Историја на театарот

Театарот настанал во Грција паралелно со развитокот на драмата, како последица од потребата за место каде ќе се изведуваат делата на големите антички писатели. Во почетокот бил граден од дрво, а потоа од камен,тетатарот оставил во наследство величествени изданија, честопати изградени од најквалитетниот мермер кој можел да се најде во тоа време.

Најдобро зачуваниот пример на класичен грчки театар, Театарот на Епидаур, има кружна „оркестра“ и веројатно ја дава најдобрата идеја за оригиналната форма на атинскиот театар, иако датира од 4 век. п.н.е

Во грчкиот театар главен дел била оркестрата, со кружна основа, а гледачите седеле околу неа. Потоа настанала сцената, а помеѓу неа и местата за гледачи биле поставени влезовите. Грците не биле толку вешти архитекти како римјаните, и во отсуство на решение како да ја подигнат конструкцијата, идеалниот спој го нашле така што театрите ги вградувале во падината на некое брдо.

Доста често се случувало тетрите од хеленистичкиот период да се најдат надвор од урбаната средина, во недостатокот на избор од прикладна локација во самиот град.

За разлика од нив римјаните, технички поусовршена нација, немале потреба од тоа бидејќи како одлични градители подигнувале субструкција под самиот театар, па можеле да го изградат каде сакаат. Римскиот театар редовно имал полукружна основа. Гледачите седеле на скали кои ја опкружувале полукружната оркестра и сцената пред неа која служела како бина.

На територијата на Република Македонија од хеленистичкиот и од римскиот период, познати под заедничкото име - класичен период, до нас успеале да допрат само четири театри сместени во големите урбани градски целини : Скупи, Стоби, Хераклеја и Лихнид.