓа Урсус, кој лесно го убива напаѓачот. Во меѓувреме, Винициј ја грабнува Лигија, но Урсус со еден удар го онесвестува.[4]

Книга втора уреди

  • 1-5 глава: За време на обидот за грабнување на Лигија, Винициј е повреден, а го негуваат Лигија, Урсус и Глауко. По наредба на Винициј, Урсус го доведува Хилон кого го препознава Глуко и го обвинува за злосторството што му го направил во минатото. Тогаш, Винициј предлага да го убијат Хилон, но апостолот Петар ги убедува присутните да му простат. За време на закрепнувањето od повредите, Винициј е сведок на христијанската милост и добрина и тоа предизвикува душевна промена во него. Притоа, тој повторно ѝ ја искажува на Лигија својата љубов, а исто така, и таа е растргната меѓу приврзаноста кон христијанското учење и љубовта кон него.[5]
  • 6-13 глава: Откако закрепнува, Винициј се враќа во својот дом, а во меѓувреме, Лигија тајно заминува некаде. Винициј неколкупати го посетува апостолот Павле, кој се обидува да го придобие кон христијанското учење, а Винициј е подготвен да го направи тоа само заради љубовта кон Лигија, но не може искрено да верува во него. Затворен во својот дом, тој е обземен од голема тага по саканата девојка, а истовремено го мачи неспокојството поради изменетите погледи кон светот. Тој се обидува да му се врати на поранешниот, забавен живот, но брзо се откажува, сфаќајќи дека повеќе не му причинува задоволство. Тогаш, во Рим се враќа Нерон, а со него и Петрониј, кој во меѓувреме започнал љубовна врска со робинката Еуника. По повод враќањето на Нерон се приредува раскошна забава со многу жени, но Винициј со гадење го отфрла таквиот живот. Еден ден, во домот на Винициј доаѓа Хилон, кој му кажува каде живее Лигија. Винициј наредува да го камшикуваат Хилон, а потоа ги посетува апостолите Петар и Павле, барајќи дозвола да се ожени со Лигија со ветување дека ќе го прифати христијанството. Тие ја повикуваат девојката и потоа ги благословуваат вљубените.[6]
  • 14-21 глава: Нерон го напушта Рим и заминува на одмор во Анциум, придружен од најугледните римски големци меѓу кои се наоѓаат и Петрониј и Винициј. Раскошната поворка ја дочекува многуброен народ, а меѓу присутните се и Лигија и апостолот Петар, кој сака лично да го види царот. Заедно со Винициј, во Анциум доаѓа и апостолот Павле, кој му го објаснува христијанското учење и најпосле, Винициј цврсто решава да стане христијанин. Еден ден, Винициј накратко оди во Рим за да ја види Лигија и во миговите на најголемата радост кај него се јавува претчувство дека на Лигија ѝ се заканува некаква опасност. Во Анциум, Петрониј го убедува Нерон да му дозволи на Винициј да се ожени со Лигија. Во тој миг, од Рим пристига гласник со веста дека во градот избувнал голем пожар. Винициј веднаш заминува во Рим, каде успева да се пробие до куќата во која живее Лигија, но таму нема никој. Додека се пробива низ огнот и чадот, тој се онесвестува, но го спасуваат некои работници, а кога се освестува, од Хилон дознава дека Лигија успеала навреме да се засолни надвор од Рим.[7]

Книга трета уреди

  • 1-12 глава: Рим е целосно уништен од пожарот при што има многу жртви, а во градот владеат очај, грабеж и насилство. Хилон го води Винициј во подземјето во близина на гардот, каде се собрани христијаните, а оттаму Петар го води кај Лигија која е засолнета во скромна куќарка. Таму, апостолот Петар го крштева Винициј, кој конечно ја прифаќа христијанската вера. Во меѓувреме, вечерта во Рим пристига Нерон за да се восхитува на глетката, пеејќи свои творби пред дворјаните и угледните луѓе. Меѓутоа, во градот постои опасност од бунт на незадоволниот народ кого Петрониј успева да го смири ветувајќи му леб и игри. Сепак, сакајќи да им се одмазди на Винициј и на Лигија, Помпеа го наговара Нерон да ги обвини христијаните за пожарот, а во тоа ѝ помага Хилон, кој искажува најтешки клевети против нив. Петрониј се труди да го разубеди Нерон и така да ги спаси Винициј и христијаните, но не успева и паѓа во немилоста на Нерон. Тогаш, Петрониј го предупредува Винициј за опасноста, но тој не успева да ја спаси Лигија, која е затворена. Истовремено, низ Рим се шират повици за одмазда против христијаните, а војската спроведува голема потера по нив. Винициј и Петрониј се обидуваат на сиет начини да ја ослободат Лигија, но без успех. Тогаш, очајниот Винициј го пронаоѓа апостолот Петар, кој се моли за спас на Лигија. Еден ден, Винициј случајно го среќава Хилон, кој во меѓувреме станал дворјанин, и сфаќа дека тој е предавникот. Лигија, пак, зацврстена во христијанската вера, без страв ја прифаќа неизбежната смрт. И додека Лигија лежи тешко болна во затворот, Петрониј ја моли Попеа за помош. Во меѓувреме, Нерон издава наредба да го убијат малолетниот син на Попеа од нејзиниот претходен брак.[8]
  • 13-25 глава: По обемните подготовки, најпосле започнуваат игрите во амфитеатарот во кој е присутна многубројна публика, составена од Нерон со дворјаните, угледните римски граѓани и широките народни маси, а тука се и Хилон, Петрониј, Винициј, како и апостолот Петар, кој е преправен во роб. Игрите започнуваат со борбата меѓу гладијаторите, а потоа ги изнесуваат христијаните. И додека ѕверовите ги растргнуваат заробените христијани, тие заеднички се молат, пеејќи и славејќи го Христос, а за тоа време Петар ги благословува жртвите.
Низ целиот амфитеатар се разнесе шепотот:

„Христијаните! Христијаните!“ Железните решетки зачкрипеа. Арената наеднаш се исполни со некакви шумски богови покриени со кожи. Сите одеа брзо, како во некаков транс, дојдоа до средината, се удираа еден во друг и ги кренаа рацете. Се зачу викање: „Ѕверовите! Ѕверовите!”

Наеднаш се случи нешто неочекувано. Од средината на влакнестата толпа се слушнаа пејачки гласови, и веднаш потоа се слушна песна која никогаш не беше чуена во римскиот циркус: „Христос регнат! (Христос царува) ...” Гледачите беа зачудени. Осудените пееја со очите свртени кон небото. Нивните лица беа бледи, но како нешто да ги инспирираше. Тогаш сите сфатија дека овие луѓе не бараат милост, туку дека не го гледаат ни циркусот, ни сцената, дури ни Нерон. „Христос регнат!” - ечеше сè посилно.

Насекаде по клупите гледачите се прашуваа: „Што е ова? Кој е тој Христос што царува во устата на овие што умираат?” Тогаш ја отворија другата врата, а лавовите излегуваа во арената еден по еден, со кафеави гриви и со големите глави. Рикањето го исполни целиот амфитеатар. Христијаните ја завршија песната и клекнати останаа неподвижни, па така скаменети повторуваа само едно тажно: „За Христос! За Христос!”

По колежот, стрелците ги убиваат ѕверовите, а претставата завршува така што Нерон се симнува во арената и ја пее својата песна посветена на Троја. По претставата, Петрониј и Винициј организираат акција за спасување на Лигија, но нивниот план пропаѓа, зашто претходно неа ја префрлаат во друг затвор. Потоа, игрите продолжуваат со распнување на христијаните на крст, а тие повторно храбро ја прифаќаат смртта, што ги запрепастува римските големци. Притоа, Хилон е многу растревожен од сцените на измачувањето на христијаните и неколкупати ја губи свеста. Воден од големата желба да ја види Лигија пред смртта, Винициј се преправа во работник и неколкупати ја посетува во затворот. Последните заробени христијани ги горат живи во царската градина. Тогаш, Хилон се соочува со Глауко и бара прошка за злосторствата направени кон него, а тој му простува. Во тој миг, Хилон доживува душевен слом и јавно го посочува Нерон како виновник за пожарот во Рим и со тоа предизвикува голем немир кај насобраниот народ. Хилон искрено се кае за своите големи гревови, а апостолот Павле го покрстува. Потоа, војниците го заробуваат Хилон и го подложуваат на страшни маки, но тој не ја одрекува својата јавна изјава. Затоа, со него приредуваат претстава во која го распнуваат на крст и му пуштаат мечка за да го изеде, но таа не го напаѓа, по што тој умира спокоен и со верба во Христос. Лигија и Винициј се помирени со неизбежната смрт и нив ги зафаќа силен верски занос во кој мечтаат за заедничкиот задгробен живот. Петрониј бара од Нерон да ја ослободи Лигија и да ѝ дозволи да се омажи со Винициј. Конечно, Нерон ја приредува последната претстава на која присуствува и Винициј. Најпрвин, во арената го воведуваат Урсус кого го соочуваат со див бик кој на своето тело ја носи Лигија. Урсус го убива бикот и со својата сила ги воодушевува гледачите, кои бараат милост за Урсус, Лигија и Винициј, кој исто така истрчува во арената. Нерон е принуден да попушти и ги ослободува затворениците, а потоа ја пренесуваат исцрпената Лигија во домот на Петрониј, каде таа полека закрепнува.[9]

  • 26-31 глава: По налог на Нерон, власта започнува потера по апостолите Петар и Павле. Притоа, христијаните го молат апостолот Петар да го напушти Рим, но тој се колеба. Напосле, Петар се согласува, но напуштајќи го градот, доживува визија на Христос кој го прекорува, па затоа се враќа назад и продолжува да проповеда.
Идниот ден во мугрите две темни фигури се движеа по Апиевот пат кон полињата на Кампанија. Едната беше Назариј, другата апостол Петар, кој го напушташе Рим, оставајќи ги во него мачениците соверници. Тогаш Петар застана и рече: „Ја гледаш ли светлината што ни иде во пресрет? Некаква фигура ни иде во пресрет низ сончевиот блесок.“ Но, никакви чекори не можеа да слушнат. Околу нив беше наполно тивко.

Наеднаш Петар клекна на коленици, ги протегна рацете пред себе, а од устата му се откина извикот: „Христосе! Христосе!“ Ја доближи главата до земјата, како да бацува нечии стапала. Долго време молчеше, а потоа во тишината одекнаа зборовите на старецот прекинувани со офкање: „Quo vadis, Domine?“ Назариј не слушна одговор, но до ушите на Петар допре глас, тажен и благ, кој рече: „Штом ти го оставаш мојот народ, јас одам во Рим за да ме распнат повторно.“ Апостолот лежеше со лицето во прашината, неподвижен и без зборови. По некое време стана, си го зеде стапот во треперливите раце, и ништо не зборувајќи, тргна назад кон седумте градски ѕидови. А момчето кога го виде тоа, повтори: „Quo vadis, Domine?“

„Во Рим“, одговори тивко апостолот.

По некое време, апостолот Петар е затворен и распнат на крст, а истиот ден, на друго место е распнат и апостолот Павле. Двајцата ја прифаќаат смртта спокојно, следени од бројните приврзаници. Во меѓувреме, Нерон убива низа угледни римски граѓани поради учеството во заговорото против него. По закрепнувањето на Лигија, таа, Винициј и Урсус се селат на имотот на Винициј во Сицилија, каде живеат идиличен живот, исполнет со среќа и љубов. Нерон ја почнува конечната пресметка со Петрониј, кој спокојно ја прифаќа смртта. Тој приредува богата гозба при што на гостите им го чита писмото до Нерон во кој ја исмејува неговата уметничка дарба, а потоа тој и Еуника си ги сечат вените и умираат, придружени од музика.[10]

  • Епилог: Нерон патува низ Грција, каде учествува на уметнички натпревари на кои постигнува голем успех. Во меѓувреме, римските легии во Галија креваат бунт, па Нерон е принуден да се врати во Рим, но таму живее во своите фантазии, неспособен да преземе нешто за зачувување на својата власт. Најпосле, војската во Рим прави преврат и Нерон набрзина го напушта Рим, а откако дознава за смртната пресуда изречена од Сенатот, тој се убива, а Актеа го пали неговото тело.[11]

Осврт кон делото уреди

Во една изјава, Шенкевич објаснува како му се родила идејата да напише роман за Стариот Рим од времето на појавата на христијанството: „Уште одамна имав навика пред спиење да ги читам латинските историчари... Најмногу како историчар ме привлекуваше Тацит“. На тој начин, во него се родила потребата во едно уметничко дело да ги претстави двата света кои се судриле во Рим за време на владеењето на царот Нерон. Според неговите зборови: „Како Полјак, ме привлече мислата за победата на духот над материјалната сила, како уметник ме привлекоа прекрасните облици во кои древниот свет умеел да го врами својот живот.“ Шенкевич обемно го проучувал животот во Стариот Рим, а покрај Такит, многу му помогнале записите на Светониј кои му дале поблиска претстава за владеењето на Нерон.[12]

Пресудно влијание за големата популарност на романот имаат големата способност на писателот да се внесе во историските извори, комбинирана со богатата творечка фантазија со која авторот создава грандиозни слики засновани врз некои ситни и безначајни историски податоци. Оттука, многу историчари на книжевноста со право сметаат дека „Кво вадис?“ дава најжива и најцелосна слика на Стариот Рим. Во тој поглед, особено се истакнуваат ликовите на римските угледни граѓани кои се прикажани многу поживо отколку христијанските ликови. Како католик, Шенкевич ги прикажал христијаните како чиста добрина поради што тие делуваат бледо. На пример, Лигија е совршено чиста и убава, како еден вид надземно суштество, но нејзе ѝ недостасуваат крв и месо, а ниту во нејзината љубов нема доволно човечки особини. Единствено, малку повеќе боја е присутна во сликањето на внатрешната броба на Урсус, но и неговата општествена положба не е јасно претставена, туку тој е понекогаш роб, а понекогаш слободен човек. Исто така, ликот на Винициј е прикажан поживо, зашто во него постојано се одвива внатрешна борба. Помеѓу другите ликови особено се истакнува писателот Петрониј кој се одликува со многу доблести и со големо чусвство за благородност. Тој е свесен за неправдата, но неговиот живот останува во зададените рамки и нема ниту сила ни волја да го промени својот живот. Тој не дозволува да го совлада внатрешната борба, а целиот живот за него е само потрага по материјално уживање. Најпосле, треба да се спомене ликот на Хилон, кој е многу противречен и комплексен: тој започнува како измамник и поткажувач, а но во еден миг, сите негови потиснати комплекси избувнуваат и од него проговара вистинскиот човек. „Кво вадис?“ претставува апотеоза на христијанството, но христијанскиот догматичар во Шенјкевич не бил доволно силен, па во него победил чистиот уметник. На тој начин, наспроти првобитната замисла, романот се претворил во блескава слика на паганскиот Рим.[13]


Наводи уреди

  1. Halsey, F. R. (1898-02-05). „Historians of Nero's Time“. New York Times. стр. BR95. Посетено на 2009-01-02.
  2. Djordje Živanović, „Beleška o piscu i delu“, во: Henrik Sjenkjevič, „Quo Vadis“, стр. 569.
  3. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 9-97.
  4. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 97-193.
  5. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 197-237.
  6. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 197-237.
  7. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 294-346.
  8. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 349-429.
  9. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 429-520.
  10. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 521-547.
  11. Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 549-554.
  12. Djordje Živanović, „Beleška o piscu i delu“, во: Henrik Sjenkjevič, Quo Vadis?, стр. 569-570.
  13. Djordje Živanović, „Beleška o piscu i delu“, во: Henrik Sjenkjevič, Quo Vadis?, стр. 567-572.