Едвард Венијаминович Лимонов (Савенко) (руски: Эдуард Вениаминович Лимонов, 22 февруари 1943) — руски писател и политички десидент, основач и водач на Национал-болшевичката партија на Русија.

Едвард Лимонов

Животопис уреди

Лимонов е роден на 22 февруари 1943 година во Ѕержинск, во областа Нижегород, а детството го поминал во Харков, Украина. Од 1958 до 1963 година бил под надзор на милицијата, еднаш бил уапсен поради кражба во продавница, а неколкупати бил превентивно апсен. Од 1963 година променил неколку работни места, а во 1965 година започнал да се занимава со пишување. Во 1966 година пристигнал во Москва, каде што се запознал со Тарковски и Ерофеев. До 1974 година живеел во СССР, а тогаш емигрирал и живеел во САД (менувајќи повеќе места на живеење), а подоцна живеел во Франција. Во 1975-1976 година работел како коректор во њујоршкиот весник „Новиот руски збор“, но бил избркан од работа. Истовремено, тој се зближил со „Workers Socialist Party“, поради што бил повикан на информативен разговор во „FBI“.[1]

Под притисок на левичарите и на јавните гласила, во 1987 година добил француско државјанство, иако француската тајна служба „DST“ се противела на тоа. До 1991 година, Лимонов бил активен во уредништвото на L'Idiot International, и објавувал во францускиот десничарски печат. По враќањето во Русија, истата година, тој развил богата политичка активност, доближувајќи сè до крајната десница. Во 1992 година повторно добил руско државјанство. Во текот на 1992-1993 година соработувал со повеќе руски весници, а станал член на Либерално-демократската партија на Владимир Жириновски, како и член на владата во сенка на истата партија. Во 1993 година заминал во просторите на поранешната СФРЈ, како учесник во воените и паравоените српски формации кои се бореле во Хрватска и во Босна. Истата година, Лимонов ја создал програмата на Национал-болшевичката партија, иако на изборите за руската Дума учествувал како кандидат на партијата на Жириновски. Подоцна, неговите односи со Жириновски ги опишал во книгата „Лимонов против Жириновски“. Во 1994 година ја тужел московската издавачка куќа „Мока-Далфилд“, барајќи 20 милиони рубли за наводното пиратско издание на неговата книга „Крвникот“, меѓутоа ја изгубил тужбата и бил принуден јавно да се извини и да плати отштета од еден милион рубли. Истата година иницирал здружување на крајните десни и леви политички сили, но комунистите и анархистите ја одбиле иницијативата. Тогаш, тој ја основал Национал-болшевичката партија чии членови биле претежно од културното подземје. Истата година бил протеран од Крим.[2]

Во 1995 година му дал поддршка на Борис Елцин по повод состојбата во Чеченија, а потоа се кандидирал за пратеник во Думата. Кандидатурата му била поништена од изборната комисија поради употребата на книжевниот псевдоним Лимонов, но Централната изборна комисија ја поништила таа одлука. Истата година побарал отштета од весникот „Аргументи и факти“, во износ од 10 милиони рубли, поради навреда на неговата личност, но неговата тужба била одбиена. На изборите за Думата, Лимонов освоил 1,84% од гласовите. Во 1996 година ја потпишал резолуцијата за поддршка на Елцин како единствен кандидат на Советот на радикалните националистички партии, но Елцин ја одбил поддршката. Поради тоа, тој ја поддржал кандидатурата на Јуриј Власов (поранешен светски шампион во кревање тегови), но Власов ги прекинал сите односи со него. Истата година го напуштил долгогодишниот пријател и соработник Александар Дугин, а подоцна против Лимонов била поднесена тужба за поттикнување верска и национална омраза, поради статиите „Граната за Хрватите“ и „Црниот список на народите“, објавени во броевите 13 и 18 на партискиот весник „Лимонка“. Во втората статија, Лимонов пишувал за колективната вина на Чеченците, Хрватите и Латвијците. Поради националистичките ставови, Лимонов бил одбиен за добивање естонска виза, а во текот на целата 1996 година неколкупати биле физички нападнати Лимонов и други членови на неговата партија. Во 1997 година, во седиштето на партијата експлодирала бомба, но немало жртви. Најпосле, во 2001 година, Лимонов бил притворен во затворот „Лефортово“, поради формирање вооружени формации и незаконско поседување оружје. Во 2003 година бил осуден на затворска казна во траење од четири години, но бил ослободен поради добро однесување. Сепак, и по излегувањето од затворот Лимонов продолжил со политичката работа, станувајќи член на „Другата Русија“.[3]

Лимонов имал две законски сопруги, а живеел и во вонбрачни врски со неколку жени: неговата прва партнерка, сликарката Ана Рубинштејн, извршила самоубиство во 1990 година; во 1973 се оженил со Елена Шчапова (подоцна, грофицата де Карли); со пејачката Наталија Медведева се разделил во 1995 година, а формално се развел во 2001 година; потоа живеел со Елисавета Блезе, која била 30 години помлада од него; а од 2001 година живеел со глумицата Екатерина Волкова, со која го има синот Богдан (роден во 2006 година).[4]

Творештво уреди

Лимонов започнал да пишува во 1965 година, а во периодот 1968-1969 година објавил пет збирки раскази во сопствено издание („самиздат“). Во 1976 година доживеал голем успех со романотТоа сум јас, Едичка“, (издание на париската емигрантска куќа, „Русика“, а под покровителство на фиктивната издавачка куќа „Индекс-Пресс“), по што започнал да објавува книги на руски, англиски и француски јазик. Подоцна, во 1980 година, овој роман бил објавен на француски јазик од страна на издавачката куќа „Ramsay“, а потоа книгата била преведена на околу 15 јазици. Во следните 20 години објавил 11 романи, три збирки поезија и две збирки со политичка публицистика. За време и по издржувањето на затворската казна повторно започнал да пишува и објавил 13 книги во периодот 2001-2006 година, како и една публицистичка книга, „Лимонов против Путин“. Во 1992 година ја добил француската награда „Jean Freustie“, за романот „Странец во родниот град“.[4]

Надворешни врски уреди

  1. „Анкетен лист“, во: Едуард Лимонов, Девојка-ѕвер!. Скопје: Темплум, 2007, стр. 124-126.
  2. „Анкетен лист“, во: Едуард Лимонов, Девојка-ѕвер!. Скопје: Темплум, 2007, стр. 126-127.
  3. „Анкетен лист“, во: Едуард Лимонов, Девојка-ѕвер!. Скопје: Темплум, 2007, стр. 127-128.
  4. 4,0 4,1 „Анкетен лист“, во: Едуард Лимонов, Девојка-ѕвер!. Скопје: Темплум, 2007, стр. 124-125.