Елова сипка
P. a. britannicus
(со зеленкавосив грб)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Сипки
Род: Periparus
Вид: Елова сипка
Научен назив
Periparus ater
(Linnaeus, 1758)
Глобална распространетост (жолто)
Синоними

Parus ater Linnaeus, 1758

Еловата сипка (науч. Periparus ater) е мала врапчевидна птица од семејството сипки (Paridae). Таа е широко распространета и вообичаена птица низ умерена и суптропска Евроазија и северна Африка. Не е птица преселница. Ја има и во Македонија.

Таксономија и систематизација уреди

Видот за првпат е опишан од Linnaeus 1758 во неговата Systema naturae. Првично, Лине ја означил оваа птица во својот постар труд Fauna Svecica, описно, со преноминално име Parus capite nigro: vertice albo, dorso cinereo, pectore albo („црноглава сипка, со бел врат, пепелавосив грб, бели гради“), кое се поедностави во Parus ater. Ова име со значење „пеплавоцрна сипка“ беше усвоена од постарите орнитолошки прирачници, враќајќи се на постариот назив во Historiae animalium од 1555 на Конрад Геснер (Conrad Gessner).

 
Возрасна континентална елова сипка, P. a. ater (забележи го синосивиот грб)

Се разликуваат многу подвидови според боите и големината. Сипките од постудените и повисоките предели се поголеми од оние во потоплите и пониските.[1]

Британската раса P. a. britannicus има маслинаст сјај на кафеавосивиот грб, одвојувајќи ја од континенталните и номинираната P. a. ater. Ирската раса P. a. hibernicus, пак, се разликува од британската по светло сулфурножолтите образи, гради и стомак. Има и посветол задник и подолг клун.[2]

Северноафриканската раса P. a. ledouci има жолти долни делови и образи, а кипарската P. a. cypriotes има портокалов сјај одозгора и посилно портокалово одоздола. Во Азија подвидовите генерално се пепелавокафевкави, освен црно-белите глави: P. a. michalowskii на Кавказ, P. a. phaeonotus во Иран, P. a. aemodius во југозападна Кина.

Опис уреди

 
Возрасен, веројатно ирски подвид P. a. hibernicus (со жолтеникави образи и гради)
 
Periparus ater

Еловата сипка е долга 10-11.5 см и има впечатлива бела дамка на тилот, во контраст на црната глава. Главата, грлото и вратот се сјајно синоцрни, страните на лицето се белкави, а тилот е брилјантно бел. Има бели дамки на крилјата. Долните делови се белкави со портокалов сјај кој се прелева до ’рѓа боја на слабините. Клунот е црн, а очите темнокафеави. Младенчињата се побледи од возрасните, без сјајот на пердувите. Додека се во потрага по храна, јатото елови сипки контактира со повици како кратко ди или си-си. Песната, ако тоа воопшто може да се нарече песна, е остро иф-хи иф-хи иф-хи, кое се слуша почесто од јануари до јуни, но и напролет. Една варијанта на оваа песна завршува со остро ичи. Песната е слична на цуцулестата сипка.

Поведение уреди

Живеалиштето на оваа птица се умерените, влажни, иглолисни шуми без особени специфичности. Таа е постојан жител речиси во целиот свој опсег, правејќи само локални преселби при многу студени зими, а само сибирските популации извршуваат класични миграции. Зимно време овие сипки формираат мали јата со други сипки и е слична на нив во своите акробатски активности и немирно поведение. Се храни со семиња од ели, шишарки, но, посетува и градини каде јаде семиња, особено сончогледово.

Омилени места за гнездење се дупките во гнилите трупци на дрвјата, често ниско долу, а гнездото е длабоко во дупката; потоа дупки во земјата, јами на глувци или зајци, стари гнезда на страчки или други големи птици и дупки од верверици, како и пукнатини меѓу камењата во ѕидови. Го прават сврзано со мов, влакна и трева и послано со зајачко крзно или пердуви. Вообичаено несат 7-11 јајца, бели со црвени точки, во мај, и имаат едно легло годишно.

Оваа птица е широко распространета во голем број и според Црвениот список се смета за вид со најмала загриженост.[3]

Наводи уреди

  1. Snow (1954)
  2. BI [2009]
  3. BLI (2009)

Надворешни врски уреди