Еволуција на човекот


Настанокот на човекот или антропогенеза е дел од биолошката еволуција, која се занимава само со настанокот на Homo sapiens sapiens како посебен вид.

Homo sapiens

Откривање на нашето минато уреди

Нашето познавање на историјата на светот, особено на историјата на човекот, се темели врз многу различни откритија на експерти од различни полиња на знаењето.

Палеонтолозите ги откриваат и проучуваат предисториските остатоци кои многу зборуваат за животот пред пронаоѓањето на писмото. Археолозите се специјализирани за древните остатоци, особено за археолошките наоѓалишта на раните цивилизации на човекот. Современите историчари ги толкуваат тие наоди, заедно со записите и документите од старите, средновековните и поновите времиња за да изградат целосна слика на минатото. Денес им помагаат новите техники за датирање и генетиката. Нашето знаење за минатото постојано се зголемува, а самото размислување за тоа уште колку треба да се открие и да се научи е возбудливо.

Според научното толкување,поразвиените форми на живот потекнуваат од понеразвиени.Потеклото на човекот е од високоразвиен човеколик (антропоиден) мајмун.Човекот настанал во долг еволуционен процес ,преку природна селекција,при што големо значење имале климатските промени.Човекот морал да се приспособи на климатските услови и бил во борба за преживување.При тоа морал да го употребува разумот,кој имал голема придонес за човекот да се оддели од животните.предците на човекот се појавиле пред околу 3-4 милиони години,а на тоа укажуваат најстарите фосилни одтатоци во Јужна Африка.Од Африка почнал да се населува во Азија и Европа.Во текот на еволуцијата има повеќе видови на човек.Пред околу 2 милиони години се појавил „homo habilis“ кој почнал да гради примитивни живеалишта и да користи орудија кои сам ги изработувал од коски и камен.Потоа се појавил неандерталецот кој изумрел пред 80 000 години.Пред околу 35 000 години се појавува „homo sapiens“-разумен човек.

Анатомски промени уреди

Еволуцијата на човекот се одликува со низа на морфолошки, развојни, физиолошки и промени во однесувањето кои се создавале од разделувањето на последниот заеднички предок на луѓето и шимпанзите. Најзначајни вакви адаптации се:

  1. двоножно одење (бипедализам)
  2. зголемена маса на мозокот
  3. продолжена онтогенија (бременост и младост)
  4. намален полов диморфизам.

Врската меѓу сите овие промени е предмет на тековна расправа. Други значајни морфолошки промени вклучуваат еволуцијата на моќен и прецизен зафат, промена која најпрво се среќава кај H. erectus.

Бипедализам уреди

Бипедализмот е основната адаптација на линијата Hominini и се смета за главната причина поради која се јавиле промени во скелетот кои се среќаваат кај сите двоножни хоминини. Најраниот двоножец-хоминин се смета дека бил или Sahelanthropus, или Orrorin, при што Ardipithecus (целосно бипедален вид) се појавува нешто подоцна.

Историја на проучување уреди

 
Изложба на еволуцијата на фосилните хоминиди во Музејот за остеологија во Оклахома Сити.

Пред Дарвин уреди

Зборот homo, со кој се означува биолошкиот род на кој припаѓаат луѓето, е латински и во превод значи „човек“. Овој збор бил избран од Карл Лине во неговиот систем на класификација. Латинскиот збор „homo“ има индоевропски корен *dhghem или „земја“. Лине и останатите научници од тоа време исто така ги сметале големите мајмуни за најблиски сродници на луѓето, поради морфолошките и анатомски сличности.

Дарвин уреди

Идејата дека луѓето и раните мајмуни би можеле да споделуваат заедничко потекло станала појасна по 1859, со публикацијата на Чарлс Дарвин насловена Потекло на видовите. Во неа се обработувала идејата за еволуција на нови видови од постарите. Книгата на Дарвин не се однесувала на прашањето за еволуцијата на човекот, но во неа се велело само дека „светлина ќе биде фрлена на потеклото на човекот и неговата историја“.

Првите расправи околу природата на еволуцијата на човекот се покренале меѓу Томас Хаксли и Ричард Овен. Хаксли укажувал на човечката еволуција од мајмуни со илустрирање на многуте сличности и разлики меѓу луѓето и мајмуните, особено во неговата книга од 1863 Местото на човекот во природата. Меѓутоа, многу од раните поддржувачи на Дарвин (како Алфред Расел Волес и Чарлс Лајел) не се согласувале со тоа дека потеклото на менталните капацитети и моралните особености на луѓето би можеле да се објаснат со природна селекција. Дарвин ја применил теоријата на еволуција и сексуална селекција на луѓето во својата книга Потеклото на човекот од 1871.

Првите фосили уреди

Главен проблем во тоа време бил недостатокот на преодни фосилни форми. И покрај откритието на Ежен Дубоа од 1891 на она што денес се нарекува Homo erectus (во Тринил, Јава), дури во третото десетлетие на XX век биле откриени други такви фосили со што започнале да се насобираат преодни (интермедиерни) видови. Во 1925, Рејмонд Дарт го опишал Australopithecus africanus. Овој типски примерок бил Детето од Таунг, австралопитекски младич кој бил откриен во пештера. Остатоците на детето се состоеле од зачудувачки добро зачувани мал череп и ендокран на мозокот. Иако мозокот бил мал (410 cm³), неговата форма била заоблена, што е различно од формата кај шимпанзите и горилата, а повеќе наликувала на формата на современиот човек. Исто така, на примерокот се забележувале кратки песјаци, а положбата на тилниот отвор била доказ за движење на две нозе. Сите овие особини го убедиле Дарт дека Детето од Таунг е двоножен предок на човекот, преодна форма меѓу мајмуните и луѓето.

Источноафриканските фосили уреди

Во текот на седмата и осмата деценија на 20 век биле пронајдени стотици фосили, особено во Источна Африка во регионот на Олдувај и езерото Туркана. Предводник на истражувањата во источна Африка било семејството палеоантрополози Лики, односно Луис Лики и неговата сопруга Мери Лики, а подоцна и нивниот син Ричард и ќерката Мејв. Од фосилните наоѓалишта во Олдувај и Туркана тие пронашле голем број на фосили од австралопитецини, рани претставници на родот Homo, па дури и Homo erectus.

Овие откритија ја окарактеризирале Африка како лулка на човечкиот род. Во 1980-тите, Етиопија станала ново жариште за палеоантропологијата со пронаоѓањето на „Луси“ — име дадено на најцелосно сочуваниот фосилен член од видот Australopithecus afarensis пронајден од Дон Јохансон во местото Хадар во пустинската област Среден Аваш во северна Етиопија. Оваа област подоцна ќе стане наоѓалиште на многу други хоминински фосили, особено на оние откриени од тимот на Тим Вајт во текот на деведесеттите (како на пример, Ardipithecus ramidus).

Генетичката револуција уреди

Генетичката револуција во истражувањето на потеклото на човекот започнала кога Винсент Сејрих и Алан Вилсон ја измериле силата на имунолошките вкрстени реакции на албумините од крвниот серум меѓу парови на живи суштества, меѓу кои и луѓе и африкански човеколики мајмуни (шимпанзо и горила). Силата на реакцијата може да биде изразена во бројки како имунолошка дистанца, која е пропорционална со бројот на разлики во аминокиселините меѓу хомологните белковини кај различните видови. Овие податоци можат да се искористат како молекуларен часовник за проценка на времињата на дивергенција на паровите со посиромашен или непознат фосилен запис.

Во нивната статија во „Science“, Сејрих и Вилсон го процениле времето на дивергенција или одвојување на луѓето и човеколиките мајмуни на околу пет милиони години, сето тоа во време кога стандардното толкување на фосилниот запис давало проценка од 10 до 30 милиони години. Последователните фосилни откритија, особено Луси, како и реинтерпретацијата на постарите фосили, во прв ред Ramapithecus, покажале дека проценките за поскорешна дивергенција се оние точните, со што се валидизирал албуминскиот метод. Примената на принципот на молекуларен часовник го револуционализирало проучувањето на молекуларната еволуција.

Потрага за најраниот човек уреди

Во деведесеттите години низ Африка работеле неколку тимови на палеоантрополози кои барале докази за најраната дивергенција на хомининската еволутивна линија од големите човеколики мајмуни. Во 1944, Мејв Лики го открила Australopithecus anamensis. Ова откритие било засенето од тоа на Тим Вајт од 1995, односно пронаоѓањето на Ardipithecus ramidus, што го поместило одвојувањето на 4,2 милиони години.

Во 2000 година, Мартин Пикфорд и Брижит Сену во Туген Хилс во Кенија откриле 6 милиони години стар двоножен хоминин кој тие го нарекле Orrorin tugenensis. Во 2001, тимот предводен од Мишел Бруне пронашол череп на Sahelanthropus tchadensis кој се испоставило дека е стар 7,2 милиони години, и за кој Бруне кажувал дека е двоножец, а со тоа и хоминин.

Распространување на човекот уреди

Антрополозите во осумдесеттите биле поделени во однос на некои детали на репродуктивните бариери и распространувањето по пат на миграција на родот Homo. Подоцна генетиката се користела за истражување и разрешување на овие прашања.

Африканската хипотеза предлага дека современиот H. sapiens настанал во Африка неодамна (приб. пред околу 200 000 години) и подоцна мигрирал низ Евроазија каде ги заменил постоечките популации на видови од родот Homo (како Homo erectus и неандерталците). Овој модел бил развиен од Крис Стрингер и Питер Ендроуз. За споредба, алтернативната мултирегионална хипотеза предлага дека родот Homo се состоел од единечна поврзана популација каква што е и денес (од еден вид), како и тоа дека еволуцијата се случила во светски рамки континуирано во текот на последните неколку милиони години. Овој модел бил предложен во 1988 од Милфорд Волпоф.

Докази уреди

Доказите за човечката еволуција доаѓаат од различни природни науки. Традиционално, главниот извор на сознанија за еволуциониот процес е фосилниот запис, но со развитокот на ДНК-анализата од седумдесеттите наваму, генетиката станува друг значаен извор на сознанија. Проучувањата на онтогенезата, филогенијата и особено на еволуционата развојна биологија на `рбетниците и без`рбетниците даваат значителен придонес во разбирањето на еволуцијата на целокупниот жив свет, вклучително и на човекот. Науката која го проучува потеклото и животот на луѓето е антропологија, а за потеклото особено палеоантропологија која се фокусира на проучувањето на човечката праисторија.

Докази од молекуларната биологија уреди

 
Семејно дрво на кое се прикажани рецентните хоминоиди: луѓе (род Homo), шимпанзи и боноба (род Pan), горили (род Gorilla), орангутани (род Pongo) и гибони (четири родови од семејството Hylobatidae: Hylobates, Hoolock, Nomascus и Symphalangus). Сите, освен гибоните, се хоминиди.

Најблиските живи сродници на луѓето се горилите (родот Gorilla) и шимпанзите (родот Pan). Со секвенционирање на геномот на луѓето и шимпанзите се доаѓа до податокот за сличност во нивната ДНК од 95% до 99%. Користејќи ја техниката наречена молекуларен часовник која го проценува времето потребно за акумулирање на различни дивергентни (одвојувачки) мутации кај двете еволуциони линии, може да се пресмета приближно времето на одвојување на овие две линии. Гибоните (Hylobatidae) и орангутаните (род Pongo) се првите групи кои се одвоиле од еволутивната линија која води до луѓето, по што се одделиле горилите, шимпанзите и бонобите. Времето на одвојување на луѓето и шимпанзите е пред околу 4-8 милиони години, односно во епохата миоцен.

Генетичките докази се користат и за разрешување на прашањето дали постоел генски проток меѓу раните современи луѓе и неандерталците, како и за зголемување на нашите сознанија за патиштата на миграција на раните луѓе и времето на одвојување. Со споредување на деловите на геномот кои не се под влијание на природната селекција и кои поради тоа акумулираат мутации со стабилна стапка, можно е да се реконструира генетско дрво кое ги вклучува сите видови на луѓе, почнувајќи од последниот заеднички предок.

Секој пат кога се појавува одредена мутација кај дадена единка (еднонуклеотиден полиморфизам) и се предава на потомството, се формира хаплогрупа која ги опфаќа сите потомци на единката кои исто така ќе бидат носители на таа мутација. Со споредба на митохондриската ДНК која се наследува само од мајката, генетичарите заклучиле дека последниот женски заеднички предок чиј генетски маркер се наоѓа кај сите современи луѓе (т.н. митохондриска Ева) би требало да живеел пред околу 200 000 години.