Елена Чаушеску (романски: Elena Ceaușescu) (7 јануари 1916 - 25 декември 1989) била првата дама на Романија и жена на комунистичкиот водач Николае Чаушеску, а повремено и вицепремиер на земјата.

Елена Чаушеску
Elena Ceaușescu
Вицепремиер на Романија
На должноста
март 1980 - 22 декември 1989
Претседател Николае Чаушеску
Премиер Илие Вердец
Константин Даскалеску
Лични податоци
Роден(а) 7 јануари 1916(1916-01-07)
Починал(а) 25 декември 1989(1989-12-25) (возр. 73)
Партија КПР
Сопружник Николае Чаушеску (бр. 1947-1989)

Рана младост уреди

Родена е како Ленуца Петреску, во едно селско семејство од округот Дамбовица, која се наоѓа во областа Влашко. Семејството го издржувал нејзиниот татко, кој бил орач по занимање. Освен со земјоделство, тој имал и мала продавница за свеќници и џебни ножиња. Според записите кои сведочат за нејзиното рано детство, дознаваме дека имала добра оцена само по везење, пеење и гимнастика од сите предмети во основно училиште. По завршување на школото, со нејзиниот брат се сели во Букурешт, каде повремено работела како хемиски асистент во лабораторија, пред долготрајно да се вработи како текстилен работник во фабрички погон.[1][2]

На Комунистичката Партија на Романија се приклучила во 1937 г. а во 1939 го запознала 21-годишниот Николае Чаушеску.[3] Тие двајцата биле во еден младински округ во кој членувале единствено припадници со марксистички убедувања. Чаушеску бил воодушевен од Елена, и според некои извори, никогаш не помислувал на друга жена. Нивната врска честопати била прекинувана поради многубројните апсења и затворски притвори на Николае, но тие се најпосле венчале на 23 декември 1947 г.[4]

Политичка кариера уреди

Откако комунистите ја презедоа власта во Романија, Елена работела како секретарка во Министерството за надворешни работи. Откако Николае ја презел функцијата генерален секретар во Комунистичката Партија на Романија, административната кариера на Елена почнала да се движи по нагорна линија. Таа течно зборувала француски, па во јуни 1973 г. станала постојан член на Политбирото на Комунистичката Партија на Романија, а нешто подоцна станала и втората најмоќна личност во земјата по нејзиниот сопруг. Таа уживала големи државни привилегии и била една од ретките жени на комунистичките водачи да држи така значајно овластување во државата.

 
Елена прима почесна докторска титула во Манила, Филипини (1975)

Чаушеску честопати го придружувала нејзиниот сопруг во неговите државнички мисии во странските земји, од кои позначајна е посетата на НР Кина (јуни 1971 г.) кога имала можност да се запознае со сопругата на тамошниот претседател Мао Це Тунг, првата дама Јиан Цин. Елана била инспирирана од нејзината висока позиција во управувачката хиерархија, па се смета дека по таа средба Чаушеску сè повеќе се наметнувала во владетелскиот апарат во Романија. Во јули 1972 г. станала постојан член на Централниот комитет на Комунистичката Партија на Романија, а една година подоцна и дел од Надзорниот Одбор. На 11-тиот партиски конгрес (ноември 1974 г.) и била доделена функцијата член на Извршниот комитет, а во 1977 станала дел од нејвисокиот партиски орган. Титулата романски вицепремиер и била врачена во март 1980 г. со што станала втора најмоќна политичка фигура во земјата.[5]

Елена, исто како и нејзиниот сопруг, уживала општонароден култ на личноста, а често била ословувана како „Мајка на нацијата“. Според повеќето политички аналитичари, желбата за државнички почести и титули ја наследила токму од Николае. По нејзин декрет, националната телевизија добила задолжение да ја претстави владеачката гарнитура на јавноста како безгрешна и целосно посветена на остварување на националните интереси. На пример, никогаш не било дозволено да биде прикажана слика на Чаушеску сликана од профил, бидејќи самата таа сметала дека личела на селанка и дека имала голем нос. Јавно има кажано дека и било чест да ја нарекуваат другарка, но без разлика на ова, во ООН ја претставувале како „мадам Чаушеску“.

Губење на власта уреди

Откако протестите во Темишвар дошле до точка на вриење, семејството Чаушеску на 22 декември 1989 г. пребегало во гратчето Трговиште. Но, револуцијата ја презела контролата во државата и не дозволила тие да заминат во странство. Веднаш биле приведени и бил отпочнат судски процес против нив. За време на судските седници, таа ретко се решавала да одговори на поставените прашања, по сугестија на нејзиниот сопруг кој секогаш ја опоменувал да не зборува и да се брани со молчење. Попладнето на 25 декември (католички Божиќ), во Трговиште било извршено погубување на Елена и Николае Чаушеску. Со лисици биле изведени пред вооружениот одред, кој веднаш ја спровел одлуката. Целиот настан бил снимен, а тогаш Чаушеску имала 73 години. Не е откриено на кое место биле закопани нивните безживотни тела, за да не би се собирале поддржувачите и симпатизери на нивната политика.

Чаушеску била надживеана од нејзината речиси 100-годишна мајка, како и братот Ѓеорѓе Петреску (исто така важна политичка фигура во партијата). Имала три деца: Валентин (роден 1948), Зоја (1949-2006) и Нику (1951-1996), која била исто член на Комунистичката Партија на Романија.

Углед како хемиски истражувач уреди

Чаушеску негувала големи симпатии кон науката. Иако завршила само три одделенија, поради нејзините истражувања од областа на хемијата, нацијата ја нарекла „првиот научник кој потекнува од народот“. Нејзините трудови се објавени на десетина странски јазици. Занимливо, при нејзините официјални посети на другите земји, барала да и биде доделен докторат од тамошниот државен универзитет во нејзина чест.

Нејзини публикувани книги уреди

  • Research work on synthesis and characterization of macromolecular compounds, во издание на Академијата на Социјалистичка Романија (1974)
  • Stereospecific Polymerization of Isoprene (1982)
  • Nouvelles Recherches Dans Le Domaine Des Composes Macromoleculaire (1984)
  • Dostizheniia v khimii i tekhnologii polimerov (1988)

Литература уреди

  • Џон Свини - The Life and Evil Times of Nicolae Ceauşescu (1991)
  • Едвард Бер - Kiss The Hand You Cannot Bite (1991) ISBN 0-679-40128-8

Наводи уреди

  1. „По падот на револуцијата, романскиот народ дознава за луксузот на неговите врховни водачи“. Архивирано од изворникот на 2011-03-31. Посетено на 2012-12-24.
  2. „Елена Чаушеску“. Архивирано од изворникот на 2013-03-27. Посетено на 2012-12-24.
  3. Од Енциклопедија Британика
  4. „Биографија за Елена Чаушеску“. Архивирано од изворникот на 2012-10-02. Посетено на 2012-12-24.
  5. Негуваниот култ на личност кон Елена Чаушеску[мртва врска] 1986-1-8

Надворешни врски уреди

 
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:

Поврзано уреди