Залезот на Западот

Залезот на Западот (германски: Der Untergang des Abendlandes) е дело на германскиот филозоф и историчар Освалд Шпенглер. Се состои од два тома кои биле објавени во 1918 и 1923 година, во 1922 година првиот том бил ревидиран и како таков повторно бил објавен. Објавувањето на ова дело се поклопило со крајот на Првата светска војна, поразот и понижувањето на Германија, а германската јавност ја поздравиле оваа творба. Самиот Шпенглер истакнува дека при создавањето на Залезот на Западот бил под силно влијание на Гете и Ниче.

Во ова дело Шпенглер ја отфрлил идејата за една и единствена напредувачка историја на човештвото која што започнала со христијанските историчари, а кулминирала со Маркс и Хегел, и се вратил кон цикличните истории на оделни народи кои биле карактеристични за грчките и римските историографи. Во Залезот на Западот, Шпенглер ја дели историјата на истории на оделни народи - култури, кои секоја за себе, се потчинуваат на определени еднобразни закони на растеж и распад [1]. Шпенглер истакнува:

... човештвото нема ел, нема идеја, нема план, исто како и пеперутките и орхидеите. Човештвото е зоолошки поим или празен збор. Тоа сениште еднаш треба да се пушти да исчезне од кругот на историски формираните проблеми-па ќе се види како никнува вистинско чудо на изобилство на вистински форми... Има култури кои се расцветуваат и кои стареат, народи, јазици, вистини, богови, пејзажи, како што има и млади и стари дабови и борови, цвеќе, гранки и лисје. Но, нема човештво кое старее. Секоја култура има свои нови можности на изразување кои се појавуваат, созреваат, овенуваат и никогаш повеќе не се враќаат. Има многу, кои меѓусебе и во своето најдлабоко битие се сосема различни, пластики, сликарства, математики, физики, секоја ограничена во својот животен век, секоја за себе затворена, како што секој растителен вид има сопствени цветови и плодови, сопствен тип на растење и пропаѓање. Овие култури, живи суштества од највисок ранг, израснуваат во возвишена бесцелност како цвеќето на полињата. Тие, како и растенијата и животните, и припаѓаат на живата природа на Гете, а не на мртвата природа на Њутн. Јас во светската историја гледам слика на вечно обликување и преобразување, чудесно настанување и исчезнување на органски форми... [2]


Залезот на Западот своевремено било многу читано, а поради изразениот песимизам на Шпенглер делото останало популарно до ден денес, а има и одредено влијание врз некои државници и политичари, како што е Хенри Кисинџер. Според некои погледи Залезот на Западот страда од органски недостаток бидејќи дава сомнителна аналогија меѓу културата и биолошкиот организам.

Извори уреди

  1. Крајот на историјата и последниот човек
  2. Шпенглер O., Залезът на Запада,т1. и 2, София:ЛИК, 1994-5

Надворешни врски уреди