Историја на Либија

Дел од темата Либија

Историја на Либија

Рана историја
Исламска Либија
Османлиска Либија
Италијанска Либија
Модерна историја
Либија

Портал:Либија

Рана историја уреди

 
Праисториските либиски карпести слики во Тадрарт Акакус откриваат дека Сахара некогаш била бујна со вегетација и диви животни.

Според археолошките проучувања, се смета дека либиското крајбрежје било населено уште во времето на неолитот пред околу 8.000 години.[1] Зборот Либија произлегува од грчкиот јазик, којшто се однесувал за Африка, и покрај тоа што во времето на старогрчката ера, ова се однесувало само за северниот дел на континентот. Тогашната територија на земјата, позната како Триполитанија, била провинција на Картагина. Во текотна 1 век, земјата била зазедена од страна на Римското Царство. Во следните векови, територијата на денешна Либија била под контрола на различни култури и народи, како Фенекија, Картагина, Стара Грција, Римско Царство, Вандалска империја и Византија, кои со територијата управувале или целосно или само со дел од неа.

Пунско и исламско освојување уреди

Фенекијците биле првите народи кои воспоставиле трговска размена со Либија. До 5 век п.н.е. Картагина била најголема фенекијска колонија, и најголемата своја администрација се наоѓала во Северна Африка каде била создадена цивилизација на Пуните. Пунските населби се наоѓале во Оа (Триполи), Лабдах (Лептис Магна) и Сабрата. Сите тие градови се наоѓале во областа која подоцна била наречена Триполис, или во превод “Три града“. Името на денешната престолнина Триполи води потекло од овие термини. Старите Грци со источните делови на земјата завладеале во времето кога иселениците од островот Тера по заповед на оракулот на Делфи заминале од островот барајќи нов дом во Северна Африка. Во текот на 631 година тие го основале градот Кирене, а во следните двесте години биле основани уште четири града.[2] Римјаните успеале да ги обединат регионите Триполитанија и Кирене, и во следните 400 години овие области станале римски провинции.[3] Денеска, од античката грчка и римска култура, во земјата има многу малку зачувано, главно некое обележје ако се исклучат Лептис Магна, Кирена и Сабрафа. Во текот на 7 век, римските колонии биле завладеани од страна на Арапите, во нивните освојување на Северна Африка, поточно во 644 година од страна на Укба ибн Нафи. По освојувањето на северниот дел од континентот на овие простори бил формиран Омејадскиот калифат. Во 750 година Омејадите биле заземени од страна на Абасидите. Во следните векови, голем број од староседелските народи го прифатиле исламот, како и арапскиот јазик и култура. Источниот дел од земјата бил под големо влијание на веќе исламизираниот Египет.[4]

Османлиска Либија уреди

Отоманските Турци земјата ја покориле во средината на 16 век, а трите провинции станале дел од вилаетите на империјата, со исклучоци, кога дел од земјата била во владеење на Караманлиската династија (1711-1835), кои владееле со Триполитанија со голема автономија. Во тоа врме била создадена првата понова историја на денешна Либија. Отоманска Триполитанија претставувал крајбрежен реон во Отоманското Царство во периодот од 1551 до 1911 година. Од 1864 година реонот бил претворен во вилает. Покрај Триполитанија, Барса исто така била дел од провинцијата[5].

Освојување уреди

До почетокот на 16 век либискиот брег имал минимална централна власт и најчесто била под владение на пиратите. Во 1510 година Шпанија го окупирала Триполи. Шпанските сили повеќе се занимавале со контролата на морето отколку со непријателите во земјата. Во 1530 година Малта заедно со Гоцо биле отстапени на витешкиот Малтешки ред како награда за нивната помош во војната за Родос против Османлиите. Христијаните со Триполи владееле до 1551 година кога територијата била заземена од познатиот отомански адмирал Синан Паша и Тургут Рејс. Тургут подцна бил прогласен за паша на Триполитанија. Слично како во останатите соседни земји, така и Триполитанија имала голема автономија во управувањето.

Така Магреб бил поделен на три провинции и тоа Алжир, Тунис и Триполи. По 1565 година администрацијата во Триполи била дадена на јаничарите кои станале доминантна сила во Либија.

Караманлиска династија уреди

Во 1711 година, Ахмед Караманли ја основал истоимената династија која со земјата владеела 124 години. Во тие години се случила и Либиската граѓанска војна (1791-1795). Во 1801 година Јусуф Караманли побарал зголемување на данокот на Соединетите Американски држави за заштита на нивната трговија од пирати. Но американската млада држава го одбила барањето и го блокирала пристаништето со Триполи каде војната траела до 1805 година.

Обнова на османлиската власт уреди

Во 1835 година владата на султанот Махмуд II ги искористила локалните нереди и ја вратил својата директна власт во земјата. Старото домородско движење на чело со Саид Мухамед Али повикало на спротивставување против османлиската власт.

Османлиско-италијанска војна уреди

Османлиско-италијанската војна била воен конфликт помеѓу Италија и Османлиското Царство, во периодот од 1911 до 1912 година. Во историографијата често е нарекувана Триполитанска војна. Воените дејствија заппочнале на 29 септември 1911 година, а мировниот договор бил потпишан во Лозана на 18 октомври 1912 година. Според договорот, територијата на денешна Либија попаднала под Италија[6].

Италијанска Либија уреди

Од 1912 до 1927 година, територијата на Либија била позната како Италијанска Северна Африка. Од 1927-1934 година територијата била поделена на две колонии: италијанска Кирена и италијанска Триполитанија, кои биле предводени од италијански гувернер. Според некои извори, во текот на италијанската колонијална ера, во земјата починале помеѓу 20%-50% од населението во борбата за независност, главно по затворските кампови. Во Либија се населиле околу 150.000 Италијанци, сочинувајќи околу една петтина од вкупниот број на население.[7] Во 1934 година, Италија го усвоила името Либија, кое претходно било користено од страна на Старите Грци за територијата на Северна Африка, со исклучок на Египет. По започнувањето на Втората светска војна, во периодот од 1943-1945 година Триполитанија и Кирена биле под власта на Велика Британија, додека пак Франција раководела со Фезан. Во 1944 година, во земјата се вратил кралот Идрис I од егзил од Каиро. Тој бил водачот на востанието против италијанската окупација во периодот помеѓу двете светски војни, но по своето доаѓање тој одбил да ја контролира земјата под такви услови.

Независност уреди

Во 1947 година Италија се одрекла од сите права и целата територија на Либија. На 21 ноември 1949 година генералното Собрание на ООН донело одлука според која земјата би требало во следните години да стане независна држава. Така, земјата својата независност ја прогласила на 24 декември 1951 година, како прва држава која својата независност ја постигнала преку ООН и една од првите веќе поранешни европски колонии кои се стекнала со независноста. Либија била прогласена за уставна монархија на чело со кралот Идрис.

Пронаоѓањето на значајни нафтени резервати во 1959 година, придонело земјата од една сиромашна нација да стане една од најбогатите во Северна Африка и светот. Но, и покрај тоа што земјата била економски стабилна, сепак поради концентрацијата на националните блага под капана кралот предизвикувало одредено незадоволство. На 1 септември 1969 година, мала група офицери предводена од страна на дваесетгодишниот офицер Моамер ал Гадафи задале удар против кралот. Во тоа време Идрис бил во Турција на медицински третман. Во негово име управувал Сајид Хасан ар-Рида. Тој бил заробен од страна на револуционерите и ставен во куќен притвор. Во меѓу време, револуционерите ја укинале монархијата, прогласувајќи ја земјата за нова Либиска арапска република. Гадафи станал “братски водач и водач на револуцијата“.

Управување на Гадафи уреди

 
Муамер Гадафи.

По утврдувањето на својата власт, Гадафи го отфрлил советскиот комунизам и западниот капитализам како идеологија изјавувајќи дека ќе го следи т.н. Движење на неврзаните. Односите помеѓу САД и Либија се заостриле на 2 декември 1979 година кога либиските војници ја нападнале американската амбасада во Триполи. Водачот за инцидентот изјавил дека претставува спонтена демонстрација и отфрлил секаква вмешаност во истиот. Во текот на мај 1980 година, САД ги повлекол сите свои дипломати од земјата, но не ги прекинал дипломатските односи. Во истата година, властите на Либија платиле 220 000 долари на Били Картер, братот на Џими Картер во обид да се постигнат подобри дипломатски односи помеѓу двете земји. На 6 мај 1981 година, во времето на Роналд Реган, САД ги обвинил либиските власти во помагање на меѓународниот тероризам. Сите либиски дипломати биле избркани од САД о дипломатските односи со Либија биле прекратени. Како главен проблем, САД го гледал во помагањето на палестинските терористички групи, револуционерните групи во времето на Иранско-Иракската војна (1980-1988) како и многу други револуционерни движења по светот кои биле раководени од различни сепаратистички групи како Ирска републиканска армија, Баскиска татковина и слобода (ЕТА), Палестинска ослободителна организација (ПОО) и други.

Во текот на март 1982 година САД наложил ембарго врз увозот на либиска нафта и извозот на индустриските производи по потекло од Либија. САД ги нападнал либиските бродови во јануари 1986 година, а како несогласие бил заливот Сидра, кон кој Либија се стремила како своја територијална површина. На 14 април 1986 година. американскиот претседател Реган дал налог за бомбардирање на Триполи и Бенгази. Жртвите биле околу 60 луѓе, помеѓу кои и осиновената ќерка на Гадафи. Во 1992 година биле наложени санкции кон Либија од страна на ООН поради рушењето на авионот Пан Ам 103 во шкотскиот град Локерби кога загинале 270 луѓе. Атентатот дополнително ги влошил односите помеѓу Либија и европските западни земји. Во 2003 година, Либија се согласила да плати 2 700 000 000 долари како оштета за семејствата на загинатите. На 26 февруари 2004 година, ООН ги поништил санкциите кон Либија по 23 години.

Наводи уреди

  1. Federal Research Division of the Library of Congress, (1987), "Early History of Libya", U.S. Library of Congress, Accessed July 11 2006
  2. Federal Research Division of the Library of Congress, (1987), "Cyrenaica and the Greeks", U.S. Library of Congress, Accessed 11 јули 2006
  3. Heuser, Stephen, (24 јули 2005), "When Romans lived in Libya", The Boston Globe Accessed July 18 2006
  4. World Book 2005
  5. Thomas Salmon, Modern history or the present state of all nations, vol. 3, 1746, p. 84. Archibald Bower et al., An universal history: from the earliest accounts to the present time, 1760, vol. 18, p. 479.
  6. Country Profiles, (16 мај 2006), "Timeline: Libya, a chronology of key events" BBC News, Accessed 18 јули 2006
  7. Libya, Encyclopædia Britannica

Поврзано уреди