Катинскиот масакр или масакрот во Катинската шума (полски: zbrodnia katyńska, 'Катинскиот криминал'; руски: Катынский расстрел) е масовно погубување на полски граѓани што го наредила советската власт на 5 март 1940 година.[1] Проценките за бројот на убиени лица се движат од 1803 (според руската влада[2]) до 21 768 (според полската влада[3]). Полските воени заробеници и затвореници биле убивани во Катинската шума крај Твер (рус. Тверь), харковските затвори и на други места.[4] Околу 8000 од убиените биле офицери заробени во 1939 година за време на советскиот напад на Полска, додека останатите биле полски граѓани - земјопоседници, жандарми, сопственици на фабрики и државни службеници — осудени за шпионажа и саботирање.[3] Полскиот воен систем налагал секој кој поседувал универзитетска диплома да биде резервен офицер, така што Советите на овој начин убиле голем број на полски интелектуалци.

Споменик во Катин.

Најпрво името „Катински масакр“ се однесувало само на масакрот во Катинската шума, близу до селото Катин и Гнездово (на 19 km западно од Смоленск, Русија), извршен над полските офицери кои се наоѓале во логорите за воени заробеници во Старобелск и Осташков,[5] како и на убиството на политички затвореници во западна Белорусија и западна Украина[6] кои се стрелани во Катинската шума по наредба на Сталин, потоа во штабот на НКВД (рус. Народный комиссариат внутренних дел) во Смоленск при т. н. Смоленска кланица[1] и во затворите Калинин (Твер), Харков, Москва и други руски градови.[3]

До Катинскиот масакр се дошло по одлуката на Политбирото на ЦК на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз од 5 март 1940 година да се убијат сите воени заробеници кои НКВД ги држел во логорите на територијата на СССР. Масакрот е извршен во строга тајност, но веќе во 1943 година се откриени масовните гробници во Катин на просторот кој привремено го окупирала Нацистичка Германија. Советскиот Сојуз ја негирал одговорноста за извршувањето на масакрот сè до 1990, кога е објавено дека тајната полиција на НКВД го извршила масакрот и се обидела да ги сокрие доказите за него.[3][7] Овој масакр, по мислењето на Институтот на народното сеќавање (пол. Instytut Pamięci Narodowej), поради идеолошките позадини, како и големиот број на жртви, може да се смета за геноцид (злосторство против човештвото). Официјална Русија го отфрлува ваквиот став, меѓу другото, и поради стравувањето дека семејствата на убиените би можеле да бараат оштета. Руската власт го призна злосторот, но не го означи како геноцид, масакр или воено злосторство. Полската влада и денес инсистира на тоа да се казнат преживеаните учесници од ова дело.[3][8] Русија исто така не ги вброи убиените меѓу жртвите на сталинистичката репресија.

Поврзани содржини

Наводи

  1. 1,0 1,1 Benjamin B. Fischer.The Katyn Controversy: Stalin's Killing Field Архивирано на 9 мај 2007 г. Официјално мрежно место на ЦИА
  2. „www.aiipowmia.com InterNetwork.Russia and the Katyn Forest Massacre. 13 март 2005“. Архивирано од изворникот на 2007-06-25. Посетено на 2010-04-24.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Одлуката за отпочнување истрага за Катинскиот масакр, Малгожата Кижњар-Плота, Државна комисија за прогонување на злосторствата против полскиот народ, Варшава 30 ноември 2004 година, (Интернет архива)
  4. Податоци од Шелпиновото писмо до Хрушчов и советски податоци од 3 декември 1941.
  5. Zawodny, Janusz K., Death in the Forest: The Story of the Katyn Forest Massacre, University of Notre Dame Press, 1962, ISBN 0-268-00849-3 онлајн книга Архивирано на 5 јуни 2011 г.
  6. „Извадок од белешката бр. 13 од состанокот на политбирото на ЦК, наредба за стрелање од 5 март 1940“. Архивирано од изворникот на 2005-09-21. Посетено на 2010-04-24.
  7. BBC вести: Русија ги објави документите за масакрот, 16 декември 2004. на интернет
  8. Статија на Мосњуз: Катинскиот масакр не беше геноцид — Руски воен судија, 11. 03. 2005. online Архивирано на 15 април 2005 г.